Граѓаните со апел до политичарите: Не ни помагаат соопштенијата, почнете да работите на дела

Загадениот воздух на граѓаните им стана секојдневие, уште недојдена  зимата, познатите скопски магли ги гушат „белите дробови“ на градот.

Додека загадениот воздух е само актуелна тема , болниците се полнат со пациенти. Уште недојдена зимата, и покрај тоа што температурите не се под нулата, а граѓаните како што велат во поголем број се греат на струја, пред камерата на Канал 5, ги критикуваат долгорочните мерки на владата. Апелираат на итни и конкретни мерки, прст вперуваат кон малите фабрики чии што оџаци испуштаат неподнослива миризба за граѓаните кои што живеат во нивна непосредна околина.

Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како и изминатите денови наназад и денеска не им изостанаа препукувањата кој е виновен за загадувањето во државата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека, нема конкретни решенија освен флоскули за борба со горливиот проблем на граѓаните, кои што секојдневно се соочуваат со сериозни последици врз нивното здравје. Владејачката партија тврди покрај мерките што ги преземаат институциите на централно ниво, на овој наследен проблем мора да му се пристапува стратешки. Од таму соопштуваат дека обновување на дрворедите кои од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа исечени и никогаш не беа заменети со нови, зголемување на инспекцискиот надзор на индустриските капацитети и контроли на дивите депонии, се само дел од стратегијата за борба со аерозагадувањето.

И додека власта и опозицијата го бараат виновникот за аерозагадувањето, последниците од загадениот воздух се најголем проблем за граѓаните. Градот Скопје варира по загаденост, не помалку од шестото се до второ место на листата на најзагадени градови во Европа.

Понеделник е неработен ден за сите во државава

Министерството за економија и труд им го честита празникот на граѓаните на Република Македонија кои го чествуваат и го слават патронот „Свети Климент Охридски“. 

Министерството за економија и труд денеска соопштува дека, согласно Законот за празниците на Република Македонија - „Службен весник на Република Македонија“, број 21/98 и 18/07, по повод празникот „Свети Климент Охридски“, 8 декември - недела, односно 9 декември - понеделник е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.

Министерството за економија и труд им го честита празникот на граѓаните на Република Македонија кои го чествуваат и го слават патронот „Свети Климент Охридски“.

Обвинетиот за убиство на брат и снаа во Стајковци осуден на дваесет години затвор

Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече првостепена пресуда со која Љ.К. од Стајковци го огласи за виновен и го осуди на 20 години затвор за две кривични дела – убиство.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, обвинетиот, според обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје во јули годинава, на 14 мај 2024 година, на свиреп начин и при вршење семејно насилство, ги лишил од живот својот брат и снаата.

По вербална расправија, тој со метална шипка ја нападнал жената, нанесувајќи и тешки телесни повреди од кои таа починала на лице место. Потоа, барајќи клуч од гаражата од својот брат, и по неговото одбивање, го удрил со шипката повеќе пати во главата, нанесувајќи му смртоносни повреди.

Оваа пресуда следува по спроведена судска постапка и поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје.

Љутков: Македонија е новиот претседавач со Советот на министри за култура на ЈИЕ

Македонија е новиот претседавач со Советот на министри за култура на ЈИЕ- јакнење на културата во функција на одржливиот равој

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Херцег Нови за време на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа-јакнење на културата во функција на одржливиот равој (КОМОКОСЕЕ), на кој нашата држава и официјално го презеде од Црна Гора претседавањето со ова тело, посочи дека има големи очекувања од регионалната соработка, за која верува дека ќе се продлабочи и ќе се интензивира следната година.

Нашата држава ќе претседава со ова тело во период од една година.

-Верувам дека во годината кога одбележуваме 20 години од потпишувањето на Повелбата на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, ќе успееме да ги завршиме преговорите за формирање на Фондот за културна соработка, за кој сме согласни дека ќе претставува уште еден механизам за зацврстување на регионалното поврзување преку нови идеи и решенија, со што ќе дадеме значаен придонес во обезбедувањето сигурен напредок на културата, порача Љутков.

Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, претходно министрите за култура и шефовите на делегациите на земјите членки разговараа за зацврстување на соработката во култура и уметност за одржлив развој во време кога светот се соочува со сериозни предизвици.

Во годината кога се одбележува деценија од усвојувањето на Охридската регионална стратегија за културна соработка во ЈИЕ, Љутков, говорејќи за значењето на состанокот, во своето обраќање ја потенцираше улогата на културата во глобалните процеси, истакнувајќи ја потребата за унапредување на соработката и создавање нови можности преку нејзина интеграција во образовните системи.

-Во време кога светот се соочува со сериозни предизвици, постои потреба сите да работиме на создавање одржливи и инклузивни општества каде што културата ќе има клучна улога во глобалните процеси. Свесни сме за улогата на културата во меѓусебното разбирање и за тоа колку се мали разликите, а колку се големи сличностите меѓу нас, а сето тоа заедно создава простор за нови можности. Затоа, нашата посветеност и одговорност како министри за култура треба да биде во насока на интеграција на културата во образовните системи, односно да создадеме образовни програми кои не само што ќе ги промовираат културните вредности, туку ќе ги поттикнат младите да бидат консуматори на културата, но и нејзини активни креатори и промотори, рече Љутков.

Министерот информираше дека образованието за култура и уметност за одржлив развој во нашата земја добива сè поголемо значење, особено преку интегрирање на уметничките и културните активности во разни инцијативи, програми и проекти.

-Ние сме посветени на создавање нови можности за младите, поттикнувајќи иновации и интеграција на културните вредности во образованието. Во тој контекст, сакам да ги истакнам конкурсите на Министерството за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во областа на културата, со кои ги стимулираме младите и придонесуваме за нивното образование во областите што се од особена важност за културата и уметноста, истакна Љутков.

Тој додаде дека со поддршка од Министерството, институциите од областа на културата континуирано организираат едукативни проекти за подигнување на свеста за важноста на културата и уметноста, а е подобрена и пристапноста и инклузијата на лицата со попреченост и на маргинализираните групи кон програмите и содржините во институциите.

На состанокот во Црна Гора министрите за култура и високите претставници на земјите од ЈИЕ ја усвоија и Декларацијата од Херцег Нови.

притисни ентер