Епидемија на заразна жолтица во Кочани

 Центарот за јавно здравје од Кочани прогласи епидемија од заразна жолтица, откако бројот на регистрирани заболени во изминатите десеттина дена надмина 20 лица.

Најголемиот број пациенти кај кои е утврдено присуство на вирусен хепатит А се ученици од две основни училишта во градот.

Од Центарот потврдуваат дека се преземаат превентивни мерки за спречување на заразата, при што дел од заболените се препратени на инфективното одделение во Клиничката болница во Штип.

– Состојбата со заразната жолтица во регионот ја следиме од крајот на минатиот месец кога беа регистрирани првите шест случаи, а во текот на последната недела дојде до забележителен пораст. Дел од пациентите со полесни симптоми беа пуштени на домашно лекување, додека посериозните случаи се лекуваат во Клиничката болница во Штип. Меѓу заболените има и повозрасни лица, иако главно се работи за ученици од основно образование, за што на родителите им посочуваме дека е потребна поголема грижа за личната хигиена на нивните деца, истакна Горан Николов, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Кочани.

Во училиштата во кои е регистрирана заразата се прави засилена дезинфекција, при што скратени се и часовите за да може таа да биде на пократок временски рок. Дополнително, во сите образовни установи е поделен едукативен материјал за правилното миење раце со сапун за да се спречи контактното ширење на инфекцијата.

Тухел: Пласманот на табелата не е важен во дербито со Борусија

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел не смета дека дербито против Борусија Дортмунд ќе биде помалку интересно поради пласманот на двата тима во Бундеслигата.

Обично тоа е директен судир во борбата за титулата, но реалноста сега е поинаква. Шампионите заостануваат 10 бода зад лидерот Баер Леверкузен, а тимот од Вестфален е четврти.

- Пласманот е таков каков што е. Но, ние имаме шанса да го освоиме „Der Klassiker“. Станува збор за емотивен натпревар кој е историски за Бундеслигата и спротиставува два големи ривали. Значи нема разлика од претходните сезони, истакна Тухел.

На дуелот на „Алијанц Арена“ домаќините ќе бидат без капитенот Мануел Нојер, кој се уште чувствува болки од повреда. Александер Павловиќ, Рафаел Гереиро и Саша Бои исто така се аут од истата причина. Сепак, Хари Кејн се враќа и ќе игра откако пред неколку дена ги пропушти пријателските дуели во Англија поради повреда.

- Во лицето на Дортмунд очекувам противник кој ќе сака да не победи. Борусија е силна во нападот, а генерално играчите претпочитаат да ја контролираат топката. Ќе биде отворен натпревар. Инаку, нашето расположение е одлично, бидејќи во последно време сме убедливи и во нападот, мирен е Тухел.

Тој одби да ги коментира информациите дека Чаби Алонсо одлучил да остане во Баер Леверкузен и следната сезона. Шпанецот беше меѓу имињата кои се поврзуваа за наследник на Тухел во Минхен.

-Не сум сигурен дека сум вистинската личност за прашањето. Ова е одлука на Чаби, прашајте го него, изјави тој.

Еден од главните шефови на Камора се согласил да соработува со властите по четврт век во затвор

По повеќе од 25 години затвор и одбивање да зборува, еден од главните шефови на италијанската комора, Франческо Скијавоне, одлучи да соработува со обвинителството, објавија италијанските медиуми, пренесе Бета.

Истражните органи се надеваат дека ќе добијат повеќе информации за Камора и нејзината можна поврзаност со италијанската политичка сцена.

Седумдесетгодишниот Скијавоне бил еден од основачите и „кум“ на кланот Камора „Касалези“ во провинцијата Касерта во близина на Неапол.

Пред неколку недели, како што јави ДПА, тој воспоставил контакт со антимафијашките служби.

Двајца од неговите синови соработуваат со властите од 2018 и 2021 година, а уште двајца се во затвор.

Камора е една од најозлогласените мафијашки организации во светот, а нејзиното родно место се јужните италијански провинции Казерта и Неапол.

САД ја обвинија Русија за ширење дезинформации околу терористичкиот напад во Москва

САД ја обвинија Русија за дезинформации околу терористичкиот напад во концертната хала „Крокус сити хол“ минатата недела во кој загинаа 143 лица.

Од Стејт департментот изјавија дека Москва ја користи оваа трагедија за да ја оправда својата агресија против Украина.

- Мислам дека руската влада води пропаганда и дезинформација. Мислам дека сосем очигледно тие се обидуваат да го искористат овој терористички чин, овој трагичен инцидент во кој, за жал, загинаа руски граѓани за да се оправда нивната агресија во Украина, рече Милер.

Тој укажа дека Москва „не дава значање на основните факти, се измислуваат факти за да се поддржи тоа што тие сакаат да го направат“.

„Тоа е истото поведение од почетокот на војната, и за жал тие исто постапуваат и сега“, рече портпаролот на Стејт департментот.

притисни ентер