Грузискиот премиер до Американците: Јас не ви приговарав на вас за вашата полициска бруталност

Грузискиот премиер Иракли Кобахиџе ги критикуваше американските официјални лица за давање „лажни изјави“ за контроверзниот закон на неговата влада за „странски агенти“, кој наиде на големи протести во Тбилиси и критики од западните официјални лица.

Законот ќе бара од невладините организации и медиумите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство, да се регистрираат како агенти со странско влијание. САД тврдат дека законот е инспириран од Кремљ и некомпатибилен со демократските вредности.

Кобахиџе, од владејачката партија Грузиски сон, му одговори на Вашингтон. „Лажните изјави на претставници на американскиот Стејт департмент за уличните собири и нацрт-законот за транспарентност нѐ потсетуваат на слични лажни изјави на поранешниот американски амбасадор во 2020-2023 година“, рече тој.

Да потсетиме, во вторникот вечерта грузиските безбедносни сили употребија солзавец и водени топови за да ја растераат толпата демонстранти. Западните политичари и локалната опозиција изразија загриженост поради полициската репресија.

Владата инсистира на законот и покрај зголемениот гнев во јавноста и постојаното предупредување дека потегот може да ги загрози аспирациите на земјата за членство во Европската унија, пишува Политико.

„Законодавството на Грузискиот сон и антизападната реторика ја ставаат Грузија на несигурен пат. Ги повикуваме властите да им дозволат на ненасилните демонстранти да продолжат да го користат своето право на слобода на изразување“, соопшти Стејт департментот.

Кобахиџе возврати дека „не ја изразува својата загриженост поради бруталното задушување на студентскиот протестен собир во Њујорк“, очигледно мислејќи на пропалестинските протести на универзитетите во Њујорк за време на кои беа уапсени повеќе од 300 демонстранти.

Поддржувачите на законот во партијата Грузиски сон велат дека законот е направен според американскиот Закон за регистрација на странски агенти (ФАРА). Сепак, ФАРА се однесува само на лобисти кои активно работат во име на владите на другите земји и комуницираат со пратениците.

Грузиската верзија на законот ќе се однесува на сите граѓански групи, локални медиуми и невладини организации кои добиваат дури 20 отсто од своето финансирање од странство, што ќе го направи посличен на законот за странски агенти на Русија кој се користеше за задушување на несогласувањето во земја.

Стопанска Триоги триатлон утре во Скопје, посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги триатлон што ќе се одржува утре во Скопје.

Триатлонот ќе почне во 8.15 часот на базенот „Борис Трајковски“. Сениори, мастерси, јуниори и рекреативци први ќе испливаат 750 метри, ќе возат 20 километри велосипед, по што ќе следува трчањето на пет километри.

Пливачкиот сегмент ќе се одржи на Базенот „Борис Трајковски", за велосипедскиот сегмент ќе се користи дел од булеварот „Илинден“, а трчањето ќе биде околу спортскиот центар.

За непречено одржување на триатлонот, од 8.15 до 12.30 часот ќе има посебен сообраќаен режим на булеварот „Илинден“, од крстосницата со булеварот „8-ми Септември“ до крстосницата со улицата „Никола Парапунов“. Ќе биде затворена и улицата околу СЦ „Борис Трајковски“. Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Како што информираат организаторите од клубот „Триоги рејсинг“ - Скопје, ќе се натпреваруваат триатлонци во следните категории: Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Јуниори (2005-2008): 750 метри пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Кадети (2009-20011): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање. - Деца 2 (2012-2014): 175 метри пливање, 4 километри велосипед, 1 километар трчање, Деца 1 (2015 и помлади - рекреативна категорија): 75 метри пливање, 2 километра велосипед и 500 метра трчање; - Мастерс 1 (1994-1985): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; Мастерс 2 (1984-1975): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Мастерс 3 (1974 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Тимски триатлон: Tимoвите треба да се состојат од 3 члена (барем еден учесник од машки и еден од женски пол). Секој учесник штафетно одработува по една од дисциплините на спринт дистанцата: 750м пливање, 20км велосипед или 5км трчање.

Стопанска Триоги триатлон се реализира со техничка соработка со македонската Триатлон федерација. /MИА

Светски ден на ретката болест порфирија

Свест што поттикнува акција за подобрена здравствена заштита, зголемено истражување и зголемена поддршка за лицата со порфирија, е целта на 18 Мај, Светскиот ден на ретката болест порфирија.

Порфиријата е група од најмалку осум различни болести (наследни или стекнати), чија заедничка карактеристика е акумулација на порфирините или нивните претходници (прекурсори) во организмот. Иако тие нормално се наоѓаат во организмот, не се акумулираат во здраво тело.

Развојот на болеста е предизвикан од недостаток на ензим кој учествува во биосинтезата на хемот, што резултира со акумулација на молекули на порфирин во организмот. Името е изведено од грчкиот збор „порфирус“ што значи виолетова (светло црвено-виолетова боја). Порфиријата е позната како вампирска болест од 1985 година кога биохемичарот Дејвид Долфин утврдил дека приказните за вампири се всушност приказни за луѓе кои страдаат од порфирија - пациентите се исклучително чувствителни на светлина зашто може да доведе до развој на осип (дури и умерена изложеност – честопати излегуваат само ноќе), кожата може да биде полна со лузни, кучешките заби можат да бидат впечатливи (непцата и забите можат да бидат многу напнати).

Според доц. д-р Николина Тановска од Клиниката за неврологија во Скопјe, причина за болеста се мутации на гените кои се одговорни за синтезата и функцијата на ензимите кои учествуваат во создавањето/синтезата на хемот.

Повеќето порфирии се наследни. Можно е да се наследи абнормален ген од едниот или од двајцата родители. Сепак, тоа не значи дека ќе се развие порфирија, туку дека станува збор за личност која го носи мутираниот ген. Оваа состојба е позната како латентна порфирија.

Постојат две групи порфирии врз основа на местото на производство на порфирин: еритропоетски, кои се карактеризираат со оштетување на кожата и минимална невролошка инволвираност, и хепатални, карактеризирани со невролошки и висцерални знаци и симптоми (или мултисистемско засегање, со тешки невролошки манифестации од централниот, периферниот и автономниот нервен систем).

-Прогнозата на пациенти со симптоми на порфирија е значително поповолна со подобрување на терапијата и самоконтролата. Сепак, голем број луѓе кои страдаат од порфирија, се повторуваат атаките/нападите на болеста продолжуваат да паѓаат во повторливи кризи, каде се јавува прогресивно оштетување со трајни последици, како што е откажување на бубрезите. Потребата за аналгетици кај порфиријата може да прерасне во зависност. Гликозата, која се внесува во телото на пациентот преку централен венски катетер, помага во олеснување и модификација на симптомите, наведува Тановска.

Третманот на порфирија зависи од формата на болеста. Потешките случаи имаат потреба од хоспитализација, а третманот на акутната порфирија наметнува потреба од престој во Единица за интензивно лекување.

Луѓето кои имаат генетска предиспозиција кон развој на порфирија, треба избегнуваат храна што содржи мононатриум глутамат, сулфурни соединенија (кромид, лук, брокула, зелка и друг зеленчук), салицилати (многу видови овошје), оксалати (многу видови овошје, зеленчук и растителна храна), сијалинска киселина, глутен, лецитин (добиен од јајца и соја), зелечнук (домати, компири, пиперки), масти и/или масла, како и храна која ослободува хистамин. /МИА

Излезе од печат поетската збирка „Литературни искри”

 Во пресрет на 11. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри”, излезе од печат заедничката поетска збирка со авторите учесници на конкурсот. Во неа се содржани 56 автори со по едно дело.

Годинава, на единаесетотто издание на фестивалот во конкуренција влегоа 149 регуларни пријави во двете возрасни категории.

Од песните кои прочита и оцени жири-комисијата, се издвоија 12 највисоко оценети автори од кои на шест ќе им бидат доделени награди.

- Со благодарност и пожелание да ја слават, но и читаат поезијата, во оваа збирка ви отвораме срдечен простор за прочит на сите автори што ги споделија со нас нивните искрени интимни поетски, истакнува претседателката на жири комисијата Д-р Наташа Сарџоска во освртот за збирката.

Во оваа збирка има автори од Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Албанија и Црна Гора, Босна и Херцеговина сите на нивниот мајчин јазик и во превод на македонски јазик. Организаторот и проектен координаторот на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на единаесеттото фестивалско издание се при крај. Таа упати отоворена покана до сите љубители на пишаниот збор на 24 мај Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар да присуствуваат на претставувањето на финалистите промоцијата на заедничката поетска збирка.

Традиционалната поетска литературна манифестација Меѓународен поетски фестивал „Литературни Искри”,Гостивар се организира по повод Државниот празник 24-ти Мај во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј по единаесетти пат. /МИА

притисни ентер