Епидемијата не ги предомисли читателите - Канал 5

Епидемијата не ги предомисли читателите

Епидемијата не ги предомисли читателите, со почитување на мерките и на отворено годинава задоволителна посетеност на Саемот.

Епидемијата не ги предомисли читателите

Состојбата со коронавирусот годинава беше причина првпат Саемот на книгата да се одржи на отворено. На организаторите кои првпат се соочуваат со ваква криза не им беше лесно да организираат еднонеделен Саем, со оглед на тоа што не очекуваа посетеноста да биде голема. Сепак, на нивно задоволство посетителите се појавија во задоволителна бројка и максимално ги почитуваа мерките за заштита од вирусот. На самиот влез на Саемот на сите кои влегуваат најпрво им се мери телесна температура, а поставени се и средства за дезинфекција. Додека екипата на МИА беше во посета на саемот забележавме дека сите посетители носеа заштитни маски.

На самиот почеток, од десна страна наидовме на штандот на издавачката куќа АрсЛамина каде се запознавме со младиот Душко Трифуновски, вработен во оваа куќа и автор на делата „За 30 дена…овојпат", „Слана", „За два дена рече ДА".

Трифуновски е среќен што и покрај пандемијата, издавачите повторно се кренаа на нозе и го организираа настанот. Посетеноста како што рече, е прилично голема, а доаѓаат и одредени групи кои редовно секоја година го посетуваат Скопје и Саемот.

-Годинава сме среќни што и покрај пандемијата, целиот проблем што настана повторно како издавачи сите успеавме да се кренеме на нозе на некој начин да се организира настан кој повторно ќе биде по теркот на изминатите саемски години, да не изостанеме и оваа година, вели тој во разговорот за МИА.

Според издавачите, фокусот годинава најмногу е ставен на македонските автори, а нивните книги се со добри попусти.

-Претпоставувам дека и кај другите издавачи како и кај нас, фокусот е ставен на македонските автори пред се, но секако не е пропуштена можноста читателите да се снабдат со добри книги и со добри попусти како и секоја година, рече тој.

Со оглед на состојбата со корона кризата, и знаејќи дека Саемот се организира на отворено во мал простор со помал број на луѓе, Трифуновски ни призна дека за самите организатори ова претставувало проблем, но како што подвлече „кога го правите она што го сакате, не работите ниту еден ден".

Трифуновски појасни дека секоја година е истиот напор, истиот ангажман, а така ќе биде и следната година.

-Можеби за организаторите беше проблем да се организира настанот годинава бидејќи се знае колкав е просторот, колкав број луѓе може да има и колкав број на издавачи смеат да учествуваат годинава, но ние како издавачи мислам дека напорот е помал за разлика од претходните години бидејќи многу луѓе сме вклучени оваа година во организација, се ни е веќе познато, искуството си доаѓа само по себе. Имаме голем број на автори и уредници кои се вклучени во продажба и во организација, во достава, во подготвување на целиот овој процес, рече тој.

Во однос на посетеноста, Трифуноски ни кажа оти е задоволен, а викендов се очекуваат најмногу посетители. Викендов има и голем број на промоции, меѓу кои е и Тошо Малерот годинава со неговата книга, Јана Мишо со „Јас сум МИА", „МИА во Амстердам" – книги и автори кои се веќе познати на читателите и поради тоа Саемот ќе биде посетен во голем број.

Го прашавме колку посетителите ги почитуваат мерките за заштита, а Трифуновски ни објасни дека токму поради фактот што почитувањето на мерките беше еден вид услов за одржување на Саемот, мерките едноставно не може а да не се почитуваат. Но, и облекувањето годинава се одвива во посебен кодекс. Поради тоа што Саемот се одржува на отворено, писателот ни објасни дека генерално сите доаѓаат облечени во светла и лесна облека.

Попустите што ги нуди издавачката куќа АрсЛамина се од 20 до 70 проценти, а има и наслови кои се на 80 проценти намаление, ова како што додаде Труфуновски, не е малку за да можат луѓето да си го гледаат и паричникот.

По неколку минути го завршивме разговорот со писателот и му посакавме успех во работата. Веднаш потоа застанавме до штандот на издавачката куќа Антолог, која несомнено нудеше добар избор на наслови за секоја возраст. Откако почнавме да ги разгледуваме понудените книги, пријатно не поздрави девојката која е одговорна за маркетинг секторот во издавачката куќа Антолог, Софија Стојков.

Според неа посетеноста на Саемот е задоволителна, и покрај ситуацијата со коронавирусот. Ни откри кои се најбараните жанрови на книги – трилерите, со што се исполниле и нивните очекувања.

-Вака реално и покрај целата ситуација бидејќи ова е прв корона Саем на книга, посетеноста е задоволителна и морам да признаам онака како што беа и нашите очекувања, најмногу се бараат, читаат и се разбира најмногу се продаваат трилерите, за нијанса нешто помалку се продаваат љубовните романи па понатаму оди популарната психологија, меѓутоа кај нас конкретно трилерите сега се најактуелни, ни посочи Стојков.

Со оглед на ситуацијата има посета и од другите градови, нешто што реално, како што вели таа, не очекувале и кое не било првично замислено.

-Така што јас мислам дека се на се комплетна слика е дека треба да бидеме задоволни, претсојниот викенд се чека уште поголема посетеност особено за оние кои се надвор од Скопје. Така што верувам дека нема никој да си замине од изложувачите незадоволен оваа година, вели Стојков во разговор за МИА.

Мерките, вели, одлично се почитуваат затоа што за сите кои не почитуваат постојано шета обезбедување во саемскиот простор.

– Дури имаше и полиција првите денови кои ги опоменуваа граѓаните и ги потсетуваа дека треба да се придржуваат кон протоколите. Еве јас сум на пример цел ден со маска, постојано сум со средство за дезинфекција, не ме обврзува дека морам да работам со ракавици, морам да признам дека 99 отсто од посетителите кои доаѓаат, доаѓаат со маски и секој најнормално се придржува до протоколите, до оние првични насоки како треба да се заштитиме, наведе Стојков.

Забележавме дека голем дел од посетителите кои ги сретнавме на Саемот ги почитуваа мерките носејќи заштина маска и држејќи колку-толку одредено растојание.

-На Саемот дојдов да си купам некоја интересна книга и да видиме што ќе понудат оваа година, кои се издавачи. Најмногу читам трилери од „Сакам книги", а последната книга што ја прочитав беше „Алекс". Мерките во голема мера се почитуваат, мерат температура на влезот, гледам дека сите носат маски, се почитуваат, рече една читателка.

Саемот на книгата ќе трае до 14 септември. На него се претставуваат повеќе од 40-тина издавачки куќи со најновите изданија. Саемот се одржува под слоганот „Замисли еден поинаков поглед"./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Најмалку 16 загинати во земјотресот од 7 степени во Кина (ВИДЕО)

Најмалку 16 лица загинаа, а 32 се повредени во земјотрес со магнитуда од 7 степени што го погоди Тибет, Кина, во четврток вечерта. 

Најмалку 16 загинати во земјотресот од 7 степени во Кина (ВИДЕО)

11 од повредените се во сериозна состојба. Најмалку 339 куќи се урнаа.

Земјотресот го погоди округот Бакинг, градот Нагку во северен Тибет, во 22:33 часот по локално време. Кинескиот центар за земјотресни мрежи процени дека епицентарот бил длабок 10 километри, додека Американскиот геолошки завод (USGS) ја процени длабочината на 18 километри.

Спасувачките екипи продолжија да пребаруваат и да им помагаат на жителите. Полицијата и пожарникарите поставија шатори за луѓето раселени од земјотресот.

Кинеската државна телевизија CCTV објави дека тоа е најсилниот земјотрес што го погодил регионот во последните пет години.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Масовни протести поради строгите закони за абортус низ 20 градови во Полска

Жените во повеќе од 20 полски градови протестираа поради недостатокот на пристап до бесплатни и легални абортуси. 

Масовни протести поради строгите закони за абортус низ 20 градови во Полска

Демонстрантите ја обвинија либералната влада на премиерот Доналд Туск дека не го исполнила своето ветување за ублажување на строгите закони.

Во Варшава, стотици жени протестираа пред парламентот и покрај обилните дождови. Митинзите се одржаа и покрај тоа што парламентот во вторник одобри два закона што имаат за цел да ги ублажат правилата за абортус. Се очекува конзервативниот претседател на парламентот Карол Навроцки да стави вето на нив, според АП. Зофија Марчинек од „Тимот за соништа за абортус“, група за репродуктивни права со седиште во Варшава, рече дека усвојувањето на законот една година пред следните парламентарни избори е „симболичен гест“, а не вистинска намера за реформа на законот.

Либералната влада, рече таа, била свесна дека законите немаат шанси да го преживеат ветото на Навроцки, па затоа се обидела да создаде впечаток дека презема акција. Марчинек верува дека ѝ се потребни гласовите на жените за да победи на изборите следната година. Легалниот абортус во католичка Полска е дозволен од 1993 година само во случаи на тешки абнормалности на фетусот, ризик за животот и здравјето на мајката или кога бременоста е резултат на силување или инцест.

Полските жени оттогаш се залагаат за легализација на абортусот, вклучително и преку национален бран протести познат како „Црн протест“, кој започна во 2016 година, кога учесничките носеа црно.

Законите беа дополнително заострени во 2020 година, под власта на национално-конзервативната партија Право и правда (ПиС), кога абортусите беа забранети во случаи на вродени дефекти на фетусот. Абортусот останува табу тема во Полска, а земјата има еден од најрестриктивните закони во Европа. Построги прописи постојат само во Малта.

Проевропската коалиција на Доналд Туск ги доби изборите во 2023 година делумно врз основа на ветување за либерализација на законите за абортус. Туск во 2024 година рече дека неговата влада нема да може да го поништи ветото на конзервативниот претседател.

Наместо да се промени законот, беа воведени мерки за да се спречат болниците да одбиваат да вршат легални абортуси од религиозни причини.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Грција им ги забранува социјалните мрежи на помладите од 15 години

Грчкиот парламент донесе закон со кој им се забранува на децата под 15 години да користат социјални мрежи. 

Грција им ги забранува социјалните мрежи на помладите од 15 години

Законот, кој стапува на сила на 1 јануари 2027 година, беше донесен поради растечката загриженост за влијанието на овие платформи врз здравјето и безбедноста на малолетниците, објави Ројтерс.

Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека платформите имаат рок од два и пол месеци да развијат систем за проверка на возраста на корисниците и да обезбедат заштита на нивната приватност. Грција е една од седумте земји-членки на Европската унија кои соработуваат со Европската комисија за решение за проверка на возраста на корисниците.

Слични мерки веќе се забележани во светот. Минатата година, Австралија стана првата земја што законски го ограничи пристапот до социјалните медиуми за малолетници. Во Франција, пак, Уставниот суд го поништи таков закон во август.

Помагање на родителите во борбата против зависноста

Владата нагласува дека со овој потег сака да им помогне на родителите во потиснувањето на таканареченото бесконечно скролување. Тие наведуваат дека овој феномен ги лишува децата од сон, ја нарушува концентрацијата и го одзема времето од поминувањето време со пријателите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер