СветЅиѕикостас, Фито и Захариева меѓу „најдобростоечките“ кандидати за еврокомесари Гркот Апостолос Ѕиѕикостас, Италијанецот Рафаеле Фито и Бугарката Екатарина Захариева пријавиле најголем имот во декларациите за имотната состојба што кандидатите за членови на новата Европска комисија ги доставиле до Комитетот за правни прашања.Гркот Апостолос Ѕиѕикостас, Италијанецот Рафаеле Фито и Бугарката Екатарина Захариева пријавиле најголем имот во декларациите за имотната состојба што кандидатите за членови на новата Европска комисија ги доставиле до Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, кои протекоа во јавноста. Врз основа на овие декларации, членовите на Комитетот за правни прашања (ЈУРИ) треба да проценат дали некој од предложените еврокомесари би можел да има евентуален судир на интереси поврзани со неговата сопственост или професионални и приватни врски. Според доставените протечени декларации, кандидатот за еврокомесар за одржлив транспорт и туризам, актуелниот гувернер на грчкиот регион Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас пријавил најимпресивна листа на имоти, од која произлегува дека во негова делумна или целосна сопственост има 16 станови, земјиште со површина од 655.463 квадратни метри, шест продавници и неколку гаражи и складишта низ цела Грција. Тој, исто така, поседува и акции во вредност од над 200.000 евра во различни бизниси - од фабрика за млечни производи, до фотоволтаична централа, а за неговите фарми добил и над 18.000 евра средства од европските фондови за земјоделство. Инаку, семејството на Цицикостас е меѓу најголемите земјопоседници во Грција и меѓу најбогатите во северниот дел на земјата. Имајќи предвид дека во надлежност на Ѕиѕикостас е и ресорот туризам, како што наведува „Политико“, можно е некои од неговите одлуки да влијаат на вредноста на неговите имоти. Италијанскиот министер за европски прашања и кохезивна политика Рафаеле Фито, кој е кандидат за потпретседател на ЕК одговорен за кохезија и реформи и еврокомесар за кохезивна политика, поседува седум станови, а има удел во сопственоста и на три други. Ширум Италија има и земјиште, две гаражи, една визба, како и 15 отсто од сопственоста на аптека во Бриндизи, чија вредност, според него, е околу 150.000 евра. Поранешната министерка во неколку бугарски влади и кандидатка за еврокомесарка за истражување и иновации, Екатерина Захариева, поседува земјишта и две куќи во Бугарија, стан во Софија, како и викендичка на грчкиот полуостров Халкидики на парцела од 6.850 квадратни метри. Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија и кандидатка за еврокомесарка за проширување Марта Кос пријавила заштеда од околу милион евра. Но, она што привлекува внимание во нејзината декларација е работењето како советник во бриселската лобистичка куќа „Креб“, а таа имала и сопствена фирма за лобирање во Швајцарија, која вршела лоби услуги и за Европската фудбалска федерација УЕФА. Дополнително, нејзиниот сопруг Анри Гетаз е поранешен генерален секретар на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА). Европратеничката и поранешна романска министерка за европските фондови Роксана Манзату, која е номинирана за извршна потпретседателка на ЕК задолжена за вештини и стручно оспособување на луѓето и за еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права, е основачка на консултантска куќа за помош на фирмите за пристапат до фондовите на ЕУ, но во 2022 година ја пренела целосната сопственост над субјектот на друго лице, со најава за суспензија на неговите активности. Сепак, консултантска куќа остварила приходи и во 2023 година, чија висина Манзату не ја пријавила. Поранешната естонска премиерка и кандидатка за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и бебзедност Каја Калас пријавила дека има банкарски сметки и заштеди, додека делот за финансиски интереси на сопружниците или партнерите го оставила празен и покрај контроверзиите кои се појавија минатата година околу акциите што ги поседува нејзиниот сопруг во четири компании и неговите бизнис врски со Русија. Кандидатката со еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестиции Марија Луиш Албукерке, која е поранешна португалска министерка за финансии, но и вршителка на раководни функции во неколку приватни финансиски групации, пријавила удел во сопственоста на повеќе компании. Сепак, како што наведува „Политико“ во декларацијата таа не навела дополнителни детали за сопственичката структура или приходите на консултантската куќа „Раундатмосфер“, која е во нејзина и сопственост на нејзиниот сопруг. Компанијата лани остварила приход од 170.000 долари, а во 2022 година од 132.000 долари. Актуелниот еврокомесар за трговија и кандидат за еврокомесар за економија, продуктивност, имплементација, Летонецот Валдис Домбровскис доставил речиси празна декларација со образложение дека веќе 10 години е член на Европската комисија и не останало ништо што досега не го пријавил. - Донесов свесна одлука да не инвестирам во никакви акции или обврзници на компании или слични инструменти, за да избегнам каква било перцепција за можен судир на интереси, ниту пак имам извршено комерцијални трансакции, изјави Домбровски за „Политико“. Слично како и Домбровскис, и поранешниот француски министер за надворешни и европски прашања и кандидат за извршен потпретседател на ЕК за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустријата, мали и средни претпријатија и единствениот пазар, доставил „штура“ декларација од која не може многу да се дознае за неговите финансиски средства или обврски. Во слична состојба е и декларацијата на актуелниот потпретседател на Европската комисија за зелениот договор и за меѓуинституционални односи и кандидат за еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Словакот Марош Шефчович. Кога станува збор луксембуршкиот европратеник Кристоф Хансен, кој е кандидат за земјоделство и храна, интересно е дека тој од 2015 година е претседател на Здружението за одгледување мали животни, а негова роднина е актуелна министерка за земјоделство на Луксембург. Покрај ова, сопругата на Хансен е асистент во Кабинетот на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Европратеникот и поранешен литвански премиер Андриус Кубилиус, кој е предложен за комесар за одбрана и Вселената, во 2019 година бил коосновач на Форумот на пријатели на европска Русија, асоцијација кој ги поддржува руската опозиција и граѓанско, а членува и во здружение кое важи за критички настроено кон Кина. Од 2016 до 2019 година бил член и на Одборот на советници на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), невладина организација која добива средства од федералниот буџет на САД за помош во развој на демократските механизми во земји ширум светот. Шпанската министерка за еколошка транзиција Тереза Рибера, кандидатка за извршна потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за конкурентност, важи за некој кој е „добро поврзан“ со над 10 меѓународни невладини организации, тинк-тенкови и агенции кои се занимаваат со климата и животната средина. Врз основа на проверката на доставените декларации, Комитетот за правни прашања на ЕП може да одбие некоја номинација на кандидат за еврокомесар доколку утврди дека тој има судир на интереси. Официјалната оценка за декларациите започна вчера, откако три дена претходно членовите на ЈУРИ ги добија на увид изјавите на кандидатите за еврокомесари. Според правилата, декларациите треба да вклучуваат информации за професионалните ангажмани на кандидатите во минатото, детали за нивната имотна состојба, заштеди, приходи и сопственост во компании, како и за членство во тинк-тенк организации, политички партии или невладини здруженија. Целата на деталното прикажување на имотот е да се утврди дали некој кандидат има стекнато богатство од извори кои не потекнуваат од нивната плата или легални приходи. Кандидатите треба да ги достават овие информации и за нивните партнери и деца, но не и за другите членови на нивните семејства. Правилата се доста флексибилни, па им овозможуваат на кандидатите и да не одговорат на некои прашања во декларациите ако сметаат дека не постои судир на интереси. Инаку, декларациите се тајни и нивното разгледување и оценка се одвива зад затворени врати, што остава простор за разни шпекулации околу објективноста во проценувањето. Според директор на Транспаренси Интернешанл за ЕУ, Николас Ајоса, целиот процес на оценка на декларациите има длабоки недостатоци, лишен е од транспарентност и е невозможна нивна проверка.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаМицкоски: Компании и адвокатски друштва намерно уриваат тендери за потоа да заработуваат од жалби Премиерот Мицкоски ги брани измените на Законот за јавни набавки кои Собранието ги донесе вчера.Тој тврди дека адвокатски друштва и компании свесно се договарале да пропаѓаат јавни набавки за потоа да заработуваат од жалбените постапки, па затоа, според него е оправдано двојното зголемување на прагот за набавки без тендер, т.н. во „четири очи“, од 5.000 на 10.000 евра или од 10 на 20, со цел, како што рече, да се избегне ситуација да се плаќа повеќе на тие што свесно ги туркаат јавните набавки или уценуваат. Премиерот ги отфрли предупредувањата дека повисокиот праг може да овозможи однапред договорени набавки и злоупотреби при изборот на понудувачите. Тој уверуваше дека законските процедури и контролата не дозволуваат такво сценарио, додавајќи дека за измените биле консултирани со меѓународната заедница. -Со овој закон ние го зголемуваме тој праг за да не ни се случи како што досега ни се случуваше свесно овие групи да ги манипулираат процедурите за да наплаќаат од државата и институциите. Пример еден, имате градинка којашто објавува тендер за да се сервисираат прозорите. Тоа е 50.000 денари. Некој свесно го турка тој тендер, а наплаќа многу повеќе од тие 50.000 денари во процедура. Е тоа не може веќе да се случува. Или, пак, ако сака, наместо досегашните 100 евра за жалба ќе си плати многу повеќе, па да го видам тогаш нека обжалува, изјави Мицкоски. Од СДСМ, пак, предупредуваат дека со овие измени власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ сама на себе си овозможува набавки без тендер на драстично поголема сума до 25.000 евра за стоки и до 120.000 евра за градежни работи. Со овој закон, велат од „Бихаќка“, многукратно поскапуваат надоместоците за поднесување жалби, а наместо фирмите да се охрабрат да пријавуваат неправилности, правната заштита им станува поскапа и потешко достапна. - Наместо поголема транспарентност и заштита на народните пари, власта уште пошироко отвори дополнителен простор за корупција и сомнителни зделки и дилови. Тоа се повеќе пари за во четири очи, за криминални тендери без контрола и за свои партиски фирми. Истовремено, се брише обврската воведена во 2019 година за задолжителна согласност од Бирото за јавни набавки за постапките со преговарање без објавување оглас. Значи, ги зголемуваат износите за набавки без тендер, а ја отстрануваат контролната пречка за договорите во четири очи, реагираат од СДСМ. Пратениците вчера со 63 гласа „за“ и 20 „против“ ги усвоија измените на Законот за јавните набавки. Со усвоениот текст прагот за набавки без тендер се зголемува двојно, а се воведува и надоместок за пристап и користење на податоците за јавните набавки. Претходно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова стави вето на законските измени, но само поради можноста за неограничен мандат на членовите на комисијата за јавни набавки. Мицкоски денеска кажа дека Владата направила грешка за овој член, а како причина го наведе недостигот од експерти во оваа област. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЗабаваЌе реагира ли сега официјална Атина? Мајк Тајсон во улога на Александар МакедонскиПоранешниот професионален боксер Мајк Тајсот се пошегува со помош на вештачка интелигенција.Тој на Фејсбук објави фотографија генерирана со ВИ, на која тој е прикажан како Александар Македонски. Во описот на фотографијата стои „Mikesander The Great“. Тагови: Мајк Тајсон Александар Македонски Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаЌе ги отстрани ли новиот Кривичен законик штетните последици од 2023 година?Новиот предлог-Кривичен законик предвидува значителни промени во казнената политика за корупциските дела.За основниот облик на злоупотреба се предлага затвор од шест месеци до пет години, а за прибавена значителна имотна корист или предизвикана значителна штета – од четири до 15 години. Посебно се враќа и делото за злоупотреби при јавните набавки или договори за јавно приватно партнерство. Ако е прибавена поголема корист или предизвикана поголема штета, казната може да достигне до десет години, а за значителна корист или штета – до 15 години затвор. Според поранешната врховна судијка Вера Коцо, построгите казни можат да придонесат за поголема казнивост и враќање на довербата во правосудниот систем. -Сметам дека овие измени во однос на злоупотребата на службената положба и во однос на постапката за јавни набавки секако ќе имаат свој голем допринос во однос на казнивоста за овие кривични дела. Меѓутоа, секако дека зголемувањето на казната, со оглед на сите случувања во нашата држава, ќе имаат голем одраз во однос на довербата на граѓаните во правосудниот систем. Бидејќи она што се случи во 2023 година со намалувањето на казните за сторителите на одредени кривични дела на многу ниско ниво, допринесоа да довербата кај граѓаните падне, бидејќи тие кривични дела на некој начин застареа и сторителите останаа неказнети. – Вера Коцо – Поранешен судија Токму измените од 2023 година предизвикаа негативни реакции во јавност ја променија казнената политика кога дојде и до застарување на многу предмети од висока корупција. Тогаш за најтешкиот облик на злоупотреба казната од три до 20 години беше намалена на една до пет години, а беше избришано и посебното дело за злоупотреби при јавните набавки. Во јануари годинава следуваше корекција, со зголемување на казната до осум години и повторно воведување на одредбата за јавните набавки. Но, Европската комисија во јулскиот извештај оцени дека овие измени не ги отстраниле целосно последиците од 2023 година. Предупреди на стеснетиот опфат на делото и на пократките рокови за застарување, кои оставаат помалку време за истрага и гонење на сложени корупциски предмети. Коцо очекува новите решенија да спречат повторување на ваквите последици, но посочува дека законот нема да важи за делата сторени пред неговото донесување. -Па, со овие измени сега секако дека ќе се избегнат оние случувања во 2023 година, затоа што на некој начин, нели, ќе се потенцира казнивоста за овие така значајни кривични дела во системот на нашата држава. Меѓутоа, морам да кажам дека важноста на законот ќе биде од неговото донесување. Што значи, законот сè уште не е донесен и не може да се применува кога не е донесен на оние кривични дела кои се сторени пред неговото донесување. - Вера Коцо – Поранешен судија Меѓу другите новини е и новото кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем, за кое се предлага затвор од една до пет години. Освен новиот КЗ и ЗКП, во Брисел на разгледување се пратени и други законски решенија поврзани со Реформската агенда. Премиерот Мицкоски денеска изјави дека очекува клучните закони да бидат усвоени во предвидениот рок, односно до декември, кога, како што најави, треба да биде завршена и реализацијата на реформската агенда. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter