Ѓоревски: Го враќаме европскиот сјај на МЗТ - брзо ќе ги затвориме и сите наследени долгови! - Канал 5

Ѓоревски: Го враќаме европскиот сјај на МЗТ - брзо ќе ги затвориме и сите наследени долгови!

МЗТ Скопје Аеродром по 25 години повторно ќе настапува во европско натпреварување под капата на ФИБА, а освојувањето на домашните трофеи останува приоритет. 

Ѓоревски: Го враќаме европскиот сјај на МЗТ - брзо ќе ги затвориме и сите наследени долгови!

Во клубот се убедени дека дојде време да се направи исчекор и да се врати европскиот сјај кој некогаш беше заштитен знак на „сино-белите“.

За амбициите, формирањето на тимот, младинската школа и иднината на клубот разговаравме со извршниот директор Филип Ѓоревски.

МЗТ Скопје повторно ќе игра во Европа по четврт век. Колку е важен овој чекор за клубот?

„Играњето во Европа ми беше желба уште од првиот ден кога дојдов во клубот. Летово конечно се поклопија сите услови за да го реализираме тој план и решивме да го прошириме нашиот видик со настап во ФИБА Еврокупот. МЗТ Скопје, како најтрофеен и најдоминантен македонски кошаркарски клуб во последните две децении, има обврска да ја претставува Македонија и на европската сцена.

Освојувањето на домашните трофеи секогаш ќе биде наш примарен приоритет, но истовремено сакаме повторно да ја вратиме атмосферата која некогаш владееше во „Јане Сандански“, кога во Аеродром гостуваа европски клубови како Реал Мадрид, Улм, Порто или Бенфика. Верувам дека ова ќе биде дополнителен мотив за нашите навивачи, симпатизери, но и за сите љубители на кошарката да дојдат во салата и да ни помогнат да оствариме што подобар резултат.“

Какви се очекувањата од групата во ФИБА Еврокупот?

„Добивме исклучително интересна, но воопшто не лесна група. Ќе играме против екипи од земји кои редовно имаат свои претставници на големите европски натпреварувања, што доволно зборува за квалитетот што нѐ очекува. Никого не потценуваме, но истовремено веруваме во сопствените можности и ќе се обидеме достојно да го претставиме клубот и македонската кошарка.“

Паралелно се работи и на создавање на новиот тим. По што ќе се разликува МЗТ Скопје оваа сезона?

„Работиме напорно за да формираме квалитетен состав во кој ќе има вистински баланс помеѓу искуството и младоста, дополнет со квалитетни и перспективни странски кошаркари кои ќе се вклопат во нашата визија.

Продолжувањето на соработката со Дамјан и Војдан Стојановски ни значи многу, не само поради нивниот квалитет на теренот, туку и поради нивното лидерство и човечки вредности. Во исто време ги вративме репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски, кои носат дополнителна енергија и потенцијал, а договорени сме уште неколкумина кои наскоро ќе ги официјализираме.

Секој ангажман е темелно анализиран. Нашата цел не е само да собереме квалитетни индивидуалци, туку да создадеме тим кој ќе функционира како хомогена целина, во кој секој ќе ја знае својата улога. Истото важи и за странските кошаркари, бидејќи сакаме да избегнеме некои грешки што сме ги правеле во минатото.“

Промени има и во младинската школа, каде што координатор стана Саша Димитријевиќ. Колку е значаен овој потег?

„Саша Димитријевиќ е човек кој практично целата своја кариера ја посвети на развојот на младите кошаркари. Неговото искуство е огромно и сакаме максимално да го искористиме, не само за работа со нашите таленти, туку и за едукација на тренерите во младинската школа.

Нашата цел е младинскиот погон повторно да биде фабрика за играчи за првиот тим. Тоа е најздравиот, но и најисплатливиот модел за создавање конкурентен клуб кој долгорочно ќе продолжи да доминира на домашната сцена.“

Веќе пет години сте на чело на клубот. Како гледате на периодот што е зад вас?

„Кога ја презедовме одговорноста, затекнавме исклучително тешка финансиска состојба. Наследивме огромни долгови и навистина се чинеше дека нема крај на проблемите. Но, тоа не нѐ поколеба. Напротив, работевме паралелно – го градевме тимот, освојувавме трофеи и истовремено ја стабилизиравме финансиската состојба.

Сега можам да кажам дека клубот од година во година е финансиски посилен и постабилен. Убеден сум дека не е далеку денот кога целосно ќе ги затвориме сите обврски наследени од минатото и ќе можеме да кажеме дека МЗТ Скопје функционира на здрави основи.

Секако, ништо од ова немаше да биде возможно без огромната поддршка од Општина Аеродром и нашите спонзори. Нивниот број постојано расте, што е доказ дека нашата работа, амбиција и визија се препознаваат и во бизнис-заедницата. Тоа ни дава дополнителна обврска да продолжиме уште посилно.“

Новата сезона за МЗТ Скопје Аеродром официјално ќе почне во средината на август, кога шефот на стручниот штаб Васко Атанасов ќе ја означи првата прозивка и стартот на подготовките за предизвиците што ги носат домашната сцена и европските натпреварувања.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Унгарија крена борбени авиони

Унгарија денеска трипати крена борбени авиони за да придружуваат патнички летала во својот воздушен простор, откако биле упатени закани за поставени бомби.

Унгарија крена борбени авиони

Според официјални лица, два од загрозените авиони, кои летале кон Софија, безбедно слетале.

Унгарскиот министер за одбрана, Ромулус Русин-Сенди, изјави дека борбените авиони првично биле испратени по закана упатена кон лет на „Виз ер“ од Брисел кон Софија. Подоцна, тие биле кренати уште двапати како одговор на летови што полетале од Прага, а се упатиле кон Кипар и Букурешт, пренесува „Гардијан“.

Бугарското Министерство за транспорт соопшти дека биле примени закани за бомби и за два лета кон Софија – кои доаѓале од Лондон и Брисел – при што и двата авиона безбедно слетале.

Меѓу леталата подложени на безбедносни проверки бил и авион на романскиот превозник „Таром“, кој летал од Прага кон Букурешт.

За време на летот, екипажот го активирал кодот „7700“, што означува општа вонредна состојба. Авионот безбедно слетал во Букурешт.

Подоцна било утврдено дека заканата била неоснована.

Денеска, најмалку 17 патнички авиони ширум Европа биле опфатени со серија закани за поставени бомби. Со тоа, вкупниот број на патнички авиони кои биле цел на вакви закани во Европа од почетокот на неделата, достигна најмалку 27.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Капитенот на Србија, Богдан Богдановиќ гради луксузен хотел во Црна Гора

НБА ѕвездата, капитенот на Србија, кошаркарот на Хјусотн Богдан Богдановиќ е инвеститор на нов хотел во Плужине, Црна Гора.

Капитенот на Србија, Богдан Богдановиќ гради луксузен хотел во Црна Гора

Српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ гради угостителски објект во општина Плужине во Црна Гора, во близина на Пива.

Како што изјави Слободан Делиќ, претседателот на таа општина, култниот хотел „Пива“ е урнат за на истата локација да се изгради нов објект, пренесува Радио-телевизија Никшиќ.

Кошаркарот на „Хјустон Рокетс“ го минал детсвото во ова место, па не е изненадувачки што одлучил да инвестира во овој проект.

Се наведува дека неговото семејство станало сопственик на туристички објект со богата традиција уште во 2019 година, но дека сега ќе започнат со нова градба.

„НБА ѕвездата Богдан Богдановиќ гради хотел, па сопствениците полека започнаа со реализација на тој проект. Нивните планови опфаќаат поголема површина, но и поинаков дизајн. Во секој случај, очекувам дека новиот објект ќе биде изграден во наредниот период и дека ќе биде функционален и модерен, што значи дека ќе донесе нова вредност за нашата општина“, нагласи Делиќ.

Името на Богдан Богдановиќ гарантира дека сè ќе биде според највисоките стандарди, иако деталите за сместувачките капацитети сè уште не се познати.

„Самото тоа име и неговата репутација гарантираат дека многумина ќе слушнат за нашиот град и дефинитивно ќе дојдат да го посетат“, рече Делиќ.

Српскиот ас често истакнува дека голем дел од своето детство поминал во Црна Гора и дека е особено поврзан со Плужине.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Радар : Телеком на Србија се најде во фокусот на правосудните органи- прошталниот валцер на Лучиќ

Иако Телеком неказнето ја прекрши забраната за основање државни медиуми уште во 2021 година кога го лансираше Euronews Serbia, во 2023 година беше усвоен законски исклучок специјално за Телеком. 

Радар : Телеком на Србија се најде во фокусот на правосудните органи- прошталниот валцер на Лучиќ

А Телеком ја искористи оваа предност не само за монополизирање на медиумскиот пазар, туку и во културата, со тоа што издвојуваше пари за производство на филмски и сериски содржини исклучиво на „лојалисти“, пишува српски Радар.

Фактот дека Владимир Лучиќ водеше компанија која можеше да се продаде за најмалку милијарда евра во времето кога ја презеде функцијата директор на Телеком Србија со долг од речиси пет милијарди евра не беше причина да се размислува за негово отстранување до 25 октомври. Очигледно, поранешната влада не ги жалеше парите (особено не парите што доаѓаа од граѓаните) за услугите што беше подготвена да им ги обезбеди, занемарувајќи ги тривијалностите како што се националниот интерес или законот.

Дури за време на изборната кампања успеаја да вклучат уште две куртизани во понудата на телевизиски станици со национално покривање - Информер и Курир. Не е важно што не поминале низ потребниот јавен конкурс (имаат лиценци за дистрибуција исклучиво преку кабелски, сателитски и IPTV мрежи), Телеком им обезбеди видливост на целата територија на Србија преку обични антени. Таквото грубо кршење на прописите, Лучиќ го „оправда“ тврдејќи дека станува збор за „привремено и промотивно емитување“ кое ќе трае шест месеци, како Законот за електронски медиуми да предвидува дека можете да си играте со национални фреквенции неколку години, додека не видите дали навистина е за вас. Или, како што всушност изјави Лучиќ, за да се процени потенцијалот за зголемување на бројот на претплатници на заклучени терестријални канали, кои во моментов ги плаќаат само 6.000 луѓе. И кога 16, првенствено медиумски и новинарски здруженија, го повикаа Советот на РЕМ да покрене судски постапки против физички и правни лица кои го прекршиле законот со отклучување на тие канали, Телеком отиде чекор понатаму во самоволието - ја укина програмата ТВ Форум за своите кабелски корисници во Пријепоље за еден ден и ја емитуваше програмата Информер на истиот канал.

Барањето за разрешување на Лучиќ пристигна по изборите, сепак, од два извори - Студентскиот список и Здружението на филмски режисери на Србија (AFRS). Претставникот на SL, Немања Каровиќ, ги објасни причините на РТС - поради финансиски злоупотреби во производството на телевизиски содржини и „перење пари“, како и затоа што финансирале политички поволни медиуми и ги потиснувале независните. „Тој ја монополизираше медиумската сцена, ги користеше парите на граѓаните за да ги задоволи политичките потреби на режимот, а не за да ги информира граѓаните навремено и објективно“, рече Каровиќ, се наведува во поширокиот осврт на српски Радар.

На ови наводи се надоврза и лидерот на СДСМ , Венко Филипче, кој ја пренесе веста на својот X профил со текстот:

„Како што рековме. Телеком Србија конечно е под лупа на правосудството. Со години монопол, финансирање на лојални медиуми, Euronews лиценца како алатка на режимот. Истиот Euronews со Латасовата Ивона, што во Македонија емитува и без дозвола а АВМУ тоа го дозволува. Мицкоски наскоро останува без Вучиќевите медиуми. Сите знаеме, ќе падне и ОКГ и во Македонија.“ , објави Филипче.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер