Обилните снежни врнежи ја погодија јужна Германија во вчера вечер и продолжија утринава, предизвикувајќи големи нарушувања на аеродромот во Минхен, вториот најфреквентен центар во земјата. Откажани се околу 320 од 760 летови закажани за денеска, јави германската новинска агенција ДПА. Екипите се обидоа барем една писта да биде во функција и без снег.
Ситуацијата е критична низ Баварија каде наврна огромно количество снег. Минхен е парализиран, а транспортот е во прекин. Во Улм и Минхен патниците мораа да преноќат во возови.
Сите летови се откажани на аеродромот во Глазгов во Шкотска поради обилните снежни врнежи, а предупредувањата за снег и мраз се на сила ширум Велика Британија.
Се очекува остриот студ да продолжи во Велика Британија во текот на викендот, бидејќи температурите се спуштија под нулата во текот на ноќта, објави Скај њуз.
Како што се наведува, поради тешките временски услови, можно е да има отежнат патен и железнички сообраќај, а откажани се и неколку спортски настани. Метеоролозите за денеска издадоа жолти предупредувања за северниот и југозападниот брег на Шкотска, како и за југозападниот и источниот брег на Англија.
Температурите се спуштија до 10 степени под нулата во делови од Шкотска во текот на ноќта.
Нови временски услови зафатија неколку региони во Италија, поморскиот сообраќај е прекинат во крајбрежните области и издадени се предупредувања за надојдените води на реката По, пишува Анса.
Налетите на ветровите од 143 км/ч се забележани во Лигурија, додека во пристаништето Ливорно во Тоскана сите бродови беа закотвени среде налетот на ветерот Либеџо, кој достигна 50 јазли, а брановите надминаа четири метри во висина.
Во регионот Марке интервенираа 300 противпожарни единици поради штети предизвикани од силниот ветер. Потребни се дополнителни 150 интервенции во областа околу Римини поради паднати дрвја.
Снегот ги покри регионите Тирол и Јужен Тирол и достигна 30 сантиметри на превојот Бренер, а на југот од регионот имаше дожд. Издадено е предупредување за надојдената река По, најголемата река во Италија, каде што регионот Емилија и дел од Ломбардија се особено загрозени.
Метеоролозите до крајот на денот најавија лапавица и снег за Хрватска, кој на планините може да падне и до половина метар.
Метеоролозите за Хрватска прогнозираат дека во западните делови од земјата ќе има снег и голем студ. Според нив, утре ќе биде постудено и сончево, со можност за провејување на снег, додека понеделник, 4 декември, ќе биде значително постудено, посуво и делумно сончево.
Од вторник, 5 декември, повторно ќе биде облачно, со сѐ почести врнежи, додека на Јадранот ќе дува југо, јавуваат хрватските медиуми. За денеска поради силниот ветер издадени се портокалови предупредувања за шест региони, западниот брег на Истра, Кварнер и Кварнериќ, каналот Велебит, северна, централна и јужна Далмација.