Герасимовски: Наместо лажни деманти, Комунална хигиена да си ја врши работата и да чисти

Општина Центар остро реагира на соопштението на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје преку кое се изнесуваат неточни информации и се манипулира јавноста за да се затскријат со своето неажурно работење и нечистење на улиците во Центар. 

Позитивно е тоа што ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје конечно се разбудија и почнуваат да чистат на одредени улици во Центар кадешто се надлежни, но пред да испратат демант во кој се обидуваат да спинуваат и да ја извртат вистината, неопходно е убаво да ги прочитаат сите информации што се однесуваат на акцијата за чистење во Центар.

Во ниту една изјава, градоначалникот Горан Герасимовски нема истакнато дека одржувањето на хигиената околу пазарот Буњаковец е под надлежност на Град Скопје.

Во соопштението испорачано во медиумите пред два дена се вели следното: „Денеска, ги исчистивме јавните површини околу пазарчето Буњаковец. Тука, гравитираат голем број граѓани кога пазаруваат, неопходно е овој дел да биде чист и уреден. Утринава, нашите хигиеничари го отстранија и сметот од улиците кадешто надлежност има Град Скопје. Повторно, се соочивме со истата грда слика од минатиот викенд, сакам да прашам кога Град Скопје ќе се фати за работа? Навистина, ова веќе не е дозволиво. Минатата недела исчистивме повеќе населби во општината, со акцијата продолжуваме и следните денови. Центар не чека, Центар чисти“.

Доколку убаво се прочита и анализира текстот, ќе се увиди дека Герасимовски информира дека се исчистени јавните површини околу пазарчето Буњаковец, а потоа истакнува и дека тоа утро, хигиеничарите го отстраниле и сметот од улиците кадешто надлежност има Град Скопје.

Во демантот ЈП „Комунална хигиена“ вели и дека комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој. Доколку секојдневно се собирал и транспортирал како што велат, зошто сметот во Маџир маало не беше отстранет 2 недели? Жителите во тоа населено место апелираа да се исчисти што побрзо велејќи дека две недели не е исчистено од Комунална хигиена. Исто така, и жителите од Дебар маало, Крњево и Капиштец имаа поплаки за несобирањето на сметот.

Општина Центар работи за сите граѓани да имаат чиста и уредна општина и ќе реагира соодветно на секоја институција или поединец доколку не се работи поажурно. Единствените коишто сакаат да мешаат политика, за да го затскријат своето неажурно работење во овој случај се Комунална хигиена. Градоначалникот Горан Герасимовски одработува само за граѓаните, да се движат во чиста и средена општина и да не се соочуваат секое утро со несобран смет од улиците кадешто надлежност има Град Скопје.

Наместо да се испраќаат празни деманти, неопходно е ЈП „Комунална хигиена“ да се фати за работа, за да не ја имаме истата слика од ова утро кадешто подземните контејнери се преполни со смет, на територија под надлежност на Град Скопје.

Како што и самото комунално претпријатие вели дека има надлежност за одржување на хигиената на булеварите и собирните улици, како и празнење на надземните и подземните контејнери поставени на јавни површини, ги охрабруваме утре во 07.30 часот сметот да биде исчистен.

Дали ова се реализираните континуирани активности за одржување на хигиената во Општина Центар?

Општина Центар

Судот во БиХ утре ја објавува пресудата за Додик,тој најавува „радикални мерки“ ако биде осуден

Суд во Босна и Херцеговина утре ќе ја заврши едногодишната судска постапка против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник. 

Доколку биде прогласен за виновен, Додик и неговите најблиски соработници најавуваат „радикални мерки“.

На последното рочиште, предвидено за изнесување на завршните зборови на обвинителството и одбраната, ќе се утврди судбината на Додик и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ. Доколку процесот заврши истиот ден, судијката Сена Узуновиќ може веднаш да ја соопшти пресудата или најдоцна до 25 февруари.

Додик и Лукиќ се обвинети затоа што во 2023 година дозволиле објавување во Службениот весник на два закона донесени од парламентот на РС, иако тие претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит. Со овие закони во РС се настојуваше да се забрани спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на високиот претставник.

Во БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело за кое се предвидува затворска казна до пет години. Доколку Додик биде осуден, тоа автоматски би значело и негово разрешување од функцијата претседател на РС.

Во пресрет на пресудата, Додик синоќа одржа состанок зад затворени врати со своите најблиски соработници во Бања Лука, за да одлучат како ќе реагираат ако биде осуден. По состанокот, во медиумите беше испратено соопштение полно со закани, во кое се наведува дека пресудата против Додик би била „државен удар“.

„Народното собрание, Владата и сите институции на РС ќе донесат радикални одлуки како одговор на секоја пресуда на Судот на БиХ. Исто така, сите претставници на српскиот конститутивен народ во БиХ и сите вработени во институциите на БиХ ќе се повлечат и ќе го прекинат својот ангажман“, се вели во соопштението.

Додик и неговите соработници, меѓу кои и претседателката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, оценија дека секоја пресуда на Судот на БиХ би претставувала правно насилство и државен удар врз БиХ и РС, а дека ентитетот нема да остане нем.

Цвијановиќ и Додик изразија надеж дека новата администрација во САД ќе има поинаков пристап и дека со поддршка од претседател Доналд Трамп ќе можат да реализираат дел од своите планови.

Како прв чекор во нивниот одговор, властите во РС најавија дека ентитетскиот парламент ќе премине во постојано заседавање за да може без прекин да носи потребни закони и одлуки.

Иако не се конкретизира кои ќе бидат тие одлуки, Додик веќе најави дека првиот чекор би можел да биде прогласување на независноста на РС.

„Ако има таква пресуда (осудителна), што и да зборуваат другите, во истиот момент ќе имаме одлука на Собранието за отцепување од БиХ и распишување референдум за независност“, изјави Додик во јануари во интервју за ентитетската телевизија РТРС.

Во поддршка на Додик застана и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изрази надеж дека Судот на БиХ ќе донесе „мудри одлуки“ за да не дојде до дестабилизација на регионот.

Слична поддршка Додик доби и од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера во Будимпешта порача дека „политичките напади“ врз Додик треба да престанат и дека „не треба повеќе да биде казнуван“.

Додик веќе подолго време е под санкции на САД и Велика Британија, а првите мерки против него беа воведени уште во 2017 година поради загрозување на спроведувањето на Дејтонскиот договор.

Оттогаш, списокот на санкционирани лица од неговиот круг значително се зголеми, а последниот санкциониран беше неговиот министер за внатрешни работи, Синиша Карана, во јануари. Американската администрација тогаш објави дека Карана бил активно вклучен во работна група која ја формирал Додик, со цел подготовка на планови за отцепување на РС од БиХ.

Во САД ограбен домот на Жиру

Фудбалерот на Лос Анџелес, Оливие Жиру, бил ограбен во САД, пренесува „TMZ“.

Сопругата на францускиот фудбалер го пријавила грабежот на 5 февруари откако открила скршен прозорец во куќата.

Разбојниците упаднале во домот на 38-годишниот Французин. Штетата се проценува на околу 500 илјади долари. Наводно се украдени неколку вредни предмети, меѓу кои и десет часовници. Крадците не се откриени, а полицијата продолжува да го истражува случајот.

Жиру игра во МЛС од летото 2024 година. На 19 натпревари, постигна два гола и една асистенција.

Фудбалерот му се приклучи на Лос Анџелес во јули 2024 година. Поранешниот француски напаѓач играше и за Арсенал, Челзи и Милан.

Кина се надева дека „сите засегнати страни“ ќе учествуваат во мировните преговори за Украина

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун изјави дека „сите засегнати страни“ во војната во Украина треба да учествуваат во мировните преговори, алудирајќи на средбата на американската и руската делегација во С. Арaбија.

Тој ги поздрави напорите за постигнување мир.

- Истовремено, се надеваме дека сите засегнати страни и сите заинтересирани страни ќе можат во исто време да учествуваат во мировните преговори. Се надеваме дека сите страни ќе можат да работат заедно за да ги решат основните причини за украинската криза, да најдат урамнотежена, ефективна и одржлива безбедносна архитектура и да постигнат долгорочен мир и стабилност во Европа, истакна Гуо.

притисни ентер