Европската централна банка ги намали основните каматни стапки седми пат по ред - Канал 5

Европската централна банка ги намали основните каматни стапки седми пат по ред

Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали основните каматни стапки седми пат по ред. Одлуката беше објавена денеска на крајот од дводневниот состанок на ЕЦБ за монетарната политика.

Европската централна банка ги намали основните каматни стапки седми пат по ред

Каматната стапка за депозитите е намалена за 0,25 процентни поени на 2,25 отсто - ниво под кое последен пат беше во декември 2022 година, кога беше 2 отсто. Останатите две водечки стапки - основната стапка на рефинансирање и каматата на маргиналните кредитни средства - исто така се намалени за 0,25 процентни поени - соодветно до 2,40 проценти и 2,65 проценти.

Ова го засили трендот на намалување на каматните стапки, кој почна во јуни минатата година.

Состанокот за монетарната политика на ЕЦБ се одржа во момент кога траат тензиите предизвикани од царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп. И иако стапувањето во сила на дел од нив е одложено, економската состојба останува неизвесна./МИА

Сиљановска-Давкова на средбата со Кошта: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото

Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтегрaција.

Сиљановска-Давкова на средбата со Кошта: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на која нагласи дека во процесот на европската интеграција не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтеграција.

Истакнувајќи дека земјава e фокусирана на спроведување на реформската агенда заради достигнување на европските стандарди, таа истакна дека Копенхагенските критериуми се, и треба да останат единствените услови за членство во Европската Унија.

Сиљановска-Давкова нагласи дека единствено со добра волја, меѓусебно разбирање и почит, може да се решат бугарско-македонските недоразбирања и спорови.

Преговорите за историјата, културата и јазикот не се во духот меѓународното и европското право и значат негирање на европските вредности и принципи, утврдени во конститутивните документи на ЕУ во коишто се гарантираат националниот и културниот идентитет, како и интегритетот и дигнитетот на граѓаните.

Предупредувајќи дека македонскиот преседан може да има домино ефект, проширувајќи се и на други држави од регионот, но и пошироко, со што ќе се загрози политиката на проширување на ЕУ, таа побара од Европскиот совет да предложи решение за оневозможување нови барања и условувања коишто ќе го дефокусираат нашето внимание од реформите на идентитетски прашања.

Претседателката укажа дека бројката од 36 уставни амандмани за триесеттина години, од коишто најголемиот број се иницирани однадвор, ја релативизира важноста на уставот како највисок правен акт, од една страна и најширок и најважен општествен договор на граѓаните, од друга.

Таа потсети и на редовното искуство при секоја измена на уставот, на предложените амандмани да им се придружат нови, чие усвојување е услов за поддршка на првите.

Потенцирајќи дека интегрирањето на Западен Балкан е јасен приоритет за ЕУ, претседателот на Европскиот совет Кошта искажа разбирање за националните чувства и состојбата во која се наоѓа државата и изрази став дека не очекува дополнителни политички условувања на македонскиот пат кон ЕУ.

Ценејќи ги вложените напори во изминатите две децении, тој смета дека треба да го искористиме моментов на зголемен интерес на ЕУ за проширување, во функција на обезбедувањето поголема безбедност и сигурност, покрај европеизацијата на регионот.

Во Кривичен прододолжува судењето за убиството на Вања и Панче

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основниот Кривичен суд Скопје со почеток во 10 часот. 

Во Кривичен прододолжува судењето за убиството на Вања и Панче

На изминатото рочиште заврши сведочењето на обвинетиот Љупчо Палевски кој негираше насилни кривични дела и изјави дека мотивот за убиство е нелогичен и недокажан. На денешното рочиште се очекува да заврши доказната постапка и да се почне со дополнение.

По неговото сведочење, судијата Ивица Стефановски се изјасни по повеќе барања на обвинетиот Палевски кои биле доставени во текот на постапката. Судот информираше дека прифаќа да се прибави видеозапис од експозитурата на Халк Банка за ден 27.11.2023 година од 9 до 12 часот. Не се прифати барањето да се повикаат како сведоци двата вештаци кои ја вештачеле чаурата, затоа што барањето не било доставено на време, согласно Законот за кривична постапка. Беше прифатено да се изведе како доказ чаурата пронајдена на местото каде што е убиен Панче Жежовски.

Во текот на распитот, Палевски изрази уверување дека целиот процес е политички прогон против него. Во однос на мотивот за убиството, Палевски ги негираше сите обвинувања, посочувајќи дека не постојат докази кои ги поткрепуваат тврдењата на обвинителството.

Неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски и бранителот на обвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, во изјава за медиуми тогаш истакнаа дека како дел од дополнението на доказната постапка ќе бараат и реконструкција на настаните, поради тоа што, како што посочија, многу работи во досегашниот процес останале неразјаснети.

Претходно, покрај Палевски и повеќе сведоци на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Сообраќајот се одвива непречено по влажни коловози

 Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози,  соопшти утрово АМСМ.

Сообраќајот се одвива непречено по влажни коловози

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

-Мостот на река Вардар на регионалниот пат кај Башино село е затворен за секаков вид на сообраќај. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 17 април 2025 година е пуштен за сообраќај за возила до 3.5 тона, информира АМСМ.

притисни ентер