Како што јави Би-Би-Си, четири лица загинале во Оклахома, додека едно го загубило животот во Ајова.
Силното невреме што започнало во петокот предизвикало значителна материјална штета, а десетици илјади луѓе останаа без струја. Вонредна состојба е прогласена во повеќе од 12 окрузи во Оклахома. Во сојузните држави Небраска и Ајова биле регистрирани дури 70 торнада.
Националната метеоролошка служба потврди дека прелиминарните податоци покажале дека некои од торнадата имале брзина на ветер до 136 милји на час (околу 218 километри на час). Невремето се проширило од Тексас до Мисури и за само неколку часа наврнале околу 18 сантиметри дожд на метар квадратен, пренесе АФП.
На социјалните мрежи се објавени бројни видеа од штетите на кои се гледаат уништени куќи и превртени автомобили. Службите за итни случаи во Оклахома регистрирале најмалку сто повредени лица на кои им била потребна медицинска помош.
„Ќе се вратиме, ќе ги исчистиме урнатините, ќе изградиме куќи и ќе продолжиме напред“, рече претседателот на Домот на Оклахома, Чарлс Мекол.
Гувернерот на Оклахома Кевин Сит изјави дека во неколку градови е предизвикана најголемата штета што ја видел во последните шест години откако е на чело на државата.
"Видов како доаѓа големо торнадо. Имав доволно време само да ги засолнам децата и сопругата. Сè беше уништено. Населбата не постои. Им помагавме на затрупаните да излезат од урнатините - рече Брент Ричардсон, еден од жителите на Омаха.
Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со гувернерот на Оклахома и понуди федерална помош за најранливите области.