"По атентатот врз претседателот, мислевме дека платениците можат да уништат одредена инфраструктура за да создадат хаос во земјата. За време на разговорите со државниот секретар на САД и ООН, го поднесовме ова барање", рече министерот Матијас Пјер.
„Бевме во ситуација да веруваме дека пристаништето, аеродромот и енергетската инфраструктура можат да бидат цели“, додаде Пјер.
Американскиот Стејт департмент преку портпаролот потврди дека владата на Хаити „побарала воена и истражна помош“. Соединетите држави ќе помогнат во истрагата на атентатот врз претседателот на Хаити, но во овој момент не планираат да обезбедат воена помош на Хаити, рече висок претставник на американската администрација.
Соединетите држави објавиле дека ќе испратат високи претставници на ФБИ и Министерството за домашна безбедност (ДХС) што побрзо на Хаити за да ја проценат ситуацијата и да видат колку најдобро можат да помогнат, соопшти Белата куќа.
Шефот на националното разузнавање на Колумбија и директорот на разузнавањето на националната полиција, исто така, ќе отпатуваат на Хаити со Интерпол за да помогнат во истрагите, рече колумбискиот претседател Иван Дуке.
Дипломатски извор во ООН претходно изјави дека властите на Хаити поднеле барање за заштита на аеродромот и нафтените инсталации, но дека за таа цел е потребна резолуција на Советот за безбедност.
Според официјалното соопштение, 53-годишниот Моиз бил убиен рано наутро во неговиот дом од група странски обучени атентатори, што предизвикало немири во сиромашната држава, во која управуваат политички поделби, глад и широко распространето насилство.
Мотивот за атентатот сè уште не е официјално наведен, но откако ја презеде функцијата во 2017 година, Моиз бил изложен на масовни протести - прво поради обвинувања за корупција и водење на економијата, а потоа и за зајакнување на неговата моќ.
Властите на Хаити соопштија дека имало 26 Колумбијци и двајца Американци меѓу вооружените командоси кои го убиле Моиз. Седумнаесет мажи се заробени, тројца се убиени, а осуммина се на слобода, соопшти полицијата од Хаити, додека трае потрагата по главните организатори на убиството.