МакедонијаДЗР: Утврдени неправилности во управувањето со имотот, инвестициите и човечките ресурси во АД МЕПСО- Скопје АД МЕПСО Скопје остварува раст на приходите, но се соочува со сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите и јавните средства, што директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Операторот на електропреносниот систем на Република Македонија, Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост Скопје, (АД МЕПСО Скопје) за 2024 година. Ревизорите утврдија дека, иако надлежните служби во континуитет преземаат активности за усогласување на работењето на друштвото со позитивните законски акти, утврдени се слабости во евиденцијата и регулирањето на сопственоста на електропреносната инфраструктура, вклучително и земјиштето. Дел од имотот нема уреден правен статус, a има и имот за кој нема точна сметководствена евиденција. Преносната мрежа на АД МЕПСО Скопје интегрира 112 далекуводи, при што за 53 далекуводи запишано е правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59 далекуводи друштвото не располага со имотни листови . За овој имот отпочнати се постапки за утврдување на правниот статус, но истите се сложени и долготрајни поради големиот број локации и нерешените имотно-правни односи, а во одредени случаи не може да се утврди основот за стекнување на правото на сопственост. Сѐ уште, постојат нерешени имотно-правни прашања во врска со 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД , при што за истите запишано е право на сосопственост само на ЕВН Македонија АД или се во постапка на запишување на права на сопственост/постапка на преземање. Друштвото во повеќе наврати иницирало постапки за решавање на сопственоста на трафостаниците. Во 2025 година формирана е заедничка работна група, која договорила процесот да се реализира во два фази, преку меѓусебен пренос на право на сосопственост (соодветен идеален дел) на трафостаниците запишани на име на секое од друштвата, додека за неизложените трафостаници утврдување на фактичката состојба и конечно уредување на сопственичките права продолжува. Дополнително утврдено е дека со расположливите податоци во воспоставената сметководствена евиденција на далекуводите и трафостаниците (евидентирани се по делови, на различни сметки за градежни објекти, постројки и опрема и со неусогласени називи) не е можно да се потврди нивниот број и вредност. Оваа состојба влијае на висината на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ, а врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје. Материјалните средства во подготовка не се правилно признати и евидентирани , при што дел од нив се однесуваат на завршени проекти кои не се ставени во употреба (74.176 илјади денари или 1.202.200 евра), а за дел не може да се потврди нивната состојба, потреба и оправданост поради недостиг на документација (19.100 илјади денари). Поради ненавремено признавање на овие средства не бил пресметан и признат трошок за амортизација во претходниот и тековниот период, што влијание и на остварениот финансиски резултат од работењето. Исто така, на остварениот резултат од работењето за 2024 година влијае и не искажаниот трошок по основ на расходувани средства со сегашна вредност од 16.386 илјади денари утврдени по попис, како и непресметаната амортизација на дел од ново набавените материјални средства и инвестициите со кои се зголемува корисниот век на употреба, капацитетот и функционалноста на средствата во вкупен износ од 16.419 илјади денари . Ревизорите во извештајот обелоденуваат дека во изминатите тринаесет години АД МЕПСО реализира значајни инвестициски активности за изградба, реконструкција, ревитализација и модернизација на електропреносната мрежа , при што е утврдено дека степенот на нивна реализација се движи од 9% до 62% . Кај дел од проектите постои зголемување на вредноста на склучените договори, пролонгирање на рокот за нивната реализација, а два договори кои делумно биле реализирани се раскинати. Kај три проекти има зголемување на вредноста на првично склучените договори, при што најголемото зголемување од 51% (1.481.657 евра) е кај проектот "Ревитализација на 110kV ДВ ТС Скопје 4-ТС Велес" чиј износ по зголемувањето изнесува вкупно 4.393.609 евра, додека најголемото пролонгирањето од пет години и осум месеци е кај проектот “Реконструкција на 110kV Далекувод ТС Битола 1-ТС Прилеп”. Истовремено за проектот "Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово - ТС Милетково", иако во јуни 2024 година одобрен е заем од ЕБРД во износ од 26.400.000 евра, сè уште не се започнати активности за изградба, поради што за одобрување на заемот и провизија за неповлечени средства платени се 155.672 евра (22.205 евра во 2024 година). Овие состојби негативно влијаат врз модернизацијата и сигурноста на преносната мрежа и упатуваат на потреба од поефикасно управување со инвестициските проекти. АД МЕПСО Скопје користи повеќе кредитни линии од меѓународни финансиски институции за финансирање на инвестиции, при што значителен дел од одобрените средства не е повлечен, што резултира со дополнителни трошоци за провизии и камати. Вкупниот износ на одобрени тековни заеми изнесува 102.400.000 евра, од кои 52% или 53.434.992 евра не се повлечени, за што во 2024 година платена е провизија во износ од 245.629 евра (2.633.953 евра за периодот откако се одобрени заемите, се до крајот на 2025 година) . Заклучно со 2024 година, за земените заеми, платени се провизии за одобрување и неповлечени средства, како и камати во вкупен износ од 8.996.052 евра, што претставува 8,8% од вкупниот износ на одобрени заеми. Ненавременото користење на заемите го зголемува финансискиот товар и ја забавува реализацијата на стратешките проекти за електропреносниот систем. Побарувањата по дадени заеми на акционерски друштва во државна сопственост изнесуваат 591.990 илјади денари (приближно 9.594,652 евра) и истите се повеќе од 10 пати зголемени во однос на 2020 година. Давањето заеми не е основна дејност на АД МЕПСО Скопје, поради што ваквата практика негативно влијае врз ликвидноста и финансиската состојба на друштвото. Дел од побарувањата на друштвото (12%) се постари од три години , при што најголем дел од нив се побарувања по основ на предизвикан дебаланс од страна на правни лица – трговци на електрична енергија (БОС), како и на побарувања за користење на прекугранични преносни капацитети. За наплата на доспеаните побарувања преземени се мерки преку репрограмирање и извршни постапки, но за одредени предмети кои се од постар датум не беа образложени причините кои довеле до состојба побарувањата да не се наплатат. Имајќи ја во предвид старосна структура на побарувањата, како и неизвесноста на долготрајните извршни постапки, истакнуваме дека постои неизвесност во однос на нивната наплата. Со извршената ревизија утврдивме дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија бележат раст , главно поради повисоките тарифи за пренос, иако количината на пренесена енергија има благ пад. Истовремено, приходите од прекуграничните преносни капацитети значително се зголемуваат, дебалансите во преносната мрежа покажуваат тренд на стабилизирање, а загубите во мрежата се намалуваат, иако трошоците за нивно покривање остануваат под влијание на цените на електричната енергија. Кај 65% од нововработените лица (45) утврдени се неправилности во однос на исполнувањето на условите од јавниот оглас и актот за систематизација и распределбата на работните места, а кај дел од нив кратко по вработувањето е извршено прераспределување или унапредување. Во 2024 година АД МЕПСО Скопје беше цел на сајбер напад кој предизвика привремена недостапност на дел од ИТ системите и податоците, без притоа да биде нарушен преносот на електрична енергија. Настанот укажа на потребата од дополнително зајакнување на сајбер безбедноста преку технички и организациски мерки. Во извештајот ревизорите ја потенцираат потребата од санирање на оштетената фасада во 2020 и 2021 година, за чија реконструкција и адаптација во периодот од 2013 до 2018 година биле потрошени 547.058 илјади денари, односно приближно 8.866.400 евра . Со ревизијата утврдени се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, расходувани средства, пријавената кражба, реализацијата на Годишната инвестициона програма, начинот на финансирање на синдикалните организации при АД МЕПСО Скопје, отчетноста на ангажираните лица преку авторски договори, начинот на доделување спонзорства и донации и други состојби кои имаат влијание врз работењето на друштвото.Тагови: ДЗР мепсо Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Шоу бизНовата снимка од Мараја Кери предизвика загриженост, фановите коментираатСнимка од Мараја Кери во Бразил предизвика загриженост кај нејзините обожаватели. На социјалните мрежи, луѓето почнаа да се прашуваат дали сè е во ред со 57-годишната пејачка, откако видео од нејзино јавно појавување покажа дека таа се движи малку нестабилно додека излегува од автомобил. За време на престојот во Бразил, пејачката делеше автограми и се фотографираше со фановите кои се собраа да ја поздрават, држејќи транспаренти. Иако изгледаше добро расположена, некои гледачи забележаа дека ѝ треперат рацете и дека чекори несигурно. Снимката беше објавена на „TikTok“. Фановите се прашуваат дали сè е во ред „Дали треба да се грижиме?“ – праша еден корисник на „TikTok“. „Изгледа како да чувствува болка“, напиша друг, додека трет ѝ посака добро здравје на пејачката: „Се молам за неа и ѝ испраќам убави желби на нашата Божиќна кралица“. Сепак, не сите ја протолкуваа оваа ситуација како причина за загриженост. Некои укажаа на конкретните услови во кои се движеше пејачката: врнеше дожд, теренот беше закосен, а Кери носеше високи потпетици. „Како прво, врне дожд. Второ, теренот е закосен. Трето, таа носи високи потпетици. Четврто, не сака да падне“, напиша еден корисник. На снимката се гледа и како нејзиниот асистент ја држи околу половината додека таа поминува покрај фановите. Засега нема информации кои укажуваат на тоа дека Мараја Кери има некакви здравствени проблеми, а самата снимка не е доволна за да се донесе таков заклучок.Тагови: Мараја Кери Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
Технологија„Microsoft“ и големиот прекин – што навистина се случи?Услугите на „Microsoft“ конечно работат правилно по повеќе од 24 часа –што навистина тргна наопаку?„Microsoft“ го реши големиот проблем што предизвика повеќе од 24 часа застој на „Microsoft 365“, тоа предизвика сериозни прекини во работењето на бизнисите и владините агенции низ целиот свет. Проблемите започнаа на 12 ноември околу 17:17 часот по средноевропско време, кога услугата „Exchange Online“ падна. Малку повеќе од два часа подоцна, проблемите се проширија на остатокот од платформата „Microsoft 365“. Што го предизвика тоа? „Microsoft“ првично се сомневаше дека невообичаено големиот сообраќај е причина за проблемите. Сепак, последователната истрага покажа дека неколку серверски системи неочекувано престанаа да работат, оставајќи ги преостанатите сервери неспособни да се справат со зголеменото оптоварување. Обидите за рестартирање на серверите беа неуспешни, бидејќи тие повторно престанаа да реагираат откако се врати сообраќајот. Компанијата на крајот утврди дека проблемот е поврзан со претходно надградување на капацитетот на мрежата, предизвикано од последователна промена во мрежната инфраструктура. Потоа инженерите применија поправка на компонента одговорна за автентикација и насочување на сообраќајот. Обновувањето беше спроведено постепено, со обработка на заостанати е-пораки. „Microsoft“ нагласи дека нема докази за злонамерна активност и дека вештачката интелигенција не е причина за проблемот. Кој беше засегнат? Покрај „Outlook“ и „Exchange Online“, прекините влијаеја на календарите на „Teams“, закажувањето состаноци, „Copilot“, „SharePoint“ и „Intune“. Некои функции продолжија да работат за време на прекинот. Влијанието се почувствува надвор од технолошкиот сектор. Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) мораше да се потпре на алтернативни системи, додека индиските авиокомпании „Air India“, „IndiGo“ и „Akasa Air“ пријавија проблеми со поддршката за е-пошта. Проблемите влијаеја и на финансиските институции. Една тајванска компанија дури мораше да користи факс за да ги потврди трансакциите со акции. Според „Downdetector“, имало повеќе од 7,4 милиони пријави за проблеми низ целиот свет. Сепак, овој број не го претставува вкупниот број на индивидуални корисници погодени од прекинот. Извор: Б92Тагови: Microsoft Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаФранција на нозе: 200.000 луѓе на улицитеФранцуската полиција уапси 121 лице за време на протестите одржани низ целата земја, објави француското Министерство за внатрешни работи.Според Министерството, околу 106.000 луѓе учествувале во демонстрациите, додека синдикатите проценуваат дека околу 200.000 граѓани се собрале на улиците. 22 лица се приведени во Париз, вклучувајќи тројца малолетници. Апсењата се главно за носење оружје од категорија Д, навреди и кршење на забраните за посетување одредени места или учество во демонстрации, објавува „BFMTV“. Според полициските податоци, околу 24.000 луѓе протестираа во француската престолнина, додека младинските синдикати проценуваат дека на улиците имало близу 100.000 демонстранти. Низ цела Франција се одржаа повеќе од 60 протестни собири. Во Париз истовремено се одржаа три одделни демонстрации - против предлог-закон за претпоставка за легална употреба на оружје од страна на безбедносните сили, меѓународен марш против насилството врз децата и протест на движењето „Жолти елеци“ против зголемувањето на трошоците за живот. Тензии беа пријавени во Париз, Бордо, Нант, Лион и Руан. На Плоштадот на нацијата во Париз, полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, што предизвика први знаци на паника кај демонстрантите. Во Нант, полицијата употреби водени топови, додека во Бордо беа пријавени судири за време на кои некои демонстранти фрлаа предмети кон полицијата. Во Тулуз, според организаторите, протестираа 6.000 луѓе, додека полицијата соопшти дека имало 1.800. Собирот помина без инциденти. The Protests in France are Massive https://t.co/CefTcDvpqL — Ryan Rozbiani (@RyanRozbiani) November 14, 2026 Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook