ЕК предлага намалување на квотите за увоз на челик од трети земји во ЕУ - Канал 5

ЕК предлага намалување на квотите за увоз на челик од трети земји во ЕУ

Европската комисија презентираше предлог за заштита на челичната индустрија во ЕУ од влијанијата на прекумерното глобално производство на челик, со цел да се обезбеди долгорочна одржливост на овој стратешки клучен сектор. 

ЕК предлага намалување на квотите за увоз на челик од трети земји во ЕУ

Со новите мерки, предложени врз основа на Акцискиот план на ЕУ за челик и метал, се предвидува ограничување на обемот на увоз на челик во ЕУ без царина на ниво од 18,3 милиони тони годишно, што претставува 47 отсто во споредба со квотите од 2024 година, зголемување на царината за увоз над квотата од сегашните 25 на 50 проценти и зајакната контрола на пазарите на челик со цел спречување на заобиколувањето на овие мерки.

Еврокомисијата посочува дека предложените мерки се целосно усогласени со Светската трговска организација (СТО), како и дека царинските квоти или давачки нема да важат само за Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Во однос на Украина, пак, ЕК посочува дека при одлучувањето околу квотите мора да се има предвид и исклучителната безбедносна ситуација во земјата, но при тоа и да се води сметка за поткопување на ефикасноста на мерките.

Предлог-мерките, кои ќе треба да го заменат актуелниот механизам за заштита на челикот што истекува во јуни 2026 година, се подготвени врз основа на консултации со претставници на работниците, челичната индустрија, неколку земји членки, европратеници и други засегнати страни. Целта на консултациите е трајна заштита на челичната индустрија на ЕУ, зачувување на работните места во неа и поддршка на нејзините напори за декарбонизација.

- Презаситеноста на капацитети на челик е глобален проблем што бара силна, вистинска и заедничка акција од сите партнери. Комисијата ќе продолжи да ги води меѓународните напори за изнаоѓање колективни решенија за ефикасно справување со основните причини за глобалниот прекумерен капацитет, соопшти ЕК.

Во тој контекст, Комисијата ги повикува земјите кои имаат слични размислувања како и ЕУ, да работат заедно со неа со цел да ги заштитат своите економии од глобалниот вишок на капацитети и воедно да обезбедат поголем заедничкиот пристап до пазарот.

За да биде усвоен, предлогот треба да ја мине вообичаената законодавна процедура на ЕУ, односно да биде поддржан во Европскиот парламент и одобрен од Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство.

Во наредната фаза од постапката за усвојување на мерките ќе биде инициран т.н. „тријалог“ меѓу ЕП, Советот на ЕУ и ЕК за усогласување на нивните ставови околу предлогот, во текот на кој се можни измени на некои одредби.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Димитровски: Дијалогот со Бугарија треба да продолжи во духот на заемното почитување на правата

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска учествуваше на петтото издание на Форумот „EU Meets the Balkans 5.0“, што се одржа во Софија. 

Димитровски: Дијалогот со Бугарија треба да продолжи во духот на заемното почитување на правата

На почетокот Димитровски ја поздрави публиката во салата на Технолошкиот парк на бугарски јазик. Тој рече дека нема никакви инструкции од македонската Влада, во Бугарија нашите политички претставници и претставниците на другите институции да зборуваат на англиски јазик.

-Можам да зборувам на мојот мајчин македонски јазик, можам и на бугарски кој го владеам, но важно е да се разбереме и важно е што ќе кажам.

Во обраќањето, Димитровски ја истакна определбата на нашата земја за полноправно членство во Европската Унија и нагласи дека европската интеграција останува наша стратешка цел.

„Иднината на земјата ја гледаме во Европската Унија. Нашата цел е полноправно членство, за што спроведуваме реформи и ќе продолжиме да работиме со реално возможна динамика“, истакна Димитровски.

Тој нагласи дека европската интеграција на Западен Балкан не е само процес на проширување, туку и инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.

Димитровски посочи дека Македонија останува посветена на спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските стандарди, очекувајќи постигнатиот напредок соодветно да биде вреднуван во пристапниот процес. Во тој контекст, ја истакна и важноста на добрососедските односи и регионалната соработка за европската перспектива на регионот. Тој нагласи дека нашата земја се залага за нивно унапредување преку отворен и конструктивен дијалог и реализација на конкретни регионални проекти.

Во однос на постепената интеграција, Димитровски истакна дека таа треба да обезбеди конкретни европски придобивки за граѓаните и да се одвива паралелно со процесот на целосна интеграција, со јасна перспектива за полноправно членство во Европската Унија.

Осврнувајќи се на прашањето на човековите права, Димитровски нагласи дека земјите членки на ЕУ имаат различни пристапи кон ова прашање, но за нашата земја почитувањето на правата на сите заедници е јасна определба. Во тој контекст, посочи дека вклучувањето на Бугарите во Уставот не претставува проблем, што го потврдува и Акцискиот план за малцинствата, кој се однесува на сите етнички заедници во земјата, вклучително и на бугарската заедница. Истовремено, нагласи дека е потребно заемно почитување на европските стандарди, вклучително и на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Воедно, изрази очекување дијалогот со Бугарија да продолжи во наредниот период, во насока на надминување на отворените прашања и унапредување на заемното почитување на правата.

На Форумот учествуваа високи претставници на Европската Унија и земјите од регионот, кои дискутираа на теми поврзани со европската интеграција на регионот, како и безбедноста и економскиот развој.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Митева: Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја унапредува својата соработка со жените од ЕПП

Силната соработка се гради со присуство, со размена на идеи и со заедничка визија.

Митева: Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја унапредува својата соработка со жените од ЕПП

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја унапредува својата соработка со EPP Women, како дел од нашето европско политичко семејство. Овие два дена учествувам на академијата „Да ја искористиме силата на жените“ во Атина, која претставува можност за споделување на искуства, воспоставување нови иницијативи за градење соработки, како и за отворена дискусија за актуелните предизвици со кои се соочува Европа.

Упатувам искрени честитки до Mairead McGuinness за изборот за претседателка на организацијата на жени на европската народна партија. Нејзиното долгогодишно искуство и посветеност се значаен потенцијал за понатамошно зајакнување на организацијата.

За нас ова е континуитет на долгогодишното партнерството што го градиме, со амбиција за уште поголема соработка, посилно поврзување и поголема видливост на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во европското политичко семејство.

Продолжуваме заедно, со јасна европска перспектива и зајакната соработка.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Научниците предупредуваат на опаѓање на стапките на вакцинација кај децата во Европа

Стапките на вакцинација кај децата во Европа стагнираат или опаѓаат во последните години, според нова студија што ги анализира податоците за вакцинацијата против седум болести во земјите на Европската Унија во периодот од 1980 до 2024 година.

Научниците предупредуваат на опаѓање на стапките на вакцинација кај децата во Европа

Од 2019 година, 16 земји забележале пад на опфатот со вакцинација за четири или повеќе од анализираните вакцини.

Вакцинацијата се смета за една од најефикасните мерки во јавното здравство. Сепак, научниците предупредуваат дека колебањето во врска со вакцините и сомнежите во рамките на Европската Унија придонеле за намалување на опфатот и за повторна појава на болести што можат да се спречат со вакцинација.

Стапките на вакцинација опаднале за сите седум анализирани вакцини во Бугарија, Кипар, Ирска, Холандија, Романија и Шведска. Германија и Шпанија забележале пад кај пет од седумте вакцини. Во Франција и Италија, стапките на вакцинација се зголемиле за четири вакцини, а опаднале за три.

Најниска стапка на вакцинација во Романија

Највисоки стапки на вакцинација се забележани во Луксембург и Португалија, каде што опфатот за сите седум анализирани вакцини достигнал најмалку 95 проценти. Најниска стапка е забележана во Романија, каде што таа паднала под 80 проценти.

Научниците истакнуваат дека падот на стапките на вакцинација започнал во периодот помеѓу 2019 и 2022 година, што се совпаѓа со пандемијата на КОВИД-19 и периодот непосредно по неа. Како една од можните причини тие ги наведуваат прекините во рутинските програми за вакцинација на децата за време на пандемијата.

Тие предупредуваат дека намалувањето на опфатот со вакцинација го зголемува ризикот од слабеење и на колективната и на индивидуалната заштита од заразни болести. „Потребни се меѓународни, национални и локални мерки за да се променат овие трендови“, заклучија научниците.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер