Екс-директорите на тетовската болница Бесими и Етеми добија по година и пол затвор на повтореното судење за модуларната болница, поради непоставување на ПП апарати во монтажните објекти и со тоа, како што стоеше во пресудата, од небрежност предизвикале општа опасност. Според обвинетиот, тогашен директор Бесими, вистината во овој случај не е разоткриена, ниту, како што кажа, семејствата на загинатите ја добиле правдата.. најави дека ќе ја обжали пресудата на апелација...
-Уште потешко од сето тоа е неправдата, зошто ова судење не беше да се открие вистината, ниту да се најдат виновниците за оваа трагедија, не беше да се отркие зошто настанал пожарот, кој е одговорен за изградба на објектот што изгоре како хартија, кој дозволи животите на луѓето да бидат ставени во опасност, не, ова судење се претвори во лов на вина против оние, што ниту имале моќ, ниту одговорност за оваа трагедија. Мене ме обвинија за недостаток на ПП апарати, а во постапката докажавме дека имало ПП апарати. – Флорин Бесими – екс-директор на тетовската болница
Незадоволни од пресудата, судницата во ОС Тетово ја напуштија и од семејствата на загинатите во пожарот, а преку своите бранители ќе ја бараат правдата кај повисокиот суд.
-Не велам дека немаат вина и тие ама вината е „погоре“ си знае државата каде е вината. - Мумин Исмаили – Син на жртва во пожарот
Тетовската болница, како правно и третобвинето лице доби казна од тетовскиот суд доби казна од 16.000 eвра.. и за нив пресудата е неприфатлива, најавија жалба.
-За нас оваа пресуда е неприфатлива, истата е последица на грешно утврдена фактичка состојба и грешно толкување на одредбите од законот за кривична постапка.- Ваљон Аблухамиди – Бранител на ЈЗУ Клиничка болница Тетово
На првото судење Бесими и Етеми беа условно осудени, но по жалба на Обвинителството апелација го врати предметот назад во судница.
-Обвинителот не беше во судница да ја слушне пресудата, па оттаму останува непознато дали ќе ја обжали ваквата одлука и дали евентуално ќе има проширување на истрагата како што бараат семејствата на загинатите.
За пожарот што се случи на 8 септември 2021, во обвинителството за организиран криминал и корупција веќе неколку години се води предистражна постапка, но без конкретен исход. Според германските вештаци ангажирани од обвинителството, до трагедијата во која загинаа 14 луѓе дошло откако се запалил продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор и полначи за телефон.