Еден месец од трагедијата во Кочани - со истрагата досега опфатени над 60 физички и три правни - Канал 5

Еден месец од трагедијата во Кочани - со истрагата досега опфатени над 60 физички и три правни

 Денеска се навршува еден месец од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени. Ова е најголемата несреќа од независноста на државата.

Еден месец од трагедијата во Кочани - со истрагата досега опфатени над 60 физички и три правни

Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години поради што досега со истрагата опфатени се вкупно над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници.... Истрагата се уште трае, а во неа се вклучени 13 обвинители. Досега се извршени голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Првично со истрагата беа опфатени 34 физички и три правни лица меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по несреќата, двајцата претходни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и поранешниот директор на Пазарниот инспекторат.

Викендов, истрагата беше проширена со нови 19 лица меѓу кои тројца поранешни министри за економија, актуелниот и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Со истрагата не е опфатен актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на дискотеката „Пулс“.

Вчера по наредба на јавен обвинител почна и приведувањето на уште седум полициски службеници кои во текот на денешниот ден се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не ја исклучува можноста да бидат приведени уште лица до завршување на истрагата.

Коцевски во интервју за телевизија „Телма“ рече дека објектот „Пулс“ не и бил познат само на полицијата, туку и на целиот град и дека 13 години не е извршен никаков инспекциски надзор.

- Објектот „Пулс“ не и бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. И бил познат и на локалната самоуправа, на сите надлежни институции кои што требало да функционираат што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот, рече Коцевски.

Соопшти дека се прибавени и лиценците што ги поседувала дискотеката од 2012 до 2017 година и дека сите се издадени без целосната потребна документација. Во однос на приротехниката што е користена за време на концертот кога настана пожарот, Коцевски рече дека се испитува од каде е таа набавена, дали соодветно била користена....

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ветува дека секој за кој постојат докази ќе биде изнесен пред лицето на правдата. Во изјава дадена во понеделникот, Тошковски рече дека истрагата не е завршена и дека никој нема да биде толериран.

- Истрагата се води од Јавното обвинителство, МВР ги поднесе кривичните пријави кои до моментите на преземање дејствија сметаше дека треба да бидат поднесени. Против секој еден за кој има докази е пооднесена пријава од страна на МВР, рече меѓу другото Тошковски.

Дел од осомничените, кои се опфатени со истрагата, се во притвор, дел во куќен притвор, а на некои од нив им се определени мерки на претпазливост.

Низа пропусти во Законот за угостителска дејност утврди и Државната комисија за спречување на корупцијата. Упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови, е само една од слабостите што ги нотира ДКСК. Регулаторен ризик, според Комисијата, се забележува и во однос на проверката на условите за вршење угостителска дејност, во постапката и условите за давање лиценца, во однос на казните, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со Законот.

Во несреќата животот го загубија 61 лице меѓу кои и членови на музичката група „ДНК“

Пожарот во дискотеката во Кочани настана ноќта на 15 кон 16 март за време на настапот на групата „ДНК“. Животот го загубија вкупно 61 лице од кои 59 уште истата вечер. Починатите беа на возраст од 16 до 48 години. Најголем број од нив на возраст од 24 и 26 години. Меѓу нив беа и пејачот на бендот „ДНК“ Андреј Ѓорѓиески, професорката на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска, тапанар Ѓорѓи Ѓорѓиев, како и Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.

Двајца починаа дополнително како последица на тешките повреди. Еден од нив беше и управителот на дискотеката Александар Каракадовски, кој почина во Литванија каде се лекуваше. И тој беше еден од осомничените, но за него сега истрагата е прекината.

Повредени беа вкупно 193 лица од кои најголем дел, по првично укажаната медицинска помош во болниците во земјава, беа испратени на лекување во странство. Трошоците за лекување и сместување на семејствата на повредените беа целосно покриени од страната на државата.

Според последно објавените информации што министерот за здравство Арбен Таравари ги сподели во понеделникот на прес-конференција во болниците во земјава и странство остануваат да се лекуваат 57 пациенти од кои двајца се во критична состојба. Деветмина пациенти се лекуваат во земјава, а 48 надвор од државата.

По трагедијата во Кочани почина и возачот на Брза помош Иле Гоцевски кој цела вечер успеа да превезе до Скопје голем дел од повредените. Министерот за здравство најави дека тој постхумно ќе биде одликуван за неговата пожртвуваност.

Преку протести граѓаните бараат одговорност

По трагедијата во Кочани, во земјава беше прогласена седумдневна жалост. Откажани беа сите музички активности и настаните во установите од областа на културата, а отворени беа книги на жалост во Собранието, Министерството за надворешни работи и во македонските амбасади низ светот. Во знак на сочувство за настраданите во пожарот ден на жалост беше прогласена и во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Преку мирни протести беше оддадена почит кон загинатите и повредените во пожарот и побарана одговорност од институциите на системот.

Еден ден по пожарот, во Кочани се одржа протест на кој граѓаните побараа одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Тогаш беше демолиран кафе барот „Класик“ чиј сопственик е истиот од дискотеката.

Протести се одржаа и во Скопје и во другите градови од државата.

Во Кочани, на 5 април под мотото „Марш за ангелите“ во 12 часот и 5 минути, како симбол на задоцнетата институционална реакција, протест одржаа и семејствата на починатите кои побараа правда за своите деца. Според нив, ако сите институции си ја вршеле својата работа, немало да дојде до оваа трагедија.

Трагедијата во Кочани ги натера институциите да преземат интензивни мерки за проверка на јавните објекти и угостителските објекти во државата односно дали тие ги исполнуваат минималните технички услови за работа и безбедносни стандарди.

Во Собранието беа донесени и измени на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир со кој се забрани употреба на приотехнички средства во затворен простор, а се предвидуваат и прекршочни глоби за физички и правни лица кои постапуваат спротивно на забраната.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Колекционерско издание на „GTA 6“: За 400 долари добивате сè освен самата игра

Ако се суди според огромната возбуда околу „Grand Theft Auto VI“, брзо се приближуваме кон еден од најголемите настани во светот на видеоигрите во последните неколку години.

Колекционерско издание на „GTA 6“: За 400 долари добивате сè освен самата игра

Новата „GTA“ ветува враќање на сè што ги направи автомобилите клучен дел од серијалот – од брзи потери и трки до уште подетални опции за прилагодување на возилата. Сето ова доаѓа со препознатливата мешавина од криминал, хаос и судири со законот, по кои станаа познати „Rockstar Games“.

Сепак, иако очекувањата се огромни, најновата одлука на „Rockstar“ може да разочара дел од фановите.

Компанијата претстави колекционерско издание насловено „The Goodtime State - Vice City Collection“, со висока цена од 399,99 долари. Проблемот е што во пакетот недостасува најважниот елемент: самата игра.

Што добивате?

„Rockstar“ ја претставува колекцијата како луксузен пакет со предмети за колекционери, инспириран од светот на „Vice City“. Таа содржи разновидни предмети, вклучувајќи очила за сонце „Oakley“, налепници, значки и мапа на Леонида – измислениот регион во кој се одвива дејството на „GTA VI“.

Купувачите добиваат и бејзбол капа, фигура на маскотата на „Vice City“, чашка за жесток пијалак, торба за носење преку тело, приврзок за клучеви, стапче за мешање коктели и магнетно огледало.

Иако колекцијата е очигледно наменета за сериозни колекционери, во кутијата нема да го најдете најважниот предмет: „GTA VI“.

За самата игра, ќе треба да издвоите дополнителни 79,99 долари за стандардното издание или 99 долари за „Ultimate“ верзијата. Тоа значи дека купувачот што го сака целиот пакет ќе мора да плати речиси 480 или 500 долари, во зависност од изданието на играта.

„GTA VI“ без физички диск

Колекционерскиот сет пристигнува во време кога „Rockstar“ веќе предизвика реакции со одлуката „GTA VI“ да биде првиот голем AAA наслов на компанијата без традиционално издание на физички диск.

Играта ќе биде достапна дигитално преку продавниците на „PlayStation“ и „Xbox“, додека физичките примероци во продавниците ќе содржат само код за преземање. Оваа одлука предизвика негативни реакции во дел од гејмерската заедница. Извршниот директор на „Take-Two Interactive“, Штраус Зелник, го бранеше овој пристап, тврдејќи дека физичките дискови веќе немаат голема смисла за потрошувачите.

Ситуацијата е особено интересна за колекционерите. Тие сега можат да потрошат речиси 400 долари за кутија полна со предмети поврзани со играта, а сепак да не ја добијат самата игра во таа кутија.

„Rockstar“ има направено нешто слично и претходно

Сепак, ова не е првпат „Rockstar“ да продава колекционерска кутија без самата игра. Компанијата направи сличен потег во 2018 година со „Red Dead Redemption 2“, изданието „Collector's Box“ објавено тогаш, исто така, не содржеше примерок од играта.

Разликата, сепак, беше во цената. Таа колекционерска кутија чинеше 99 долари – помалку од една четвртина од цената на новата „Vice City Collection“. Денес, оригиналните колекционерски кутии за „Red Dead Redemption 2“ можат да се најдат на „eBay“ по цени што надминуваат 700 долари, што покажува дека вредноста на ваквите производи може да порасне кај колекционерите со текот на времето.

Сепак, останува фактот дека фановите на „GTA VI“, кои ги сакаат и колекционерските предмети и самата игра, ќе мора да ги купат одделно.

Со цена од речиси 400 долари само за колекционерските предмети, „Rockstar“ очигледно цели кон најпосветените фанови на серијалот и кон колекционерите кои се подготвени да платат висока цена за предмети поврзани со еден од најочекуваните наслови во историјата на видеоигрите.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Многу те сакам“: Лука Модриќ им ги разнежни срцата на фановите со нова објава

Лука Модриќ преку социјалните мрежи ѝ го честиташе деветтиот роденден на својата најмлада ќерка, Софија.

„Многу те сакам“: Лука Модриќ им ги разнежни срцата на фановите со нова објава

По тој повод, хрватскиот фудбалер сподели неколку фотографии на кои се заедно, придружени со кратка и емотивна порака.

На една од фотографиите, таткото и ќерката се насмеани додека позираат заедно, додека другите прикажуваат опуштени моменти од семејниот живот. На пример, на една фотографија се гледа како Софија седи на рамениците на татко ѝ, а на друга Модриќ ѝ помага да си ја исуши косата.

„Среќен роденден на мојата прекрасна и многу посебна мала принцеза! Многу те сакам!“, напиша Модриќ.

Најмладото од трите деца

Софија е најмладото дете на Лука и неговата сопруга, Вања Модриќ. Покрај неа, тие имаат син, Иван, и ќерка, Ема. Лука и Вања стапија во брак во 2010 година, а една година подоцна ја прославија и црковната венчавка во Загреб.

Модриќ честопати преку социјалните мрежи ги одбележува важните моменти од животот на своите деца, особено нивните родендени. Неговото семејство често го придружува на фудбалски настани. Сопругата и децата честопати го бодреле од трибините за време на клучни натпревари и му се придружувале во прославите по големите победи.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нов потег на Путин: Русите вежбаат со Кинезите, пристигна нуклеарно предупредување

Рускиот претседател Владимир Путин вчера присуствуваше на воена вежба на планините Урал, во која учествуваа војници од Кина и од неколку други земји.

Нов потег на Путин: Русите вежбаат со Кинезите, пристигна нуклеарно предупредување

Путин го посети воениот полигон во регионот Чељабинск за да ја следи завршната фаза од вежбата „Центар-2026“. Вежбата се одржа во склоп на вежбата „Интеракција-2026“, спроведена од членките на Организацијата на Договорот за колективна безбедност – безбедносен сојуз предводен од Москва, составен од неколку поранешни советски републики.

Путин изјави дека 47.000 војници учествуваат во вежбата „Центар-2026“, вежбајќи одбивање напади на 11 полигони и во Каспиското Море. Вежбата започна во понеделникот, а завршува денес.

Путин предупреди дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград.

„Околу 6.000 војници од Русија и од други земји учествуваа во завршната фаза на полигонот Чебаркул“, рече Путин.

YouTube video

Тој додаде дека делегации од 55 земји учествувале како набљудувачи.

Според извештаите на руските медиуми, во вежбата учествуваат воени единици од Белорусија, Киргистан и Таџикистан, заедно со војници од Кина, Монголија и Пакистан. За време на посетата, Путин изврши увид во различни видови вооружување, вклучително и новите беспилотни летала „Геран“ на млазен погон, кои руската војска ги користи во нападите врз Украина.

Посетата на Путин уследи еден ден откако Русија го предупреди НАТО дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград, доколку некоја членка на воениот сојуз се обиде да ја отсече таа руска ексклава на западот на земјата од остатокот на Русија.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер