Глобалните цени на храната речиси највисоки во последните две години - Канал 5

Глобалните цени на храната речиси највисоки во последните две години

Цените на храната во јуни се приближија до највисокото ниво во две години, бидејќи скокот на цените на месото и растителните масла го надмина значително поевтиниот шеќер и житарки.

Глобалните цени на храната речиси највисоки во последните две години

Цените на храната во јуни се приближија до највисокото ниво во две години, бидејќи скокот на цените на месото и растителните масла го надмина значително поевтиниот шеќер и житарки, стои во извештајот на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) објавен денеска.

Индексот на цени на ФАО за основни прехранбени производи во јуни изнесувал 128,0 поени и бил за 0,5 отсто повисок отколку во мај. Неговата вредност повторно се приближи до највисокото ниво во две години, од 128,2 поени, кое беше достигнато во април. Во однос на јуни минатата година, цените биле повисоки за 5,8 отсто.

Најмногу поскапеле растителните масла во мај, за 2,3 отсто, со повисоки цени на палминото, репкиното и соиното масло поради засилената побарувачка во секторот биогорива. Цените на сончогледовото масло, пак, благо се намалиле поради зголеменото производство во црноморскиот регион.

Цените на месото исто така значително пораснаа, за 2,1 отсто, достигнувајќи ново највисоко ниво откако ФАО објавува податоци, бидејќи силното поскапување на говедското, свинското и овчото месо повторно го надмина падот на цените на живината.

Млечните производи во јуни поскапеа за 0,5 отсто, бидејќи ограничената понуда во Океанија и ЕУ и континуирано високата побарувачка во Азија втор месец по ред ги подигнаа цените на путерот на највисоко ниво откако ФАО објавува податоци.

Шеќерот, пак, значително поевтини во јуни, четврти месец по ред, и тоа за 5,2 отсто во однос на мај, со пад на цените на најниско ниво од април 2021 година, под влијание на очекувањата дека родот на шеќерна трска во Бразил, Индија и Тајланд, водечките производители, ќе биде исклучително добар со оглед на поволните временски услови и поголемите засеани површини.

Значително се намалија и цените на житарките во шестиот месец од годинава, за 1,5 отсто на месечно ниво, одразувајќи го остриот пад на цените на пченката, втор месец по ред, поради обилната понуда од Аргентина и Бразил. Пченицата, пак, поскапе поради стравувањата дека сушата би можела да го загрози родот во Русија, САД и одредени делови од ЕУ.

Уште во средината на јуни, пред топлотниот бран, ФАО прогнозираше дека поради поволните временски услови производството на пченица во ЕУ оваа година ќе порасне за 13 отсто.

Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарот на житарки, ФАО благо ја подигна проценката за глобалното производство на житарки оваа година, на 2,925 милијарди тони, ново највисоко ниво откако објавува податоци. Тоа би значело дека ќе порасне за 2,3 отсто во однос на минатата година.

Иако вкупните изгледи за пченица, пченка и ориз се подобрени, агенцијата нагласува дека прогнозираното топло и суво време во одредени клучни региони би можело да влијае на производството, особено на пченката.

Светската потрошувачка на житарки треба да порасне за 0,8 отсто во сезоната 2025/2026, на 2,898 милијарди тони, проценува ФАО.

Залихите на житарки треба на крајот на актуелната сезона, во јули идната година, да бидат повисоки за 2,2 отсто отколку на почетокот и да изнесуваат, според проценките на агенцијата, 889,1 милиони тони.

Светската трговија со житарки, пак, треба да порасне за 1,2 отсто во новата сезона, на 486,9 милиони тони, со засилен извоз на пченица и ориз и благо намалување на обемот на трговија со пченка, предвидува ФАО.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

Снимка од Мараја Кери во Бразил предизвика загриженост кај нејзините обожаватели.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

На социјалните мрежи, луѓето почнаа да се прашуваат дали сè е во ред со 57-годишната пејачка, откако видео од нејзино јавно појавување покажа дека таа се движи малку нестабилно додека излегува од автомобил.

За време на престојот во Бразил, пејачката делеше автограми и се фотографираше со фановите кои се собраа да ја поздрават, држејќи транспаренти. Иако изгледаше добро расположена, некои гледачи забележаа дека ѝ треперат рацете и дека чекори несигурно. Снимката беше објавена на „TikTok“.

Фановите се прашуваат дали сè е во ред

„Дали треба да се грижиме?“ – праша еден корисник на „TikTok“. „Изгледа како да чувствува болка“, напиша друг, додека трет ѝ посака добро здравје на пејачката: „Се молам за неа и ѝ испраќам убави желби на нашата Божиќна кралица“.

Сепак, не сите ја протолкуваа оваа ситуација како причина за загриженост. Некои укажаа на конкретните услови во кои се движеше пејачката: врнеше дожд, теренот беше закосен, а Кери носеше високи потпетици.

„Како прво, врне дожд. Второ, теренот е закосен. Трето, таа носи високи потпетици. Четврто, не сака да падне“, напиша еден корисник. На снимката се гледа и како нејзиниот асистент ја држи околу половината додека таа поминува покрај фановите. Засега нема информации кои укажуваат на тоа дека Мараја Кери има некакви здравствени проблеми, а самата снимка не е доволна за да се донесе таков заклучок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

Услугите на „Microsoft“ конечно работат правилно по повеќе од 24 часа –што навистина тргна наопаку?

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

„Microsoft“ го реши големиот проблем што предизвика повеќе од 24 часа застој на „Microsoft 365“, тоа предизвика сериозни прекини во работењето на бизнисите и владините агенции низ целиот свет.

Проблемите започнаа на 12 ноември околу 17:17 часот по средноевропско време, кога услугата „Exchange Online“ падна. Малку повеќе од два часа подоцна, проблемите се проширија на остатокот од платформата „Microsoft 365“.

Што го предизвика тоа?

„Microsoft“ првично се сомневаше дека невообичаено големиот сообраќај е причина за проблемите. Сепак, последователната истрага покажа дека неколку серверски системи неочекувано престанаа да работат, оставајќи ги преостанатите сервери неспособни да се справат со зголеменото оптоварување.

Обидите за рестартирање на серверите беа неуспешни, бидејќи тие повторно престанаа да реагираат откако се врати сообраќајот. Компанијата на крајот утврди дека проблемот е поврзан со претходно надградување на капацитетот на мрежата, предизвикано од последователна промена во мрежната инфраструктура.

Потоа инженерите применија поправка на компонента одговорна за автентикација и насочување на сообраќајот. Обновувањето беше спроведено постепено, со обработка на заостанати е-пораки.

„Microsoft“ нагласи дека нема докази за злонамерна активност и дека вештачката интелигенција не е причина за проблемот.

Кој беше засегнат?

Покрај „Outlook“ и „Exchange Online“, прекините влијаеја на календарите на „Teams“, закажувањето состаноци, „Copilot“, „SharePoint“ и „Intune“. Некои функции продолжија да работат за време на прекинот.

Влијанието се почувствува надвор од технолошкиот сектор. Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) мораше да се потпре на алтернативни системи, додека индиските авиокомпании „Air India“, „IndiGo“ и „Akasa Air“ пријавија проблеми со поддршката за е-пошта.

Проблемите влијаеја и на финансиските институции. Една тајванска компанија дури мораше да користи факс за да ги потврди трансакциите со акции.

Според „Downdetector“, имало повеќе од 7,4 милиони пријави за проблеми низ целиот свет. Сепак, овој број не го претставува вкупниот број на индивидуални корисници погодени од прекинот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Француската полиција уапси 121 лице за време на протестите одржани низ целата земја, објави француското Министерство за внатрешни работи.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Според Министерството, околу 106.000 луѓе учествувале во демонстрациите, додека синдикатите проценуваат дека околу 200.000 граѓани се собрале на улиците.

22 лица се приведени во Париз, вклучувајќи тројца малолетници. Апсењата се главно за носење оружје од категорија Д, навреди и кршење на забраните за посетување одредени места или учество во демонстрации, објавува „BFMTV“.

Според полициските податоци, околу 24.000 луѓе протестираа во француската престолнина, додека младинските синдикати проценуваат дека на улиците имало близу 100.000 демонстранти.

Низ цела Франција се одржаа повеќе од 60 протестни собири. Во Париз истовремено се одржаа три одделни демонстрации - против предлог-закон за претпоставка за легална употреба на оружје од страна на безбедносните сили, меѓународен марш против насилството врз децата и протест на движењето „Жолти елеци“ против зголемувањето на трошоците за живот.

Тензии беа пријавени во Париз, Бордо, Нант, Лион и Руан. На Плоштадот на нацијата во Париз, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, што предизвика први знаци на паника кај демонстрантите.

Во Нант, полицијата употреби водени топови, додека во Бордо беа пријавени судири за време на кои некои демонстранти фрлаа предмети кон полицијата.

Во Тулуз, според организаторите, протестираа 6.000 луѓе, додека полицијата соопшти дека имало 1.800. Собирот помина без инциденти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер