Гласаат болните, немоќните и затворениците

Втор ден од гласањето за предвремените парламентарни избори. Гласаат болните, немоќните, хронично болните, затворениците, лицата во домашен притвор, во старските домови и шестмина внатрешно раселени лица.

Според последните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) објавени на нивната веб-страна, денеска гласаат 8.855 болни и немоќни и хронично болни чии пријави се прифатени од ОИК. Најмногу болни и немоќни за гласање се пријавени во Прилеп и во Кичево по 486 граѓани, потоа во Струмица – 465, во Ново Село 375, во Крива Паланка 361, во Делчево 335 и во Липково 331. Гласање за болни и немоќни нема да има во Вевчани, а во Желино е прифатено барањето на само едно лице, додека во Шуто Оризари и во Центар Жупа ќе гласаат по четири болни и немоќни лица. Во Арачино се пријавени петмина за гласање денеска.

Од скопските општини во Гази Баба прифатени се барањата на 168 болни и немоќни за гласање, а во Бутел – 82, во Карпош ќе гласаат 80, во Кисела Вода – 57, во Ѓорче Петров 48, а во Аеродром 47.

Гласање ќе се спроведува и во 13 Казнено-поправни установи, а во посебните изводи од Избирачкиот список се запишани 1.657 гласачи, како и пријавени лица во домашен притвор. Гласање ќе има и во 17 старски домови каде правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.

Гласањето на овие лица се спроведува од страна на избирачките одбори, како и вообичаено досега, со тоа што и членовите на одборите, но и лицата што се пријавиле да гласаат задолжително мора да ги почитуваат општите превентивни мерки за заштита од КОВИД – 19.

Врз основа на Упатството на ДИК членовите на Избирачкиот одбор и претставниците на политичките партии кои го спроведуваат гласањето во домот на болните, немоќните или хронично болните лица мора да носат заштитна маска преку нос и уста и ракавици за еднократна употреба, задолжително е одржување на физичка дистанца во текот на целиот процес, како и миење на раце и дезинфекција по завршување на процесот.

Лицето кое гласа задолжително носи заштитна маска или шал или марама или прекривка преку нос и уста. При самото влегување во внатрешниот простор, најпрво лицето кое гласа треба да ги дезинфицира рацете, при подавање на личната карта најпрво ја симнува накратко маската за идентификација, но мора да ја запази потребата дистанца од метар до метар и половина. По завршеното гласање лицето повторно ги дезинфицира рацете.Членовите на ИО маската ја менуваат на секои четири часа.

Вчера, на првиот ден на гласањето, за кандидатските листи се изјаснуваа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Државната изборна комисија синоќа соопшти дека правото на глас го искористиле 723 лица заболени од КОВИД-19 и во самоизолација.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски појасни дека било утврдено оти треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките што ги соопштија претходно во текот на вчерашниот ден, е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.

Од вчерашното и денешното гласање, ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето.

Право на глас на овие десетти парламентарни, а петти предвремени избори имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи.

Кари ја освои наградата „Џери Вест“

Кошаркарот на Голден Стејт Вориорс, Стивен Кари, е добитник на овосезонската награда „Џери Вест“, која му се доделува на најдобриот играч во решавачките моменти од натпреварите во НБА лигата.

Наградата која се доделува на клучниот играч во последните пет минути од натпреварите во кои резултатот е до пет поени разлика, беше воведена минатата сезона, а Кари го наследи дефанзивецот на Сакраменто Кингс, Де Арон Фокс.

Кари во изборот доби вкупно 298 поени (45 први, 18 втори и 19 трети места).

Второто место со 272 поени (34 први места) го зазеде Демар Дерозан од Чикаго Булс, додека третото место го освои Шеј Гилџес.-Александер од Оклахома Сити со 160 бодови (11 први места). /МИА

Во Атина уапсени двајца членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“

Двајца странски државјани, членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“, во средата биле уапсени во Атина, а се товарат за две кражби на златарници во центарот на градот, јави дописничката на МИА од Атина.

Неофицијално станува збор за српски државјани, а за кражбите го користеле методот „рифифи“, односно во златарниците и продавниците за накит влегувале по направени дупки од соседни напуштени или празни згради или простори.

Од грчката полиција соопштија дека уапсените биле активни најмалку од декември минатата година, користеле фалсификувани документи, а се движеле со возила со странски регистарски таблички или во сопственост на лица со чисто криминално досие, за да не бидат откриени.

Во однос на начинот на дејствување откако ги таргетирале продавниците, ги набљудувале, по што подготвувале соодветен план и се движеле пеш за да не бидат сомнителни.

Откако успевале да добијат пристап до напуштените или празни згради-лепенки до златарниците, отворале дупка на ѕидот што води до продавницата.

Еден од уапсените влегувал преку дупката со лазење за да не се активираат детекторите за движење и со украдениот накит се враќал во соседниот простор.

Од досегашната истрага на полицијата, расчистени се две случаи на кражби во златарници во центарот на Атина, а продолжува истрагата за утврдување на целосниот обем на нивната криминална активност.

По извршениот претрес на уапсените меѓу другото, биле пронајдени и одземени алатки за кражби, три часовници, накит, 190 евра, фалсификувана возачка дозвола, три мобилни телефони.

Шпанија ќе испрати мал број ракети „Патриот“ во Украина

 Шпанија ќе испрати мал број ракети „Патриот“ во Украина, објави денеска весникот „Ел Паис“, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.

Весникот наведува дека Шпанија ја отфрлила можноста за испорака на противвоздушни лансери на Украина, но ќе испрати проектили во Киев.

Шпанија има три системи „патриот“ кои ги купи од Германија во 2004 и 2014 година, потсетува весникот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им кажа на членките на НАТО претходно овој месец дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да ги одврати руските воздушни напади, барајќи од нив да ја засилат воената помош за Киев.

Министрите на ЕУ пред неколку дена изјавија дека разгледуваат како да обезбедат повеќе оружје за противвоздушната одбрана на Украина.

притисни ентер