Гацов: Политичките случувања влијаат негативно на економијата и даноците

Актуелната политичка клима влијае негативно и на плаќањето даноци и на целокупната економска состојба, оцени денеска даночниот експерт Павле Гацов, порачувајќи дека е потребно смирување на политичката клима и враќање на економијата.

Ако има општа лоша состојба, посочува, тоа се одразува врз бизнисот односно поттикнува идеи на некои луѓе дека сепак може да се заобиколуваат законските обврски. – Во таков контекст мислам дека е добро да се смири политичката клима и да се вратиме на економијата како што треба, изјави Гацов, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната дебата за ефектите од реформата на персоналниот данок на доход, што се одржа во организација на Асоцијацијата Зенит.

На дебатата беше истакнато дека во првата половина од годинава државата прибрала околу 20 милиони евра повеќе од граѓаните со примената на новиот систем со кој со повисока даночна стапка се оданочува доходот на граѓаните кои заработуваат повеќе. Учесниците на дебатата укажа дека повеќе фискални ефекти ќе има со прогресивно оданочување на повеќе нивоа, а државата треба подобро да им објасни на граѓаните како се трошат дополнително собраните средства со оглед дека 85 проценти од анкетираните рекле дека не се задоволни од тоа како државата ги троши собраните пари од даноците.

Според Гацов, половина година од примената на прогресивниот данок ефектите се добри од аспект на прибирање на даноците бидејќи растот е една петтина поголем во споредба со минатата година. Имаме раст од 18 проценти на прибирање на персонален данок на доход. Подобри фискални ефекти може да даде прогресивно однаочување на повеќе нивоа, изјави Гацов.

Главните резерви во однос на реформата, како што наведе, веќе не се во зголемување на даночните стапки, туку во сузбивањето на сивата економија. Очигледно, посочува, имаме базени од каде што се уште не сме ги исцрпиле сите можности за прибирање на даночните приходи, а решението е во контролните органи, механизми и алатки кои ќе значат автоматизам на наплата на даноците и постојано воведување во системот на оние што се надвор од реалната економија,.

Анкетата што ја презентираше Зенит покажува дека 44 проценти од граѓаните го поддржуваат прогресивното оданочување и сметаат дека лицата со повисоки примења треба да се оданочат со повисока даночна стапка, а 40 проценти не се согалсуваат со моделот.

– Мнозинството анкетирани граѓани изјавиле дека нема да користат законски или незаконски начин за да ги избегнат повисоките даночни стапки на персоналецот. Оттука можеме да кажеме дека кај мнозинството граѓани постои солидарност дека треба да се поддржат социјално загрозените категории. Осумдесет и пет проценти од граѓаните не се задоволни од тоа како државата располага со парите на граѓаните, а само шест проценти се задоволни. Ова упатува на тоа дека граѓаните не се сигурни дека дополнително собраните средства по основ на прогресивното оданочување на данокот на доход ќе стигнат на вистинското место, изјави Александар Николов од Асоцијацијата Зенит.

Две третини од граѓаните, пак, одговориле дека не се исполнети целите од реформата за подобрување на социјалната заштита на лицата на кои им е потребна, за подобрување на јавните услуги, како и за намалување на јазот помеѓу најбогатите и најсиромашните во државава. – Се уште е рано да се судат крајните ефекти од реформата, поминати се само шест месеци од нејзиното имплеменитирање и тоа покажува дека државата или треба подобро на граѓаните да им објасни како се трошат овие дополнителни средства или дека можеби треба да пристапи кон законски измени во начинот на кој се мониторира трошењето на овие средства за тие да се осигураат дека парите завршуваат таму каде што треба, оцени Николов.

Во анкетата на Зенит, повеќе од три четвртини од испитанците навеле дека поддржуваат пониско оданочување со данокот на доход за ваквите домаќинства. Граѓаните сметаат дека таквиот пристап е најоправдан кај домаќинствата со лица со попреченостр или тешко болни, а нешто помала поддршка има за даночно фаворизирање на домаќинствата со корисници на социјална помош и со деца. /МИА

На Клиниката за токсикологија пукнала цевка од парно,се е вратено во функција

На Клиниката за токсикологија пукнала цевка од парно, од МЗ за МИА велат нема штета, се е вратено во функција.

На Клиниката за токсикологија во Скопје ноќеска пукнала цевка од парно поради што биле поплавени простории на третиот кат, тврдат вработени на Клиниката.

Според нив, повеќе од два часа биле поплавени просториите, а проблем е тоа што Клиниката не е осигурена.

МИА се обиде да стапи во контакт со медицинскиот директор на Токсикологија, но, досега нема одговор.

Од Министерството за здравство за МИА потврдија дека ноќеска имало пукнала цевка од парно и дека проблемот е веднаш саниран.

- Нема штета, се е повторно вратено во функција, велат од Министерството за здравство за МИА.

Во понедлникот лекари од Клиниката алармираат дека има проблеми на Клиниката и дека главен проблем со којшто во моментот се соочува Клиниката е доекипирањето на лабораторијата. Посочија дека било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира. Истакнаа дека се соочуваат со отпор и несоработка од страна на новоназначената организациска директорка која инсистирала да бидат примени сите 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекол договорот. Меѓу нив, како што посочија лекарите во понеделникот, е и боилничар кој вршел притисок кај лаборант да замени урина во која имало наркотици со чиста урина. Ставот на лекарскиот колегиум, е дека немаме потреба од толкав број нови вработувања.

Министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, а во врска со работењето на економската директорка рече дека нема констатирано ниту едно прекршување на право.

Трамп e подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со Орбан

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп денеска изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во видео-порака, Трамп изјави дека со нетрпение очекува тесна соработка со Орбан кога, како што изјави, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесуваат американските медиуми.

Трамп, во пораката, го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил претседател на САД, работел со него на подобрување на вредностите и интересите на САД и Унгарија.

Пораката на Трамп беше емитувана на собир во БУдимпешта на Конзервативно-политичката акциска конференција (CPAC) што е најистакната конзервативна организација во САД.

Тоа беше трет собир на CPAC во Унгарија.

Орбан беше еден од најблиските сојузници на Трамп во Европа за време на неговото претседателствување, а двајцата се сретнаа на Флорида минатиот месец.

По нивниот состанок, Орбан ја истакна својата јасна поддршка за Трамп и додаде дека само враќањето на Трамп во Белата куќа може да донесе мир во Украина.

Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите од НАТО

 Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите од НАТО, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

„Руската Федерација никогаш не била закана за НАТО. Ние немаме ниту геополитички ниту воени интереси да ги нападнеме земјите од блокот, ние едноставно го штитиме нашиот народ на нашите историски територии“, рече Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки. на Шангајската организација за соработка во главниот град на Казахстан, Астана.

Шојгу нагласи дека Русија секогаш вложувала максимални напори за одржување на стратешката стабилност и рамнотежа на силите во светот. /МИА

притисни ентер