ЕУ бара прекуатлантско трговско примирје откако царините ја притиснаа автомобилската индустрија - Канал 5

ЕУ бара прекуатлантско трговско примирје откако царините ја притиснаа автомобилската индустрија

ЕУ бара прекуатлантско трговско примирје откако царините на САД ја притиснаа автомобилската индустрија

ЕУ бара прекуатлантско трговско примирје откако царините ја притиснаа автомобилската индустрија

ЕНР - Брисел

20 мај 2025

Претседателот на САД Доналд Трамп го склучи првото примирје во неговата светска трговска војна, постигнувајќи „историски“ компромис со Обединетото Кралство минатата недела. А минатиот понеделник се согласи да ги намали и давачките за царина за увоз од Кина — но Европската Унија сѐ уште преговара за да постигне прекуатлантски компромис.

По стапувањето на функција во јануари, Трамп — кој е закоравен протекционист — воведе царински давачки од 25% на челик, алуминиум и автомобили, како и универзални царини од 10% на повеќето други увозни производи во САД.

Во април ги укина специјалните царински давачки за увоз од повеќето трговски партнери, меѓу кои и Европската Унија, на 90 дена, поттикнувајќи го блокот привремено да ги одложи планираните противдавачки за да остави простор за понатамошни преговори.

Сепак, Европската комисија минатиот четврток објави план да им наметне дополнителни давачки на увозните производи од САД со вредност до 95 милијарди евра ако преговорите со Вашингтон не доведат до решение на трговскиот конфликт.

Списокот на производи засегнати од објавениот план опфаќа индустриски и земјоделски стоки, како автомобили и автомобилски делови, авионски делови, машини, горива, добиток, месо, свежо овошје и зеленчук, чоколадо, вино и други алкохолни пијалаци.

„ЕУ останува целосно посветена на изнаоѓањето договорно решение со САД“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Меѓу најпогодените од многустраниот напад на претседателот на САД врз слободната трговија се производителите на автомобили, па и најпознатите брендови — особено во најголемата европска економија, Германија — сега се носат со падот на продажбата и профитот.

Според годишниот извештај на Асоцијацијата на европски производители на автомобили, ЕУ во 2024 извезла во САД околу 750,000 возила со вкупна вредност од 39 милијарди евра.

Европските производители на автомобили ставени на мака

На крајот на април, германската компанија Мерцедес-Бенц и американско-европската групација Стелантис, чиишто брендови се Џип, Пежо, Фијат, Масерати и Опел, им се придружија на другите производители на автомобили во привременото одложување на својата годишна финансиска прогноза поради неизвесноста предизвикана од царините на САД.

Оваа таканаречена „прогноза на заработката“ се заснова на информациите што производителите на автомобили редовно ги соопштуваат како показател или проценка на нивната идна заработка.

Но, неизвесноста околу економското влијание на царините на САД ги наведе да се откажат од своите финансиски прогнози за годинава, истакнувајќи го хаосот предизвикан од трговската тактика што Трамп постојано ја менува.

Мерцедес посочи дека „нестабилноста во однос на царинските политики“ значи дека не може со сигурност да се предвиди претстојниот бизнис.

Мерцедес-Бенц и Фолксваген, најголемите европски производители на автомобили, соопштија голем пад во нивната нето добивка во периодот јануари-март, пред да стапат на сила американските царини. Нето добивката на Мерцедес се стрмоглавила за речиси 43% во првите три месеци од годината, до 1,73 милијарди евра.

Стелантис извести за пад од 14% на продажбата во првиот квартал, до 35,8 милијарди евра.

Во Шпанија, се издвојува случајот со Сеат, една од најголемите компании во нивната автомобилска индустрија. Но не поради царините на САД, туку поради царините на ЕУ на кинески електрични возила што сè уште се на сила.

За да се бори против силната конкуренција од кинескиот пазар на електрични возила, ЕУ на Кина ѝ наметна царини до 45,3%.

Во февруари, Сеат рече дека околу 1.500 работни места во компанијата и уште 10.000 други работни места се во опасност ако не се намалат сегашните царини на ЕУ за купра таваскан, електричниот автомобил што компанијата го произведува во Кина.

Падот на побарувачката за возила низ цела Европа, пред сè во Германија, влијае и на производителите и добавувачите на автоделови низ континентот.

Бугарија не произведува автомобили, но има многу бугарски компании што произведуваат автомобилски делови. Пролетниот макроекономски извештај на ДСК банка објавен кон крајот на април предупреди на негативните последици од царините со кои директно се погодени трговските партнери во Германија и Италија. Ова би можело да резултира со пад на нарачките на делови.

Сепак, претседателот на извршниот одбор на Асоцијацијата на увозници на автомобили во Бугарија Љубомир Доросиев изјави за бугарската новинска агенција БТА на почетокот на април дека царинските давачки за автомобили произведени во ЕУ се добра вест за европските потрошувачи. Според него, ако европските производители не се во можност да извезуваат евтино во САД, постепено ќе ги намалат цените на новите автомобили во Европа, вклучително и во Бугарија.

Во земјата кандидатка за ЕУ Северна Македонија, добавувачите на автоделови исто така изразуваат загриженост поради намалените нарачки, кај некои дури и до 30%. Според нив, негативните ефекти од Европа стигнуваат со одредено задоцнување до локалните добавувачи на автомобили од големите производители, па се плашат дека последиците врз домашната економија ќе станат уште посериозни ако продолжат економските проблеми во најголемата европска економија, Германија.

Проблеми со издувните гасови

ЕУ се соочува и со дилемата како да ги зајакне клучните сектори — вклучително и производството на автомобили — во услови на силна конкуренција од САД и Кина, од една страна, и како да ги постигне долгогодишните климатски цели, од друга страна.

Европарламентарците пред една недела го одобрија одложувањето на рокот за европските производители на автомобили да ги намалат издувните гасови, имајќи ги предвид напорите на блокот да ги балансира климатските цели со поддршката на автомобилската индустрија во криза.

Напорите вклучуваат олабавување на правилата за да им се даде простор на компаниите да дишат, како на пример одложувањето одобрено во Стразбур со мнозинство од 458 наспроти 101 европратеник.

Почнувајќи годинава, ЕУ ги намалува просечните емисии на јаглерод дозволени за новите возила што се продаваат во блокот од 27 земји, со високи казни ако производителите на автомобили не ги почитуваат.

Според планот предложен во март од Фон дер Лајен, компаниите може да се придржат до новите цели сметано преку просекот на нивните емисии во текот на трите години од 2025 до 2027 година, наместо секоја поединечна година.

Ова значи дека нема да бидат казнети ако не ја исполнат целта за 2025 до 31 декември годинава.

Велика Британија го постигнува првиот трговски компромис

Додека ЕУ и другите земји што се тетерават под товарот на царините сè уште се обидуваат да постигнат трговски компромис со САД, Велика Британија е првата земја на којашто ова ѝ успеа — така што ги олесни царините за автомобили и метали, но и предизвика критики од страна на американските производители на автомобили.

САД и Велика Британија минатата недела постигнаа „историски“ компромис, кој беше прогласен за заемно корисен договор за намалување на царините за британските производители на автомобили и сведување на царините за челик и алуминиум на нула.

Согласно договорот објавен од Трамп и британскиот премиер Кир Стармер предминатиот петок, царините на 100.000 возила произведени во Велика Британија увезени во САД ќе бидат намалени од 25% на 10%.

Во меѓувреме, договорот предизвика критики од автомобилската индустрија во САД оти може да ги стави во неповолна положба домашните производители.

Американскиот совет за автомобилска политика, кој ги застапува трите најголеми производители на автомобили во САД — Форд, Џенерал Моторс и Стелантис — исто така предупреди дека овој потег ќе им даде на британските производители неправедна предност во однос на претпријатијата во САД.

Производителите на автомобили во САД се потпираат на производство во Мексико и Канада и употребуваат делови произведени таму, а голем дел од нив сѐ уште се ослободени од царински давачки согласно Договорот меѓу САД и Мексико и Канада.

Сепак, како што минува времето, овие ослободувања се очекува да се смалат. Американскиот совет за автомобилска политика рече дека согласно новиот договор, наскоро би можело да биде поевтино да се увезе возило од Велика Британија отколку возило од Мексико или Канада што содржи многу американски делови, а ова ќе ги доведе до неповолна положба американските производители, добавувачи и работници.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Беше прекрасен татко, но падна во депресија по отказот“- мајка за сопругот кој ги уби нивните две деца

Мајката на две деца чиј татко ги убил фрлајќи ги од покривот на гаража, а потоа извршил самоубиство, проговори за околностите околу нивната трагична смрт!

„Беше прекрасен татко, но падна во депресија по отказот“- мајка за сопругот кој ги уби нивните две деца

Шестгодишната Каролин Линч и нејзиниот брат Џејмс Линч, на осум години, беа пронајдени во вторник, 3 ноември, пред општинска зграда во Маунт Либан, Пенсилванија, со повреди за кои се сомнева дека се предизвикани од падот, објави Пипл.

Нивниот татко, Патрик Линч, исто така е пронајден со слични повреди. Сите тројца починаа во инцидент што полицијата го истражува како убиство-самоубиство, соопшти шерифската служба на округот Алегени.

Според PennLive, Патрик ги фрлил децата од петкатна паркинг гаража. По убиствата, мајката на децата објави на Фејсбук дека Патрик бил депресивен откако неодамна ја изгубил работата.

На снимка од екранот од објавата, која ја споделија Daily Voice, WPXI TV и PennLive, Ана ДеМеј Линч напиша дека Патрик „донел неповратна одлука да ги убие нашите две деца и себеси“, додавајќи дека тој бил „прекрасен татко“.

„Тој беше отпуштен во август и набргу потоа, стана депресивен“, додаде таа во објавата.

На профилот на Патрик на LinkedIn е наведен како научник за податоци, кој работел на машинско учење и вештачка интелигенција, а неговата последна работа завршува во август.

Ана во својата објава на Фејсбук напиша дека успеала да го убеди Патрик да оди на терапија и дека тој имал закажан преглед за следниот ден.

„Еден ден предоцна“, напиша таа. „Никогаш не помислив дека нашата приказна ќе заврши вака“.

За Ана е отворена страница GoFundMe додека се бори со загубата на Каролин и Џејмс и се подготвува за нивните погреби.

Заедницата на Маунт Либан, исто така, се собира за да им оддаде почит на децата, за кои канцеларијата на медицинскиот испитувач соопшти дека починале од „повеќе повреди од тап предмет“.

„Таа беше само мало снопче радост. Ги сакаше луѓето“, изјави Вики Хефелфингер, која го познаваше семејството Линч преку нивното учество во училиштето за пливање.

„Секој пат кога ја гледавме, таа им мавташе на сите. Ги гледаше другите деца и беше едноставно толку храбро мало девојче“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Познато е колку заработува Ламар Одом за една недела на OnlyFans (ВИДЕО)

Поранешната НБА ѕвезда Ламар Одом би можела да заработи повеќе од 180.000 евра благодарение на својот нов профил на платформата OnlyFans. 

Познато е колку заработува Ламар Одом за една недела на OnlyFans (ВИДЕО)

Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс заработил повеќе од 45.000 евра за само осум дена, изјавил извор за TMZ.

Месечната претплата за пристап до неговите ексклузивни фотографии и видеа е околу 13,45 евра.

Одом отвори профил на OnlyFans минатиот месец, што го прави првата поранешна НБА ѕвезда што се приклучила на платформата, според медиумските извештаи.

Тој ја објасни својата одлука велејќи дека смета дека времето е вистинско за тоа. Призна дека во текот на својот живот поминал низ многу бурни периоди, но исто така рече дека подготвува уште неколку изненадувања за своите фанови.

„Сите опции се отворени“

Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Клиперс објави дека на неговиот профил ќе има разновидна содржина, вклучувајќи изненадувања што неговите фанови можеби не ги очекуваат.

„Сè уште нема да откривам премногу. Ќе мора да се претплатите за да дознаете. Само знајте дека сум искрен и сите опции се отворени“, рече тој.

Одом рече дека во текот на целиот свој живот често донесувал непредвидливи одлуки и дека сè уште може да ја изненади јавноста. „Отсекогаш сум бил отворена книга, но има поглавја што луѓето сè уште не ги виделе“, изјави тој.

Неговата девојка Рејчел Бредли исто така отвори профил на OnlyFans. Извор близок до двојката откри за TMZ дека постои можност тие да објавуваат содржина заедно во иднина.

Беше во брак со Клое Кардашијан

Одом јавно ја потврди својата врска со Рејчел Бредли во април, кога објави видео на Инстаграм од нив како заедно влегуваат во Crypto.com Arena во Лос Анџелес. Неколку дена претходно, тие споделија и заедничка фотографија со актерот Тери Крус и неговата сопруга Ребека Кинг Крус.

Пред врската со Бредли, Одом беше во долгогодишна врска со Лиза Моралес, со која има две деца, ќерката Дестини (28) и синот ЛЈ (24).

Тој е особено познат на јавноста по бракот со ријалити ѕвездата Клое Кардашијан, со која се ожени во 2009 година. Нивниот брак западна во криза, а во 2013 година решија да се разделат. Разводот официјално беше финализиран во 2016 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фицо тврди: Резултатите од референдумот за пристапување во ЕУ беа фалсификат

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес тврдеше дека референдумот за пристапување на земјата во Европската Унија бил наместен и дека немало да има пристапување доколку не било така.

Фицо тврди: Резултатите од референдумот за пристапување во ЕУ беа фалсификат

„Одржавме референдум кој, доколку не беше наместен, немаше да биде успешен. Тоа мора да се каже. Разликата беше толку мала што, според мене, беа направени одредени корекции за да се обезбеди дека исходот е онаков каков што беше потребен за Словачка да го одобри пристапувањето кон оваа организација“, изјави Фицо за телевизијата TA3.

Зборувајќи за атмосферата во Словачка во 2004 година, кога земјата се приклучи кон ЕУ, Фицо оцени дека пристапувањето било проследено со голем ентузијазам од една страна, но дека од друга страна, резултатот од референдумот бил многу тесен.

Референдумот за пристапување кон Европската Унија во Словачка се одржа во мај 2003 година, со излезност од 52 проценти, а мнозинството гласаше позитивно за пристапувањето.

Словачка се приклучи кон Европската Унија во 2024 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер