Физичка пресметка во Неготино меѓу пет лица од Кавадарци, Струмица и од Скопје

 Во полицијата вчера е пријавена физичка пресметка во Неготино меѓу пет лица од Кавадарци, Струмица и од Скопје, информираше денеска портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

– Во Полициската станица Неготино, А.Х.(21) од Струмица пријавил дека околу 16 часот во кругот на приватно претпријатие во Неготино, по кратка расправија, настанала физичка пресметка помеѓу него и Б.А.(38) од Скопје, од една страна и И.В.(20), Ј.В.(22) и Е.В.(30), сите од Кавадарци, од друга страна, појасни Додевски.

Тој додаде дека по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

АНБ: Постапката за добивање безбедносни сертификати е строго законски определена

Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации до денот на приведувањето нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки за Миленкоски и другите две лица.

Постапката за добивање на безбедносни сертификати се спроведува во рамките на строго законски определена постапка и истата започнува со поднесување барање за издавање на безбедносен сертификат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во согласност со член 45 од Законот за класифицирани информации, соопшти денеска Агенцијата за национална безбедност во врска со безбедносните сертификати на лицата поврзани со случајот со приведувањето и одредување екстрадициски притвор на Миле Миленкоски во Србија по црвена потерница од страна на Интерпол.

Во соопштението се додава дека Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (член 53 од Законот за класифицирани информации) Агенцијата за национална безбедност (член 4 и член 8 од Законот за АНБ) врши безбедносни проверки за лица заради утврдување на безбедносни пречки за издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации.

– Од извршената ревизија на постапките за спроведени безбедносни проверки е констатирано дека од денот на формирањето на Агенцијата за национална безбедност на 1 септември 2019 година до 27 август 2021 година, денот на приведувањето на М. Миленкоски, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки, ниту за Миленкоски, ниту за останатите две лица споменати во медиумите. Воедно е утврдено дека од трите споменати лица, важечки безбедносен сертификат до денот на задржувањето во Србија имал само Миле Миленкоски и истиот е издаден врз основа на извршена безбедносна проверка од втор степен од страна на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање на 9 февруари 2019 година. За останатите две лица е утврдено дека не располагаат со важечки безбедносни сертификати, наведува АНБ.

Во соопштението се наведува дека не се вистинити ниту информациите во некои од медиумите дека која било од останатите засегнати институции во земјата до денот на притворањето на М. Миленковски во Србија, доставиле информација до Агенцијата за национална безбедност за наведениот случај.

– Агенцијата за национална безбедност поаѓајки од своите законски надлежности, а согласно барањето за ревизија на издадениот безбедносен сертификат налицето Миле Миленкоски доставено на почетокот од овој месец презеде соодветни активности за преиспитување на исполнетоста на условите утвредни од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање и за одземање на безбедносниот сертификат на горенаведеното лице, нагласуваат оттаму.

Агенцијата и во наредниот период, како и досега, се додава во соопштението, ќе продолжи за сите сознанија поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата да ги информира со закон утврдените субјекти.

-Сите останати прашања поврзани со статусот, третманот и натамошно процесуирање на лицата инволвирани во горенаведениот случај се во надлежност на со закон утврдени институции во Македонија, истакнува АНБ. /МИА

Продолжува бојкотот на наставата на турски јазик во гостиварската гимназија

Учениците и наставниците од паралелките на турски јазик во Средно општинско училиште во Гостивар (СОУ) продолжија со бојкотот на наставата.

Како причина ја наведуваат одлуката на ресорното Министерство за укинување на една паралелка во прва година.

Во дворот на гостиварската гимназија на протестниот собир покрај учениците и наставниците се придружија и родители. Од протестот беше порачано дека наставата нема да продолжи сè до промена на одлуката.

Наставниците сметаат дека укинувањето на една паралелка претставува етничка дискриминација врз турската заедница.

– Одлуката за укинување на паралелка не е само техничка, таа има и подлабоко влијание. Ние не знаеме кому одговара турската заедница да нема образувани граѓани. Тука станува збор за иднината на турската заедница во Македонија, а не само за иднината на неколку наставници и ученици. Ова училиште со децении образувало генерации кои дале значаен придонес во општеството. Бројот на ученици дозволува да останат три паралелки како што било и 20 години наназад. Затоа МОН треба да ја повлече одлуката за укинување на една паралелка, рече Менсур Матјан, професор во СОУ Гостивар.

Тој во име на неговите колеги го пренесе ставот дека бојкотот на наставата ќе продолжи сè до исполнување на нивното барање да се формира трета паралелка во прва година на турски јазик. За проблемот ќе ги известат и останатите институции и амбасади.

Од училишната управа на гостиварската гимназија информираат дека одлуката за затворање на еден од трите класа по турски јазик е на Министерството за образование и наука. За 102 ученици албанци, запишани во гимназијата во Гостивар, МОН одлучи да има седум паралелки, за 52 ученика за турски јазик две и исто толку за 16 ученици за настава на македонски јазик.

Годинава заради малиот број на ученици, во гимназијата бројот на паралелки се намали за две на албански и една на турски јазик. Управата бараше девет на албански, три на турски и две на македонски.

Во гостиварската гимназија во настава на турски јазик следат вкупно 250 ученици со 28 наставници. /МИА

Единствена Русија потврди дека обезбедила двотретинско мнзоинство на изборите

Владеачката парија на актуелниот руски претседател, Владимир Путин ќе го задржи мнозинството во парламентот и по изборите кои се одржаа изминатите три дена. 

За разлика од порано поддршката за ЕДИНСТВЕНА Русија е намалена, но и покрај тоа според првичните резултати објавени од Централната изборна комисија партијата освоила 49% од вкупниот број гласови или двојно повеќе од второрангираната комунистичка партија. Влез во руската Дума обезбедија и Либерално-демократската партија на Русија која освои 7,55 проценти, Само Русија со 7,37% како и Новата народна партија која го надмина потребниот праг освојувајќи 5,37%.

И покрај огромната победа, ЕДИНСТВЕНА Русија бележи драстично опаѓање на поддршката бидејќи во 2016та оваа партија освои 54% од вкупните гласови. Како причини за падот на рејтингот на владата на Путин,според тамошните анализи се наведуваат обвинувањата за корупција како и затворањето на критичарот на Путин, Алексеј Навални, а организациите кои се поврзани со него беа прогласен за екстремистички со што не им беше дозволено да се кандидираат на изборите.

-Денес завршуваат изборите. Овие избори се многу важни и ќе ја детерминираат иднината на нашиот град и земја. Изборите јасно покажаа дека граѓаните сакаат сувернитет, подобра стратегија за развој и решавање на социјалните проблеми на сите граѓани.-Сергеј Собјанин- градоначалник на Москва.

Резултатите од изборите уште еднаш ја потврдија моќта на партијата на актуелниот руски претседател Владимир Путин која со земјата владее од 1999та, а се уште е непознато дали Путин ќе се кандидира на претседателските избори закажани за 2024та.

На овие избори за прв пат од 1993 гласањето не беше следено од набљудувачите на ОБСЕ, а иако опозицијата обвинуваше за изборни нерегуларности, руското министерство за внатрешни работи соопшти дека гласањето поминало во најдобар ред и дека не се забележани значајни нарушувања во изборниот процес.

притисни ентер