Голем комеморативен собир во Нови Сад по повод годишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица - Канал 5

Голем комеморативен собир во Нови Сад по повод годишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица

Точно во 11 часот и 52 минути илјадници студенти и граѓани во Нови Сад застанаа молкум. 16 минути „громогласна“ тишина за 16-те изгубени животи.

Голем комеморативен собир во Нови Сад по повод годишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица

Една година по несреќата кога се урна бетонската надстрешница од Железничката станица, Србија се поклонува пред жртвите од трагедијата, меѓу кои беше и 45-годишниот македонски научник Васко Саздовски кој тргнал за дома на трагичниот 1 ноември.

Бројни студенти и граѓани ширум Србија од синоќа пристигнуваат во Нови Сад. Долги колони граѓани од 16 локации пристигнаа пред железничката станица каде се одржа голем комеморативен собир. Палат свеќи и положуваат цвеќе, оддавајќи им почит на трагично загинатите. Околу 3.500 студенти два дена пешачеа од Белград. Студентите од Нови Пазар пристигнаа по 400 километри марширање. На местото на трагедијата дел од присутните побараа правда, оставки и одговорност.

-Една година подоцна, 16 жртви, 0 одговорни, а пораката е и понатаму иста. Рацете им се крвави, изјави студентка

-Не им се гледаат ниту лицата, ниту имињата, ниту зборовите не им се слушаат од темнината - Тихомир Станиќ – српски актер.

Граѓаните на Нови Сад со тага зборуваат за болката која, како што велат и по една година не поминува. Велат дека се уште чекаат правда и одговорност.

-Многу тажно. Чекаме ова да се разреши, да се утврди апсолутна одговорност.

-Јас цела година се чувствувам очајно. Тажно. Се сеќавам дека овде бев минатата година овој ден. И понатаму не можам да верувам што нам ни се случи.

-Да покажеме зошто сме овде, зошто сме на улиците речиси една година. А тоа е одговорност за сите кои се виновни за цела корупција која се случува во земјата. Не само за падот на настрешницата, туку и генерално, велат дел од граѓаните.

Владата на Србија го прогласи 1 ноември за ден на жалост. Српскиот државен врв утрово присуствуваше на помен за загинатите во црквата Свети Сава во Белград со кој чиноначалствуваше српскиот патријарх Порфириј. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој беше меѓу присутните, по настанот не даде изјава, но на социјалните мрежи со свеќа во раката уште еднаш изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и испрати порака денот да заврши во мир и молитва за починатите. Тој во јавно обраќање синоќа им се извини на студентите и демонстрантите за некои работи шти ги кажал и повика на помирување и дијалог.

-Знам дека многумина и понатаму се многу лути и чувствуваат немоќ што се уште не се уврдени виновниците за тој ужасен настан, а камоли казнети. Не морам да нагласувам дека тоа е и за мене разочарувачки. Иако таквите процеси се комплицирани и траат долго и во многу напредни земји. Како што некои покажаа бес во некои моменти и сам реков некои работи за кои ми е жал што ги изговорив, како на студентите така и на демонстрантите и други луѓе со кои не се согласував. Се извинувам за тоа, изјави Вучиќ синоќа.

Сепак, студентите и граѓаните продолжуваат со барањата за оставка на Вучиќ и владата. Порачаа дека извинувања не се доволни туку велат дека очекуваат вистински промени и правда. Трагедијата во Нови Сад означи и почеток на масовните студентски протести и блокади кои траат веќе една година, а со кои се бара одговорност и распишување избори . Иако по несреќата беа уапсени неколку лица, меѓу нив поранешни раководители на градската управа и изведувачи поврзани со реконструкцијата, а српскиот министер за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка, граѓанските организации реагираат дека судски епилог сè уште нема.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Безос: „Можеме да стигнеме до Месечината за три дена“

Во Вашингтон се кројат големи планови – САД имаат намера не само да се вратат на Месечината, туку овој пат и да останат таму.

Безос: „Можеме да стигнеме до Месечината за три дена“

Сопственикот на „Амазон“, Џеф Безос, кој е и основач на компанијата за вселенски летови „Блу Ориџин“, неодамна зборуваше за американските медиуми за патувањата до Месечината.

„Овој пат одиме на Месечината за да останеме“, изјави Безос, додавајќи дека тоа нема да биде „само уште една мисија од која се враќате дома“.

„Ќе изградиме вистинска, одржлива база од која ќе можеме да ја истражуваме Месечината и да откриваме интересни работи“, додаде Безос.

Тој истакна дека мисијата на Месечината во 1969 година барала инвестиција од околу 3% од БДП на САД и наведе дека „луѓето ќе можат да летаат до Месечината уште во 2028 година“.

„Мораме да ја победиме Кина во ова и верувам дека ќе успееме“, рече Безос.

Тој исто така го изрази своето уверување дека Месечината – до која, како што напоменува, може да се стигне за три дена – ќе послужи како клучна логистичка станица за идните човечки мисии до Марс.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Торнадо ја погоди западна Сицилија: Двајца повредени, превртени автомобили, оштетени згради...

Ретко торнадо денес го погоди западниот брег на Сицилија, оставајќи зад себе оштетени згради и превртени возила во Марсала и околните области.

Торнадо ја погоди западна Сицилија: Двајца повредени, превртени автомобили, оштетени згради...

Две лица се сериозно повредени откако торнадото го зафатило нивниот автомобил во близина на Петрозино и го исфрлило од патот. Италијанските медиуми известуваат дека невремето започнало како двоен вртлог над морето во близина на пристаништето во Марсала, пред да се придвижи кон внатрешноста на копното.

Торнадото предизвика значителна штета во градовите Марсала, Петрозино и Мазара дел Вало. Во населбата Теренове во Марсала, училиштето „Алчиде Де Гаспери“ претрпе големи оштетувања, локалните медиуми објавија снимки на кои се гледаат скршени прозорци и делумно урнат таван.

На други локации во градот беа превртени автомобили и камиони, а на земјата лежеа паднати електрични водови. Уништена е и една куќа. Екипите за итни интервенции се на терен и работат на санирање на штетите.

Салваторе Кочина, шеф на Агенцијата за цивилна заштита на Сицилија, изјави за Ројтерс дека настанот бил невообичаено жесток. „Беше речиси како американско торнадо, никој не памети нешто со таков интензитет“, рече Кочина.

Тој објасни дека Цивилната заштита уште во септември предупредила на можноста за екстремни временски услови оваа есен, наведувајќи ја како причина топлината акумулирана во морето по исклучително жешкото лето. „Ова уште еднаш го истакнува проблемот со екстремните временски настани, кои станаа карактеристика на последните години поради климатската криза“, додаде Кочина.

Претседателот на регионот Сицилија, Ренато Шифани, најави издвојување на посебни средства за итни случаи. Предупредувањето за лоши временски услови останува на сила за Сицилија и за утре, бидејќи дождот и невремето продолжуваат.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Чувствувате мачнина во електричен автомобил? Ова може да биде причината

Експертите објаснуваат зошто електричните автомобили можат да предизвикаат мачнина при возење.

Чувствувате мачнина во електричен автомобил? Ова може да биде причината

Електричните автомобили можат да предизвикаат поизразена мачнина кај некои патници во споредба со моделите на бензин и дизел. Како можни причини, експертите ги наведуваат регенеративното сопирање и отсуството на звук и вибрации кои вообичаено го придружуваат забрзувањето.

Мачнината при возење се јавува кога мозокот добива спротивставени информации од очите, внатрешното уво и другите системи што го детектираат движењето. Кај електричните автомобили, овој проблем може да биде поизразен за некои луѓе бидејќи овие возила се многу тивки и забавуваат на поинаков начин.

Една можна причина е регенеративното сопирање. Кога возачот ќе ја тргне ногата од педалата за гас, електромоторот делува како генератор, создавајќи отпор што го забавува возилото, а истовремено враќа дел од енергијата во батеријата.

Ако педалата се отпушти нагло, забавувањето може да биде прилично остро, што потенцијално предизвикува непријатност и мачнина кај патниците.

Експертите исто така истакнуваат дека луѓето се навикнати да ги поврзуваат бучавата од моторот и вибрациите со забрзувањето и забавувањето. Бидејќи овие сигнали практично отсуствуваат кај електричните автомобили, на мозокот понекогаш му е тешко да ги предвиди промените во движењето, пренесува „Revija HAK“.

Сепак, важно е да се нагласи дека доказите сè уште не се конечни. Истражувањата за врската помеѓу електричните автомобили и мачнината при возење се моментално ограничени, па експертите советуваат да не се извлекуваат дефинитивни заклучоци.

Како можете да ја намалите мачнината при возење?

На патниците им се советува да гледаат низ предното ветробранско стакло наместо во телефон или книга. Доколку е можно, подобро е да се седи на предното совозачко седиште, ако седите позади, средното седиште е најдобриот избор за да можете да гледате напред.

Потпирањето на главата на потпирачот, благото навалување на седиштето и контролирањето на дишењето исто така помагаат. Отворањето на прозорецот за да влезе свеж воздух исто така може да ги ублажи симптомите.

Пред долго патување се препорачува доволно спиење, хидратација и лесен оброк. Лековите против мачнина можат да помогнат, иако вреди да се напомене дека некои видови предизвикуваат поспаност.

Добрата вест е дека телото може да се прилагоди со текот на времето. За некои патници, честото возење во електричен автомобил може да ја намали подложноста на мачнина.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер