Грчката економија закрепнува, но покачувањата на цените и понатаму најголем проблем - Канал 5

Грчката економија закрепнува, но покачувањата на цените и понатаму најголем проблем

Леб над едно евро, млеко меѓу едно и две евра, се само дел од цените во грчките супермаркети, додека пак во рестораните порцијата е над десет евра, во кафулињата, кафето ретко е под четири евра.

Грчката економија закрепнува, но покачувањата на цените и понатаму најголем проблем

По речиси десет години финансиска криза, по излегувањето од програмите за спасување на грчката економија, Грција веќе шест години „работи“ на своето економско закрепнување, нешто што според Владата е успешно постигнато. Но, за граѓаните, во изминатиот период, покачувањата на цените е нивниот главен проблем, барем според истражувањата на јавното мислење, јави дописничката на МИА од Атина.

Леб над едно евро, млеко меѓу едно и две евра, се само дел од цените во грчките супермаркети, додека пак во рестораните порцијата е над десет евра, во кафулињата, кафето ретко е под четири евра, а бензинот е меѓу 1,6 и 1,7 евра за литар.

Во маркетите, цената на млекото е од 1 до 2 евра, лебот е околу 1.20 по килограм, популарната грчка фета од 13 до 17 евра итн.

- Секако дека е сè поскапено, сега веќе чекаме попусти, намалувања, понуди за да ги купиме оние работи што ни се неопходни. Сега и намалената цена е многу повисока од цената пред неколку години. Се плашам дека овој тренд на зголемување ќе продолжи, вели за МИА повозрасна Гркинка додека пазари во атински супермаркет.

Истовремено, сопствениците на кафулиња и ресторани во Атина со кои поразговара дописничката на МИА, велат дека оваа година немаат големи промени на цените во споредба со лани, барем засега.

-Гирото е 4,20, порциите се од 10 до 13 евра, салатите се околу осум евра. Истите цени ги имавме и лани, велат од популарна таверна во центарот на Атина.

Од друга страна, омилените кафиња на Грците, ладното (фредо) еспресо и ладното (фредо) капучино, најчесто се околу 4-4.50 евра.

Дополнителен проблем за граѓаните, за оние кои немаат свои станови се и кириите, особено во Атина, кои континуирано и вртоглаво се зголемуваат.

Според индексот на цени на една од платформите за недвижнини, во првиот квартал на 2025 година има зголемување на цените и на продажбата на станбени објекти во Грција, но и на цените за изнајмување, споредбено за истиот период лани.

Во периодот јануари-февруари-март 2025 година, просечната цена на становите на продажба била највисока во јужните предградија на Атина, со 4.000 евра за квадратен метар, а најниска во Касториа (Костур) од 518 евра за квадратен метар.

За изнајмувањата, најниската цена е регистрирана во Килкис (Кукуш) од 4,00 евра за квадратен метар, а највисока на Халкидики со 27,5 евра за квадратен метар.

Минималната плата во изминатите шест години зголемена за 35,4 отсто

Од 1 април годинава минималната плата во Грција се зголеми за шест отсто или за 50 евра, односно од 830 на 880 евра, што беше петто зголемување откако Нова демократија дојде на власт во 2019 година кога беше 650 евра, додека пак намерата на Владата е во 2027 година кога ѝ завршува мандатот, минималната плата да изнесува од 950 евра.

Станува збор за бруто износ, додека пак нето е нешто помалку од 750 евра и се однесува на околу 1,6 милини вработени, како во приватниот, така и во државниот сектор.

Со зголемувањето на минималната плата, индиректно се зголеми и просечната плата што минатата година изнесуваше 1.342 евра.

- Работам над осум часа седмично, платена сум со минимална плата, односно 880 евра бруто, што значи добивам околу 740 евра, од кои над две третини ми одат на стан и сметки, киријата ми ја поскапеа, па принудена сум сега да се преселам заедно со брат ми за да ги поделиме трошоците и да може да се истера месецот, вели за МИА 35-годишната Александра, која работи во приватна фирма со канцелариски мебел.

Младата девојка е само еден од многуте примери во земјата за, како што самата вели, „преживување со минимална плата во период на голема инфлација“.

Иако годишната инфлација за април беше два отсто, сепак цените на одредени производи, но и услуги, особено кириите и понатаму се високи, а граѓаните живеат своја секојдневна голгота, барем оние со кои поразговара МИА.

Велат дека понекогаш со мака врзуваат крај со крај, иако минималната плата веќе втор месец е за 50 евра повисока, што според дел од Грците, не е доволно да се покријат сите покачувања.

Од друга страна, официјалните податоци покажуваат дека земјата ја остави зад себе кризата и се чини дека актуелната Влада е цврсто решена да оди напред.

- Постоеше период кога Грција честопати се сметаше за „проблематично дете на Европа“, дури и беше доведено во прашање местото во европското семејство, рече неодамна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Берлин, кога беше награден за владините реформи и закрепнувањето на грчката економија.

Посочи дека економијата „расте многу побрзо од просекот во Еврозоната“, а овој раст се должи пред сè на странските, но и домашните инвестиции.

– За 2024 година, се очекуваше нашиот примарен суфицит да биде близу 2 отсто. На крајот изнесуваше 4,8 проценти. Нашиот долг како процент од БДП, што е најважниот индикатор за агенциите за рејтинг и за сите економисти кои ја гледаат макроекономската состојба на грчката економија, се намалува со најбрзо темпо од која било земја на ОЕЦД, посочи Мицотакис.

Јавниот долг на Грција за 2024 година изнесуваше 153,6 отсто од БДП, додека пак според последните предвидувања од Европската комисија ќе продолжи да се намалува на 146,6 отсто за оваа и на 140,6 проценти во 2026 година, а намалувањето се должи на зголемувањето на номиналниот БДП, како и на буџетските суфицити.

Според истите предвидувања инфлацијата што минатиот месец беше 2 отсто, за оваа година се очекува во просек да биде 2,8 проценти и во 2026 година да се намали на 2,3 проценти.

Согласно мајскиот извештај за финансиска стабилност објавен од Банката на Грција, минатата година економијата бележи раст „со задоволително темпо, значително повисоко од она во еврозоната четврта година по ред“, додека пак „опасностите за финансиската стабилност во Грција се главно егзогени и поврзани со геополитички тензии и пораст на трговскиот протекционизам“.

- Годишната стапка на раст на бруто домашниот производ (БДП) во реални услови достигна 2,3 отсто во 2024 година, повеќепати поголема од соодветната стапка во еврозоната. Приватната потрошувачка, инвестициите и извозот на услуги, главно позитивно придонесоа за економскиот раст. Поконкретно, приватната потрошувачка се зголеми со забрзано темпо, поткрепена од зголемувањето на реалниот расположлив доход на домаќинствата. Инвестициите го задржаа својот тренд на раст во 2024 година, пишува во извештајот.

Годишната инфлација во април 2 отсто – цените во маркетите и понатаму високи

По пандемијата и војната во Украина, цените во Грција се зголемија, цени што се однесуваат како на основните прехранбени продукти, така и на останатите производи и услуги, иако инфлацијата постепено се стабилизира.

Како што истакнавме, покачувањата на цените и понатаму остануваат главните проблеми за граѓаните нешто што се констатира и од истражувања на јавното мислење во Грција, спроведени во изминатиот период.

Согласно официјалните податоци од Службата за статистика, годишната инфлација во април била 2 отсто, а од лани до оваа година во конкретниот месец, зголемувања на цените има кај прехранбените продукти и безалкохолни пијалаци, кај облеката и обувките, станбените кирии; кај фармацевтски производи и медицинските слуги, како и на цените на хотелите и во кафулињата и рестораните.

Поконкретно, за една година, најголемо зголемување, за 29,9 отсто има кај природниот гас, за 27,6 проценти е поскапо патувањето со авион, кириите се зголемени за 10,8 отсто, кафето, какаото и чајот за 10,6 проценти, свежите риби се за 8,9 отсто поскапи, овошјето за 8,2 проценти, месото за 5,7 отсто, струјата за 4,7 проценти, зеленчукот, лебот, јајцата меѓу 2,8 и 3,3 отсто.

Од друга страна, намалување на цените има кај маслиновото масло (за 28,3 проценти) и нафтата за греење (за 12,9 отсто).

За да се задржат на исто ниво цените на одредени основни производи или да има минимално зголемување, од ноември 2022 година со одлука на Владата во супермаркетите беше воведена т.н. „Кошничката за домаќинствата“ со над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.

Податоците од Службата за статистика за месец април, покажуваат за 6,4 отсто зголемување на цените во хотелите, кафулињата, рестораните споредбено со лани.

Туризмот придонесува во грчката економија

Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам, земјата ја посетија речиси 36 милиони туристи, бројка што е за 9,8 отсто повисока споредбено со 2023 година, а зголемување за 5,4 проценти има и во приходите за земјата што достигнаа до 21,7 милијарди евра.

Според анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ) директниот придонес на туризмот во грчката економија се проценува на 30,2 милијарди евра во 2024 година, износ што одговара на 12,7 отсто од БДП со што „туристичкиот сектор ја покажува својата водечка улога како стратешки столб на растот, конкурентноста, отпорноста и перспективата на грчката економија во нестабилна и постојано менувачка меѓународна средина“.

Дополнително, согласно анализата, ако се земат предвид многубројните придобивки, вкупниот придонес на туризмот во економијата на земјата во 2024 година се проценува меѓу 66,5 и 80,1 милијарди евра, бројки што одговараат на 28,0-33,7 отсто од БДП.

Грција помина тешки десет години во периодот од 2009 до 2010 година со три меморандум што донесоа мерки за штедење, меѓу кои и кратења на плати и пензии, зголемување на невработеноста, но и заминување на над половина милион млади во странство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Неидентификувана жена е сериозно повредена кога разбојник ја прегазил за време на кражба на автомобил во вторник наутро (10 ноември) во населбата Бара Фунда, во западниот дел на Сао Паоло. 

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Таа претрпела тешка трауматска повреда на мозокот, морала да биде интубирана и била однесена во болницата Санта Каса.

Безбедносна камера го снимила моментот кога осомничениот разбојник се приближил до жртвата, ја презел контролата врз автомобилот и ја прегазил додека бегал, објави „Глобо“.

Злосторството се случило на улицата Хозе Крис, во близина на плоштадот Паскоал Мартинс и авенијата Маркес де Сао Висенте. Воената полиција била повикана околу 6:35 часот наутро.

Видеото го прикажува разбојникот како се приближува до жената, која штотуку излегла од аптека и влегувала во својот автомобил.

Осомничениот ја преминува улицата и се крие зад дрвја, чекајќи жената да влезе во возилото. Потоа ѝ се приближува и седнува на задното седиште.

Кога го забележува нападот, жената излегува од возилото. Разбојникот потоа седнува на возачкото седиште, но жртвата се обидува да го спречи грабежот. Следува физичка пресметка, при што мажот ја турка. Таа паѓа и ја удира со главата на земја. Потоа крадецот го става автомобилот во рикверц и ја удира со својот автомобил.

Луѓето на блискиот паркинг се обидуваат да го спречат да избега, викајќи му да застане, но осомничениот успева да избега со автомобилот.

Вработен на паркингот, кој бил сведок на инцидентот, рекол дека жената се обидела да ја зграби вратата од автомобилот за да го спречи крадецот да избега.

„Таа се обидела да ја повлече вратата, но тој успеал да се врати во рикверц токму кога таа ја зграбила. Потоа била фрлена назад со сета сила, ја удрила главата и ја изгубила свеста“, рекол сведокот.

Според него, луѓето на местото на настанот истрчале за да го спречат возачот да ја прегази жената.

„Трчавме за да не ја прегази. Малку забавил, потоа малку забрзал и скршнал, но и покрај тоа, гумата сепак ја зафатила главата. Потоа продолжил да вози“, рекол сведокот.

Жената била однесена во болница со тешка трауматска повреда на мозокот и крварење од увото. Таа мораше да биде интубирана пред да биде префрлена во болницата Санта Каса во Сао Паоло.

До последното ажурирање, немаше информации за тоа каде се наоѓа крадецот и украдениот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер