Германец и битолчанец во притвор поради организирано превезување на лажни азиланти

Германецот на Табановце бил задржан поради сомнение дека организирано превезува лица можни баратели на азил во државите членки на ЕУ, додека битолчанецот организирал превоз за едно лице од Битола до Холандија во договор со Германецот.

Министерството за внатрешни работи до ОЈО за организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицата Р.Д.-Б.(46) од Дизелдорф, Германија како првопријавен и И.О.(52) со место на живеење Битола како второпријавен, поради основано сомнение за извршено кривично дело „злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот договор“ предвидено и казниво по член 418-д став 1 и став 3 од Кривичниот законик на РМ.

Горепријавените беа приведени и изведени пред надлежен истражен судија, кој им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена.

Имено, завчера (04.06.) во 11.30 часот во ПС за ГП Табановце, на излез од РМ беше задржано првопријавеното лице поради основано сомнение дека истиот организирано превезува лица можни баратели на азил во државите членки на ЕУ, додека второпријавеното лице организирало превоз за едно лице од Битола до Холандија во договор со првопријавениот.

Дента, околу 11.00 часот на излез од РМ се пријавиле 10 лица македонски државјани како пешаци, а по извршена ГП проверка во ОЕ кај УПС се јавило сомнение дека истите се потенцијални баратели на азил во земјите од ЕУ, бидејќи се претставиле како фудбалска екипа.

Од извршениот разговор со лицата констатирано е дека дел од нив имале намера да заминат во Германија, а дел во Холандија со цел да бараат економски азил, а како организатор и превозник кој ќе ги одведе до крајната дестинација за сума од 250 евра по лице го посочиле првопријавениот. Тој, според досега документираните сознанија на 03 овој месец од Битола до Куманово превезол дел од лицата кои ги земал со ПМВ марка “Мерцедес Спринтер“, со германска национална ознака, негова лична сопственост, и истите ги сместил во неговата куќа да преноќат, со цел наредниот ден да ги превезе до државната граница која требало да ја поминат пеш, а тој со ПМВ и нивниот багаж подоцна од српска страна да ги превземе од кадешто требало да го продолжат патувањето до крајната цел.

По добиените сознанија од лицата дека во куќата на првопријавениот се наоѓаат и други лица кои требало да заминат во ЕУ за да бараат азил, со Наредба за претрес во дом, издадена од истражен судија од ОС Куманово, бил извршен претрес и биле пронајдени уште 7 (седум) лица, меѓу кои бил и второпријавениот - соопшти МВР.

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

притисни ентер