Големи пожари на грчките острови Евија и Крит

Единица од Дирекцијата за справување со подметнати пожари, по наредба на началникот на Противпожарната служба на Грција, заминува за островот Евија за да ги истражи причините за пожарот.

Големи пожари избија денеска на грчките острови Евија и Крит, а ветерот дополнително го отежнуваше гаснењето и напорите, по неколку часа, огнените јазици да бидат ставени делумно под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.

Единица од Дирекцијата за справување со подметнати пожари, по наредба на началникот на Противпожарната служба на Грција, заминува за островот Евија за да ги истражи причините за пожарот.

Противпожарните сили дополнително биле засилени и на терен се вкупно 57 пожарникари, 20 возила, два пешадиски тимови, два авиони и еден хеликоптер.

На Крит, според локалните медиуми, пожарот бил во близина на населено место и делумно е ставен под контрола, а во гаснењето учествуваат 15 пожарникари со седум возила.

Континуиран интерес за купување станови, очекувања за намалување на цената нема

Интересот за купување станови кај граѓаните е континуиран. Пад на продажбата на становите не е забележан ниту за време на коронакризата, а цената на становите е диктирана од квалитетот на градбата и таа не се очекува да се намали.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во јуни се одобрени станбени кредити на физички лица во износ од 54.382 милиони денари при што е забележан раст од 1,4 отсто во однос на мај годинава и 13,8 отсто во однос на јуни минатата година.

Од март, кога почна корона кризата, издадени се над 50 милијарди денари станбени кредити на граѓаните. Во март 52.949 милиони денари, во април 53.172 милини, мај 53.621 милион денари.

Податоците покажуваат дека и во мај има зголемување на издадените кредити за 13,4 отсто на годишно ниво.

-Континуиран е интересот на граѓаните за станови од сериозните градежни компании кои ги следат најновите трендови во секторот и максимално градат според сите стандарди во создавањето на портфолио на квалитетни градби кои ќе ги користат следните генерации, изјави за МИА претседателот на Градежната комора на Македонија Ивица Јаќимовски.

Тој истакна дека коронакризата секако има влијание и врз секторот градежништво во повеќе аспекти, но согласно нивните анализи во Градежната комора, не е регистриран пад на продажбата на новоизградени станови во првите неколку месеци од годинава.

-Работите во градежништвото се одвиваат плански, а цената на становите ја диктира квалитетот и локацијата. Трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се зголемуваат и не е возможно да се очекува намалување на цената на становите, потенцира Јаќимовски.

Појаснува дека основата за формирање на цената е делот на вградените материјали кои се користат, како и делот на работната сила. -Поточно, вели, она што може да очекуваме во следен период е дека нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени, бидејќи растот на трошоците го диктира и растот на цената на квалитетните станови.

Податоцита на Државниот завод за статистика објавени во јуни годинава покажуваат дека деловните субјекти што се занимаваат со градежна дејност, во 2019 година, потрошиле градежни материјали и енергија во вредност од 9.626.157 илјади денари, што е за пет отсто повеќе во однос на претходната година.

Во вкупната вредност на потрошените градежни материјали и енергија најголемо учество има групата Материјали за врзување со 3.628.819 илјади денари 37,7 отсто, потоа следат групите потрошено гориво со 1.225.327 илјади денари или 12,7 отсто, изолациски материјали и премази со 1.167.994 илјади денари или 12,1 отсто…

Просечната плата, според статистичките податоци, бележи раст од 9,1 отсто во првите пет месеци од годинава, а во мај просечната плата во градежниот сектор која изнесувала 25.062 денари забележала раст од 7,1 отсто.

Податоците покажуваат дека просечната цена на метар квадратен во 2019 година изнесува 44.994 денари, што е за 4,3 отсто повеќе во однос на 2018 година.

Во Скопје, просечната цена на 1м2 изнесуваше 48.204 денари што е за 3,1 отсто повеќе во споредба со 2018 година, додека во останатите населени места во државата таа изнесуваше 35.255 денари, што е за 6,3 отсто повеќе во споредба со 2018.Наведените просечни цени на 1м2 станбена површина се без данок на додадена вредност.

Просечната цена во вторто полугодие од 2019 година забележала намалување од 4,3 отсто во однос на првото полугоди, а во Скопје намалувањето изнесува 2,8 отсто.

Од градежниот сектор порачуваат дека во следниот период важно е да се стави фокусот на развојот на градежништвото.

За Јаќимовски без градежништвото не може да се очекува развој на севкупната економија погодена од пандемијата.

-Градежните компании сега ги извршуваат проектите кои веќе ги стартуваа, но треба да се поттикнат да размислуваат да започнат нови. Во таа конотација институциите задолжени за одобренија за градби и за други потребни документи треба да се приспособат на новата реалност и да работат со полн капацитет, без застој, а купувачите да имаат сигурност во системот на државата, во банките, работните места, бидејќи само со креирање таков амбиент можеме да имаме стабилност, предвидливост и работа согласно прецизни планови, изјави Јаќимовски./МИА

Во Крушево ќе се одржи првиот пливачки маратон „Тоше Проески"

Пливачкиот Клуб „Вардар 2018", со поддршка на Општина Крушево, денеска ќе го организира Првиот крушевски маратон кој го носи името на Тоше Проески.

Маратонот ќе се одржи на Крушевското Езеро. Ќе почне во 11 часот, а должината што ќе ја пливаат учесниците е 2,5 километри.

Според објавата на пливачкиот клуб „Вардар 2018", не случајно првиот крушевски пливачки маратон го носи името на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески.

-Името го одбравме во чест на нашата легенда Тоше Проески. Ова е нова атракција во Крушево, нова причина многу туристи да дојдат тука. Крушевското Езеро е особено популарно откако се асфалтира патот и секојдневното одржување на патеките за трчање и возење велосипед носи многу луѓе тука, наведува клубот.

Општина Крушево ги поканува сите да дојдат на првиот пливачки маратон.

-Ги покануваме сите да не посетат за манифестацијата научно-културни средби „Десет дена Крушевска Република" и воедно да го проследат овој нов тип на настан во Крушево в недела, велат од Општината.

Течат роковите за нова влада, партиите преговараат, но не соопштуваат детали

Течат роковите за формирање ново парламентарно мнозинтво и нова влада, поради што со засилено темпо се одвиваат преговорите меѓу политичките партии кои освоија пратенички места. 

Сите тврдат дека разговараат, но никој засега не изнесува детали за текот на преговорите и за тоа дали има евентуален напредок.

СДСМ вчера повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцира, треба да обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.

Новата влада, велат од партијата, посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат, а приоритет е прочистување на правосудството.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, вчера истакна дека партијата има комуникација со политичките партии, но оти не би навлегувал во детали да не ги наруши.

-Од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагувал во детали за да не наштетам на процесите, рече Арсовски.

Во однос на комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ со останатите партии, според него, забележливи се пријателски односи и комуникација буквално со сите партии.

По конституирањето на Собранието пред пет дена ДПА соопшти дека на средба на нејзиниот лидер Мендух Тачи со Зоран Заев, СДСМ им понудил да бидат дел од новата владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите.

По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јуни, на 4 август се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10-дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство, по што претседателот на државата треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. /МИА

притисни ентер