Голем број на гости од земјата и странство на манифестацијата „Зеленикот на баба“ во Пробиштип - Канал 5

Голем број на гости од земјата и странство на манифестацијата „Зеленикот на баба“ во Пробиштип

Манифестацијата „Зелникот на баба“ во Пробиштип прераснува во препознатлив гастрономски белег, има за цел да ја зачува автентичната рецептура на зелникот, едно од најкарактеристичните македонски традиционални јадења.

Голем број на гости од земјата и странство на манифестацијата „Зеленикот на баба“ во Пробиштип

Во духот на традицијата, мирисот на домашно месено тесто и вкусовите што потсетуваат на детството и годинава на манифестацијата „Зелникот на баба“ во Пробиштип се собраа десетици домаќинки, љубители на македонската кујна и посетители од целата земја и соседството.

Манифестацијата „Зелникот на баба“ во Пробиштип прераснува во препознатлив гастрономски белег, има за цел да ја зачува автентичната рецептура на зелникот, едно од најкарактеристичните македонски традиционални јадења. Годинава имаше 35 штандови на кои се нудеа зелници од сите краишта на Македонија. Учесничките, најчесто повозрасни жени, но сè почесто и млади домаќинки, ги презентираа своите вештини во подготовка на зелник со различни филови, една од нив е и Весна Петрова во познатото пробиштипско село Лесново, каде што домаќинките го сукаат надалеку познатиот Лесновски зелник.

- Ние денеска настапивме со зелник со печени кори, со праз, сушени кори со праз, плесиран зелник со праз. Имавме и мрсно „орчкурпиле“ со урда, бритва, лобода - изјави Петрова.

Таа додаде дека младите имаат интерес за сукање на зелници и баници, а кај неа во Лесново на обука доаѓаат и студентите од Факултетот за туризам при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски вели дека интересот за „Зелникот на баба“ расте од година во година, а настанот не е само натпревар, туку и можност за пренесување на знаењето од генерација на генерација.

-Со оваа манифестација сакаме да ја задржеме традицијата и на помладите да им ја пренесеме - рече Тоневски, градоначалник на Пробиштип.

Раде Илиевски вработен во Општината и дел од тимот за организација на манифестацијата „Зелникот на баба“ најави дека веднаш по завршувањето на 12. издание ќе почнат со постапката за брендирање на манифестацијата.

-По завршување на манифестацијата ќе прејдеме на тоа, да си ја брендираме, да си ја заштитиме, која е единствена, уникатна во Македонија, единствена од ваков вид, а токму за та зборува оваа голема посетеност- изјави Илиевски.

„Зелникот на баба“ останува симбол на домашната кујна, но и доказ дека старите вредности и рецепти сè уште живеат меѓу луѓето, пренесувајќи топлина, заедништво и љубов кон традицијата. Манифестацијата „Зелникот на баба“ денеска беше посетена од гости од земјата и странство, а имаше и натпревар во брзо сукање на зелник, кој потоа се печеше под вршник.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведува активности за чистење на просторот под Камениот мост

Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија целосно расчистување и рачно миење на целокупниот простор под Камениот мост во Скопје.

ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведува активности за чистење на просторот под Камениот мост

Во овој период беа отстранети и вкупно 905 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад – вкупно 190 кубни метри, е расчистено во општината Ѓорче Петров.

Претпријатието подигна и транспортира приближно 3000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје. Воедно продолжи и замената на старите и дотраени контејнери со новите садови наменети за одлагање на комуналниот отпад, при што во моментов се заменети вкупно 700 контејнери.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 25 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 10, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Со еко-работилници во градинката Снежана лоцирана во општината Чаир, ЈП Комунална хигиена-Скопје ги започна едукативните активности за правилно постапување со отпадот за учебната 2026/2027 година.

Во работилниците учествуваа вкупно 150 дечиња од двата објекта на градинката, коишто се запознаа како правилно да го одлагаат отпадот и да ја вршат неговата примарна селекција и како се одвива процесот на рециклирање и реупотреба на комуналниот отпад.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МЗ: Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром

Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром, ретка наследна генетска болест која го оштетува бубрежното ткиво и може да доведе до бубрежна слабост.

МЗ: Во Македонија првпат е извршена трансплантација на бубрег од мајка на дете со Алпортов синдром

По спроведените потребни медицински испитувања, утврдена е компатибилност меѓу донорот и примателот, а мајката е оценета како соодветен жив дарител. Нејзината одлука му дава на детето нова шанса за живот и претставува значаен медицински успех во третманот на пациентите со ретки заболувања.

„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Пред неколку дена, министерот Клековски ги посети пациентите на кои им беше извршена трансплантација на бубрег на Универзитетската клиника за урологија. Кај двајца пациенти беше трансплантиран бубрег од починат дарител, додека кај третиот беше извршена трансплантација од жив дарител.

Со овие три трансплантации, вкупниот број трансплантации на бубрег на Универзитетската клиника за урологија годинава достигна 15, во споредба со 11 трансплантации во текот на цела 2025 година.

Алпортовиот синдром е ретка наследна болест која го зафаќа бубрежното ткиво, а во потешките случаи може да доведе до бубрежна слабост и потреба од дијализа. Овој случај покажува дека со соодветна дијагностика, темелна медицинска процена и внимателна подготовка, трансплантацијата може да биде можност и за пациенти со ретки генетски заболувања.

„Упатуваме благодарност до семејството за довербата и за согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до целиот медицински тим кој деноноќно е вклучен во оваа сложена медицинска постапка“, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонски концепт: Прославувањето на српското освојување на Македонија е навреда за македонскиот народ

Македонски Концепт изразува остро противење на прославите на Зебрњак, со кои се велича српската воена победа од 1912 година.

Македонски концепт: Прославувањето на српското освојување на Македонија е навреда за македонскиот народ

Македонски Концепт изразува остро противење на прославите на Зебрњак, со кои се велича српската воена победа од 1912 година, по која следува воспоставување српска окупаторска власт врз Вардарска Македонија и жесток српски терор врз етничките Македонци и други несрпски народи во Македонија. За македонскиот народ, овие историски настани не претставуваат национално ослободување, туку почеток на нов период на туѓа власт, национално потиснување и негирање на македонската посебност - етноцид.

Неприфатливо е на територијата на Македонија да се слават историски настани кои за етничките Македонци претставуваат симбол на окупација и национално понижување. Ваквите манифестации, особено кога имаат карактер на шовинистичко величање на минатите освојувања, можат да предизвикаат меѓуетнички тензии, да ја нарушат меѓусоседската доверба и да ги оживеат историските поделби во регионот.

Македонски Концепт смета дека почитувањето на српската историска меморија не смее да се претвори во негирање на македонското историско искуство. Историските освојувања не смеат да бидат повод за современи националистички демонстрации на територијата на Македонија.

Ги повикуваме надлежните македонски институции да обезбедат почитување на достоинството на македонскиот народ и да реагираат на секое јавно поттикнување етничка омраза или величање на национално потчинување. Посебно очекуваме од министерот за култура Седат Сулејмани да преземе соодветни мерки за забрана на вакви настани во иднина.

Македонски Концепт се залага за пријателски и рамноправни односи со Република Србија, засновани врз заемно почитување, историска чувствителност и почитување на македонскиот национален идентитет. Пријателството меѓу народите се гради со меѓусебна почит, а не со прославување на историските порази и страдања на соседите. Македонија мора да биде држава во која историското достоинство на македонскиот народ ќе биде почитувано и заштитено.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер