Еден сребрен и еден бронзен медал за македонските јуниори информатичари на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Ларнака - Канал 5

Еден сребрен и еден бронзен медал за македонските јуниори информатичари на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Ларнака

Младите македонски ученици – информатичари Марко Кренков и Владимир Грчев, освоија сребрен, односно бронзен медал на 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24 до 30 октомври се одржува во Ларнака, Кипар.

Еден сребрен и еден бронзен медал за македонските јуниори информатичари на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Ларнака

Зоран Илијоски и Јаков Грујовски од олимпијадата се враќаат со олимписка пофалба.

Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години е составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

-Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. На 18-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24 до 30 октомври се одржува во Ларнака, Кипар, нашите ученици остварија значаен резултат. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години, составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и еден бронзен медал. Со овие два медали, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници, остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 биле избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој континуирано го организира ЗИМ, годинава по 36-ти пат. Натпреварите се одвиваат преку системот mendo.mk, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И оваа година циклусот натпревари бил реализиран со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“, како и неколку општествено одговорни компании: „Сорсикс“, „Семос Едукација“ и „Винчини“.

Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години од земјите на Балканскиот регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.

-Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Марко Кренков, а бронзениот – Владимир Грчев, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписка пофалба, нагласуваат од ЗИМ.

Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов истакнал дека нашите млади информатичари покажуваат континуитет на врвни достигнувања и силен потенцијал за идни меѓународни успеси.

-Горди сме на секој од нашите натпреварувачи, не само поради освоените медали, туку и поради сериозноста, посветеноста и професионалниот настап што го покажаа во текот на целата година и на самото натпреварување. Нивниот резултат не се само моментален успех туку е знак дека во следните години ќе имаме силни тимови и на сениорските натпревари како Интернационалната и Балканската олимпијада, нагласил Јованов.

Тој, како што се нагласува во соопштението, додаде дека подготовките за следниот циклус натпревари започнуваат веднаш по завршувањето на оваа олимпијада, со цел да се задржи и унапреди високото ниво на резултати кое Македонија го постигнува во последните години и ги повика сите заинтересирано ученици да се вклучат во натпреварите.

-Ние неуморно продолжуваме да работиме со младите таленти. Нашата цел не е само освојување на медали, туку создавање генерации кои ќе продолжат да го развиваат дигиталниот и технолошкиот екосистем на земјата, нагласил тој.

Следната, 19-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи идната година во Сараево, Босна и Херцеговина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пациентите со ретки болести со месеци чекаат терапија – здруженијата бараат усвојување национална стратегија

Со денови, па дури и со недели, дел од пациентите со ретки болести чекаат пристап до неопходната терапија..

Пациентите со ретки болести со месеци чекаат терапија – здруженијата бараат усвојување национална стратегија

Сметаат дека е потребна и подобра координација меѓу лекарите кои се грижат за овие пациенти. Претседателката на здружението „Живот со предизвици“, освен проблемите со редовната терапија, како проблем ја гледа и недоволната институционална поддршка за пациентите.

„Една од работите што секогаш не измачува и што веќе со години не се решава од кога е отворена програмата за ретки болести покрај тендерските постапки се набавките и нарачките на терапија.Една мала грешка прави одложување од една до две до три недели и затоа бараме тие нарачки и набавки да се прават порано“ – Весна Алексовска, претседателка на „Живот со предизвици“.

За лицата со мускулна дистрофија секое доцнење на терапијата значи изгубена шанса за подобрување на нивната здравствена состојба. Ване Петридов, претседател на „Мускулна дистрофија асоцијација Македонија“, и родител на 23 момче со ваква дијагноза, бара од надлежните системски решенија за навремен пристап до терапија, но и подобра координација меѓу лекарите кои се грижат за овие пациенти.

„ За лицата со мускулна дистрофија времето е од исклучителна важност бидејќи секое изгубено време значи изгубена можност и шанса тие деца да добијат лек и терапија која ветува многу и ја подобрува болеста.05:13 / Долго време апелираме до надлежните немаме соодветен мултидисциплинарен пристап бидејќи лицата со мускулна дистрофија покрај дијагнозата захтеваат пратење од доста доктори“-– Ване Петридов, „Мускулна дистрофија асоцијација Македонија“.

Пациентите со ретки болести не бараат привилегии, туку остварување на основните права на здравствена заштита и поголема предвидливост во обезбедувањето на терапиите, потенцираше и Наташа Анѓелеска, претседателка на Националната алијанса за ретки болести на Македонија.

„ Ние сме секојдневието ние ја живееме ретката болест.Не сме некој што бараме нешто однадвор или нешто што е луксуз, ние ги бараме само правата за здравствена заштита, за права на пациенти и она што следува во склоп на тоа“-- Наташа Анѓелеска, претседателка на Националната алијанса за ретки болести на Македонија.

Според податоците на здружението „Мускулна дистрофија асоцијација Македонија“, во него членуваат 26 деца со своите семејства. Најмладиот неодамна дијагностициран пациент е шестмесечно бебе, а највозрасниот меѓу членовите има 23 години.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Демонстрации и насилни судири ширум Европа од растечкото незадоволство поради животниот стандард

Демонстрации и насилни судири ширум Европа од растечкото незадоволство поради животниот стандард – скап живот а стагнирачка куповна моќ, недостапни цени на домување но и преоптоварени јавни услуги ..

Демонстрации и насилни судири ширум Европа од растечкото незадоволство поради животниот стандард

Демонстрации и насилни судири ширум Европа од растечкото незадоволство поради животниот стандард – скап живот а стагнирачка куповна моќ, недостапни цени на домување но и преоптоварени јавни услуги се фрустрациите кои извадија стотици илјади луѓе на улиците за време на викендот.

Најлошо погодена е Франција, каде од денеска се формира кризен штаб поради прераснувањето на дел од протестите во вандалистички немири и грабежи а во некои градови, полицијата ја изгуби контролата врз толпата – призна францускиот министер за внатрешни работи. Претседателот Емануел Макрон, порача дека иако ги разбира причините за мирните протести, оние кои се обиделе да ја урнат Републиката - ќе одговараат.

-Како можат француски граѓани да ѝ го направат ова на Франција? Зошто да се запали градското собрание во Лимож или туристичката канцеларија во Лион, зошто да се упадне во градското собрание во Марсеј или да се нападне резиденцијата на префектот во Бордо? Како можеше да дојде до ова? Ништо не го оправдува, ништо не го објаснува и ништо не може да послужи како изговор за ова.// Нашата земја заслужува квалитетни претседателски избори за шест месеци од сега. // Да за дијалог, да за конкретни, краткорочни одговори, и за подготовка на идни одлуки. Но, одлучно „не“ за насилството, во каква било форма. Потребни ни се единство, смиреност и почит. Да живее Републиката, и да живее Франција,- -Емануел Макрон, претседател на Франција.

Во Италија денеска безбедносен состанок оддржува и премиерката Џорџа Мелони откако викендов во Милано, Торино и Болоња демонстрациите се претворија во немири со повеќе повредени лица. Во Белгија пак, полицијата се судри со демонстранти во Брисел и Лиеж, а масовниот протест во главниот град на Португалија – Лисабон помина без поголеми инциденти.

Во соседна Албанија пак, протестите влегуваат во својот седми ден а главното барање останува оставка на владата предводена од Еди Рама. Рама одби да преговара со како што рече „радикализирани млади луѓе„ под влијание на екстремната левица, Русија и Иран.

-Тие живеат во луксуз, а потоа се искористени од овие други сили – од „Антифа“ и од странски разузнавачки служби, како и од непријателите на Албанија. Непријатели на Албанија, оние што ѝ посакуваат зло на Албанија. Русија не е сојузник на Албанија. Русија не е партнер на Албанија. Русија не е земја што ѝ го сака најдоброто на Албанија, што сака стабилна Албанија, што сака Албанија со инвестиции, што сака Албанија со силна економија, што ја сака Албанија во Европската Унија, што сака албанските студенти да бидат рамноправни со студентите од цела Европа,- -Еди Рама, премиер на Албанија.

Досега сконцентрирани во Тирана, демонстранти почнаа да се собираат и во неколку други градови како Валона, Елбасан и Скадар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Државната изборна комисија ги објави првичните официјални резултати од Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница

Државната изборна комисија, на денешната 21-ва седница, едногласно го усвои Заклучокот за објавување првични резултати од спроведените Предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница.

Државната изборна комисија ги објави првичните официјални резултати од Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница

Државната изборна комисија, на денешната 21-ва седница, едногласно го усвои Заклучокот за објавување првични резултати од спроведените Предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница, од спроведен прв изборен круг, врз основа на податоците од записниците од Општинска изборна комисија Брвеница.

Врз основа на податоците од доставените оригинални записници од избирачките одбори и Општинската изборна комисија, ДИК утврди дека од вкупно 16.256 запишани гласачи во заклучениот Избирачки список, правото на глас го оствариле 7.572 граѓани, односно 46,58%. Вкупниот број на важечки ливчиња изнесува 7.411, додека неважечки е 161 ливче.

Според утврдените резултати од гласањето одржано на 18-ти октомври 2026 година, кандидатот Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција „Твоја Македонија“, освои вкупно 2.945 гласа (38,89%), Аркин Јахији од Национална алијанса за интеграција освои 2.152 гласа (28,42%), Јакуп Хусеини од Коалиција ВЛЕН освои 1.529 гласови (20,19%), Јовица Радески од СДСМ, Коалиција за предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница 2026, освои 707 гласа (9,34%), Душан Богдановски од Група избирачи Душан Богдановски освои 57 гласа (0,75%), и Арифе Идризи од Група избирачи Арифе Идризи освои 21 глас (0,28%).

Со објавување на првичните официјални резултати тече рокот за поднесување на приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите. Проговорите се поднесуваат преку архивата на ДИК, во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати, односно најдоцна до 21.10.2026( среда) до 12.30 часот.

Согласно член 148 став 2 од Изборниот законик, приговор за постапката за гласање се поднесува во рок од 48 часа по завршување на гласањето, односно најдоцна до 19.00 часот на 20.10.2026 година (вторник).

ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука.

Против одлуката на Државната изборна комисија, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Државната изборна комисија конечните резултати од изборите ќе ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по завршување на нивната конечност а тоа значи 24 часа по завршување на целата постапка по приговорите, соопштуваат од ДИК.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер