Според информациите на Канал 5, судот ова може да го смета за целосно легитимен потег бидејќи во заклучоците усвоени пред две години, формулацијата „полн состав за сложени прашања“ се толкува како избрани деветмина судии, а не присуство на седница на сите девет судии. Но официјална потврда од судот нема, оттаму велат дека до седницата нема да коментираат.
Иако Уставниот суд одлучува со мнозинство од пет гласа, судијата Осман Кадриу за Канал 5 вели дека во случајот за Законот за јазиците се работи за надгласување и мајоризација за етнички права на Албанците кои се гарантирани со Устав. Затоа тој и неговиот колега Насер Ајдари одлучиле да не присуствуваат на седницата.
Во последно време кога се одлучува за конкретни предмети од национална природа, а одлуките се донесуваат со надгласување, навистина паѓа во очи дека станува збор за одлуки со кои се укинуваат правата на другите немнозински заедници.
- Нели сметате дека со неприсуството на оваа седница ќе постапите според чувство како етнички Албанец, а не според правни и уставни аргументи кои ги носите кога одлучувате во Уставниот суд?
- Не, исклучиво врз правни аргументи засновани врз Уставот на земјата како највисок правен акт. - Осман Кадриу – уставен судија
Во пресрет на седницата на Уставен, пристигнуваат и политички пораки. Од ДУИ велат дека доколку судиите одлучат да поништат постигнати права, последиците ќе бидат непоправливи, а тие не можеле да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа. Премиерот Мицкоски вели дека и покрај овие закани, Владата нема да дозволи да се создадат безбедносни проблеми.
-Судиите избрани од ДУИ и СДСМ сега се напаѓани од истата таа ДУИ, а кога станува збор за заштита на криминалците кои правеле криминал тогаш истите овие обвинители и судии се во нивна одбрана. Малку чудно е ова ама ќе видиме, времето ќе покаже. Ние сме свесни дека тие елементи сакаат да нè влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие ние, ниту Владата ќе дозволи да има какви било безбедносни проблеми. - Христијан Мицкоски – претседател на Влада
Вицепремиерот Изет Меџити пак темата за Законот за јазиците ја смета и за политичко прашање, важно за соживотот во Македонија.
„ Ако не присуствуваат судиите Албанци, таква одлука е нелигитимна и нецелосна. Нема да навлезам во таа работа на Уставниот суд. Јас само повикувам дека ова не е правно прашање, туку и политичко прашање што ја тангира и стабилноста на државата. “-Изет Меџити – вицепремиер
Инаку освен укинување и поништување, според најавите од претседателот на судот Дарко Костадиновски, за овој предмет е опција и судот да му даде рок од 6 месеци на Собранието да ги промени одредбите што би биле спорни, а можно е да повикаат и експерти од Венцијанската комисија.