Георгиевски: Ја зголемивме еднократната финансиска поддршка за новороденчињата и сега изнесува 6.000 денари - Канал 5

Георгиевски: Ја зголемивме еднократната финансиска поддршка за новороденчињата и сега изнесува 6.000 денари

Инвестираме во спортот – се реновираат спортските сали во училиштата, стадионот во Илинден добива нова трибина.

Георгиевски: Ја зголемивме еднократната финансиска поддршка за новороденчињата и сега изнесува 6.000 денари

Пред една година, по вторпат ја добив вашата доверба да ја предводам Општина Илинден. За мене, таа доверба претставува голема чест, но и голема одговорност и обврска да продолжиме таму каде што застанавме, да работиме со уште посилно темпо, да бидеме присутни во секое населено место и потребите на граѓаните секојдневно да ги претвораме во конкретни решенија, нови проекти и подобри услови за живот. Денес, кога правиме пресек на првата година од новиот мандат, можеме да зборуваме за конкретни резултати во сите области од општественото живеење.

Еден од нашите најголеми приоритети и во овој мандат останува патната инфраструктура. Во изминатиот период целосно го реконструиравме локалниот пат Мршевци–Дељадровци, во должина од околу 1.900 метри, со проширен коловоз и нов тротоар долж населените делови. Во населбата Јака ги изградивме улиците „103“ и „111“, со повеќе од еден километар нов коловоз, завршен е и капиталниот проект за изградба на нов плочест мост и сервисната улица „500“, во должина од околу 260 метри и широчина од 6 метри, со кој се создава нова сообраќајна врска и се подобрува пристапот кон централниот дел на Општината.

Во Кадино целосно ја реконструиравме улицата „11“, во должина од околу 500 метри. Целосно ја реконструиравме улицата „6“, во должина од околу 350 метри, а се изведуваше и асфалтирање на улицата „5“, во должина од околу 310 метри. Во населено место Илинден го реконструиравме коловозот на улицата „30“, во должина од околу 600 метри, додека во завршна фаза е и реконструкцијата на една од најзначајните сообраќајници во централниот дел на општината – улицата „9“ во должина од околу 1.200 метри и изградба на тротоари од двете страни. Исто така, започнаа и градежните работи за реконструкција на дел од локалниот патен правец Илинден–Јурумлери, во вкупна должина од околу 500 метри.

Покрај поголемите инфраструктурни проекти, во текот на годината реализиравме и бројни санации и реконструкции на помали улици, краци и пристапни патишта во сите населени места, при што се опфатени повеќе од 4.500 метри локална патна инфраструктура.

Посебно внимание посветивме на инфраструктурата во локалните економски зони. Во Стопанскиот комплекс Илинден ја изградивме и асфалтиравме улицата „6“, во должина од 450 метри, а започнавме и со изградба на улицата „3“ во локалната економска зона Марино–Кадино, во должина од околу 400 метри.

Општина Илинден, исто така, потпиша и Меморандум со бизнис секторот за изградба на нов мост во Стопански комплекс „Илинден“, со чие остварување ќе се изврши проширување на коловозот и ќе се подобри пристапноста до оваа локална економска зона.

Во делот на економскиот развој се одржа и вториот Регионален саем „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2026“, на кој се претставија повеќе од 70 компании од различни области. Продолжи и директната финансиска поддршка за младите претприемачи, занаетчиите и малите локални бизниси, а за земјоделците повторно обезбедивме бесплатни агрохемиски анализи на почвата.

Продолживме и со проектот „Илинден – Светла Општина“, преку кој во текот на оваа година поставивме околу 6.000 метри нови линии за јавно осветлување.

Значајни инвестиции во оваа прва година реализираме во областа на животната средина. Во Кадино се изградени повеќе од пет километри примарна канализациска мрежа, потисен цевковод и нови краци. А започна и изградбата на нов препумпен уред за фекалната канализација во овој дел од општината.

Во Миладиновци започнавме со изградба на уште еден капитален проект за изградба на нова фекална канализациска мрежа во вкупна должина од околу 4.600 метри. Во Илинден го завршивме новиот препумпен уред на ул. „19“ и продолживме со проширување на канализациската мрежа на повеќе локации. Нови канализациски линии и приклучоци реализиравме и во Илинден, Марино, Кадино и Јака, со што продолживме со постепено проширување на системот и приклучување на околу 150 нови домаќинства и објекти.

Со истата посветеност работевме и на подобрување на водоснабдувањето. Во текот на годината ја проширивме и реконструиравме водоводната мрежа во Кадино, Ајватовци и Илинден, со нови секундарни линии и приклучоци. Еден од најзначајните проекти во овој дел е целосната реконструкција на водоводната мрежа долж улицата „9“ во Илинден, во должина од приближно 1.200 метри. Со оваа инвестиција, по повеќе од четири децении, се заменува дотраената инфраструктура, се подобрува притисокот и сигурноста на водоснабдувањето и се намалува ризикот од дефекти и загуби на вода.

За квалитетни јавни услуги потребни се и современи и добро опремени јавни претпријатија. Затоа за ЈКП „Илинден“ набавивме нова градежна машина – ровокопач, како и нова модерна опрема: батериски тримери, телескопска пила, батериска дувалка, косилка, машина за чистење на подна површина, апарати за заварување и батериска брусилка, противпожарни метли, грбни прскалки, моторни косилки – тримери, моторна пила, бензинска косилка и моторна прскалка – дувалка.

Образованието и во новиот мандат останува еден од најважните столбови на нашата работа. Започнавме со капитална инвестиција за изградбата на новата училишна зграда во рамките на ООУ „Гоце Делчев“ во Илинден, на површина од над 900 квадратни метри на два ката, која ќе располага со 10 училници, шест санитарни јазли, лифт за непречена мобилност, две простории за складирање и наставничка канцаларија.

Во СОСУ „Илинден“ изградивме целосно нов паркинг простор со капацитет за над 30 возила за потребите на училиштето, како и заштитната ограда кај спортскиот комплекс „Драго Маневски“. Исто така, набавена е и текбол маса, со што СОСУ „Илинден“ стана првото училиште во државата со ваков тип спортска опрема.

Во подрачното училиште на ООУ „Ристо Крле“ во Бунарџик адаптиравме просторија за одделенска настава и мини сала за физичко и здравствено образование. Во централното училиште во Кадино ги реновиравме санитарните простории и опремивме нов кабинет по македонски јазик, партерно го уредивме дворот со бетонски маси и клупи за шах. Додека во Мралино целосно го реконструиравме спортското игралиште при училиштето.

Во ООУ „Браќа Миладиновци“ целосно го опремивме кабинетот по информатика, реновиравме училници и целосно опремивме просторија за продолжен дневен престој. Во подрачното училиште во Мршевци ги реконструиравме санитарните јазли, отворивме нов влез и ги заменивме старите метални врати, додека во подрачното училиште во Текија целосно ги заменивме клупите и столчињата и партерно го уредивме дворот со бекатон плочки.

Продолживме и со системската поддршка на учениците. На најуспешните пеесетина ученици им доделивме признанија и продолживме со организација на летниот камп во Охрид. Од учебната 2026/2027 година, покрај училишниот ранец и приборот што традиционално ги обезбедуваме, воведовме и нова мерка за еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари за секое прваче.

Грижата за најмладите продолжува и преку детската заштита. Во употреба ја пуштивме новата современа централна кујна во детската градинка „Гоце Делчев“, со површина од околу 300 квадратни метри и капацитет за подготовка на повеќе од 800 оброци дневно, при што со адаптација на постојната кујна во две нови занимални ќе создадеме место за уште 50 деца и капацитетот на градинката ќе се зголеми на околу 650 дечиња.

Истовремено, ја зголемивме и еднократната финансиска поддршка за новороденчињата, која сега изнесува 6.000 денари.

Продолжуваме и со значајни инвестиции во спортот. На фудбалскиот стадион во Илинден се гради нова трибина со капацитет од околу 1.100 гледачи, со современи подтрибински административни и технички простории, соблекувални, санитарни јазли, простории за судии и официјални лица, магацински простор и паркинг. Веќе е поставен и современ систем за осветлување со над 30 рефлектори, со што се создаваат современи услови по УЕФА стандарди за тренинзи и натпревари и во вечерните часови.

Се реновираше и спортската сала „Гоце Делчев“, која по речиси две децении користење ќе добие обновен под, реновирани трибини и соблекувални, заштитна ограда и подобрени услови за осветлување. Во Мралино пуштивме во употреба целосно реконструирано спортско игралиште со нова вештачка трева, ЛЕД осветлување, нова заштитна ограда, голови и мини трибина. Во Марино целосно е реконструирано мултинаменското спортско игралиште, при што се обновени фудбалскиот терен со нова вештачка трева, голови и заштитна мрежа, како и кошаркарскиот терен со нови подни плочки, табли и обрачи, а дополнително е поставена и нова заштитна ограда.

Продолживме и со изградба и обновување на детските катчиња. Ново современо детско игралиште изградивме во Марино. Нови детски содржини поставивме и кај Домот на култура во Кадино, на игралиштето помеѓу улиците „525“ и „500“, како и долж пешачката патека Марино–Кадино и на улицата „30“ во Илинден.

Ги поддржавме и спортските клубови, младинскиот спорт и индивидуалните спортисти, а објавивме и јавен повик за финансиска поддршка на најуспешните спортисти од Општина Илинден.

Продолживме со уредување и збогатување на јавните простори во населените места. По изградбата и уредувањето на новиот урбан парк-плоштад во Марино, со зелени површини, фонтана, урбана опрема, детско игралиште, улично осветлување, паркинг простор и сервисна улица, започнува реализацијата на нов парк и во Миладиновци, простор кој ќе биде наменет за одмор, рекреација, прошетки и дружење.

Во рамките на проектот „Зелена Општина Илинден“, во текот на оваа година засадивме над 1.000 садници. Активно продолживме со чистењето на дивите депонии на територијата на Општината. Континуирано работевме и на чистење, нивелирање и регулирање на атмосферските канали и речните корита, во вкупна должина од над 43.000 метри.

Продолживме и со мерките со кои граѓаните директно ги вклучуваме во зелената трансформација. Доделивме решенија за субвенции за набавка на инвертер-клими или соларни панели, како и решенија за набавка на велосипеди. Во Јака, започнавме и со пилот-проект за примарна селекција на пластичен отпад, преку кој дел од домаќинствата добија посебни садови за селекција на отпад.

Паралелно инвестиравме и во културната и општествената инфраструктура. Се изврши реновирање на домовите на култура во населените места Мралино, Кадино, Текија, Марино и Миладиновци. На новиот урбан парк-плоштад во Марино поставивме бесплатна јавна Ви-Фи мрежа. Изработивме и нов виртуелен водич преку кој ја мапираме општината и на современ начин ги промовираме природните, културните и историските богатства.

Почитувани сограѓани,

За помалку од една година од почетокот на новиот мандат, реализиравме значаен број проекти. Дел се целосно завршени и граѓаните ги користат, дел се во тек, а за следните капитални инвестиции ја подготвуваме потребната документација. Продолжуваме со јасна визија за модерен, европски и економски силен Илинден, со подобра инфраструктура, квалитетно образование, повеќе простор за спорт и култура и силна локална економија!

YouTube video

Александар Георгиевски, градоначалник на општина Илинден

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Предавање за јапонскиот чај „Сенча“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје

На 13 ноември 2026 година, во Аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се одржи настанот „DISCOVERY: Јапонски чај – Сенча“, посветен на историјата, културата и традицијата на јапонскиот чај.

Предавање за јапонскиот чај „Сенча“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје

Гостинка на настанот ќе биде Курита Јунко, специјалистка за јапонски чај, која ќе одржи предавање за историјата и културното значење на јапонскиот чај, ќе претстави јапонски изрази поврзани со чајната традиција и ќе им овозможи на присутните да учествуваат во дегустација на јапонски чај.

Настанот ќе се одржи од 10:00 до 12:00 часот, а предавањето ќе биде на англиски јазик. Учеството е бесплатно и не е потребна претходна регистрација.

Настанот е во соорганизација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Јапонската фондација од Будимпешта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жерновски: Кривични пријави против СДСМ за ширење паника кај Мицкоски

Почитувани граѓани, сведоци сме деновиве на едно панично штитење од страна на Мицкоски и од страна на Владата на Алта банка на Александар Вучиќ.

Жерновски: Кривични пријави против СДСМ за ширење паника кај Мицкоски

Едноставно му нареди, буквално му нареди на Трајко Славески како гувернер да поднесе кривични пријави, не само како гувернер, туку и Народната банка да поднесе кривични пријави против претседателот на партијата, Венко Филипче, против генералниот секретар, против потпретседателот на партијата и против мене.

Исто како што беше, значи, внесувањето на Алта банка на Вучиќ во Македонија, така сега се копира однесувањето на Вучиќ во нашата земја.

Имаме чист копи-пејст на тоа што го гледавме во Србија.

Значи, што можеме да заклучиме? Малиот Вучиќ од Македонија работи по налог на оригиналот од Србија.

Сакаме денеска, преку веројатно една подолга прес-конференција, меѓутоа, за да можеме што е можно пократко да разбереме што кај нас се случува, ќе се обидам преку два примера за да ни стане на сите јасно како функционира овој систем, оваа поврзаност, папочна врска помеѓу Вучиќ и Мицкоски или помеѓу Мицкоски и Вучиќ.

Како сакате, нема разлика. Значи, да појдеме со примерот на звучниот топ.

Во Белград, по употреба на звучниот топ, откако полицијата предизвика хаос на улиците за време на протестите против криминалниот режим на Вучиќ, министерот за внатрешни работи Дачиќ прво изјави дека тие не поседуваат топ. Наредниот ден изјави дека поседуваат топ, ама дека топот е мал, за да ден потоа изјави дека да, имаат голем топ, меѓутоа не бил употребен таа вечер.

По извештаите на странските агенции и по реакцијата и вклучувањето на Обединетите нации, што направи Вучиќ?

Посегна по секој модел на владеење на оној којшто владее со режим. Ја обвини опозицијата дека ширела паника помеѓу граѓаните. Дали ви звучи познато? Се разбира, тоа се случува кај нас. Тоа се случува сега под истиот терк.

Така работи и нашиот премиер Мицкоски. И не само што обвини дека опозицијата шири паника, туку започна и со апсења, со кривични пријави.

Многу познато. Денеска истрагата е во тек. Ќе дојдат одговорности и до него и до министерот, и до сите оние што лажеа и направија таква паника.

Сега го гледаме сето тоа, исто како Мицкоски го прави со Алта банка.

Прво, јунакот побегна во Германија на екскурзија и оттаму набљудуваше што се случува сето тука, за фокусот да биде на други, никој да не гледа каде е тој. Го снема цела недела. По информациите од обвинителот од Србија дека банката служела како пералница на пари, Славески и Мицкоски рекоа дека кај нас сè е во ред.

Се сеќавате. Само што рекоа дека сè е во ред, потоа објавија дека има пет-шест заинтересирани за купување на банката.

Чекајте, се поставува прашањето зошто би се продавала банката ако сè е во ред?

Или како се нуди кој ќе купи банка којашто е под истрага, чиј сопственик е во притвор, чијшто влез е забранет во Црна Гора, банка којашто е под истрага или банка за којашто Централната банка на Европа изјави дека не сака и не дозволува влез на таквата банка, односно таквите криминални пари во нејзиниот систем затоа што се сомнева во потеклото на парите, односно дека е направено со перење на пари.

На крај, кого обвинија? Се разбира, медиумите. И потоа, откако се врати Мицкоски, на крај мораше да се врати во Македонија, се разбира, се обвини дежурниот виновник, а тоа е СДСМ. Значи, ете го истиот модел со истите обвинувања за ширење паника, со истите алатки коишто ги користи секој режим, а тоа е притисок врз опозицијата, налози за апсења и така натаму.

Во Србија, да одиме сега преку друг пример. Народната банка рече дека сè е во ред. Следниот ден ја одзеде дозволата за работа, а по два дена банката отиде во стечај. Како беше кај нас?

Тогаш СДСМ не ширеше паника, туку ширеа паника оние што се задолжени и оние што овозможија влез на овие пари од Србија во Македонија.

Значи, веднаш по воведувањето на присилната управа, гувернерот Славески рече, цитирам: „Сè е во ред“, но веќе наредниот ден, ако се сеќавате, воведе ограничување од десет илјади денари. Потоа ја воведе присилната управа и им забрани на граѓаните да ги користат средствата, оние пари коишто се неопходни за храна, за лекови и така натаму.

Познат модел, истиот под теркот на она што го гледавме во Србија. Внимавајте што се случуваше кај нас по најавите од Белград дека се вршат сомнителни трансакции за големи износи од Белград преку Скопје во Москва. Тие направија директна штета и вистинска паника предизвикаа меѓу граѓаните. Ете, тоа е паниката којашто вистински беше проширена токму од нив, токму од Мицкоски, токму од Славески.

Славески самиот многу добро знае дека со потписот самиот себе се обвинил, затоа што дал дозвола за работа на оваа банка на Вучиќ, којашто служи за перење пари коишто се внесени преку криминал, преку корупција и преку продажба на дрога.

Мицкоски јавно призна, да потсетиме, дека учествувал и со банката и со осигурителната компанија.

Почитувани граѓани, сега на ред е обвинителството. Сега обвинителот Савески е на потег. Дали ќе застане на страна на правдата и на страна на вистината или ќе застане на страна на организираната криминална банда на Мицкоски? Во Србија, да потсетиме, секој ден има апсење и сите оние обвинители што учествуваа во оваа криминална шема на Вучиќ веќе се соочени со кривични пријави.

Сето ова со оваа наша банда којашто е на власт, за да помине, мора да постои една ваква организирана шема, криминална, којашто е одбранета и е спонзорирана однадвор и поддржана од нашиот премиер. Овие балкански картели, како што се рушат во Србија, ќе се срушат и кај нас затоа што се дел од тој голем балкански картел.

Во Србија, по осудата и барањето истрага од меѓународната заедница, Вучиќ ги повика Русите во одбрана.

Единствено којшто застана во одбрана на Вучиќ е, кој друг ако не ФСБ, Федералната служба за безбедност на Руската Федерација.

Се поставува прашањето дали истиот модел ќе го користи Мицкоски? Времето ќе покаже.

Сега да признаеме и ние нешто. Дали СДСМ некаде ширеше паника? Да, но не кај граѓаните, туку ширеше паника и ќе шири паника кај Мицкоски и кај криминалната банда којашто е опкружена околу него и нема да се спаси од таа паника и ќе одговара.

Вчера во Собранието, на Комисијата, Мицкоски лажеше пред целата македонска јавност само за да се оправда со Алта банка.

Тие гнасни лаги коишто вчера Мицкоски ги изнесе против СДСМ за тоа како ја внел и кој ја внел Алта банка во Македонија, бидете сигурни дека ќе одговара и за тоа.

Сакам на крај да му порачам нешто од име на СДСМ директно на премиерот Мицкоски.

Мицкоски, доаѓа крај на твоите лаги. Тоа што работеше по налог на твојот шеф Вучиќ, знаеш и сам каде те одведе.

Веќе нема назад. Доаѓа време на вистината. Доаѓа време кога ќе одговараш. Доаѓа време кога сите ќе ја дознаеме таа вистина и ќе бидеме задоволни што конечно ќе се соочиш со правдата.

Прес конференција на СДСМ, Андреј Жерновски – Секретар за меѓународна соработка

YouTube video

Скопје, 12.11.2026

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

TИМОТ PEUGEOT TOTALENERGIES ГО ОСТВАРИ СВОЈОТ НАЈДОБОР РЕЗУЛТАТ ВО СЕЗОНАТА 2026 ВО МОНЦА

Tимот Peugeot TotalEnergies успеа да освои бодови со двата болида PEUGEOT 9X8 на последната трка од сезоната на FIA WEC, одржана во Монца.

TИМОТ PEUGEOT TOTALENERGIES ГО ОСТВАРИ СВОЈОТ НАЈДОБОР РЕЗУЛТАТ ВО СЕЗОНАТА 2026 ВО МОНЦА

Tимот Peugeot TotalEnergies успеа да освои бодови со двата болида PEUGEOT 9X8 на последната трка од сезоната на FIA WEC, одржана во Монца.

Болидот #94 PEUGEOT 9X8, управуван од Loïc Duval, Théo Pourchaire и Malthe Jakobsen, го освои четвртото место. Откако во поголемиот дел од трката се бореа за пласман меѓу првите пет, Nick Cassidy, Paul Di Resta и Alex Quinn завршија на осмото место со болидот #93 PEUGEOT 9X8.

Tимот Peugeot TotalEnergies успешно ја заокружи сезоната 2026 на Светскиот шампионат во трки на издржливост (FIA WEC), со одлична трка на неделната трка на патеката „Autodromo Nazionale di Monza“. По шест часа тркање,

францускиот производител го оствари својот најдобар резултат оваа година, со освоени бодови за двата Hypercar болида PEUGEOT 9X8, вклучително и одличното четврто место.

Со својата брза конфигурација и неодамна обновената асфалтна подлога, патеката позната како „Храм на брзината“ се чинеше дека особено му одговара на PEUGEOT 9X8. Почетните сесии го потврдија тоа, како на влажна патека за време на слободните тренинзи, така и во суви услови за време на Hyperpole. Со освоените петто и деветто место на стартната линија, тимот Peugeot TotalEnergies влезе во последната трка од сезоната со високи амбиции.

И покрај ограничените можности за возење подолги возачки сесии со мазни (slick) гуми, двата француски Hypercar болидисепак брзо се пробија меѓу првите десет и останаа таму во текот на целата трка, која беше обележана со неколку периоди на неутрализација.

На половина од трката, двата болида PEUGEOT 9X8 се наоѓаа меѓу првите пет. По интензивна борба во завршните кругови, #94 PEUGEOT 9X8 ја мина целната линија на петтото место, но по изрекувањето казни на други конкуренти по завршување на трката да биде класифициран на четвртата позиција. #93 PEUGEOT 9X8 го заокружи одличниот вкупен резултат со освојување на осмото место. Сепак, казната од 10 секунди го спречи тимот да оствари уште подобар пласман.

На тој начин, тимот Peugeot TotalEnergies успешно ја завршува сезоната 2026 во FIA WEC, со освоени бодови за двата болида PEUGEOT 9X8 и четвртото место на трката во Монца. Целиот тим сега е целосно насочен кон новиот

предизвик и кон што поефикасна подготовка за сезоната 2027.

Emmanuel Esnault, Шеф на тимот – Тимот Peugeot TotalEnergies

„Монца понуди навистина возбудлива трка за навивачите. Од наша страна, задоволни сме што имавме добро темпо и што се боревме за пласман меѓу првите пет според покажаното на патеката. Нашата цел беше двата болида да се пласираат во Hyperpole и барем еден од нив да заврши меѓу првите пет, а тоа и го остваривме. Ова е одлична награда за целиот тим, кој не се откажа ниту во еден момент, и покрај тешката сезона. Сепак, жалам за казната што му беше доделена на болидот #93. За неа бевме известени три круга пред нашето влегување во боксот и веднаш ја „отслуживме казната“, за дури потоа да откриеме дека била доделена на погрешниот болид. За жал, тогаш веќе беше предоцна да ја оспориме одлуката. Сега гледаме напред и целосно ќе се посветиме на подготовките за сезоната 2027.“

Nick Cassidy (PEUGEOT 9X8 #93)

„За мене, тоа беше релативно мирен период зад управувачот. Болидот беше навистина добар денес, но за жал, казната нè спречи да завршиме на подобра позиција од осмото место. Пред тоа, навистина бевме во борба за повисок пласман. Paul заврши одлична работа на стартот, а Alex одлично ја заврши трката. Искрено, мислам дека заслуживме повеќе, но тоа е тркањето. Сепак, целиот тим може да биде горд на оваа последна трка. Со двата болида се пласиравме во Hyperpole, а потоа успеавме да освоиме бодови со двата болида. Ова беше одличен начин да ја завршиме сезоната, а сега со нетрпение ја очекувам 2027 година!“

Paul Di Resta (PEUGEOT 9X8 #93)

„Иако освоивме бодови, конечниот резултат е разочарувачки ако се земе предвид дека по три часа тркање, според покажаното на патеката, бевме на четвртата позиција. Сепак, мора да гледаме напред. Пред нас е напорна зима во текот на која ќе работиме на подготовката на EVO верзијата на нашиот болид. Сите ќе вложиме огромен труд за да му помогнеме на PEUGEOT да се врати на самиот врв на светските трки на издржливост. Од утре, целиот наш фокус ќе биде насочен кон 2027 година!“

Alex Quinn (PEUGEOT 9X8 #93)

„Беше одлично што имав можност да стекнам дополнително искуство зад управувачот на PEUGEOT 9X8 и да се подготвам за следната година. Навистина уживав во денешното возење на болидот. Работите не се одвиваа секогаш според нашите очекувања, но темпото и потенцијалот беа очигледни, и тоа многу ме радува. Морам да кажам дека возењето на моите први тркачки кругови тука на сува патека беше предизвик, но воедно и навистина возбудливо искуство, за кое сметам дека добро се справив. Сега со нетрпение очекувам максимално да го искористам целото стекнато искуство во сезоната 2027.“

Loïc Duval (PEUGEOT 9X8 #94)

„Навистина бевме во игра овој викенд и се боревме со најдобрите, што секако многу нè радува. Во еден момент дури можевме да се надеваме и на нешто повеќе... Разликите беа многу мали, но конечниот резултат ги одразува перформансите што ги покажавме овој викенд. Очекувавме оваа патека да ни одговара малку повеќе, особено затоа што нејзината површина беше повторно асфалтирана. Одлично е што ја завршуваме сезоната на ваков начин. Пред нас има уште многу работа, но убеден сум дека овој одличен резултат ќе донесе дополнителна мотивација во тимот додека се подготвуваме за 2027 година.“

Malthe Jakobsen (PEUGEOT 9X8 #94)

„Многу сум среќен што успеав на ваков начин да го заокружам моето поглавје со тимот Peugeot TotalEnergies. Почувствував силни емоции кога се вратив во боксот и ги видов сите тие дански знамиња. Тоа беше навистина посебен момент! Никогаш нема да можам доволно да му се заблагодарам на целиот тим за прекрасните четири години што ги поминав со нив. Многу сум среќен што ја завршувам сезоната со ова четврто место. Борбата со Alex Lynn на самиот крај од трката беше многу интензивна, но јас секогаш ја држев својата линија, така што станува збор за инцидент во текот на тркањето. Во секој случај, времето поминато со тимот Peugeot TotalEnergies и оваа последна трка ќе ги паметам до крајот на животот. Ви благодарам на сите!“

Théo Pourchaire (PEUGEOT 9X8 #94)

.„Мојата прва сезона во FIA WEC заврши во Монца со одлично четврто место, што воедно беше и нашиот најдобар резултат оваа година. Во текот на 2026 година имавме и добри и тешки моменти, но сакам да му се заблагодарам на целиот тим и на моите тимски колеги за сè што споделивме заедно. Дадовме сè од себе од почетокот до крај, а јас научив навистина многу. Со нетрпение очекувам да видам што носи иднината.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер