Годишен состанок на ММФ и Светска банка од 21 до 26 октомври во Вашингтон

Годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка ќе се одржи од 21 до 26 октомври во Вашингтон.

Според прелиминарниот распоред, во понеделник, 21 октомври, меѓу другото ќе се разговара и за преносот на монетарната политика на САД, за отворањето работни места во Субсахарска Африка или за трансформацијата на мрежата за социјално осигурување, соопштија организаторите.

Презентацијата на светската економска перспектива, односно прогнозата за глобалниот економски развој во иднина, како и извештајот за глобалната финансиска стабилност е најавена за вторник, 22 октомври.

Следниот ден ќе бидат одбележани дебатите на Светска банка за поефикасна глобална помош и планови за стимулирање на економскиот раст, а директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева ќе се обрати пред новинарите во четврток, 24 октомври.

На средбата ќе се разговара и за економското зајакнување на жените, влијанието на климатските промени, проблемите на задолжените земји и актуелните економски предизвици.

„Групацијата на Светската банка има клучна улога во глобалните напори да се стави крај на екстремната сиромаштија и да се поттикне заедничкиот просперитет. Еден од начините на кои организацијата работи за да ги постигне овие цели е со поканување на граѓаните ширум светот да соработуваат за прашања како што се намалувањето на сиромаштијата, меѓународната економска развој и финансии, градење човечки капитал и зајакнување на отпорноста“, се вели на веб-страницата на организацијата./МИА

Договорен е прекина на борбите во Газа

Конфликтите во Појасот Газа ќе бидат прекинати за да се овозможи вториот круг на вакцинација против детска парализа, со кој ќе бидат опфатени 590.000 деца помлади од 10 години, објави денеска директорката на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Хуманитарната пауза во конфликтите ќе започне на 14 октомври, рече Расел, пренесе Ројтерс.

„Од клучно значење е сите страни да ги почитуваат овие хуманитарни паузи. Без тоа, ќе биде невозможно да се вакцинираат децата“, додаде таа.

Првиот круг од кампањата за вакцинација, која започна на 1 септември, ја достигна целта на 90 отсто од децата до 10 години, објавија ОН.

Првиот круг беше изведен во фази во текот на две недели за време на хуманитарни прекини во борбите меѓу израелската армија и палестинското милитантно движење Хамас, потсетува Ројтерс.

СЗО во август потврди дека бебе било делумно парализирано од вирусот на полио тип 2, што е прв таков случај на палестинските територии во последните 25 години.

„УНИЦЕФ ќе вклучи додатоци на витамин А за зајакнување на имунолошкиот систем на децата. Децата во Газа живеат во исклучително лоши хигиенски и санитарни услови“, рече Расел.

Таа посочи дека успехот на првиот круг на вакцинација покажал дека кога ќе се испочитува договорот, може да се заврши работата.

Македонија среде Рига ја совлада Летонија со убедливи 3:0

Македонската фудбалска репрезентација оствари триумф од 3:0 на гостувањето кај Летонија во рамки на 3.коло во Лигата на нации.

Со тоа нашиот тим освои три бода во битката за освојување на првото место во групата 4 во Лигата Ц.

Јани Атанасов го постигна првиот гол за Македонија во 35.минута по една убава акција што ја почнаа Енис Барди и Елиф Елмас, а Бојан Миовски прекрасно му асистираше на стрелецот на голот.

Потоа во второто полувреме Лирим Ќамили во 70-тата минута искористи еден кикс во домашната одбрана за да го постигне вториот гол за македонската репрезентација..

Победата ја заокружи Елиф Елмас во 93.минута откако погоди со силен удар во аголот на летонскиот гол.

Македонија сега има седум бодови од три натпревари во групата 4 и е на првото место без разлика на исходот на дуелот помеѓу Фарски Острови и Ерменија.

За три дена го играме клучниот натпревар во групата и тоа на гости кај Ерменија.

Вучиќ го пречека Ердоган на аеродромот во Белград

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва на аеродромот Никола Тесла го пречека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Според програмата на посетата, в петок во 11 часот ќе се одржи церемонија на пречек пред палатата „Србија“, по што ќе следи средба на двајцата претседатели, објави Телеграф.

После тоа ќе се одржи четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Република Србија и Република Турција, предводена од двајцата претседатели.

„Вашата возвратна посета е уште една можност за дополнително зајакнување на нашите пријателски односи и соработка. Верувам дека за време на вашиот престој во Белград ќе работиме заедно на подобрување на економските, културните и политичките врски меѓу нашите земји“, му порача претседателот Вучиќ на турскиот колега по пристигнувањето во Белград.

Следува церемонија на потпишување на договорот со присуство на двајцата претседатели и обраќање до медиумите.

Вучиќ и Ердоган ќе присуствуваат и на бизнис форумот што ќе се одржи утре попладне во хотелот „Хајат“.

притисни ентер