Ердоган: Турција е подготвена да изгради воена база на Кипар, доколку е потребно

Турција е подготвена да изгради воена база на северен Кипар „ако е потребно“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавија денеска турските медиуми, пренесе Бета.

-Ако е потребно, можеме да изградиме база и поморски структури на север. Имаме и море, рече турскиот претседател во авионот на враќање од Кипар, каде присуствуваше на церемониите по повод 50-годишнината од интервенцијата на турската војска. Тој ја обвини Грција дека сака да воспостави таква база на поделениот медитерански остров.

Во 1983 година, Турската Република Северен Кипар беше прогласена во северниот дел на Кипар, кој е признаен само од Турција.

Шефот на турската држава уште еднаш отфрли секаква можност за продолжување на меѓународните преговори за иднината на Кипар, сметајќи дека единствениот можен начин е директно да се преговара со кипарските Грци, на рамноправна основа.

-Искрено не мислиме дека е можно да се започне нов преговарачки процес без да се воспостави равенка според која двете страни ќе седнат на маса рамноправни и ќе ја остават како еднакви, рече Ердоган.

Островот Кипар е поделен откако Турција го зазеде северниот дел од островот на 20 јули 1974 година, како одговор на пучот на националистичките кипарски Грци кои сакаа да го припојат кон Грција. /МИА

Зеленски: Путин сака да манипулира со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака да „манипулира“ со претседателот на САД, Доналд Трамп, кога зборува дека за војната во Украина сака да преговара со САД.

- Тој сака да манипулира со желбата на претседателот на САД да постигне мир, истакна Зеленски.

Претседателот на Украина додаде дека е уверен оти ниту една руска манипулација сега не може да успее.

Крводарителска акција во спомен на Тоше Проески

Во холот на Домот на АРМ во Скопје денеска ќе се одржи крводарителска акција во спомен на хуманоста на Тоше Проески.

- Во рамките на традиционалните крводарителски акции на ЦК на град Скопје е и акцијата која се организира во спомен на хуманоста на нашата ѕвезда Тоше Проески, кој за жал прерано го загубивме. Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост, се вели во соопштението на Црвениот крст на Град Скопје.

Како што посочуваат, на овие акции собрани се над 5 500 единици крв, што зборува за позитивниот пример на Тоше, запаметен како голем хуманист и крводарител.

Хегсет избран за министер за одбрана на САД

 Пит Хегсет со тесно мнозинство е избран за министер за одбрана на САД. Педесет сенатори гласаа „за“, но ист толкав број гласаа „против“. Поради изедначениот резултат од гласањето, одлуката ја донесе потпретседателот Џеј-Ди Венс.

Сите демократски сенатори гласаа против кандидатурата на Хегсет, како и тројца републикански сенатори. Вторпат во историјата за кандидат за министерско место да се одлучува со гласање на потпретседателот. Првпат се случи во 2017 година кога Бетси ДеВос стана министерка за образование.

Хегсет (44), поранешен водител на „Фокс њуз“ и одликуван ветеран, ветува големи промени во Пентагон.

Откако беше објавена неговата кандидатура, критичарите ги доведуваат во прашање неговите квалификации за функцијата, укажаа на проблематичната природа на неговиот темперамент, како и неговите минати ставови за жените во борбените единици.

За време на процесот на одобрување за неговата кандидатура, се појавија низа обвинувања против Хегсет, како за семејно насилство, а е обвинет и за прекумерно консумирање алкохол и финансиско лошо управување во организациите на ветераните.

Тој вети дека ќе се воздржи од алкохол доколку биде избран за министер и призна грешки во финансиското управување, но негираше дека сторил нешто лошо.

притисни ентер