Европска агенција за превенција на болести : Европа сеуште не го достигнала врвот на кризата

Ковид-19 сè уште се шири и од него умираат голем број луѓе низ цела Европа. Нема индикации дека епидемијата е на својот врв, се наведува во наодите од Европскиот центар за контрола и превенција на болести, пренесува Ројтерс.

Во извештајот на Европскиот центар за контрола и превенција на болести се вели дека бројот на смртни случаи, од сите причини, вклучително и Ковид-19, е поголем отколку што се очекуваше во Белгија, Франција, Италија, Шпанија, Швајцарија и Велика Британија, претежно кај лица постари од 65 години.

И покрај неодамнешните извештаи од Италија и Австрија, каде падна бројот на починатите, во извештајот се вели „засега нема индикации дека епидемијата е на својот врв“.

Андреа Амон, директор на Европскиот центар за контрола и спречување на болести, рече дека, со оглед на достапните докази, може да се очекува понатамошно ширење на вирусот.

По примерот на Италија, многу европски земји во последните неколку недели воведоа строги мерки за затворање на јавните места и институциите и побараа граѓаните да останат дома.

„Сè уште е рано да се укинат сите мерки за физичко растојание“, се вели во извештајот.

Извештајот на Европскиот центар за контрола и превенција на болести е во согласност со изјавите на Ханс Клуге, директорот на Светската здравствена организација за Европа, кој рече денеска дека ситуацијата во регионот е „многу загрижувачка“. Клуге, исто така, побара од владите да размислат многу внимателно за потенцијалното укинување на мерките со кои се ограничува движењето на граѓаните.

Амон додаде дека координацијата меѓу земјите на ЕУ ќе биде клучна откако ќе помине епидемијата и мерките ќе бидат постепено укинувани. Меѓусебната соработка треба „да го намали ризикот од ширење на инфекцијата меѓу земјите“.

притисни ентер