ЕУ воведе забрана за летови на турската „Саутвинд Ерлајнс“ поради врски со Русија

Компанијата е со седиште во Анталија, а како нејзин сопственик е регистрирана турската фирма „Кортекс Хаваџилик ве Туризам Тиџарет“. 

ЕУ воведе забрана за летање на турскиот авиопревозник „Саутвинд Ерлајнс“ на територијата на Унијата, поради „загриженост за сопственичката структура и оперативната контрола на компанијата“ базирана на сознанијата дека таа е во сопственост на субјекти од Русија.

Авиокомпанијата „Саутвинд Ерлајнс“, која првенствено лета на домашни и на релации од Турција кон Русија, имаше авиолинии и кон неколку европски земји, меѓу кои и Северна Македонија, Белорусија, Германија, Грција, Италија, Молдавија и Швајцарија, како и кон Блискиот Исток и Казахстан.

Компанијата е со седиште во Анталија, а како нејзин сопственик е регистрирана турската фирма „Кортекс Хаваџилик ве Туризам Тиџарет“.

ЕУ на 28 минатиот месец ги известила сите земји членки на Унијата дека се воведува забрана за летови на „Саутвинд Ерлајнс“ на територија на блокот врз основа на Регулативата на Европскиот совет за рестриктивните мерки поврзани за активностите на Русија со кои се дестабилизира ситуацијата во Украина (Бр. 833/2014). Ваквото известување следуваше откако три дена претходно воздухопловните власти на Финска и забранија на компанијата прелети преку финска територија.

Според раководителот на финската транспортна агенција Трафиком, Јарко Саримаки, нивните проценки укажуваат дека „значителен дел од сопственоста и ефективната контрола не е на турски поединци или компании“.

- Заклучивме дека авиокомпанијата и нејзината контрола се поврзани со руски играчи, изјави Саримаки за турското специјализирано списание „Туризам Ѓунџел“.

По одлуката на ЕУ, Здружението на руски тур-оператори во саботата соопшти дека се откажуваат летовите на „Саутвинд Ерлајнс“ до руската енклава Калининград, бидејќи авионите мора да ја прелетуваат територијата на ЕУ.

Сезонските и чартер-летовите во текот на летната сезона годинава од Скопскиот аеродром ќе бидат до: Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир, со авиокомпаниите - Anadolu Jet, AMC Airlines, BH Air, Freebird и Nouvelair. /МИА

ЦУК: Спасен овчар заглавен на речен остров во водите на Црна Река

Спасен е овчар заглавен на речен остров во надојдените води на Црна Река, заедно со неговите стотина овци, соопштија вечерва од Центар за управување со кризи.  

Оттаму нагласија дека сега овчарот и овците се на безбедно место, откако се намалило нивото на водата и тие биле евакуирани.

- Центарот за управување со кризи известува дека од единствениот број за итни случаи 112, до Секторот за операции и координација, во 17:32 часот добил информација за заглавен овчар среде Црна Река, со неговите стотина овци, на мало островче на 200 метри лоцирано под селото Манастирец во општина Росоман. Реката била надојдена заради зголемен проток при производство на електрична енергија од страна на АД „ЕЛЕМ“ ПО „ХЕЦ Тиквеш Водостопанство Тиквеш“. ЦУК презеде координативни активности за да се запре протокот на вода од Акумулација „Тиквеш“ и да се намали нивото на реката, соопштија од Центарот.

Од ЦУК веднаш биле преземени сите неопходни мерки.

- Овчарот чекаше нивото на реката да се намали за заедно со неговите овци да се засолни на безбедно место. При ваков случај, било потребно три до четири часа да се намали нивото на водата. Инаку, на лице место е испратена екипа на МВР – ПС Кавадарци, а во контакт со градоначалникот на Општина Росоман е добиена потврда дека и од таму ќе биде пратена екипа, информираа од ЦУК.

Видео: Пагани вреден два милиони снимен на поплавените улици во Дубаи

Велат дека е тенка линијата помеѓу храброста и глупоста.

Веројатно веќе сте виделе снимки од поплавениот Дубаи на социјалните мрежи - градот се соочи со рекордни врнежи од дожд, но ниту тоа не можеше да го спречи возачот на „Pagani Utopia“ на патот до целта.

Возилата вредни повеќе од два милиони евра најчесто се заклучуваат некаде за случајно да не се оштетат. Меѓутоа, овде тоа не беше случај.

Се гледа дека возачот на почетокот малку се двоумел, но на крајот храбро решил да помине низ поплавените улици. Тој ризикуваше, може да тргне наопаку и да го чини десетици илјади поправки, со оглед на тоа што автомобилот е речиси „залепен“ за земја.

„Pagani Utopia“ е многу ретка глетка, бидејќи се направени само 99 примери. Сите имаат твин-турбо 6.0-литарски AMG V-12 мотор кој испорачува 852 КС. Претпоставуваме дека нема оштетувања на болидот, но сепак треба да се признае за храброста (или лудоста) на овој возач.

Извор: Б92

Жителите на Канарските острови демонстрираа против масовниот туризам

 Десетици илјади луѓе демонстрираа денеска на шпанските Канарски острови во знак на протест против масовниот туризам на архипелагот во Атлантскиот Океан во близина на брегот на Африка.

Според полицијата имало 20.000 луѓе, а според организаторите 50.000 во поворки низ улиците на градовите на Канарските острови, кои свиреле и извикувале слогани против неограничен туризам.

Демонстрантите носеа натписи „Жителите на Канарските острови не се на продажба“, „Мораториум на туризамот“ и „Почитувај го местото каде што живеам“.

За организаторите на демонстрациите, сегашниот економски модел е штетен и за жителите и за животната средина. Бараат надлежните да го ограничат бројот на туристи.

„Ние не сме против туризмот. Само бараме да го сменат сегашниот модел кој овозможува неограничен раст на туризмот“, рече еден од демонстрантите.

Насобраните бараат да се запре изградбата на два нови хотели на Тенерифе, најголемиот и најразвиениот од седумте острови на архипелагот, а жителите да имаат право на глас при донесувањето одлуки за развој на туризмот.

Демонстрации на поддршка беа одржани и во Мадрид и Барселона.

Сместени на брегот на Северна Африка, Канарските Острови привлекуваат туристи со нивните вулкански пејзажи и сончеви плажи. Архипелагот со 2,2 милиони жители лани примил 16 милиони туристи.

Една четвртина од населението работи во туризмот, што носи 36 отсто од бруто домашниот производ (БДП). /МИА

притисни ентер