Филипче: Верувам дека Заев повторно ќе го направи најдобриот тим

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека со лидерот на СДСМ, Зоран Заев досега не разговарал за негово евентуално назначување на местото на Радмила Шекеринска – потпретседател на партијата.

Филипче верува дека Заев повторно ќе го направи најдобриот тим и дека ќе продолжи да ги спроведува, како што рече, успешните политики.

-Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега, истакна Филипче.

Одговорајќи на новинарски прашања по приемот на донацијата од 100.000 вакцини, а во пресрет на утрешниот конгрес на СДСМ, Филипче не кажа дали би ја прифатил функцијата – потпретседател на СДСМ ако му биде понудена.

Во Калифорнија среде ноќ исчезна очувот на принцезата Татјана од Грција (ВИДЕО)

Очувот на принцезата Татјана од Грција (43) ненадејно исчезна среде ноќ во Малибу.

Како што објави „Дејлимејл“, Атиљо Брилембург (53) исчезнал во саботата, а последен пат бил виден во еден часот по полноќ. Носел сина кошула, сиви панталони и бил бос.

Властите ги повикаа сите кои можеби знаат нешто за неговото движење да се јават. Родениот њујорчанец, кој е поврзан со европските кралски членови, бил забележан недалеку од луксузен станбен комплекс. Тоа е ридско подрачје, кое што било слабо осветлено.

Околностите под кои исчезнал не се откриени. Полицијата навела дека станува збор за белец, висок 177 сантиметри, тежок околу 75 килограми, со седа коса, зелени очи и тетоважа на горниот дел од телото.

„Загрижени сме за господинот Брилембург“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Атилио Брилембург е очув на принцезата Татјана од Грција, член на грчкото и данското кралско семејство, која е родена во Венецуела. Полицијата изјавила дека тој повеќе нема никаква врска со кралското семејство. Принцезата Татјана од Грција е мажена за принцот Николај, син на Константин II, кој беше крал на Грција до укинувањето на монархијата во 1973 година.

Парот, кој се венчал во август 2010 година, минатиот месец објави дека се разведува. И покрај ова, Татјана најави дека ќе ја задржи титулата. На свадбата, која беше опишана како „Мама миа, со аристократи“, присуствувале претставници на кралските семејства на Холандија, Данска, Шведска и Шпанија.

Принцезата Татјана, чие полно име е Татјана Блатник, се занимава со пишување и филантропија. Таа пораснала во Швајцарија. Основач е на непрофитната организација „Дух“ која се занимава со подигање на свеста за менталното здравје.

Шок во Тирана: Тројца мажи киднапирале момче среде главниот плоштад и го силувале

Во Тирана денеска е киднапиран и силуван 20-годишен млад човек, соопшти полицијата, додавајќи дека сторителите се уапсени.

Невидениот настан се случил на плоштадот Скендербег во центарот на Тирана, каде Д.Б. (36), Е.Х. (31) и неименуван 19-годишен маж, насилно го зеле 20-годишникот и го силувале, пренесува VoxNews.

Сите тројца се уапсени, додека уште еден маж на 28-годишна возраст исто така е лишен од слобода бидејќи не го пријавил делото.

Се сомнева дека целиот настан се случил од банални мотиви.

Според полицијата, тројцата со употреба на насилство го киднапирале младиот човек.

Специјалисти за истрага на криминал од Полициска станица бр. 1, откако добиле пријава од дваесетгодишен маж дека тројца мажи му ја одзеле слободата, веднаш организирале нивно фаќање.

Материјалите се проследени до Обвинителството.

Алигатор од 4 метри „ненајавено посети“ училиште во Флорида (ВИДЕО)

Експерти за диви животни биле повикани во училиште во Флорида откако граѓани забележале алигатор како талка по патеката.

Локалната полиција набрзо пристигнала на местото на настанот. Било истакнато дека рептилот талка низ делот што секојдневно го користат децата, пренесува UPI.com.

На Инстаграм е објавено видео од фаќањето на импресивен алигатор од 3,8 метри.

„Надлежните служби беа на штрек додека не беше фатен, за да се обезбеди безбедност на граѓаните“, соопштено е.

Опасниот предатор е вратен во природното живеалиште, далеку од градското подрачје.

притисни ентер