Гори букова шума над Горно Јаболчиште во oпштина Чашка

Според податоците на ЦУК, имало вкупно 22 евидентирани пожари на отворен простор во изминатото деноноќие. Од нив, утрово осум сѐ уште се активни.

Пожар избувнал синоќа во 23 часот на отворен простор кај селото Горно Јаболчиште во општина Чашка, гори букова шума, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму веднаш пратиле известување до ЈП „Национални шуми“ подружница „Бабуна“ од Велес, од каде што добиле одговор дека ќе упатат вработени кон пожарот за да го гаснат.

Според податоците на ЦУК, имало вкупно 22 евидентирани пожари на отворен простор во изминатото деноноќие. Од нив, утрово осум сѐ уште се активни.

Пожарот над село Селце, што гори од 11 април, сѐ уште е активен и покрај тоа што на терен гаснеле два хеликоптера од МВР и ренџерите од Национален парк „Шар Планина“ со 10 лица, а и четири пожарникари од ТППЕ - Тетово.

- Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вчера беше и на терен. Нема опасност за соседното селото Лавце. Пожарот е далеку и од други објекти или населени места. Хеликоптерите престанаа со гасење по 16 часот, а и повеќето од луѓето беа повлечени. На терен останаа дежурни неколку ренџери од Национален парк „Шар Планина“, кои дежураат за секој случај. Повторно екипите интервенираат од утрово. Активни пожари има во село Гургурница, општина Брвеница, помеѓу селата Сретково и Церово, кај одморалиштето „Бунец“, општина Маврово - Ростуше, а и кај селото Горјане, општина Врапчиште, информираат од ЦУК.

Според Регионалниот ЦУК - Скопје, вчера во 11.12 часот имало пријава за пожар во месноста „Темна Бука“, кон Китка, Кадина река 2 во општина Студеничани, се додава во соопштението, каде што гори многу високостеблена борова шума.

- Екипите од ЈП Национални шуми подружница - „Караџица“, вчера известиле дека се на терен и дека интервенираат, а во 07.45 часот добиле пријава за пожар во село Црвена Вода, општина Студеничани, каде што вработени од подружницата „Караџица“ не интервенирале, заради тоа што за истиот оцениле дека „се задишувал“ и не постоела опасност од него, појаснуваат од ЦУК.

Регионалниот ЦУК Битола пак, информира дека активен е пожарот над селото Острец, на Баба Планина, што започнал во седум часот на 14 април.

- Пожарот е на непристапен терен и не било во можност да интервенираат. Гори сува трева, лисја и гранки и нема опасност по населени места и Националниот парк „Пелистер“, пишува во соопштението.

Во ЦУК имало вкупно 1.998 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во последното деноноќие.

- Кон полиција биле упатени 61,22 отсто, кон Итната медицинска помош 29,17 проценти, кон пожарникарите 8,33 отсто, а кон АМСМ 0,32 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК, се додава во соопштението.

Димитриевски од Битола ги повика граѓаните во борба за менување на владеачката структура

Димитриевски од Битола ги повика граѓаните да се придружат во борбата  за менување на владеачката структура која се однароди и од членството на СДСМ и од народот.

Караванот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по Охрид и Ресен, беше и во Битола. Претседателот на Движењето ЗНАМ За наша Македонија, Максим Димитриевски, носителката на листата за кандидати за пратеници во ИЕ, Весна Бендевска, како и другите кандидати имаа повеќе средби со граѓаните.

Во изјавата за медиумите во Битола, Димитриевски рече дека ЗНАМ се формирал како политички субјект заедно со граѓаните и се афирмира како нова политичка сила во Македонија.

„Нашата цел е да работиме согласно програмските определби, од граѓаните, заедно со граѓаните и за граѓаните“, рече тој и упати порака до сите чесни социјалдемократи дека вратата на ЗНАМ е отворена за нив.

„Ги повикувам заедно да работиме на менување на оваа владеачка структура којашто се однароди, не само од сопственото членство, туку и од народот. Истите тие кои се претставуваат дека се наводно потомци на АСНОМ-ци, а всушност ги избришаа АСНОМ-ските постулати од Уставот на Македонија“, потенцира Димитриевски и ги повика сите да се придружат за да ја водат оваа борба заедно до крај.

„Да победиме на овие избори и во иднина да бидеме коректив на секоја власт и на секоја опозиција во државата од позиција на трета политичка сила, која се вика Движење ЗНАМ –За наша Македонија“, рече тој.

Носителката на листата за Ие 5, Весна Бендевска потенцира дека ЗНАМ добива се поголема и помасовна поддршка во очи на парламентарните избори на осми мај.

„Сега сите знаеме дека сме на вистинската страна“, рече Бендевска и ги повика граѓаните да го заокружат бројот седум, затоа што Движењето ЗНАМ знае како заедно со граѓаните да ја подигне Македонија на нозе и да ја води државата достоинствено и чесно, се наведува во партиското соопштение.

Вооружени напаѓачи среде бел ден ја убиле мисицата на Еквадор (23) (Вознемирувачко видео)

Мис на Еквадор, Ленди Парага е убиена во градот Кеведо додека била во ресторан, а сѐ е снимено од надзорните камери и сега на социјалните мрежи се шири вознемирувачкото видео.

Таа имаше 23 години. Полициската истрага е во тек, пишува Дејли мејл.

На видеото се гледаат двајца вооружени напаѓачи како влегуваат во ресторанот, додека Ленди Парага и еден маж стојат покрај масата. Додека парот разговарал, напаѓачите влегле во ресторанот и испукале неколку куршуми кон двајцата и веднаш го напуштиле објектот и побегнале.

Инаку, Парага беше натпреварувачка за Мис Еквадор и ја претставуваше провинцијата Лос Риос во 2022 година. Таа има над милион следбеници на социјалните мрежи. На само 23 години, таа стана сопственик на компанија за увоз на предмети за домаќинството и води сопствена линија на спортски чевли.

Нејзиното име беше споменато во декември 2023 година во пораките објавени од канцеларијата на јавното обвинителство, поврзани со голем случај на организиран криминал што го истражуваа. Едно од 52-те лица кои се под истрага во овој случај е Хеливе Ангуло, попознат по прекарот Естимадо.

Во разговорот, тој му рекол на дилерот на дрога Алехандро Нортер, со чиј имот управува, дека полицијата го испрашувала за Парага. „Ако мојата сопруга најде нешто за неа, јас сум готов“, напишал Нореро. „Пријателе мој, нејзиното име нема да се појави никаде“, го добил договорот.

Нореро е убиен во затвор во 2022 година, шест месеци откако беше затворен. Трансферите на пари на сметката на Парага се под истрага на јавното обвинителство.

Повеќе полицајци се повредени во пукотница во САД, помагаат специјалци: Избегнувајте ја областа

Повеќе полицајци биле застрелани при пукање во Шарлот, Северна Каролина, според полицијата.

Полициската управа во Шарлот-Мекленбург извести дека на местото на настанот биле застрелани „многубројни“ полицајци, пренесува Фокс њуз.

Како што е наведено, до 14 часот и 16 минути по локално време ситуацијата се уште се сметала за активна, а повредените биле пренесени во локалните болници.

„Избегнувајте ја областа“, велат од полициската управа. „Многу улици се затворени за да се овозможи побрзо транспортирање до амбулантите. Ве молиме да соработувате со властите.“

Во 14 часот и 23 минути полицијата потврди дека екипа на СВТ е на лице место.

Полицијата ги повика жителите да останат во своите домови.

„Тимот SWAT е на лице место и продолжува да работи на инцидентот“, се вели во полициското соопштение на платформата X. „Ова останува активна ситуација. Ве молиме избегнувајте ја областа“.

Fox News Digital побара повеќе информации до полицискиот оддел во Шарлот-Мекленбург, но засега нема.

притисни ентер