Експерти: Подигнувањето на свеста клучно за рано откривање и третман на дијабетесот во Европа - Канал 5

Експерти: Подигнувањето на свеста клучно за рано откривање и третман на дијабетесот во Европа

Според претседателот на огранокот на Меѓународната федерација за дијабетес (ИДФ) за Европа, Тадеј Бателино потребни се итни мерки за рана интервенција во справувањето со дијабетесот. 

Експерти: Подигнувањето на свеста клучно за рано откривање и третман на дијабетесот во Европа

Како резултат на зголемувањето на бројот на случаи на дијабетес низ Европа, здравствените системи се соочуваат со се поголеми проблеми, оставајќи милиони луѓе без доволен пристап до рана дијагностика, превентивна нега и иновативни третман, заклучија учесниците на тематската расправа во Европскиот парламент фокусирана на квалитетна превенција и грижа за дијабетесот.

Во дебатата беше оценето дека кризата со дијабетесот во Европа достигнува невидени размери, при што еден од десет Европејци сега живеат со ова заболување, а дури една третина од случаите на дијабетес остануваат недијагностицирани.

Според претседателот на огранокот на Меѓународната федерација за дијабетес (ИДФ) за Европа, Тадеј Бателино потребни се итни мерки за рана интервенција во справувањето со дијабетесот.

- Од суштинско значење е да сфати дека покачените нивоа на гликоза се опасни, бидејќи претставуваат значителни ризици не само за кардиоваскуларниот систем, туку и за мозокот, бубрезите и очите. Дури и раните зголемување на гликозата можат да бидат штетни и значително да го зголемат ризикот од хронични компликации, истакна Беталино.

Тој оцени дека е потребно дијабетесот да се идентификува и да се третира уште на самиот почетокот за да се спречат тешки компликации.

- За среќа, на располагање ги имаме потребните алатки. Подигнувањето на свеста е клучно за рано откривање на дијабетесот со користење на достапната технологија и проследено со навремени интервенции со ефикасни лекови и модификации на животниот стил, порача Бателино.

Европратеникот Петер Агиус, пак, оцени дека здравствените системи во ЕУ мора да ја препознаат фундаменталната важност на превенцијата од дијабетес, истакнувајќи дека постојат значителни разлики меѓу земјите членки во дијагнозата, третманот и превенцијата на оваа болест.

- Го делиме истиот континент, но сепак некои земји членки водат регистри за дијабетес, додека други не. Во одредени земји, медицинските сестри се обучени да препишуваат лекови, додека во други не се обучени. Дополнително, некои земји членки обезбедуваат надомест за грижа за дијабетесот, додека други не, рече Агиус, посочувајќи дека овој нееднаков пристап спречува многу лица со дијабетес навремено да го добијат лекувањето што им е потребно.

Потсетувајќи дека Европскиот парламент во 2022 година усвои Резолуција за дијабетесот, Агиус нагласи дека од клучно значење е да се зајакне повикот за акција од страна на сегашниот парламентарен состав.

- Имаме пет години пред нас и мораме да се погрижиме дијабетесот да се искачи во првите редови на политичката агенда. Ветувам дека ќе работиме заедно за да го оствариме ова, користејќи ги сите алатки достапни во Европскиот парламент, истакна малтешкиот европратеник.

Општиот лекар Франсеск Ксавиер Кос смета дека иако постојат многу иновации и нова технологија, тие не се адекватно прифатени во третманот на дијабетесот.

- Ова преставува огромна бариера. Технологиите можат да го трансформираат начинот на кој обезбедуваме грижа, но потребен е храбар став на оние што носат одлуки. Сегашниот систем е неодржлив и е на работ на колапс, смета Кос.

Според ИДФ, додека некои земји во Европа прават значајни чекори во грижата за дијабетесот, други заостануваат, што резултира со сериозна нееднаквост во последиците по пациентите на целиот континент.

Во анализа на ИДФ се посочува дека главен проблем претставува отсуството на координирани национални планови и регистри за дијабетес во многу земји членки на ЕУ.

Во документот се нагласува дека во моментов само 15 земји на ЕУ имаат воспоставено национален план за дијабетес, неколку други, вклучувајќи ги Белгија, Естонија, Луксембург и Унгарија, се во процес на создавање вакви рамки, а седум држави, меѓу кои и Бугарија, Данска, Франција и Шведска, допрва треба да изработат сеопфатна стратегија.

- Земјите се трудат да го сфатат целосниот обем на кризата со дијабетесот и да формулираат соодветни одговори без веродостојни и инклузивни податоци. Националните планови и регистри за дијабетес ја олеснуваат координираната грижа, поддржуваат рана дијагноза и овозможуваат редовни прегледи, се наведува во анализата.

Според ИДФ, додека основните алатки за третман на дијабетесот, како што се шприцовите и мерачите на гликоза, се широко достапни низ Европа, пристапот до понапредна технологија, како што се континуираните монитори на гликоза (ЦГМ), не е подеднакво овозможен насекаде.

ЦГМ обезбедува податоци во реално време кои им овозможуваат на пациентите да ги приспособат своите планови за лекување. Сепак, како што се посочува во анализата, овие уреди се достапни само во одредени земји и обично се ограничени на пациенти со специфични состојби или во рамките на одредени програми за здравствена заштита.

Во анализата на ИДФ како друг клучен проблем се посочени и нередовните и не секогаш достапни прегледи за компликации поврзани со дијабетесот, како што се заболувања на очите, бубрезите и кардиоваскуларните болести.

- Раното откривање на овие компликации е од витално значење за забавување на прогресијата на болеста и подобрување на состојбата на пациентот. Сепак, само околу половина од земјите на ЕУ обезбедуваат редовни прегледи за сите пациенти со дијабетес, а пристапот до овие основни услуги е уште поограничен за оние во руралните или недоволно развиени области, се наведува во документот.

Дополнително се посочува и дека преземените превентивни мерки значително се разликуваат од земја до земја ЕУ. Па така, додека некои земји спроведуваат сеопфатни мерки за справување со факторите на ризик, како дебелината, пушењето или нездравата исхрана, други не го прават тоа.

За да се подобри пристапот до превенција и грижа за дијабетесот, ИДФ препорачува изградба на поотпорни здравствени системи, што би вклучувало создавање здрав амбиент, зајакнување на достапноста до програмите за скрининг на можни компликации и проширување на пристапот до иновативни лекови и нови технологии за дијабетес во сите земји на ЕУ. - Покрај тоа, од клучно значење е да се зголеми политичката посветеност за развивање и зајакнување на националните планови и регистри за дијабетес. Европа, исто така, мора да ги зголеми иновациите за да се осигура дека новите пристапи се достапни за секого. Подобрувањето на улогите на специјалистите за дијабетес и медицинските сестри, заедно со подобрувањето на пристапот до образование и психолошка поддршка, ќе биде од витално значење за ефикасно справување со кризата со дијабетес. Несоодветното дејствување ќе биде социјално и економски штетно, се заклучува во анализата. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Три години штедел за да си купи скутер- влегол во продавницата со вреќа монети, продавачите ги броеле со часови (ВИДЕО)

Невообичаена приказна за трпение и упорност доаѓа од индиската држава Телангана, каде што 51-годишниот Б. Рави Џозеф успеал да ја оствари својата желба .

Три години штедел за да си купи скутер- влегол во продавницата со вреќа монети, продавачите ги броеле со часови (ВИДЕО)

Невообичаена приказна за трпение и упорност доаѓа од индиската држава Телангана, каде што 51-годишниот Б. Рави Џозеф успеал да ја оствари својата желба на прилично необичен начин - купил нова Хонда Актива со пари што ги штедел исклучиво во монети три години.

Џозеф, кој работи како пастор во црква, живее во округот Манчеријал. Почнал да штеди на 10 октомври 2023 година, кога решил дека секој пат кога ќе добие кусур во монети од 10 рупии (околу девет евро центи), ќе ги штеди.

Не секогаш имал поддршка

Па, малку по малку, за време на неговите дневни патувања до продавницата и други активности, успеал да собере 123.000 рупии, или околу 1.158 евра.

„Во текот на изминатите три години, од парите што ги трошев, вклучувајќи купување намирници и други трошоци, каде и да одев, успеав да издвојам нешто. Така штедев“, рече тој.

Сепак, неговиот план не секогаш наидувал на поддршка. Во еден момент се појавија гласини дека монетата од 10 рупии може да биде повлечена од оптек или да го изгуби статусот на законско средство за плаќање.

Поради ова, некои членови на неговото семејство почнаа да го одвраќаат од понатамошно собирање пари.

На почетокот, тие самите беа скептични во врска со необичниот начин на штедење, но со текот на времето ја прифатија идејата и го поддржаа во остварувањето на својата цел, објавува Индија Тудеј.

Тој имаше и поскапа желба

Џозеф првично размислуваше да ги искористи заштедите за да купи нешто корисно за домаќинството, но подоцна се предомисли и реши да ги инвестира парите во ново превозно средство. Неговиот претходен мотоцикл почна да се расипува и повеќе не работеше правилно, па затоа одлучи дека е време да го замени.

Тој исто така призна дека има уште една, многу поскапа желба - би сакал да може да купи мотоцикл Royal Enfield Bullet, но неговите финансиски можности не му го дозволуваа тоа.

Кога конечно одлучи да купи Honda Activa, се соочи со уште еден предизвик - да најде продавница што ќе ја прифати целата сума во монети.

Според менаџерот на салонот во Луксетипет, Џозеф прво се обратил кај продавачот 15 дена пред купувањето за да провери дали е можно да го плати скутерот исклучиво со монети од 10 рупии.

Вработените се согласиле да ја прифатат понудата, а потоа Џозеф се појавил во салонот со парите што внимателно ги штедел три години и го зел скутерот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Наставничка призна вина, откако роди дете чиј татко е нејзин 13 – годишен ученик (ВИДЕО)

Сега веќе поранешна наставничка за петто одделение се изјасни за виновна во Њу Џерси откако роди дете за кое обвинителите велат дека било зачнато од ученик кој во тоа време имал 13 години!

Наставничка призна вина, откако роди дете чиј татко е нејзин 13 – годишен ученик (ВИДЕО)

Лора Карон, 36, се изјасни за виновна за кривично дело од втор степен за загрозување на благосостојбата на дете преку сексуално однесување, како дел од спогодбата за признавање на вина што бара од неа да се откаже од лиценцата за наставник и од секое идно јавно вработување, објави Пипл.

Карон првично беше обвинета за тешка сексуална злоупотреба, сексуален напад и загрозување на благосостојбата на дете откако обвинителите рекоа дека таа била во врска со ученикот со години, почнувајќи од кога тој имал 11 години и бил во нејзиното петто одделение.

Според наводите на обвинителите на рочиштето за старателство во 2025 година, сексуалниот контакт со ученикот започнал во 2016 година и траел четири години, што резултирало со раѓање на дете во 2019 година, наводно чиј татко бил тогаш 13-годишно момче.

Обвинителите рекоа дека Карон била пријателка на семејството на жртвата и договорила детето да остане во нејзиниот дом. Ова на крајот доведе до тоа момчето да живее со неа, сè додека полицијата не интервенираше во случајот.

Случајот излезе на виделина по објава на Фејсбук. Таткото на жртвата објави на социјалните мрежи во 2024 година дека неговото дете, кое сега има пет години, личи на неговиот син.

Директорот на училиштето ја видел објавата, го привлекол вниманието на неа и започнал истрага. Кога детективите разговарале со жртвата, тој потврдил дека имал сексуален однос со Карон и дека е татко на нејзиното дете.

На рочиштето за изрекување на пресудата во 2025 година, обвинителите рекоа дека го пресметале бројот на сексуални напади врз основа на интервјуа со жртвата и процениле дека тој бил сексуално нападнат вкупно 416 пати.

Во соопштението за медиумите во кое се објавува признавањето на вината од Карон, обвинителите рекоа дека таа се согласила на петгодишна казна во државен затвор.

Сепак, пред да може да почне да ја издржува казната, таа ќе биде подложена на проценка за да се утврди дали е „склона да го повторува таквото однесување и/или има компулсивни тенденции“, што би можело да влијае на нејзината казна.

По отслужувањето на затворската казна, Карон ќе биде должна да се регистрира во регистарот на сексуални престапници на Меганс Ло и да биде под условна казна до крајот на животот.

Казната на Лаура Карон е закажана за 8 јануари 2027 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Каде завршија танкерите со со руски дизел за САД?

Договорот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, за испорака на руски дизел во Соединетите Американски Држави се соочува со сериозни пречки.

Каде завршија танкерите со со руски дизел за САД?

Договорот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, за испорака на руски дизел во Соединетите Американски Држави се соочува со сериозни пречки, откако два од првите три танкери што го носат руското гориво ги сменија своите првични дестинации.

Танкерот „Талисман“, кој е под санкции од САД, Велика Британија и ЕУ, се пренасочи од својата рута кон американскиот атлантски брег и влезе во Средоземното Море, објави „Фајненшл тајмс“ (FT). Бродот е во близина на брегот на Алжир и испраќа сигнал „чекајќи инструкции“, што укажува дека сè уште не потврдил купувач или пристаниште каде што ќе го истовари својот товар.

Вториот танкер, „Леруо“, кој е под знамето на Сиера Леоне и е во сопственост на компанија од Хонг Конг, ја смени својата дестинација во Бразил. Тој брод е исто така под санкции наметнати од ЕУ, Велика Британија и Канада.

Регулаторните и санкциите ризикуваат да ги запрат испораките

Третиот танкер, „Агиои Фанедес“, кој првично го сигнализираше Њујорк како своја дестинација, сè уште плови кон североисточниот брег на САД, но ниту тој нема потврдено пристаниште за истовар. Неговиот сопственик, грчката компанија „Истерн Медитеран Маритим“, изјави дека бродот продолжува со своето патување во исчекување на инструкции, бидејќи пристаништето каде што ќе се истовари товарот сè уште не е одредено.

Мат Смит, аналитичар во „Кплер“, рече дека не би било изненадувачки ако и тој танкер го промени курсот и го напушти американското пристаниште, со оглед на претпазливоста на потенцијалните купувачи поради регулаторни, правни и санкциони ризици.

Во меѓувреме, друг танкер, „Бист“, исто така плови кон американскиот атлантски брег. Овој брод натоварил дизел во руското пристаниште Приморск на 27 октомври.

Според податоците што ги цитира „Фајненшл тајмс“, првите три танкери требало да транспортираат вкупно околу 140.000 тони руски дизел. Ова се првите пратки опфатени со привремена дозвола од американските власти, издадена откако Трамп објави договор со Путин на 9 октомври за ублажување на ограничувањата за извоз на руски дизел.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер