Едвард Сноуден добил руски пасош, откако ѝ се заколнал на верност на Русија

„Свиркачот“ Едвард Сноуден доби руски пасош откако се заколна на верност на земјата која го штити од американските власти од 2013 година.

Веќе во септември оваа година, Сноуден доби руско државјанство со декрет потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.

Информацијата дека 39-годишниот кодош го добил пасошот денеска ја потврди и неговиот адвокат Анатолиј Кучерена. „Тој положи заклетва“, изјави Кучерена и додаде дека Сноуден е среќен бидејќи неговото руско државјанство ја спречува неговата екстрадиција, пренесува Гардијан.

"Се разбира, тој е среќен и благодарен на Руската Федерација за неговото државјанство, тој сега е полноправен државјанин на Русија. И што е најважно, според рускиот устав, тој не може да биде предаден на странска земја", рече адвокатот на Сноуден. Не се објавени фотографии или видеа од церемонијата.

Поединците кои добиваат руско државјанство со закон се обврзуваат да „го почитуваат уставот и законодавството на Руската Федерација, правата и слободите на нејзините граѓани, да ги исполнуваат должностите на државјанин на Руската Федерација во корист на државата и општеството, да ја заштитат слободата и независноста на Руската Федерација,да бидат лојални на Русија и да ја почитуваат нејзината култура, историја и традиција“.

Одлуката за доделување државјанство дојде во крајно неповолен момент, по почетокот на руската инвазија на Украина и последователниот пад во меѓународна изолација. Очигледно и сопругата на Сноуден поднела барање за руско државјанство. Двајцата живеат на непозната локација со нивните два сина, кои се родени во Русија.

„После години разделба од нашите родители, јас и мојата сопруга немаме желба да се разделиме од нашите синови. По две години чекање и речиси 10 години егзил, малку стабилност значи многу за моето семејство. Барам приватност за нив и за сите нас“, напишал Сноуден во септември.

Трамп нема да сведочи по втор пат во случајот со граѓанска измама

 Поранешниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека одлучил да не сведочи по втор пат на судењето за граѓанска измама во Њујорк.

Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека многу успешно сведочел минатиот месец и дека не гледа потреба повторно да се појавува.

Трамп денеска требаше да се врати на говорницата како последен главен сведок на одбраната во случајот, кој ја загрозува неговата империја со недвижнини и го нарушува неговиот имиџ како успешен бизнисмен.

Трамп, неговите синови Ерик Трамп и и Доналд Трамп Џуниор, и други високорангирани директори на Организацијата Трамп се обвинети од њујоршката обвинителка Летиција Џејмс дека се вклучиле во децениска шема во која користеле „бројни чинови на измама и лажно претставување“ за да надујат нето вредноста на имотот на Трамп за тој да добие поповолни услови за кредит. Судењето доаѓа откако судијата во случајот со делумна збирна пресуда пресуди дека Трамп поднел „лажни проценки“ за неговиот имот, оставајќи го судењето да утврди дополнителни дејствија и каква казна, доколку ги има, треба да добијат обвинетите. /МИА

Водата за пиење во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна

Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. 

Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 4 декември 2023 до 7 декември 2023 година, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

За анализа биле земени 154 примероци за физичко-хемиска и исто толку примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Град Скопје.

Генералното собрание на ОН утре ќе расправа за хуманитарната криза во Газа

Генералното собрание на ОН ќе се состане утре за да разговара за хуманитарната криза во Газа, соопштија официјални лица и дипломати откако САД минатата недела ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност за прекин на огнот.

Специјален состанок на Генералното собрание свикаа за вторник попладне претставниците на Египет и Мавританија „како претседавач со Арапската група и претседавач со Организацијата за исламска соработка“.

Според дипломатски извори, Генералното собрание, чии резолуции се необврзувачки, се очекува на состанокот да гласа за текст за резолуција за прекин на огнот. Во нацртот-текстот се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „итно и безусловно ослободување на сите заложници“.

Во петокот, САД ја блокираа резолуцијата за прекин на огнот, која дојде откако генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш свика итен состанок на Советот за безбедност, со примена на ретко користениот член 99 од Повелбата на ОН со кое ќе го сврти вниманието на СБ кон „секое прашање кое според него може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност

„Авторитетот и кредибилитетот“ на телото се „сериозно поткопани“ од неговиот одложен одговор на војната, рече Гутереш подоцна. /МИА

притисни ентер