Ѓорѓиевски: Скопје го менува ликот со капитални инвестиции во сообраќајот, екологијата и јавниот простор - Канал 5

Ѓорѓиевски: Скопје го менува ликот со капитални инвестиции во сообраќајот, екологијата и јавниот простор

Пред една година, стоејќи токму тука, пред вас, се обврзав дека ќе го промениме девастираното Скопје во кое сите живеевме. Дека ќе го запреме неговото пропаѓање. 

Ѓорѓиевски: Скопје го менува ликот со капитални инвестиции во сообраќајот, екологијата и јавниот простор

Дека повторно ќе го направиме силен, достоинствен и пред се горд град. Ви ветив работа и дела. Денес сум повторно пред вас, да положам отчет за тоа ветување.

Работевме силно. Работевме деноноќно. Со сознание дека зад секој нерешен проблем стојат луѓе чиј живот не може да чека да дојдат подобри времиња. Наша должност беше да ги создадеме тие подобри времиња. Тежината на задачата ја знаевме. Од одговорноста не отстапивме.

Затоа што постојат моменти кога еден град мора да реши дали ќе продолжи да се навикнува на сопственото пропаѓање или ќе собере сила и ќе застане на нозе. Ние решивме да станеме. Да се зафатиме со најтешкото. Да ги отвориме прашањата што предолго биле одложувани. И да истраеме таму каде што секое ново откажување ќе значеше уште една изгубена надеж за нашите граѓани.

Немавме право да ја изневериме таа надеж. Вашата доверба за мене беше обврска што ја носев секое утро, со секоја одлука и пред секоја пречка. Обврска да преземам одговорност. Да барам решение. Да останам на задачата се додека работата не биде завршена.

Денес, по една година, имаме конкретни дела за кои можеме да зборуваме. Но имаме и јасна свест за сето она што допрва мора да го направиме. Секој постигнат резултат ја зголемува нашата одговорност за следниот. Затоа, овој отчет го давам со гордост за сработеното и со решителност за она што следува.

Пред една година побарав од вас доверба да докажеме дека можеме. Денес пред вас ги ставам делата што покажуваат дека можеме. И ви давам збор - ќе истраеме. Со работа, со храброст и со целата сила што ја имаме. се додека промената не стигне до секое скопско маало!

Почитувани,

Првата одговорност беше да создадеме цврста основа за сето она што го ветивме. Секој денар во градскиот буџет е доверба на граѓаните и мора да биде употребен одговорно. Затоа се зафативме со долговите, со обврските и со финансиската дисциплина — решени да му ја вратиме на градот способноста да инвестира и пред се да се развива.

Со посветена и одговорна работа, за само неколку месеци од почетокот на мандатот, успеавме целосно да ја консолидираме финансиската состојба на Градот Скопје, и покрај наследениот долг од речиси 300 милиони евра и девастирани јавни претпријатија. Град Скопје ги намали тековните обврски за 322,1 милиони денари и за дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камати и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности.

Обврските се значително намалени во сите јавни претпријатија: „Водовод и канализација“ - за 1,66 милијарди денари; ЈСП „Скопје“ за 634 милиони денари; „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари; „Паркови и зеленило“ за 114 милиони денари; „Градски паркинг“ за 53 милиони денари; „Улици и патишта“ за 32 милиони денари.

Музејот на Град Скопје, кој минатата година имаше сериозни долгови и исклучена струја, денес има нула денари обврска. КИЦ, кој беше препознатлив по долгови, до крајот на септември ќе има нула обврски, додека ДКЦ и Културниот дом „Кочо Рацин“ веќе се целосно раздолжени.

МКЦ ги намали обврските за 7,6 милиони денари, а обезбедени се и средства за Планетариумот, киното „Милениум“ и е-спорт центарот. Зоолошката градина ги намали обврските за околу пет милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони денари, со дополнително намалување од 2,5 милиони денари до крајот на оваа календарска година.

И додека ги враќаме старите долгови, инвестираме повеќе од кога било во главниот град! По најдобриот прв квартал во историјата на Град Скопје, зад нас е и најдобриот втор квартал според реализацијата на капиталните проекти.

Скопјани, предолго чекаа на патишта што требаше да поврзат населби, на мостови што требаше да го олеснат движењето, на решенија што требаше да станат дел од нашето секојдневие. Тоа чекање има цена за секое семејство. Затоа, инфраструктурните проекти ги презедовме како обврска кон луѓето чие време и трпение заслужуваат почит.

Решително и забрзано се приближивме кон целта која што пред една година си ја поставивме пред нас, рамномерен развој на сите делови од нашето Скопје и современо уреден јавен простор и широки и проточни сообраќајни врски кои ќе овозможат нашите граѓани лесно и без застој да се движат низ нашиот град. Со голема посветеност успеавме да откочиме неколку исклучително значајни инфраструктурни проекти кои со години тонеа во заборав и негрижа.

Изградбата на булеварот Борис Трајковски во општина Кисела Вода, на преостанатата делница од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, влегува во својата завршница - до крајот на оваа година а може и пред зададениот рок, 100.000 наши граѓани ќе возат по целосно проширен, модерен и безбеден булевар на чија изградба се чекаше повеќе од 30 години.

Привршува изградбата и на сложената клучка на Момин поток, проект од особено значење за развој на три општини. Забрзано работиме на ставањето во функција на булеварот Македонија, првата подземна сообраќајница во Скопје - улиците што ќе се слеваат кон подземната сообраќајница ги проширивме и ги адаптиравме за очекуваниот зголемен интензитет на сообраќај и продолжуваме со градежните работи на другите фази од овој проект.

Во Карпош, ја поврзуваме улицата „Љубљанска“ со улицата „Скупи“ преку новиот мост на реката Вардар, која ќе биде готова до крајот на оваа календарска година. Ја расчистуваме и трасата на булеварот АСНОМ низ населбата Ќерамидница, со цел конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“.

Овие капитални проекти значително ќе го растоварат сообраќајот низ нашиот град и за првпат ќе поврзат делови од градот што претходно биле неповрзани, притоа олеснувајќи го движењето за нашите граѓани.

Дополнително, привршува и јавната набавка за проектирање и изведба на две монтажни катни гаражи со повеќе од 500 паркинг места, во Клиничкиот центар кој е од исклучителна важност како и за пациентите, така и за медицинскиот персонал но и за студентите таму.

Важно е да споменам дека улиците „Перо Наков“ во Гази баба и „Фрањо Клуз“ во општина Аеродром веќе добија нов асфалт. Во тек е и обнова на улицата 101 во Ѓорче Петков односно во Волково, изградба на булеварот Македонско-косовска бригада во Чаир и реконструкција на улиците Бутелска и Радишанска во Бутел и Лазо Трповски во Чаир, а наскоро започнуваме и со реконструкцијата на улицата ,,Лазар Поп Трајков” во Автокоманда.

Особена грижа посветуваме на пешаците и на велосипедистите во нашиот град. Ги уредуваме пешачко-велосипедските патеки по должина на градските улици и булевари, на кејот на Вардар и покрај реката Серава, меѓудругото, поставивме и околу 2000 столпчиња за поголема безбедност и ослободување на јавниот простор.

Ја откочивме и изградбата на новата пречистителна станица за отпадни води што се гради во Трубарево, која веќе е 40% реализирана. Пречистителната станица за Скопје е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија, кој опфаќа изградба на околу 60 објекти што ќе донесат историска промена во заштита на реката Вардар, животната средина и пред се здравјето на нашиот народ.

Нова водоводна мрежа добија жителите на Нерези, Бел Камен и Горно Лисиче. По неколку години негрижа и пропаѓање, темелно ја обновуваме популарната подна фонтана на плоштадот „Македонија“. Повторно проработеа фонтаните „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Олимпија“, „Паднати борци“, а засвети и Вечниот оган, како и споменикот на Децата бегалци во паркот Жена борец.

Исто така, целосно е реконструиран надвозникот Естакада во Гази Баба и улицата кон Горно Оризари во Шуто Оризари, каде што веќе имаме и други инфраструктурни зафати. Секое утро, кога нашиот сограѓанин тргнува на работа, кога ученикот тргнува на настава, кога повозрасниот човек треба да стигне на лекар, јавниот превоз мора да биде негов сигурен сојузник. Зад таа сигурност стојат возила, организација и одговорно управување. Токму таму ги насочивме и нашите напори.

Скопје е на чекор да добие брз автобуски превоз (БРТ). Ги отстранивме пречките и создадовме услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација. На задоволство на сите, проектот претрпе измени - нема да се сече постојното зеленило на булеварите, автобусите ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се засади ново зеленило како природна бариера меѓу БРТ коридорот и останатиот сообраќај.

Градскиот воз беше визија, а денес е реалност. Благодарение на Владата и на Министерството за транспорт, градскиот воз од 1 септември сообраќа на релација Зелениково – Скопје и за граѓаните нуди безбедно, брзо патување и пред се заштеда на финансиски средства, а директно придонесува и за намалување на загадувањето кое потекнува од сообраќајот.

ЈСП, во првите шест месеци од годинава, во периодот кога на глобално ниво се зголемени цената на горивата, бележи заштеда од половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 поправени возила во сообраќајот, споредено со првите шест месеци од истиот период лани.

По цела една деценија Скопје ќе добие нови 100 еколошки автобуси. Завршена е набавката во Министерството за транспорт и следува испорака на возила кои веднаш ќе се вклучат во јавниот превоз.

Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија ги опремивме со GPS уреди и ги следиме преку современ мониторинг центар, со што се овозможува поголема контрола и заштеда на горивото.

Почитувани,

Сликата што ја гледаме кога ќе излеземе од својот дом зборува за односот кон нашиот град. Чиста улица, уредено маало и јавен простор што се одржува се основни услови за достоинствен живот. За нив се потребни секојдневен труд, добра организација и служби опремени да ја завршат својата работа.

Јавната чистота, почитувани, е уште еден исклучително важен сегмент на урбаното живеење на кој посветивме особено внимание. Во голема акција го исчистивме градот и ја оставивме зад нас сликата со преполни контејнери, натрупано ѓубре околу нив, диви депонии и нечисти јавни површини.

Благодарение на одличната соработка со Владата на Република Македонија и со претседателот Христијан Мицкоски добивме нови специјални комунални возила, цистерни за миење на улиците и булеварите, метларки за одржување на јавните површини кои веќе се вклучија во одржување на јавната хигиена во нашиот град. Во исто време, Град Скопје со сопствени средства набави дополнителни специјализирани возила за ЈП „Комунална хигиена“.

Пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери - најголема набавка морам да споменам од ваков тип во изминатите децении и тоа по речиси двојно пониска цена во однос на претходните набавки на контејнери, во услови на глобално зголемени цени.

По спроведената физибилити студија, забрзано се одвива и процесот за одгасување на депонијата „Вардариште“ и на безбедно се отстранува површинскиот слој од депонираниот мешан и градежен отпад на депонијата. На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 600.000 квадратни метри, простор за рекреација и чист воздух, новите бели дробови на градот Скопје.

Грижата за здравјето на граѓаните бара истрајност во секој дел од годината. Бара будност, бара контрола и пред се подготвеност да се постапува секогаш кога е загрозен јавниот интерес. Нашата одговорност е да ги користиме надлежностите што ги имаме и да ги заштитуваме воздухот, водата и просторот што сите заедно го делиме.

Преземаме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети со редовни и вонредни надзори за контрола на загадувањето, не само во периодот од годината кога бележиме зголемено загадување на воздухот. Досега се изречени многубројни парични глоби и опомени, а така ќе биде и во периодот што следи.

Воведуваме ред на јавните површини, а особено внимание посветуваме на локациите на кои што во минатото се создавале диви депонии. Во овој процес ќе ни помогне и видео надзорот кој наскоро ќе го поставиме на црните точки и дигитализацијата на градскиот инспекторат, со што ќе се олесни работата на инспекторите и ќе се зголеми нивната ефикасност. Видео надзорот ќе ни помогне да се справуваме и со вандализмот на урбаната опрема и на јавните површини.

Нема да дозволиме неодговорни лица да го нагрдуваат лицето на нашиот заеднички дом. Скопје заслужува простор во кој децата ќе играат, семејствата ќе се среќаваат, а повозрасните ќе го наоѓаат својот мир. Секое ново дрво е залог за годините кои што доаѓаат. Секој нов парк е простор што им го враќаме на луѓето. Со таа мисла го шириме зеленилото во нашиот град.

Грижата за здравјето на скопјани и за животната средина се гледа и преку нашата заложба за подигање и уредување на зеленилото во градот. Во Скопје во моментов се подигаат нови 200.000 квадратни метри зеленило – мега паркови и зелени коридори.

Нов мега парк подигаме на местото на запуштениот простор по должината на булеварот Христијан Тодоровски - Карпош во Бутел, покрај реката Вардар во Сарај; во Ново Лисиче, во непосредна близина на последната станица на автобусот со број 5 и на кејот на Вардар во Карпош.

Со нова урбана опрема ги уредуваме трите дела на паркот „Македонија“ во Карпош, а зелени коридори подигаме и по должина на градските улици и булевари, а на главната улица во Ѓорче Петров е веќе завршен.

Обрнуваме внимание посебно и на заштитата и обновата на зеленилото во парк-шумата „Водно“. Темелно го реконструиравме дел од патот кон Средно Водно кој што е во надлежност на Градот Скопје, за првпат поставивме и ново ЛЕД осветлување, а уредивме и моторички парк со природни препреки и реквизити за развивање на рамнотежата.

Кога ќе се огласи повикот за помош, има луѓе што без двоумење ја преземаат најтешката задача. Нивната присебност, подготвеност и храброст спасуваат животи. Кон нив имаме обврска што мора да ја исполнуваме со дела: да им обезбедиме услови во кои ќе можат безбедно и ефикасно да го заштитуваат нашиот град.

Скопските пожарникари – хероите на градот, се грижат за нашата благосостојба, а ние се грижиме за нив. Преку Ребаланс на буџетот обезбедивме средства за изградба на нова противпожарна станица за Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, која што ќе се наоѓа во општина Аеродром во близина на Центарот за јавно здравје.

Со изградбата на овој објект ќе се овозможи побрза реакција на пожарникарите при техничките интервенции, спасување на човечки животи и поефикасна заштита од пожари во урбаната средина, но и на отворен простор. За пожарникарите обезбедивме и ново специјализирано противпожарно возило, како донација. Екипираноста на противпожарната бригада ја подобривме со нов кадар, што е предуслов за успешна и безбедна работа.

Почитувани,

Во училниците денес растат луѓето што утре ќе го водат, ќе го градат и ќе го развиваат Скопје. Нивниот талент заслужува можност, нивната љубопитност заслужува поддршка, а нивните наставници заслужуваат услови во кои ќе можат да го дадат најдоброто од себе. Затоа вложувањето во образованието го сметаме за една од нашите најважни обврски.

Новата учебна 2026/2027 година во средните училишта на Градот Скопје почна со нови и современо опремени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија, а во тек е и изградба на паметен пластеник - училишна лабораторија во која образованието, науката, технологијата и земјоделството ќе се спојат на едно место.

Средните училишта ги опремивме со нова наставна опрема, современи дидактички помагала, интерактивна технологија и нов училиштен мебел, клупи и столчиња приспособени за потребите на учениците и наставата на 21 век. Средните училишта добија и нови спортски терени, фитнес зони, смарт табли, прочистувачи за воздух и кабинети за информатика. Реализиравме и најголема набавка за средното образование досега, со што ја потврдуваме нашата силна посветеност кон поквалитетно образование.

Дополнително, работиме две средни училишта да добијат топлотни пумпи за греење, а четири училишта да добијат фотоволтаици, за да се намалат трошоците за потрошената енергија и да се заштити животната средина. За првпат досега обезбедивме лаптоп за секој првенец на генерацијата, летен едукативен камп за средношколците, како и награди за учениците со исклучителни резултати во спортот и образованието.

Млад човек што верува во себе, што учи да се бори за својата цел и што има можност да го покаже својот талент е сила на целиот наш град. Наша задача е да создадеме простор за таа сила да расте на спортските терени, во салите и на местата каде што младите ги претвораат своите идеи во дела. Инвестирањето во спортот значи инвестирање во иднината, во здрави млади генерации, во дисциплина, дух на победа и силно општество.

Скопје доби нов уреден спортски комплекс на кејот на реката Вардар. Реконструирани се запуштените игралишта за фудбал, кошарка, ракомет и одбојка на песок, а поставена е и нова урбана опрема, оформени се и современи фитнес-зони на отворено за рекреација и за здрав живот. Ги обновивме и спортските терени на кејот на Вардар во Маџир Маало.

Она што за мене претставува голема гордост е што Скопје доби уште еден репрезентативен спортски објект - салата „Расадник“.

Во мојот мандат како градоначалник на Општина Кисела Вода, салата ја затекнавме руинирана и демолирана, но со посветена работа и со силна поддршка од претседателот на Владата Христијан Мицкоски, „Расадник“ се претвори во модерен спортски објект со обновен терен, уредени трибини, нови соблекувални, и така натаму. Во Домот на културата „Кочо Рацин“ отворивме Младински хаб во соработка со УНДП, кој младите луѓе и младинските организации може бесплатно да го користат, да организираат работилници, да се едуцираат и да ги реализираат своите идеи.

Почитувани,

Има моменти кога на човек му е потребна подадена рака, сигурно место и сознание дека не е оставен сам. Во тие моменти градот мора да биде присутен. Со разбирање, со достапни услуги и со конкретна помош. Човечкото достоинство е обврска што ја носиме пред секој наш сограѓанин.

За да се подобри заштитата за жртвите од семејно насилство отворивме шелтер-центар за помош на жртвите од семејно насилство.

Водејќи грижа за потребите на лицата со попреченост, во просториите на МКЦ отворивме Центар за дневен престој за лица со попреченост од 14 години и нагоре, кој е прв од ваков вид во градот. Отворивме и Центар за поддршка на лицата со дијабетес и Центар за лицата со церебрална парализа кои нудат директна помош, советување, едукација, дружење, психо-социјална поддршка и секојдневна грижа за оние на кои што тоа им е најпотребно.

Градот Скопје обезбеди парична помош за повеќе од 1.500 онколошки пациенти, како поддршка во нивната тешка борба. Скопје има што да му покаже на светот. Има наследство што заслужува да се сочува, уметници што заслужуваат поддршка и приказни што заслужуваат да бидат раскажани. Нашата задача е да ја отвориме таа можност и да создадеме услови културата да биде жива, достапна и присутна во животот на градот.

По интензивни и суштински разговори што ги водевме во Брисел, Скопје официјално ја задржа титулата Европска престолнина на културата за 2028 година. Соработуваме со сите скопски општини, со највисоките рангирани универзитети во Република Македонија и со нашите меѓународни партнери сѐ со цел да осмислиме комплетен културен производ кој Скопје ќе го претстави во најдоброто светло, како град на културата и на можностите, но пред се и на традицијата, историските споменици и приказни, и почитта кон различностите.

Во пресрет на 2028 година ја отворивме и првата инфо-канцеларија на „Скопје 2028“, во просториите на Музејот на град Скопје. Се гради Универзалната сала - симболот на солидарноста и на културниот идентитет на нашето Скопје. Во тек е сеопфатен процес за уредување и ревитализација на просторот на Скопското Кале.

Камениот мост наскоро ќе добие декоративно и архитектонско осветлување кое ќе ја истакне неговата историска убавина и симболика. По години пауза, Градот Скопје даде повторно поддршка за култната манифестација „Скопско лето“, а поддржуваме и многубројни културно-забавни манифестации и настани кои го привлекуваат вниманието на граѓаните од сите возрасти.

Почитувани,

Времето на граѓаните заслужува почит. Секоја услуга што станува подостапна, секоја постапка што се олеснува и секоја можност граѓанинот полесно да се обрати до градот значат чекор напред. Затоа го осовременуваме и начинот на кој Скопје им служи на своите граѓани - со технологија што носи практична корист и со податоци што ни помагаат да носиме подобри одлуки.

Дигиталната трансформација на Градот Скопје опфаќа повеќе поврзани проекти за подобрување на условите на нашите граѓани, модернизација на администрацијата и поефикасно управување со нашиот град. Во даночната администрација, преку порталот DanociEPay е овозможена електронска достава на даночните решенија, како надградба на претходните достапните услуги за преглед на даночните обврски, финансовата картица и електронското плаќање.

Овие услуги се надополнуваат со даночниот ГИС-портал, наменет за просторно прикажување и проверка на имотните податоци. Репроценката на недвижниот имот во Општина Центар е во завршна фаза, со цел подобрување на евиденциите и поточно утврдување на даночната обврска.

Во геопросторното управување, ГИС-порталот на Град Скопје обезбедува пристап до информации од урбанистичкото планирање, инфраструктурата, зеленилото и други градски содржини. Во тек е и изработката на дигитална реплика на Скопје, како основа за поврзување и анализа на просторните податоци и поддршка на планирањето и донесувањето на одлуки.

Во областа на животната средина, реализиран е порталот за соларен потенцијал, наменет за информирање на можностите за користење сончева енергија. Дополнително, платформата „Еко Скопје“, промовирана на 20 октомври 2026 година, овозможува граѓаните да пријавуваат еколошки проблеми со локација, фотографија и опис и да го следат статусот на пријавите.

Поддршката за натамошниот развој обезбедува соработка со УНДП, која ги опфаќа даночните системи, дигиталната трансформација, урбанистичкото планирање и животната средина. Овие проекти создаваат услови за подостапни услуги, поквалитетни податоци и поголема вклученост на нашите граѓани.

Драги скопјани,

Одговорноста за градот бара да гледаме подалеку од денешните градилишта. Да ги подготвуваме следните чекори навреме, да ги предвидуваме потребите и да создаваме решенија што ќе служат со децении после нас. Имаме обврска да го довршиме започнатото и решителност да ги преземеме задачите што следуваат.

И додека забрзано ги реализираме веќе почнатите инфраструктурни проекти, во Градот Скопје веќе се работи на нови капитални проекти кои ќе го решат долгогодишниот проблем на градот и ќе овозможат рамномерен развој на неговите населби. Ќе споменам дека подготвуваме голема есенска акција за засадување на дрвја во парковите и на јавните површини со што ќе го надоместиме загубеното зеленило и ќе го раззелениме градот со повеќе од 6000 садници.

Во тек се подготовките за капиталниот проект за изградба на мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во градот Скопје. Работиме и на проектот за изградба на булеварот Хасан Приштина и за изградба на нов мост преку Вардар што ќе ги поврзе Ново Лисиче со Маџари.

Ќе се работи и на потребната документација за изградба на двата кружни тека што ќе бидат во функција на подземната сообраќајница зад Старата железничка станица. До крајот на мојот мандат како градоначалник, Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.

Верувам и дека следната година Скопје повторно ќе добие градско кино Милениум, односно планираната реконструкција исто така ќе биде ставена во функција. Сите овие проекти имаат една заедничка цел, а тоа е подобар живот за скопјани. Тоа е смислата на секоја инвестиција и одговорноста што стои зад секое наше ветување.

Пред да завршам, сакам да ви дадам јасен збор - програмата за која што ја добивме вашата доверба ќе ја исполниме во целост. Зад секое ветување стои обврска. Зад секоја обврска, работа што мора да биде завршена. И јас ќе стојам зад тој збор, со целата одговорност што ја носам со себе.

Нема да ви кажам дека секој чекор ќе биде лесен. Ќе има потешкотии. Ќе има денови што ќе ја стават на испит целата наша истрајност. Но нашата решителност ќе биде поголема од секоја потенцијална пречка. Ќе го довршиме започнатото. Ќе го исполниме ветеното.

Со поддршка на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и на Владата во целост, со заедничка работа и јасна цел, на Скопје му претстои вистинска преродба. Преродба што ќе се гледа во новите улици и булевари, во парковите, во јавниот превоз. Преродба што ќе се чувствува во секојдневниот живот на нашиот народ.

Нашите деца заслужуваат да растат во град што им отвора можности. Нашите родители заслужуваат спокојно и достоинствено секојдневие. А секој човек што го нарекува Скопје свој дом заслужува причина со гордост да каже: ова е мојот град! За тоа вреди да се вложи секој час. За тоа вреди секој напор. И со тоа и за тоа ќе ја вложам целата своја сила.

Скопјани,

Пред една година ми ја дадовте довербата и честа да го водам овој град. Таа доверба ја носам со благодарност и со длабока одговорност. Денес, по сето она што го започнавме и го сработивме, мојата верба во Скопје е уште посилна. Ова е првата година. Пред нас се годините во кои дадениот збор мора да стане целосно исполнето дело.

Ќе работиме. Ќе градиме. Ќе истраеме. Сѐ додека не ја исполниме програмата во целост. Сѐ додека промената не стигне до секое наше маало. Сѐ додека Скопје повторно не застане со сета своја сила и гордост! Тоа е мојата обврска пред сите вас. Тоа е зборот од кој нема да отстапам по ниедна цена.

За Скопје. За скопјани. За градот што со гордост ќе им го оставиме на нашите деца!

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје

YouTube video

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Арнолд Шварценегер има 79 години и се уште дига тегови- има свој метод за виталност

Стареењето не мора да значи откажување од потешки вежби. 

Арнолд Шварценегер има 79 години и се уште дига тегови- има свој метод за виталност

Арнолд Шварценегер комбинира неколку тешки серии со полесни тренинзи и тврди дека овој пристап помага во зачувувањето на мускулите и силата, објави Menshealth.

Арнолд Шварценегер со децении зборува за важноста на тренингот со отпор, но неговиот пристап денес не е ист како што беше во времето на натпреварите во бодибилдинг.

Наместо многу долги и исцрпувачки тренинзи, тој препорачува едноставен метод што комбинира тешки и лесни серии. Идејата е доволно да ги предизвикате вашите мускули, но можете да го прилагодите остатокот од тренингот на вашата возраст, ниво на физичка подготвеност и способности.

Зошто кревањето поголеми тежини е важно со возраста?

Како што старееме, постепено губиме мускулна маса и сила. Брзо-грчечките мускулни влакна, кои ни помагаат да правиме моќни и ненадејни движења, како што се станување од стол, качување по скали или балансирање, се особено погодени.

Полесните тежини исто така можат да придонесат за раст и зачувување на мускулите, особено кога сетот се изведува доволно блиску до точката каде што повеќе не можете правилно да го повторите движењето.

Проблемот е што многу луѓе го завршуваат сетот прерано со полесни тежини. Тие се чувствуваат непријатно или уморно, но мускулот сè уште не добил доволно силен стимул. Потешките тежини можат побрзо да регрутираат повеќе мускулни влакна и да го скратат времето потребно за квалитетен тренинг.

„Тежок“ не значи тежина што ја користи некој друг, туку оптоварување кое е напорно во однос на вашата сила.

Како изгледа методот на лесен и тежок тренинг на Арнолд?

На почетокот на вашиот тренинг, изберете една сложена вежба што истовремено ангажира повеќе мускулни групи. Ова може да биде чучњеви, мртво кревање, бенч прес или веслање со тегови. Откако ќе се загреете, изберете тежина со која можете безбедно да завршите приближно пет точни повторувања. Изведете два или три такви серии, со доволен одмор и без да ја нарушите техниката.

После тоа, продолжете со вообичаениот тренинг со полесно оптоварување и поголем број повторувања. На овој начин ги добивате придобивките од понапорно работење без да мора да ја претворите целата вежба во максимално напорен тренинг.

Шварценегер препорачува вклучување на неколку потешки серии еднаш или двапати неделно, дури и ако остатокот од вашата рутина се состои од ленти за отпор, групни часови или полесни тегови.

Тешкотијата не значи максимум

Целта не е да се обидувате да ја кревате најтешката можна тежина секој пат или да работите додека вашата техника не биде целосно нарушена.

Последните неколку повторувања треба да бидат предизвикувачки, но движењето сепак треба да остане контролирано. Ако не можете да ја одржите правилната положба на телото, товарот е претежок.

Почетниците прво треба да ја совладаат техниката со полесни тежини. Постарите возрасни, како и лицата со повреди, срцеви заболувања, висок крвен притисок или проблеми со зглобовите, треба да се консултираат со лекар или квалификуван тренер пред да започнат со потежок тренинг.

Дали овој метод гради мускули?

И полесните и потешките товари можат да помогнат во градењето мускули ако сериите се доволно предизвикувачки. Разликата е во тоа што тежината влијае на бројот на повторувања, начинот на кој се регрутираат мускулните влакна и времето потребно за да се постигне соодветниот напор.

Методот на Арнолд затоа не ги отфрла полесните тежини. Ги дополнува со две или три потешки серии, така што телото добива различен стимул.

Најважните работи за одржување на силата се регуларноста, постепеното зголемување на оптоварувањето, правилната техника и доволно време за закрепнување. Тежината треба да биде предизвикувачка за вас, а не импресивна за оние околу вас.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ел Нињо предизвика џиновски бранови во Калифорнија: Опасни се по живот, улиците се претворија во реки (ВИДЕО)

Најголемите бранови во повеќе од една деценија го погодија брегот на областа на заливот Сан Франциско во Калифорнија во текот на викендот, при што опасните по живот бранови ги поплавија улиците и ги однесоа минувачите во морето!

Ел Нињо предизвика џиновски бранови во Калифорнија: Опасни се по живот, улиците се претворија во реки (ВИДЕО)

Драматичните фотографии покажуваат ѕидови од вода како ги преплавуваат минувачите, оставајќи некои целосно натопени, додека жителите на градот на Пацификот беа принудени да ја лопат водата од своите улици, објави Дејли Меил.

Градот беше особено тешко погоден, бидејќи огромните бранови постојано се удираа во заштитниот морски ѕид во саботата, поплавувајќи ги улиците.

На секои околу половина час, пристигнуваше бран кој изгледаше речиси двојно поголем од претходниот, туркајќи ја водата стотици метри на копно и оставајќи ги жителите целосно натопени.

Камења, алги и други остатоци ја опкружуваа иконската градска кантина Тако Бел, додека речиси 30 сантиметри поплавна вода на автопатот 1 ги спречуваше автомобилите да влезат на паркингот.

Бранови високи и до 15 метри беа регистрирани во округот Сан Матео, јужно од Сан Франциско, во саботата, предизвикани од силни ветрови што дуваа илјадници километри од брегот.

Генерално, значителните висини на брановите, или просечната висина на највисоката третина од бранот, достигнаа 9,5 метри во саботата на бова поставена во морето кај Поинт Рејес. Тоа беше втор највисок регистриран резултат во речиси три децении мерења.

Единствениот друг пат кога брановите беа повисоки беше во декември 2015 година, но тие беа помалку од еден метар повисоки.

Бранови високи и до 10,7 метри беа можни и во недела, заедно со опасни струи на брегот што би можеле да ги одвлечат пливачите од брегот и ненадејни, моќни бранови, предупреди Националната метеоролошка служба (NWS) на социјалните медиуми.

„Останете подалеку од водата, држете се подалеку од карпи и бранобранци и никогаш не вртете грб на океанот!“, ги предупреди жителите.

Масивните бранови ја натераа Канцеларијата на шерифот на округот Санта Круз да издаде предупредување за можна евакуација за ниските крајбрежни области во текот на викендот.

„Големите бранови имаат потенцијал да стигнат до крајбрежните домови и имоти, да предизвикаат опасни поплави и да го отежнат или да го отежнат пристапот до погодените области.“

Во Јужна Калифорнија, неколку пристаништа, вклучувајќи ги оние во Вентура, Менхетен Бич, Хантингтон Бич и Пацифик Бич во Сан Диего, беа затворени во текот на викендот поради удирачките бранови.

Националната метеоролошка служба (NWS), исто така, ги предупреди посетителите да држат безбедно растојание од брановите по целиот брег на Калифорнија.

„Опасно големите, кршечки бранови можат да ги преплават пливачите, влечејќи ги луѓето во водата од плажите, пристаништата и карпите, предизвикувајќи значителни физички повреди и зголемувајќи го ризикот од давење“, се вели во соопштението на метеоролошката служба, додавајќи:

„Брановите можат да го престигнат брегот без предупредување“, забележа метеоролошката служба.

Сепак, сурферите не беа обесхрабрени, искористувајќи ги огромните бранови на познатата плажа Маверикс во близина на заливот Хаф Мун.

Гледачите, исто така, се собраа низ целата област на Заливот за да го доживеат гневот на „Мајката природа“, вклучувајќи го и Марк Рамос, кој сурфа на плажата Рокавеј во Пацифик најмалку двапати неделно.

Тој рече дека саботните бранови пристигнале рано во сезоната, што го оневозможило сурфањето.

„Останете надвор“, повика тој. „Дефинитивно останете надвор“.

Експертите сега велат дека повторувачките бранови од овие масивни бранови би можеле да предизвикаат штета од милијарди долари по должината на брегот на Калифорнија, особено ако се појават за време на плима и осека.

„Промените во тропските временски услови предизвикани од Ел Нињо ги поместуваат трагите на бурите низ Северниот Пацифик, носејќи посилни бури и поголеми бранови на брегот на Калифорнија“, соопшти Институтот за океанографија Скрипс во објава на социјалните мрежи.

„За време на Ел Нињо, бурите исто така имаат тенденција да се движат подалеку на југ, формирајќи се поблиску до Калифорнија и зголемувајќи ја активноста на брановите по должината на брегот.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пет години живеел со починатата мајка- судот во Верона му изрече казна

64-годишен маж од Верона е осуден на шест месеци затвор затоа што пет години ја прикривал смртта на неговата мајка за да продолжи да ја прима нејзината пензија. 

Пет години живеел со починатата мајка- судот во Верона му изрече казна

Посмртните останки на старицата биле пронајдени од полицијата дури во 2023 година, кога била откриена вонредната измама што се случувала од 2018 година, објавува TGVerona.telenuovo.it.

Бернардо Р. живеел во истата куќа со телото на неговата мајка, германска државјанка по потекло од Келн, која починала на 86-годишна возраст. Наместо да ја пријави нејзината смрт, тој решил да ја скрие и да продолжи да ги повлекува парите што ѝ припаѓале додека била жива.

За пет години, тој проневерил околу 100.000 евра. Судот го прогласи за виновен за измама со социјално осигурување, а според италијанските медиуми, мажот оттогаш ги вратил парите што ги добил без основа. Сепак, тој ќе мора да плати и околу 20.000 евра камата и судски трошоци.

Тој тврдеше дека не можел да се збогува со мајка си

За време на судењето, 64-годишникот се обиде да објасни зошто толку долго го криел она што се случило. Тој тврдеше дека парите не му биле мотив и дека не може да ја прифати смртта на мајка си.

Според него, со години се грижел за старата жена, а по нејзината смрт го положил нејзиното тело во кревет и го ставил во посебна кеса за тела. Додека останките биле во спалната соба, тој продолжил да води мала фирма за истражување на пазарот во соседната соба, каде што бил единствениот вработен.

Тој, исто така, истакна дека семејството поседувало неколку имоти во Верона од кои остварувале приход од кирија, што, како што тврдел, му давало други извори на приход.

Полицијата дошла поради проблеми со напуштена куќа

Случајот почнал да се расплетува во 2023 година, кога соседите се пожалиле на бездомници кои престојувале во напуштен имот во сопственост на семејството.

Кога полицијата се обидела да контактира со сопственичката, нејзиниот син им кажал дека таа често одела во посета на роднини во Германија и ретко се појавувала во Верона. Сепак, неговата приказна наскоро ги разбудила сомневањата на истражителите.

Проверката на достапните податоци откри дека старицата не посетила лекар со години, што дополнително ги поттикна сомнежите дека нешто не е во ред.

Кога ја пребарале куќата во мај 2023 година, полицијата ги пронашла мумифицираните останки на жената во спалната соба. Потоа станало јасно дека нејзиниот син со години ја прикривал нејзината смрт, додека продолжувал да ја прима пензијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер