Еврокомесарот Рејндерс од 25 април ја става функцијата во мирување

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го одобри барањето еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс за неплатено отсуство од должноста, откако на почетокот на неделава Комитетот на министри на Советот на Европа ја поддржа неговата кандидатура за нов генерален секретар на оваа паневропска организација, соопшти ЕК.

Во соопштението се посочува дека функцијата на Рејндерс ќе биде во мирување од 25 април, кога официјално стартува изборната кампања за нов генерален секретар на Советот на ЕУ, па до гласањето за избор во Парламентарното собрание на Организацијата, што е предвидено за во јуни.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК информира дека имајќи ја предвид заложбата на Рејндерс да се воздржи од директно и индиректно учество во каква било активност поврзана со изборната кампања до 25 април, да гарантира дека таква активност не се спроведува во негово име, како и да избегне какви било дополнителни дејствија што би можеле да се перципираат како конфликт на интереси, Фон дер Лајен му одобри неплатено отсуство, нагласувајќи дека и во тој период за него ќе важат одредбите и правилата од Кодексот за однесување на членовите на Европската комисија.

- Претседателката посебно ја истакна обврската да не ги користи човечките или материјалните ресурси на Комисијата во периодот на кампањата и да продолжи со почитување на принципите на доверливост и колегијалност, како и со општите обврски утврдени во Кодексот на однесување, се додава во соопштението, при што се посочува дека за привременото повлекување на Рејндерс, ЕК ги информирала и Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Рејндерс е еврокомесар за правда од декември 2019 година, на која должност дојде од местото белгиски министер за надворешни работи, функција што ја извршуваше од декември 2011 година во влади на тројца премиери. Пред тоа, од јули 1999 до декември 2011 тој беше министер за финансии на Белгија. Од декември 2018 до ноември 2019 паралелно со должноста шеф на дипломатијата, беше и министер за одбрана. Тој веќе беше кандидат за генерален секретар на Советот на Европа во 2019 година, но загуби од актуелната шефица на Организацијата, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Негови противкандидати за функцијата се донеодамнешниот швајцарски министер за внатрешни работи Ален Берсет и поранешниот естонски министер за култура Индрек Сар.

Засега е не јасно дали доколку биде избран на новата должност, Рејндерс уште веднаш ќе го напушти местото еврокомесар или ќе го истурка целиот мандат до крај. Мандатот на сегашната Европска комисија и на нејзините членови истекува со изборот на новиот состав на извршното тело на ЕУ, што се очекува да се случи во октомври или ноември. Од друга страна актуелниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември.

СДСМ: Не смееме да дозволиме да се повтори 27 април

27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори.

27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ.

Вооружени насилници на 27 април 2017 година, поттикнати од ДПМНЕ, упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во парламентот, да го загрозат уставниот поредок, ја доведоа државата пред амбис, на раб на граѓанска војна.

Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години.

Насилниците поддршка имаа и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание.

Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток.

Ништо не е сменето во ДПМНЕ. Тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните.

СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори.

Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Киев: Русија ја нападна енергетската инфраструктура во три украински региони

Руските вооружени сили денеска ја нападнаа енергетската инфраструктура во три украински региони, соопшти украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.

Нападнати се објекти во областите Дњепропетровск, Ивано-Франковск и Лавов.

Халушченко информираше дека во нападот е оштетена енергетската опрема, а најмалку еден работник е повреден.

Тој на својот канал во апликацијата „Телеграм“ напиша дека сега се откстрануваат последиците од нападот.

Одбележување на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје

 Под мотото „Заштитуваме генерации“, со детските ликови „Биби и Боби“ и детска балетска претстава, денеска во  Градскиот парк во Скопје, на отворената сцена „Школка“, ќе биде одбележана Европската недела на имунизација.

На настанот организиран од Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, поддржани од УСАИД и ЕУ, обраќања ќе имаат евроамбасадорот Дејвид Гир, специјалната претставничка на СЗО д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани и претставник од Министерство за здравство.

- Заедно да ја подигнеме свесноста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија, истакнуваат од Министерство за здравство.

притисни ентер