Групата за 3Д принтање изработи и донираше визири за медицинскиот персонал од Куманово

Група ентузијасти од Куманово изработија 240 визири за потребите на медицинските тимови од градот, информираа дел од изработувачите. Од нив, на Општата болница и се дадени 175, на екипите на Итна Помош 35 и на Центарот за јавно здравје 30.

– Идејата за изработка се јави откако од медиумите дознавме дека има недостиг на заштитна опрема за здравствените работници, како и тоа дека има група луѓе од Скопје кои веќе почнале да работат на решавање на проблемот. Првичната идеја за рамка за визир направена на 3Д принтер е од Чешка, од фирма која произведува 3Д принтери. Доволни беа неколку дена за да стигне до нас. Направен е мал редизајн на рамката од луѓе од скопската група и е пуштена во изработка, вели Бобан Поповски професор по информатика и програмирање од училиштето „Крсте Мисирков".

Десетмината кумановци – Бобан Поповски, Марко Стојковски, Игор Тимчевски, Миланчо Додевски, Димитриј Ѓорѓи, Борислав Николовски Трифуновски, Никола Петковски, Срѓан Јордановски, Иван Младеновски, Бобан Кусигерски, Борјан Јовановски, работат на дванаесет 3Д принери.

Визирите за маските се изработуваат од проѕирен вералит, додека пак рамките се изработуваат од филамент PLA+/PLA(Polylactic acid) – вид на пластика која се користи за 3Д принтање и е биоразградлива, но е чувствителна на висока температура. Природата на материјалите дозволува само ладна стерилизација или дезинфекција со дезинтал или алкохол, објаснуваат од групата.

– Процесот на изработка е спор. Принтерите работат скоро 24 часа на ден за да можеме да покриеме што поголем број на институции во најкраток можен рок. Една изработка е во временска рамка од еден и пол па се до три часа. Се зависи од принтерот, перформансите и Г-кодовите адаптирани на моделот. Нашите принтови некаде се движат од 1:40 до 2:30 часа. Секој ден, или секој втор ден, еден од нас поминува до сите од групата, го собира сработениот материјал и го доставува до одредена здравствена институција, вели Поповски.

Дел од материјалот е донација, дел им го испраќа скопската група како подршка, а дел се набавува од паричните средства кои се донирани во групата „Куманово 3Д принт за медицински персонал"./МИА

Олимпискиот оган го започна патувањето од Грција кон Франција за ЛОИ „Париз 2024“

Со историскиот француски едреник со три јарболи „Белем“, од атинското пристаниште Пиреас, олимпискиот оган утрово го започна патувањето кон Франција за Летните олимписки игри ,„Париз 2024“.

Со историскиот француски едреник со три јарболи „Белем“, од атинското пристаниште Пиреас, олимпискиот оган утрово го започна патувањето кон Франција за Летните олимписки игри ,„Париз 2024“, а на 8 мај се очекува да пристигне во Марсеј, јави дописничката на МИА од Атина.

Олимпискиот оган за првпат ќе биде пренесен по морски пат, а според најавите, „Белем“ ќе го придржуваат 1.000 бродови.

Вчера, на церемонија на античкиот стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, онаму каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, олимпискиот оган им беше официјално и свечено предаден на организаторите на Летните олимписки игри „Париз 2024“.

Спасовски: 27 ми април е крвав потсетник што носи режим, да не дозволиме да се повтори

Никогаш не смееме да заборавиме и да дозволиме да се повтори 27 ми април, најцрниот ден, најцрниот датум во историјата на македонската демократија.

Сликите и снимките од крвавите настани, за кои на овој начин денеска пред македонското собрание потсетуваме, нека останат паметник за тоа какви последици има од десничарскиот режим на ДПМНЕ.

Насилници, поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ извршија упад во Собранието, обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок.

А насилници никако не се уставобранители како што Мицкоски и Силјановска ги нарекуваат.

Најавите за нивно помилување се скандалозни и недозволиви и покажува дека ништо не е променето во ДПМНЕ.

Почитувани,

27 ми април е тежок, крвав потсетник колку лесно опасна власт може да ја втурне земјата во провалија.

Не смееме да заборавиме и не смееме да се откажеме од борбата за слобода, демократија, правда и правичност.

СДСМ не се откажа на 27 април, нема да се откаже ниту на 8 мај.

Глас на 8 ми мај за СДСМ и коалицијата е глас за слободна, демократска и европска држава.

Изјава за медиуми, Оливер Спасовски носител на ИЕ2

СДСМ

Иран најави дека ќе го ослободи екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“

 Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахјан изјави дека екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“, кој пловеше под португалско знаме и е поврзан со Израел, ќе биде ослободен, пренесоа иранските медиуми.

Според информациите, Амир Абдолахјан во телефонски разговор со шефот на португалската дипломатија Пол Рангел рекол дека Иран сака да го ослободи екипажот на запленетиот брод бидејќи го смета за хуманитарно прашање.

Абдолахјан изјави дека екипажот ќе им биде предаден на амбасадорите на нивните земји во Техеран, без да прецизира точен датум кога тоа ќе се случи.

Иранската револуционерна гарда го заплени товарниот брод „MSC Aries“ со 25 членови на екипажот во Ормутскиот теснец на 13 април, еден ден откако Техеран објави дека ќе возврати на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој го обвини Израел. .

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот бил запленет бидејќи наводно „ги прекршил поморските закони“ и дека нема сомнеж дека е поврзан со Израел.

MSC го изнајмува Aries од Gortal Shipping, подружница на Zodiac Maritime, која е делумно во сопственост на израелскиот бизнисмен Ејал Офер.

притисни ентер