Европската комисија „Фон дер Лајен 2“ стапува на должност - Канал 5

Европската комисија „Фон дер Лајен 2“ стапува на должност

 Новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен денеска официјално ја презема должноста, со што почнува да тече нејзиниот петгодишен мандат.   

Европската комисија „Фон дер Лајен 2“ стапува на должност

Комисијата формално беше именувана од страна на Советот на ЕУ во четвртокот со мандат за периодот од 1 декември 2024 до 31 октомври 2029 година, откако ден претходно таа беше одобрена од Европскиот парламент со 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“.

Еврокомисијата ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ – претседателката, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари и тоа:

1. Урсула фон дер Лајен (Германија) – претседателка;

2. Каја Калас (Естонија) – извршна потпретседателка и висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика;

3. Рафаеле Фито (Италија) – извршен потпретседател за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите;

4. Роксана Манзату (Романија) – извршна потпретседателка за луѓето, вештини и подготвеност и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права;

5. Хена Марија Виркунен (Финска) – извршна потпретседателка за технолошка сувереност, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии;

6. Стефан Сежурне (Франција) – извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустрија, мали и средни претпријатија и единствениот пазар;

7. Тереза Рибера Родригез (Шпанија) – извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност,

8. Магнус Брунер (Австрија) – еврокомесар за внатрешни работи и миграција;

9. Хаџа Лабиб (Белгија) – еврокомесарка за подготвеноста, справување со кризи и еднаквост;

10. Екатерина Гечева-Захариева (Бугарија) – еврокомесарка за старт-апи, истражување и иновации;

11. Апостолос Sиsикостас (Грција) – еврокомесар за транспорт и туризам;

12. Ден Јоргенсен (Данска) – еврокомесар за енергија и домување;

13. Мајкл Мекграт (Ирска) – еврокомесар за демократија, правда и владеење на правото;

14. Костас Кадис (Кипар) – еврокомесар за рибарство и океани;

15. Валдис Домбровскис (Летонија) – еврокомесар за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување;

16. Андриус Кубилиус (Литванија) – еврокомесар за одбрана и Вселената;

17. Кристоф Хансен (Луксембург) – еврокомесар земјоделство и храна;

18. Глен Микалеф (Малта) – еврокомесар меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт;

19. Пјотр Аркадиуш Серафин (Полска) – еврокомесар за буџет, борба против измами и јавна администрација;

20. Марош Шефчович (Словачка) – еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност;

21. Марта Кос (Словенија) – еврокомесарка за проширување;

22. Оливер Вархеји (Унгарија) – еврокомесар за здравје и благосостојба на животните;

23. Вопке Бастијан Хукстра (Холандија) – еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст;

24. Дубравка Шуица (Хрватска) – еврокомесарка за Медитеранот;

25. Јозеф Сикела (Чешка) – еврокомесар за меѓународни партнерства;

26. Марија Луиш Казанова Моргадо Диаш де Албукерки (Португалија) – еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестиции; и

27. Јесика Розвол (Шведска) – еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија.

Новата комисија има 11 жени и 16 мажи. Според политичка провиниенција, 14 припаѓаат на партии членки на Европската народна партија (ЕПП), по четворица од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералниот блок Да ја обновиме Европа, еден од алијансата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), а четворица не се членови на ниту една партија.

При претставувањето на кандидатите за челнови на Колеџот на комесари, Фон дер Лајен најави дека прва голема иницијатива на новата Комисија ќе биде „Компасот за конкурентност“, кој ќе се базира на три столба - намалување на јазот во иновациите со САД и Кина, потоа декарбонизацијата и зајакнувањето на конкурентноста, како и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста.

Таа порача дека борбата за слобода „не поврзува како Европејци“ и е причина за создавањето на Европската Унија, а денес станува нејзина движечка сила повеќе од кога било досега.

- Оваа борба за слобода не се однесува само на нашите 27 земји членки. Сонот за Европа се протега до Западниот Балкан, до Украина, до Молдавија и пошироко. Ја видовме храброста на народот на Украина во продолжувањето на нивниот европски пат. Ја видовме издржливоста на народот на Молдавија да се држи до својата европска иднина. Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви да се приклучи на нашата Унија, нагласи Фон дер Лајен.

Според неа, целиот Колеџ на комесари ќе биде посветен на конкурентноста и зајакнување на технолошкиот суверенитет, безбедност и демократија и градење конкурентна, декарбонизирана и циркуларна економија со фер транзиција за сите, како и дизајнирање храбра индустриска стратегија со иновации и инвестиции, зајакнување на европската кохезија и региони и поддршка на луѓето, вештините и европскиот социјален модел.

- Целта е да се гарантира дека Европа може да ги наметне своите интереси и да биде лидер во светот, истакна Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека секој член на ЕК е еднаков и секој комесар има еднаква одговорност да ги исполни поставените приоритети, но и дека сите тие мора да работат заедно.

- Овој тим е навистина европски. Претставува различни народи и генерации. Имаме поранешни премиери и министри, градоначалници и локални функционери. Некои биле извршни директори, а други работеле за непрофитни организации. Некои биле новинари и сопственици на бизниси. Други се биолози или физичари. Некои се од руралните средини и земјоделскиот сектор, а други од нашите големи градови. Некои преживеаја војни, други транзиција кон демократија. Горда сум што овој тим е толку разновиден на многу начини, додаде Фон дер Лајен.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Мирнеса С, попозната по прекарот Мики, која украла дури 1,25 милиони евра од германска компанија за готовински трансфер во Штутгарт, повторно е во центарот на вниманието. 

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Откако отслужила дел од тригодишната затворска казна, таа била ослободена на почетокот на 2025 година, но најголемата мистерија во случајот останува нерешена - каде завршиле парите што исчезнале пред повеќе од четири години?

Кражбата се случила на 14 октомври 2022 година, кога Мирнеса, која во тоа време била вработена во компанијата за готовински трансфер, однела огромна сума пари од просториите на компанијата, објави 24 сата.

Според информациите што подоцна ги објавија медиумите, таа ги ставила парите во спортска торба, ја покрила со крпи и го напуштила своето работно место. Бидејќи имала пристап до парите како вработена, кражбата била извршена без класичен грабеж или употреба на сила.

Нејзиното исчезнување предизвикало обемна потрага од страна на германската полиција, која понудила награда од 37.500 евра за информации што довеле до нејзино апсење. Мирнеса, сепак, доброволно се предаде на властите во Германија на почетокот на 2023 година, откако преку својот адвокат го најави своето пристигнување на аеродромот во Штутгарт.

Во јули истата година, таа беше осудена на три години затвор за кражба, а за време на постапката тврдеше дека нејзиниот тогашен партнер Роберт С. го смислил целиот план и ја убедил да учествува во кражбата. Според неа, таа добила само 20.000 евра од вкупната сума.

Нејзиниот поранешен партнер, од друга страна, ги негираше обвинувањата дека ја организирал кражбата и тврдеше дека само играл улога на возач.

Случајот достигна нов епилог во февруари 2026 година, кога Роберт С. беше осуден на три години и девет месеци затвор за учество во кражбата. Судот, исто така, нареди конфискација на приносите од криминал во износ од 1,25 милиони евра, но парите не беа пронајдени ни тогаш. Пресудата не беше конечна во времето на објавувањето на извештајот.

Мирнеса се појави и како сведок на судењето на нејзиниот поранешен партнер, каде што зборуваше за желбата да започне нов живот. Иако е повторно слободна, прашањето за судбината на парите останува неодговорено.

Во последните месеци, таа привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што се појавува во хумористични видеа со босанскиот инфлуенсер Сермед Мактоуф.

Иако двајцата поминаа низ судски процес и добија затворски казни, повеќе од еден милион евра сè уште не се пронајдени, а останува непознато кој во моментов ги контролира парите од една од најпознатите кражби во Германија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Холанѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно

Холандските обвинители побараа 12-годишна затворска казна за маж кој го убил својот татко, а потоа го исекол неговото тело на 238 парчиња!

Холанѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно

Осомничениот ги ставил останките од својот татко во 19 вреќи за ѓубре, кои ги чувал во два замрзнувачи и кутија за складирање повеќе од три години.

„Тој го отстранил телото и ги лажел полицијата и луѓето околу него со години“, изјавил јавниот обвинител пред судот, објави Сан.

Тајмен В., 33, е обвинет за убиство на својот татко на 10 јануари 2021 година. Полицијата ги пронашла останките во куќата на осомничениот повеќе од три и пол години подоцна, во ноември 2024 година.

Обвинителството изнесе тврдења пред судот во Алкмар дека таткото и синот биле во насилен конфликт. Жртвата била удирана во главата осум пати со тврд предмет, можеби статуа на Буда, што самиот осомничен го споменал.

Според патолог од Холандскиот форензички институт (NFI), постои и можност жртвата да била задавена. Осомничениот тврди дека дејствувал во самоодбрана откако неговиот татко го нападнал со нож.

Обвинителството ја отфрли оваа верзија на настаните, нагласувајќи дека осомничениот не контактирал со полицијата по смртта на неговиот татко, туку им кажал на луѓето околу него дека заминал во странство.

Обвинителот посочи дека осомничениот се однесувал кон својот татко „на ужасен и крајно дехуманизирачки начин“. Психијатар и психолог процениле дека имал благо нарушен ментален капацитет, констатација што обвинителството ја прифатило.

Обвинетиот изјавил дека целосно го потиснал и самото убиство и криењето на телото, и дека неговите сеќавања за настанот се појавиле дури околу еден месец по неговото апсење. Меѓу другото, му е дијагностицирано гранично растројство на личноста.

Неговиот адвокат изјавил дека физичкото насилство се случило меѓу татко и син во неколку наврати и дека било взаемно.

Тој додаде дека неговиот клиент ја изгубил довербата во полицијата по претходен инцидент, кога неговиот татко го нападнал со секира, а полицајците не пристигнале веднаш на местото на настанот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бран штрајкови се најавени во Италија за овој месец- запираат возовите, автобусите и авионите

Италијанските синдикати повикаа на национален штрајк во железничкиот, автобускиот и воздушниот транспорт за 20 и 21 ноември, на кој ќе му претходат неколку прекини на работата и протести на локално ниво.

Бран штрајкови се најавени во Италија за овој месец- запираат возовите, автобусите и авионите

Генералниот штрајк, свикан од Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL), ќе ги опфати сите транспортни сектори, и јавни и приватни, во текот на целиот ден на 20 ноември, објави денеска ADNkronos.

Во исто време, неколку закажани протести и локални штрајкови од следната недела се закануваат да го нарушат транспортот, создавајќи тешкотии за жителите на неколку италијански градови.

Утре Џенова ќе биде погодена од штрајк во транспортот организиран од синдикатот Cub Trasporti, додека синдикален протест ќе се одржи во Козенца на 10 ноември, што ќе го наруши и јавниот превоз.

Во Милано, штрајк на групацијата ATM е свикан за 13 ноември, што ќе доведе до прекини во јавниот превоз во тој град, како и во Монца и Бријанца, а истиот ден, јавниот превоз во Венеција исто така ќе биде засегнат во текот на целиот ден поради прекин на работата.

Штрајкови се планирани и во транспортниот сектор во Бари и Неапол во текот на ноември, соопшти агенцијата.

На национално ниво, критични денови за транспортот, од јавниот превоз до железницата, ќе бидат 20 и 21 ноември, кога штрајкот ќе влијае на железничкиот товарен транспорт, локалниот јавен превоз и железничкиот патнички транспорт, од 21 часот на 20 ноември до 20 часот на 21 ноември.

Што се однесува до секторот за воздушен транспорт, се очекуваат прекини за патниците што летаат на 22 ноември, кога вработените во неколку компании во Фиренца и Пиза ќе штрајкуваат, додека работниците во компанијата Енав во Варезе исто така ќе штрајкуваат.

Покрај транспортниот сектор, прекин на работата е повикан и за италијанските работници во кол-центрите да штрајкуваат на 11 ноември.

Синдикатите заеднички ја повикуваат владата да „обезбеди сериозна индустриска политика за секторот, како и да ги заштити работните места и приходите на работниците“.

Национален штрајк е закажан и за 16 ноември за приватните даватели на здравствени услуги, социјалните претпријатија, како и за регионалните и локалните власти, потсети агенцијата.

Во исто време, училиштата и универзитетите ќе бидат во центарот на широк протест во текот на денот на 20 ноември, свикан од синдикатите и здруженијата на работници во образованието на Италија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер