Фицо го осуди планот на ЕУ да го запре увозот на руски гас - Канал 5

Фицо го осуди планот на ЕУ да го запре увозот на руски гас

Словачкиот популистички лидер Роберт Фицо денеска го осуди планот на Европската унија да го запре увозот на руски природен гас до крајот на 2027 година со цел рускиот претседател Владимир Путин да остане без приходи за да води војна во Украина.

Фицо го осуди планот на ЕУ да го запре увозот на руски гас

Европската комисија ќе презентира детален план следниот месец и ќе се стреми да ги забрани новите договори за гас со Русија до крајот на оваа година и постепено да ги укине постојните што сè уште се во сила во ЕУ до крајот на 2027 година.

Фицо рече дека планот е „апсолутно неприфатлив“ за неговата земја и дека неговата влада е подготвена да стави вето на него, додавајќи дека потегот би бил штетен за Словачка и за целата ЕУ, бидејќи би предизвикал зголемување на цените на бензинот.

Словачка има договор за снабдување со гас со Русија кој истекува во 2034 година, а Фицо изјави дека ќе бара надомест доколку планот за забрана биде имплементиран.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се залага за планот, им рече на европратениците дека Русија повеќе пати докажала дека не е сигурен снабдувач со енергија.

-Зависноста од Русија не е лоша само за нашата безбедност, туку и за нашата економија. Нашите цени на енергијата не можат да бидат диктирани од непријателски настроен сосед, рече таа.

Фицо, исто така, го отфрли предлогот за суспендирање на увозот на нафта и нуклеарно гориво од Русија во Европската Унија.

Унгарија и Словачка, чии лидери се сметаат за најблиски сојузници на Путин во Европа, ја блокираа воената помош на Европската Унија за Украина и се очекува да се спротивстават на плановите на Европската комисија за гас.

Фицо е познат по своите проруски ставови и отворено ја оспорува политиката на ЕУ во врска со Украина.

Тој е единствениот лидер на ЕУ што присуствуваше на церемониите во Москва во петокот по повод 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, што е негова втора посета на Москва од декември.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Премиерата на „Три сестри“ со превод на англиски јазик- МНТ се отвора кон меѓународната публика

Македонскиот народен театар новата сезона 2026/2027 ќе ја започне со премиера на претставата „Три сестри“, според драмата на А. П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, која ќе се одржи на 25 септември.

Премиерата на „Три сестри“ со превод на англиски јазик- МНТ се отвора кон меѓународната публика

Новата сезона во МНТ носи важна новина за публиката - воведување превод на англиски јазик за дел од претставите во однапред определени термини. На тој начин, театарот станува уште подостапен за странската публика и сите љубители на уметноста кои не го разбираат македонскиот јазик, овозможувајќи им целосно да ја доживеат сценската изведба.

Токму премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата претстава изведена со превод на англиски јазик - чекор што ја потврдува определбата на Македонскиот народен театар кон поголема отвореност и доближување на македонската театарска продукција до пошироката меѓународна публика.

Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо читање на едно од најзначајните дела на светската драмска литература.

Во претставата настапуваат: Дарја Ризова - Ирина, Наталија Теодосиева - Маша, Верица Недеска - Олга, Дамјан Цветановски - Андреј, Благој Веселинов - Александар, Емил Рубен - Иван, Ивица Димитријевиќ - Игор, Нина Деан - Наташа и Антонио Ташковски - Никола.

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен.

Билетите за премиерата и за првите изведби се веќе во продажба. Ја покануваме публиката навреме да го обезбеди своето место и да биде дел од свеченото отворање на новата театарска сезона. Со оваа нова практика, уметноста на МНТ станува сè подостапна за меѓународните посетители.

НУ Македонски Народен Театар

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МФ: Усвоен Ребалансот на Буџетот – Продолжува поддршката на инвестициите, локалниот развој и политиките за економска стабилност

Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година.

МФ: Усвоен Ребалансот на Буџетот – Продолжува поддршката на инвестициите, локалниот развој и политиките за економска стабилност

Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година со кој се обезбедуваат повеќе средства за развој и капитални инвестиции, поддршка на земјоделството, социјалната заштита, општините и реализација на развојните приоритети на Владата, како и за непречено исполнување на законските обврски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по предлогот истакна дека тој претставува навремено и одговорно усогласување на буџетските проекции со новите економски околности, како и за обезбедување средства за исполнување на законските обврски кои во меѓувреме се случуваа и реализација на развојните приоритети согласно степенот на нивната реализација.

Со Дополнетиот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8% од првичните проекции. Буџетскиот дефицит е проектираниот на 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП.

„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, рече министерката.

Таа додаде дека измените се насочени кон продолжување на политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и потенцира дека денес со изгласувањето на Ребалансот продолжува инвестицискиот циклус, изградбата на инфраструктурата, поддршката за локалниот развој и се обезбедува сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.

Со ребалансот се обезбедуваат 5,8 милијарди денари повеќе средства за капитални инвестици и се проектирани на ниво од 46 милијарди денари што е 14,3% повеќе во споредба со иницијалниот буџет, а заради забрзаната динамика на реализација на капиталните проекти. Имено, во првата половина од годината реализацијата на капитални расходи достигна 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на ставката за капитални расходи и инвестиции во инфраструктурата е причината за корекцијата на дефицитот од 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција на буџетскиот дефицит.

Средствата се насочени кон реализација на проекти коишто директно го подобруваат животот на граѓаните и ќе создадат економски придобивки во наредните години. Планирано е финансирање проекти во патната инфраструктура и железничката инфраструктура, во областа на животната средина и комуналната инфраструктура, енергетика, образованието и детската заштита, земјоделство, правосудството, како и средства за капитални проекти во општините, односно поддршка на локалниот развој.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за сервисирање на најприоритетните обврски коишто произлегоа од потпишаните колективни договори, односно за повисоки плати, повеќе средства за земјоделството, како и за социјалната заштита.

Дополнително, преку вградувањето на амандманите, се обезбедија средства за жените коишто вршат земјоделска дејност, средства за воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и средства за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство. Исто така, дополнителни 6 милиони денари се обезбедија за транспорт на вода за населението во Гостивар поради прогласената епидемија, 1 милион денари за Управата за извршување на санкции; 10 милиони денари во МОН за реконструкција на факултети, 12 милиони денари во Јавното обвинителство за продолжување на лиценца за набавка на софтвер, 170 милиони денари се во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица и реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД, како и 80 милиони денари во Агенцијата за стокови резерви.

Растот на БДП за 2026 година со Ребалансот е проектиран на 3,5%.

Одделение за односи со јавност

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ОЈО: Притовр за четири лица за илегална трговија со дрога во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје нареди да се спроведуваат истражни постапки против вкупно четири лица кај кои во текот на викендот беа откриени одредени количества наркотична дрога.

ОЈО: Притовр за четири лица за илегална трговија со дрога во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје нареди да се спроведуваат истражни постапки против вкупно четири лица кај кои во текот на викендот беа откриени одредени количества наркотична дрога, со што беа исполнети елементите на кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во првата истрага се опфатени татко и син, на возраст од 50 и 19 години, кои во домот на ул. „Македонско-косовска бригада“ заеднички држеле околу пет килограми марихуана, спакувани во повеќе ќеси и наменети за натамошна продажба. При претресот во нивниот дом полицијата пронашла и три дигитални ваги со траги од дрога.

Истрага е поведена и против 25-годишник од Арачиново кој неовластено заради продажба држел околу 1,8 килограми марихуана спакувана во десет пакувања и една дигитална вага, кои му биле пронајдени при претрес и одземени.

За истото кривично дело осомничен е и 23-годишен жител на Аеродром, кој во напуштена подрумска просторија на булеварот АСНОМ, осомничениот заради продажба неовластено држел 640 грама психотропна супстанција амфетамин, 541 жолти таблети, како и 0,15 грама жолта грутчеста материја која претставува 3,4-метилен-диоксиметамфетамин. Кај него биле пронајдени и 69 перфорирани жолти картончиња со присуство на ЛСД, како и дигитални ваги и други предмети на кои имало остатоци од психотропни супстанции, кокаин и канабис.

За сите четворица осомничени јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор до надлежниот суд, соопштуваат од Обвинителството.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер