Греењето со дрва најзастапено, интензивно се грее три месеци - Канал 5

Греењето со дрва најзастапено, интензивно се грее три месеци

 Неблагодарно е годинава да се укажува кој вид греење ќе биде најисплатлив за граѓаните во текот на зимскиот период, велат познавачите. 

Греењето со дрва најзастапено, интензивно се грее три месеци

Според нив, причина за тоа е енергетската криза во Европа, а со тоа и во земјава и континуираното поскапување на цената на енергенсите на светските пазари, особено на електричната енергија, нафтените деривати и природниот гас.

Кај нас, како што нагласуваат, голем дел од граѓаните се греат на електрична енергија чија цена Владата ја гарантира до крајот на годинава.

Владата во јули годинава го намали ДДВ-то за струјата од 18 на 5 отсто за да спречи ценовен шок и најавува вклучување на дополнителни капацитети за производство на базна енергија за што објави и тендер за набавка на јаглен од странство.

Рестрикции на струја нема да има, а до крајот на годината нема да се зголеми ниту цената на електичната енергија за домаќинствата, но сепак ќе биде прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор за да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании.

Кризна состојба, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе биде прогласена на првата владина седница која најверојатно ќе се одржи во вторник, а колку средства од буџетот ќе бидат трансферирани кај енергетските компании ќе се знае откако ќе бидат направени конечните анализи.

Бектеши вчера изјави дека се интензивираат постапките за зголемување на државните капацитети за производство на електрична енергија, а надлежната Комисија ја донела формалната одлука која ќе биде предложена до Владата за прогласување енергетска кризна состојба.

Истакна дека РЕК Битола работи со два блока и има залихи за да може да работи и наредните денови, а веќе е завршена постапката за ставање во функција на „Осломеј" со што ќе се зголеми капацитетот на производство на ЕСМ во нашата држава.

-Денеска имавме прилика да разговараме и со раководството на ЕСМ и со раководството на МЕПСО, веќе од наредната недела ќе добијат задолжение од страна на Владата и комисијата која прогласува кризна состојба за да направат што поголеми напори да се стави во функција и ТЕЦ „Неготино" со тоа да ги задоволиме потребите, првично на домаќинствата и на малите потрошувачи, а секако откако ќе интервенираме и ќе вбризгаме средства во зголемување на ликвидноста на ЕСМ и на МЕПСО тие ќе станат поликвидни и ќе користиме други механизми преку Министерството за финансии за да можат тие да произведуваат и вишоци на електрична енергија во нашата држава, изјави Бектеши.

Тој потенцира дека РЕК Битола моментно има 40 илјади тони залиха. Дневно се произведуваат три до пет илјади тони, но веќе почнале уште повеќе да ископуваат јаглен, а во континуитет се носи јагленот од Косово за потребите на „Осломеј".

– Во вакви кризи наша цел е да ја намалиме производната цена на ЕСМ затоа што загарантирана цена имаат домаќинствата и малите потрошувачи согласно Законот за енергетика која изнесува 36,1 евра по мегават. Колку што ќе можеме повеќе да ја намалиме цената по мегават на ЕСМ секако дека нема да влијае врз зголемување на цената. И тоа сега го правиме за од 1 јануари да нема зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, изјави министерот за економија.

Надлежните уверуваат дека се преземаат мерки и се ставени на располагање сите механизми со цел да се обезбедат доволни количини на електрична енергија. Се очекува успешно да зварши и тендерот за набавка на јаглен за вклучување на третиот блок на РЕК Битола.

По неуспешниот прв, на вториот тендер за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК Битола се пријавија девет компании меѓу кои има домашни кои нудат јаглен од два домашни рудника, како и фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција. Одлуката за избор на понудувач за јаглен за РЕК Битола се очекува да биде донесена до крајот на следната недела.

АД ЕСМ појасни дека редовното производството на електрична енергија за снабдување на домаќинствата се врши со сопствен ископ на јаглен од рудниците на РЕК Битола и со производство од другите производни капацитети: РЕК Осломеј, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните Црн Дрим, Маврово, Треска и Тиквеш и од ветерниот парк Богданци, а јагленот од 900 илјади тони кој е предмет на оваа набавка е наменет исклучиво за дополнително производство, за потребите на фирмите и државните институции со цел за нив да се обезбеди електрична енергија по цена пониска од моменталните цени на берзите, од каде овие субјекти се снабдуваат.

Во земјава, како што посочува Бектеши се произведуваат 300 мегавати електрична енергија, а потрошувачката е околу 500 мегавати.

Проблем е цената на природниот гас и на нафтените деривати која во изминатиов период расте на берзите заради фактот што парното греење за скопјани работи во најголем дел токму на природен гас, кој е тешко да се набави доколку претходно не бил букиран од трговците со гас.

Во земјава интензивно се грее три месеци

Според проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.

Тој за МИА посочува дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов, како што вели, гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата" 62 отсто од вкупниот број домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.

За греење со огревно дрво од 19 до 25 илјади денари годишно

Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри, смета професорот Димитров. Доколку се подели вкупната произведена и продадена дрвна маса на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Максималната малопродажна цена на огревното дрво испорачано до купувач во ЈП „Национални шуми" е 3.000 денари по кубен метар за даб и 2.900 денари за бука со вклучен ДДВ, но дополнително огревното дрво треба предвреме да се нарача, најчесто на крајот на изминатата грејна сезона за да биде испорачано во тековната грејна сезона. Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. На тоа треба да се додадат пари за транспорт, сечење и за цепење и складирање на дрвата. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 19 до 25 илјади денари годишно.

Во домаќинствата најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво, за што се неопходни и повеќе од 80.000 денари годишно.

Дополнителен проблем е што во моментов не може да се најде огревно дрво на ниту едно од приватните складишта.

Тешко да се оцени колку домаќинства се греат на струја

Особено тешко е да се процени колку домаќинства во земјава се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.

Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.

Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 5,36 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина квадратни метри просечно се трошат по околу 2 киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 134 денари. Кога на нив ќе се додадат и 5 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 140 денари за загревање или 4.200 денари месечно, односно околу 25.200 денари годишно.

Цената, како што истакнува професорот Димитров, би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење не може да работи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови. За набавка на ваквите уреди државата и општините во неколку наврати досега нудеа субвенции до 60.000 денари за замена на нееколошкото греење со инвертер уреди. И за годинава се најавува слично субвенционирање за граѓаните кои ќе ги депонираат во отпадни складишта печките на дрва и ќе набават инвертер клима уред.

Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 6,69 денари за скапата до 3,36 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и повеќе од 10.000 денари.

Топлински пумпи греење на иднината

Електричната енергија, порачува професорот Димитров, ја нуди и можноста за вградување на така наречените „топлински пумпи", а кај народот познати како клима системи. Тоа е вентилаторски конвектор или топлинска пумпа што со користење на техничките достигнувања и законите што важат во природата – топлината од надвор со мала потрошувачка на енергија ја покачува на повиско ниво во внатрешноста.

-Стандардните поевтини производи од овој тип трошат еден киловат час електрична енергија, а внатре во просторијата има загревање од минимум два, а нормално е да имаш три, а во некои случаи четири до пет, па и шест киловати. Тоа пластично значи да плаќате еден киловат час електрична енергија, а добивате два или повеќе киловати. Со обичните греалки, пак, плаќате колку што трошите. Можеби е финансиско оптоварување да се вгради ваков систем, но на подолг рок инвестицијата се враќа, посочи Димитров.

Централно парно греење само во Скопје

Во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје изнесува 1,071 денари за потрошена киловат час топлинска енергија, а во Скопје Север 0,917 денар по киловат час. АД ЕСМ – Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 33,22 денари по квадратен метар доколку се плаќа на 12 рати или 66,44 денари ако се плаќа на шест рати.

Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 квадратни метри изнесува околу 2.100 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.200 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 квадратни метри се неопходни околу 25.200 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.

Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.

Во Кочанско има и можност за загревање со геотермални води, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култири под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен.

Греење на пелети и брикети

Со субвенциите што ги даваше Град Скопје и повеќе општини во земјава за купување на печки на пелети, одреден процент на граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергенс. Субвенцијата изнесуваше 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.

Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелетни дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 12 до 16 денари за килограм, односно од 180 до 260 денари за вреќа од 15 килограми. Во стовариштата и на интернет тон пелети моеже да се најде и за цена од 12.930 до 14.600 денари.

Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.400 денари или околу 30.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од 60 квадратни метри.

Цената на брикетите, пак, се движи од 18 до 20 денари за килограм брикет од бука, а на интеренет може да се најде и тон брикети за 14.800 денари. Брикетот може да се користи како замена на огревно дрво во обичните печки на дрва и има поголема калориска моќ, односно повеќе затоплува и со тоа помалку се троши.

Повторно проблем има при набавката на пелети и брикети кои тешко може да се најдат во малопродажба./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фото: Сабаленка ужива во танга

Сабаленка позира во танга, објавата од плажа собра над 300.000 лајкови.

Фото: Сабаленка ужива во танга

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка е на заслужен одмор по исцрпувачката сезона.

По исцрпувачката натпреварувачка година, втората тенисерка во светот, Арина Сабаленка, одлучи да направи пауза од турнирите и да замине на одмор, од каде што редовно ги известува своите фанови.

Нејзината најнова објава од плажа, на која носи танга, предизвика огромна реакција на социјалните мрежи, собирајќи над 300.000 допаѓања во рекордно време.

Во описот на фотографијата, белоруската тенисерка накратко наведе дека слободното време го поминува комбинирајќи релаксација на сонце со повремени тренинзи.

Кон крајот на сезоната, таа ја загуби водечката позиција на ВТА-листата, која ја презеде Елена Рибакина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Супер дерби на „Алијана арената “во Минхен – Борусија му „украде“ бод на Баерн

Фудбалерите на Баерн и Борусија Дортмунд во германското супер дерби одиграа без победник  2:2 , во рамките на 8. коло од Бундеслигата. Милионерите од Дортмунд успеаја да надоместат негатива во самиот финиш.

Супер дерби на „Алијана арената “во Минхен – Борусија му „украде“ бод на Баерн

Се чинеше дека Баварците ќе го задржат водството, но Фабио Силва го замолкна Минхен во 89-тата минута и му донесе голем бод на Дортмунд.

Првото полувреме го одбележа поништен гол на Џоб Белингем, како и неколку добри шанси на двете страни. Во 34-тата минута, Дортмунд ја затресе мрежата преку англискиот играч за врска, но голот беше поништен по прегледување на снимката (ВАР) поради офсајд.

Четири минути подоцна, Баерн ја казни пропуштената шанса на ривалот, откако Конрад Лајмер најдобро реагираше на одбиената топка и им донесе водство на домаќините.

Дортмунд потоа успеа да возврати. Во 60-тата минута, Карни Чуквуемека ја испрати топката во шеснаесетникот, а Серу Гираси го совлада голманот со прецизен удар во долниот лев агол и го израмни резултатот.

Шест минути подоцна, Баерн повторно поведе. Хари Кејн ја упати топката со глава пред голот, а Дајо Упамекано се најде на вистинското место и погоди за 2:1. Претходно, Англичанецот имаше можност да постигне гол од пенал, но во 56-тата минута ја погоди пречката.

Кејн повторно беше блиску до погодок во 75-тата минута, но неговиот удар заврши во стативата. Кога се чинеше дека Баерн сепак ќе го задржи водството, на сцена стапи Фабио Силва.

Во 89-тата минута, Португалецот ја искористи топката што стигна до него во шеснаесетникот и со прецизен удар во долниот лев агол ги постави конечните 2:2. Баерн имаше уште една голема шанса во судиското надополнување, но ударот на Ленарт Карл заврши во пречката. Така, Дортмунд успеа да избегне пораз во Минхен, додека домаќинот може да жали за пропуштените шанси и испуштеното водство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Bentley Torcal“ го помина тестот од еден милион километри

„Bentley“ го подложи својот прв електричен теренец, „Torcal“, на ригорозна програма за тестирање во должина од над еден милион километри, со цел да се осигура целосна доверливост на возилото пред тоа да стигне до купувачите.

„Bentley Torcal“ го помина тестот од еден милион километри

Програмата вклучуваше возење во екстремни услови – од температури од -38°C во Шведска, па сè до горештини кои надминуваат 40°C во пустински предели – како и искачувања на Pikes Peak, при што беа достигнати надморски височини од над 4.200 метри.

Првата верзија што ќе се појави на пазарот, Torcal First Edition, ќе располага со 876 коњски сили и 1.350 Nm вртежен момент. Ова ниво на перформанси е резултат на опсежен процес на тестирање и валидација.

Со овој извештај за тестирањето, Bentley се надоврзува на претходните најави во врска со името на моделот, неговото производство во фабриката во Crewe, како и дизајнот на ентериерот.

Три специјализирани тима — задолжени за електричната архитектура, интеграцијата на софтверот и тестирањето — работеа паралелно на развојот.

Од Bentley истакнуваат дека оваа структура била клучна за создавање функционален електронски екосистем. Инженерите имале пристап до повеќе од 90 проценти од деловите уште во фазата на валидација на физичкиот дизајн.

Ова им овозможило да ги скенираат реалните компоненти со ласер и да ги споредат со CAD податоците, без да чекаат да биде готов целосниот прототип, пренесува Index. На тој начин, тие го забрзале процесот на добивање повратни информации за дизајнот, пред финализирањето на алатите за производство.

Батеријата „Торкал“ (Torkal) тежи приближно 625 килограми и има густина на енергија што надминува 180 Wh/kg. На тој начин, Bentley го усогласи досегот на возилото со вкупната маса на SUV-моделот, која изнесува околу 2.795 килограми. Батерискиот пакет функционира на архитектура од 800 волти и има бруто-капацитет од 113,3 kWh, од кои 109,0 kWh се достапни за користење. Моќноста на полнење преку брзи DC-полначи достигнува 400 kW.

YouTube video

Производителот наведува дека, во оптимални услови, полнењето од 10 до 80 проценти трае 16 минути. Со овие спецификации, „Торкал“ се натпреварува со други водечки електрични возила опремени со системи од 800 волти. Безбедноста на батеријата е обезбедена преку композитен штит од удари, а самата единица е дизајнирана да биде отпорна на пожар во траење од два часа.

Во случај на термички инцидент, батеријата е конструирана така што го спречува ширењето на пламенот и појавата на експлозија во текот на тој временски период. За време на тестирањето на долниот дел од возилото, челичен проектил со тежина од 111 грама и дијаметар од 30 милиметри бил испукан кон куќиштето на батеријата со брзина поголема од 160 km/h. Програмата за валидација на батеријата опфати и тестови за корозија во услови на прскање со солен раствор, како и проценки на издржливоста во различни средини.

Од Bentley наведуваат дека овие мерки гарантираат оти батерискиот пакет е во согласност со глобалните безбедносни стандарди, токму во моментот кога првичните модели од серијата „First Edition“ влегуваат во фазата на нарачување и распределба до купувачите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер