Ердоган: Израел мора да одговара за воените злосторства извршени во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во разговор со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека Израел мора да одговара пред меѓународните судови за воените злосторства што ги изврши во Газа. 

Како што пренесуваат британските медиуми, Ердоган во телефонскиот разговор, пред состанокот на Советот за безбедност на ОН за Газа, закажан за утре, му кажал на Гутереш дека „Израел продолжува бесрамно да го гази меѓународното право, правилата на војната и меѓународното хуманитарно право, пред меѓународната заедница“.

Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, како дел од таканаречената „контакт група“ на муслимански земји кои разговараат со западните лидери за Газа, ќе присуствува на утрешниот состанок во Њујорк, соопшти претходно Министерството за надворешни работи.

По нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел, на 7 октомври, еврејската држава почна воздушна и копнена офанзива против оваа и другите палестински милитантни групи во Појасот Газа, а досегашниот биланс на жртви е над 13.000 убиени Палестинци.

Во МНТ инклузивна танцова претстава „MUSICAL“

Инклузивното танц студио „Dancers United“ одбележува 10 години од инклузивните танцови претстави каде сите танчари на танцовото студио ја слават различноста преку танц, музика и уметност. 

Десеттата јубилејна инклузивна танцова претстава „MUSICAL“ по сценарио и режија на Сара Кочан ќе се одржи вечер во Македонскиот народен театар. Во претставата „MUSICAL“ ќе учествуваат повеќе од 200 танчари од различна возраст кои со своите танцови перформанси уште еднаш ќе покажат и докажат дека танцот е универзален јазик кој ги обединува сите без оглед на полот, возраста, можностите и способностите.

Инклузивната претстава е поддржана од Комерцијална банка и е дел од програмата на Министерството за култура и туризам за поддршка на проекти од национален интерес.

Претставата ќе биде изведена на 3 Декември – Светскиот ден на лицата со попреченост.

Вучиќ и Курти во Брисел на средба со новата шефица на европската дипломатија, Калас

Косовскиот премиер, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат денеска со новата шефица на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Одделните средби на Калас со Курти и Вучиќ во Брисел, кои ги потврди и портпаролката на ЕУ за надворешна политика, Анита Хипер, нема да бидат во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, процес кој го посредува Европската унија.

Калас е новата шефица на надворешната и безбедносната политика на ЕУ и заедно со останатите нови комесари на Европската комисија го започна својот мандат на 1 декември.

Портпаролката Хипер, на вчерашната прес-конференција, одговараше на прашања во врска со нападот на каналот Ибар-Лепенец во северно Косово во петокот, на 29 декември, како и за иднината на дијалогот меѓу Косово и Србија.

Таа го повтори ставот што ЕУ го изрази ден по нападот во селото Варага кај Зубин Поток, опишувајќи го како терористички напад врз критичната инфраструктура на Косово и ги повика сите да соработуваат со косовските власти за да се откријат сторителите и истите да се соочат со правдата.

За средбите што Калас ќе ги одржи во Брисел, Хипер појасни дека тие нема да бидат дел од дијалогот меѓу Приштина и Белград.

Каја Калас сега, по добивањето на мандатот, треба да одлучи како ќе продолжи процесот на дијалог, кој започна во 2011 година.

Косовскиот премиер и српскиот претседател во Брисел ќе имаат одвоени средби и со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Коста, а потоа ќе присуствуваат на неформална вечера што Коста ќе ја организира со сите лидери од регионот на Западен Балкан.

Курти и Вучиќ во последните денови разменија обвинувања за нападот во Зубин Поток. Косово ја обвини Србија за нападот на водениот канал Ибар-Лепенец. Србија негира дека стои зад нападот и рече дека започнала сопствена истрага за случајот.

Од САД за Украина нова помош од 725 милиони долари

САД ќе и обезбедат на Украина воена помош за одбрана од руски напади во износ од 725 милиони долари, објави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Одлуката е донесена во контекст на напорите на тимот во заминување на претседателот Џо Бајден да ја зајакне позицијата на владата во Киев во војната за да се одбие руската инвазија пред тој да ја напушти Белата куќа во јануари.

Поддршката меѓу другото ќе вклучува ракети Стингер, муниција за ракетните фрлачи HIMARS, беспилотни летала и противпешадиски мини.

Минатата недела тимот на Бајден подготви нова воена помош, од која голем дел ќе вклучува и противтенковско оружје за да ги одвратат нападите на руските трупи.

„САД и повеќе од 50 други земји се обединети во нивните напори да ги гарантираат одбранбените способности на Украина пред руската агресија“, рече Блинкен.

притисни ентер