Филозофски филмски фестивал од 7 до 13 јуни - Канал 5

Филозофски филмски фестивал од 7 до 13 јуни

Пет долгометражни филмови и 16 кратки се во официјалните селекции на 14. Филозофски филмски фестивал и ќе се натпреваруваат за наградата „Златен був“. 

Филозофски филмски фестивал од 7 до 13 јуни

Фестивалот со мото „Неред меѓу редови“ ќе се одржува од 7 до 14 јуни во организација на Филозофското друштво на Македонија, во соработка со Филозофскиот факултет на УКИМ.

Покрај главната програма со филмовите за награди, ќе има и ревијална и придружна, како и едукативната програма која беше организирана во пресрет на фестивалот.

Фестивалот ќе биде отворен в петок во 21.00 часот во летното кино во Кинотеката со проекција на шпанскиот филм „Затвори ги очите“ на режисерот Виктор Ерисе. Тој е првиот од петте во официјалната програма на долгометражни филмови кои и годинава ги селектираше професор Кирил Трајчев.

Во оваа конкуренција се и: романскиот филм „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на Раду Жуде, „Во лушпата на златниот кожурец“ – дебитантски филм на виетнамскиот режисер Тјен Ан Фам, иранскиот филм „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами и филмот на грузиската режисерка Тинатин Кајришвили – „Граѓанинот светец“.

Директорката на фестивалот Ана Дишлиеска-Митова на прес-конференција на која беше претставена комплетната програма на годинашниот ФФФ, истакна дека филмовите нудат различни теми – од сеќавањата и идентитетот, социјална критика на капитализмот или авторитарноста, моќта и контролата во општества, како на пример во Иран, но и теми за верата, надежта и смртта.

-Се обидуваме колку што можеме, и покрај скудните финансиски средства, да направиме програма која ќе биде интересна за македонската публика и која на некој начин ќе може да ја врати магијата на филмските дела коишто, за жал, не се дистрибуирани во киносалите, а честопати не се прикажани и од поголемите филмски фестивали. Како и во минатите години, и овојпат е голем квалитетот на продукцијата. Петте филмови се од последните две години, некои од докажани автори, како и дебитантскиот од Виетнам, кој е подеднакво зрел како и останатите, рече Дишлиеска-Митова.

Во селекцијата на кратки филмови ќе бидат прикажани 16 од повеќе земји. Селектор е Дејан Здравков, а проекциите ќе бидат во два дена – на 9 и 10 јуни од 18 часот во Кинотеката. Имаат различни теми и се произведени во 2022 и 2023 година. Најголем дел од нив имале премиера на значајни филмски фестивали, како што се Кан и Венеција.

Филмовите од двете селекции (долгометражни и краткометражни) ќе се натпреваруваат за „Златен був“, која ќе биде доделена на 13 јуни, а покрај оваа награда ќе биде доделено и признанието „Стефан Сидовски-Сидо“.

За двете селекции ќе одлучува тричлено жири, во состав: Славица Србиновска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Иван Миленковиќ, филозоф од Србија, и македонскиот филмски и театарски режисер Јане Спасиќ.

Во ревијалната програма, која ги поврзува филмот и филозофијата, од 11 до 13 јуни во Кинотеката ќе бидат прикажани три филма придружени со три предавања: „Убавината на порокот“ на режисерот Живко Николоќ од 1986, со предавање на српскиот филозоф Иван Миленковиќ, „И сепак Лоренс“ на режисерот Гзавие Долан од 2012, со предавање на проф. Слободанка Марковска од Филозофскиот факултет, и филмот „Златната треска“ на Чарли Чаплин од 1925 придружено со предавање на филозофот Стивен Фридман од „Харвард“. Во рамки на фестивалот, на 10 јуни на Филозофскиот факултет. професорот Миленковиќ ќе одржи предавање за Кант - „Друштвена недруштвеност“.

Во фокусот на придружната програма, пак, ќе бидат шест завршени филмови на Маја Дерен, основоположничка на експерименталниот филм, вклучително и нејзиниот дебитантски „Мрежи на попладнето“ од 1943 година. Шесте филма, секој од по 15-ина минути, ќе бидат прикажани на една проекција на 8 јуни. Токму презимето на Маја Дерен, читано одназад, е директна референца за мотото на годинашното издание на фестивалот - „Неред меѓу редови“.

ФФФ во својата придружна програма вклучува и проекции на четири видеоесеи во селекција на Ивана Мирчевска, кои се тематски разновидни – од осаменоста на перифериите на градовите, трансформацијата на глината до утробата на китовите.

Едукативната програма на ФФФ, која е посветена на филмската писменост, опфати неколку завршени настани во кои беа вклучени ученици и адолесценти. Во април и мај, во рамки на оваа програма, се одржаа три нејзини сегменти – Средношколска видеолектира, Филмософија со деца од 7 до 11 години и работилница „Естетика на филмскиот јазик“ за млади од 17 до 19 години. Во пресрет на отворањето на 14. ФФФ в петок, денеска ќе бидат доделени наградите од конкурсот за најдобри филмски есеи во рамки на едукативната програма. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

Снимка од Мараја Кери во Бразил предизвика загриженост кај нејзините обожаватели.

Новата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираат

На социјалните мрежи, луѓето почнаа да се прашуваат дали сè е во ред со 57-годишната пејачка, откако видео од нејзино јавно појавување покажа дека таа се движи малку нестабилно додека излегува од автомобил.

За време на престојот во Бразил, пејачката делеше автограми и се фотографираше со фановите кои се собраа да ја поздрават, држејќи транспаренти. Иако изгледаше добро расположена, некои гледачи забележаа дека ѝ треперат рацете и дека чекори несигурно. Снимката беше објавена на „TikTok“.

Фановите се прашуваат дали сè е во ред

„Дали треба да се грижиме?“ – праша еден корисник на „TikTok“. „Изгледа како да чувствува болка“, напиша друг, додека трет ѝ посака добро здравје на пејачката: „Се молам за неа и ѝ испраќам убави желби на нашата Божиќна кралица“.

Сепак, не сите ја протолкуваа оваа ситуација како причина за загриженост. Некои укажаа на конкретните услови во кои се движеше пејачката: врнеше дожд, теренот беше закосен, а Кери носеше високи потпетици.

„Како прво, врне дожд. Второ, теренот е закосен. Трето, таа носи високи потпетици. Четврто, не сака да падне“, напиша еден корисник. На снимката се гледа и како нејзиниот асистент ја држи околу половината додека таа поминува покрај фановите. Засега нема информации кои укажуваат на тоа дека Мараја Кери има некакви здравствени проблеми, а самата снимка не е доволна за да се донесе таков заклучок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

Услугите на „Microsoft“ конечно работат правилно по повеќе од 24 часа –што навистина тргна наопаку?

„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?

„Microsoft“ го реши големиот проблем што предизвика повеќе од 24 часа застој на „Microsoft 365“, тоа предизвика сериозни прекини во работењето на бизнисите и владините агенции низ целиот свет.

Проблемите започнаа на 12 ноември околу 17:17 часот по средноевропско време, кога услугата „Exchange Online“ падна. Малку повеќе од два часа подоцна, проблемите се проширија на остатокот од платформата „Microsoft 365“.

Што го предизвика тоа?

„Microsoft“ првично се сомневаше дека невообичаено големиот сообраќај е причина за проблемите. Сепак, последователната истрага покажа дека неколку серверски системи неочекувано престанаа да работат, оставајќи ги преостанатите сервери неспособни да се справат со зголеменото оптоварување.

Обидите за рестартирање на серверите беа неуспешни, бидејќи тие повторно престанаа да реагираат откако се врати сообраќајот. Компанијата на крајот утврди дека проблемот е поврзан со претходно надградување на капацитетот на мрежата, предизвикано од последователна промена во мрежната инфраструктура.

Потоа инженерите применија поправка на компонента одговорна за автентикација и насочување на сообраќајот. Обновувањето беше спроведено постепено, со обработка на заостанати е-пораки.

„Microsoft“ нагласи дека нема докази за злонамерна активност и дека вештачката интелигенција не е причина за проблемот.

Кој беше засегнат?

Покрај „Outlook“ и „Exchange Online“, прекините влијаеја на календарите на „Teams“, закажувањето состаноци, „Copilot“, „SharePoint“ и „Intune“. Некои функции продолжија да работат за време на прекинот.

Влијанието се почувствува надвор од технолошкиот сектор. Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) мораше да се потпре на алтернативни системи, додека индиските авиокомпании „Air India“, „IndiGo“ и „Akasa Air“ пријавија проблеми со поддршката за е-пошта.

Проблемите влијаеја и на финансиските институции. Една тајванска компанија дури мораше да користи факс за да ги потврди трансакциите со акции.

Според „Downdetector“, имало повеќе од 7,4 милиони пријави за проблеми низ целиот свет. Сепак, овој број не го претставува вкупниот број на индивидуални корисници погодени од прекинот.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Француската полиција уапси 121 лице за време на протестите одржани низ целата земја, објави француското Министерство за внатрешни работи.

Франција на нозе: 200.000 луѓе на улиците

Според Министерството, околу 106.000 луѓе учествувале во демонстрациите, додека синдикатите проценуваат дека околу 200.000 граѓани се собрале на улиците.

22 лица се приведени во Париз, вклучувајќи тројца малолетници. Апсењата се главно за носење оружје од категорија Д, навреди и кршење на забраните за посетување одредени места или учество во демонстрации, објавува „BFMTV“.

Според полициските податоци, околу 24.000 луѓе протестираа во француската престолнина, додека младинските синдикати проценуваат дека на улиците имало близу 100.000 демонстранти.

Низ цела Франција се одржаа повеќе од 60 протестни собири. Во Париз истовремено се одржаа три одделни демонстрации - против предлог-закон за претпоставка за легална употреба на оружје од страна на безбедносните сили, меѓународен марш против насилството врз децата и протест на движењето „Жолти елеци“ против зголемувањето на трошоците за живот.

Тензии беа пријавени во Париз, Бордо, Нант, Лион и Руан. На Плоштадот на нацијата во Париз, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, што предизвика први знаци на паника кај демонстрантите.

Во Нант, полицијата употреби водени топови, додека во Бордо беа пријавени судири за време на кои некои демонстранти фрлаа предмети кон полицијата.

Во Тулуз, според организаторите, протестираа 6.000 луѓе, додека полицијата соопшти дека имало 1.800. Собирот помина без инциденти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер