Домашното магаре го извезуваме „на црно“, а соседите го чуваат и прават бизнис - Канал 5

Домашното магаре го извезуваме „на црно“, а соседите го чуваат и прават бизнис

 Домашното магаре во Македонија е загрозен вид и полека изумира, додека околните земји од него прават сериозен бизнис.

Домашното магаре го извезуваме „на црно“, а соседите го чуваат и прават бизнис

Произведуваат сирења што чинат 1.000 - 1.500 евра килограм, скапи козметички препарати посебно за нега на кожа, а се продава и млекото, по 30 - 50 евра за литар. Во Италија дури има и посебни кланици за производство на магарешко месо кое достигнува 20 - 50 евра за килограм.

Кај нас засега нема никаква евиденција, ниту се знае колку точно магариња има, зашто копитарите (магариња, коњи, мазги, мулиња) не се обележани иако Правилник за чипување постои од 2011 година. Оние магариња, пак, што се уште егзистираат на овие простори, преку прекупци се носат во околните држави и се продаваат многу евтино. Така неповратно ги губиме, вели професорот Ѓоко Буневски од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ).

Од овие причини, Здружението на граѓани „ЗГ БУША - Скопје“ со ко-финансирање на ГЕФ Македонија минатата година почна проект за заштита на домашното магаре. Проектот утре ќе разултира со претставување на првата пилот-фарма со матично стадо од домашни магариња во земјава.

Фармата се наоѓа во охридското село Велестово, а сопственик е Роберт Шиникоски.

Шиникоски во рамки на проектот доби десет домашни магариња, девет женки и едно машко.

- За проектот аплициравме во мај 2017 година, а стартувавме во ноември. Препораките на ФАО за заштита на генетските ресурси во сточарството, според кои е скроена нашата Програма за биодиверзитет, велат дека ако некоја земја има под 1.000 единки од некој вид добиток, тогаш тој е загрозен. Кај нас се уште не може да се утврди бројот на домашни магариња, зашто досега се обележани (чипувани) кози, овци, крави, говеда, а почна обележувањето и на кучињата. Но, копитарите не се обележани. Сега се прави чекор напред токму во таа насока, истакнува проект-координаторот Зоран Салтамарски.

Според него, мора да се нагласи потребата од заштита на домашното магаре.

- Поради индустријализацијата, овој вид го има само во посиромашните региони. Многу ретко веќе некој го чува. Околните држави даваат поддршка од преку 250 евра за грло автохтоно магаре годишно поради што, во последно време, прекупците на добиток ги носат нашите магариња преку граница, ги извезуваат и ги продаваат. Магарињата затоа мора да се заштитат. Тоа е главниот акцент на нашиот проект. Да се стави до знаење дека овој наш автохтон вид треба да се заштити, потенцира Салтамарски.

И професорот Буневски порачува дека Македонија треба да стори се за да го зачува авотхотоното магаре. Додека некој знае да продаде убава приказна, ние, предочува, го продаваме „за џабе“ во Албанија, Грција, Косово, Србија, Хрватска, БиХ.

Карактеристики на домашното магаре

Доместикацијата на магарето датира од пред 4.500 години. Познати се два подтипа: африканско и азиско. Кај нас се претпоставува дека пред 1.000 години е донесено африканското, преку Медитеранот. Античка Грција и Римјаните придонеле да се рашири во Европа.

Ние го имаме малиот тип т.н. Балканско магаре, со височина од 90 - 110 сантиметри и тежина 80 - 120 килограми. Низ Европа постојат уште неколку вариетети, Каталонско и Малорка магаре во Шпанија, Апулиско магаре во Италија, Пуату магаре во Франција, како и Сомалиското магаре кое достигнува 130-150 сантиметри висина, колку нашите благородни топлокрвни раси коњи.

Домашното магаре е исклучително „скромно“, бидејќи бара многу малку. Може да живее 40 години и главно го има во сиромашните предели, кои се занимаваат со земјоделство. Кај нас е застапено во Струмица, Прилепско, Македонска Каменица,... Порано го имало и во подрачјата каде што се одгледува тутун, но сега и таму е во изумирање. Издржува најсурови услови, трња и плевели. Единствено страда од висока влага, дождови и влажна почва. Од влажната почва му пукаат копитата, а крзното му е пропусливо поради што настинува ако наврне. Сака сушни подрачја и е многу друштвено животно. Никако не е добро да се чува само, зашто ќе биде тажно. Највеќе му одговара присуство на човек, но и друштво на коза или мачка.

Порано, домашното магаре се користело за три намени: товарење, јавање и земјоделство (влечење плуг) во најпримитвните, најкаменити места. Магарето можело да носи товар колку што е неговата тежина. Колку за споредба, толку товар коњите не можат да износат.

- Сега е сосема поинаку. Во светски рамки домашното магаре се користи за рурален туризам, за алпинисти (носење опрема), а во Европа и САД и како домашно милениче. Најнов тренд е продажбата на магарешко млеко, сирење и козметички препарати. Поради високата концентрација на имуноглобулини, магаршекото млеко се дава на деца против алергии и за намален имунитет. Домашните магариња во последно време се користат и за хипотерапија - ги јаваат дечиња со посебни потреби, истакнува Буневски.

Бројна состојба

Во 2017 година во Македонија имало 19.200 копитари, но нема категоризација која би покажала колку од нив се коњи, колку магариња, мулиња, мазги. Не постои ниту категоризација по возраст, ждребиња пастуви,... Единствена евиденција има на ФЗНХ, за спортски коњи. Броиме околу 100 - 120 високоблагородни коњи за спорстки намени.

- Прв хендикеп кај нас е заштитата и тоа што домашното магаре не е обележано. Ова е обврска на ветеринарната служба. Втор хендикеп е тоа што во сите земји околу нас субвенцијата за магарето како автохтон вид е околу 250 - 300 евра, а кај нас, до денес, во МЗШВ нема слух поради што секој ден ги губиме нашите магариња. Тие едноставно се изнесуваат од земјава. По наше барање, во 2013 година во Законот за сточарство како дополнување, заедно со домашниот бивол, домашниот коњ и шарпланинецот како автохтони раси и видови, е ставено и домашното магаре, укажува професорот.

Според Ветеринарната комора на Македонија, во моментов се спроведува попис на копитарите по што ќе следи нивна идентификација и регистрација.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак, информираат дека се подготвува модул за попис на копитарите кој ќе биде дел од Ветеринарно-информативниот систем. Со неговото ставање во функција и внесувањето на податоците за бројната состојба, ќе почне и спроведувањето на активностите за идентификација и регистрација на копитарите.

- Поради досегашната поволна епизотиолошка состојба, досега не е извршен попис на копитарите во земјава. Годинава се интензивираа активностите за идентификација и регистрација на оваа категорија животни, вклучително и магарињата, поради појавата на болеста „инфективна анемија“ кај копитарите од која лани и оваа година заболеа неколку грла коњи во Македонија, велат од АХВ.

Проект за заштита на домашното магаре

Со проектот во Велестово, првпат се иницира фарма за да се запази традицијата од 80-тите години кога трационално домашните магариња се користеле за рурален туризам посебно на Холанѓание и Германците кои го направиле првиот „Цветен парк“ кај хотелот „Инекс Горица“.

- Сакаме да ја возобновиме таа традиција, а потоа можеби да ја спроведеме и втората фаза - на селекција, појаснува Буневски.

На Шиникоски, сопственикот на фармата, ова му е прво искуство на одгледување магариња. Порано чувал коњи, но магариња не. Особено е, како што рече, изненаден од нивната интелигенција. Многу се приврзуваат и со човекот кој ги чува.

- Првично не можевме да најдеме магариња зашто генерално ги нема. Сега имаме десет грла од кои девет женки и едно машко. Основната цел е зачувување на автохтоната раса која е во изумирање. Фармата има објект за сместување (цврста градба долга 16 метри и широка шест), поилки од страните, на средина јасли за храна, а посебно и дел за жито и крма. Магарињата се носат преку ден на паша. Имаме посебно вработен човек што се грижи за нив. Не им треба многу, доволно е само да ги сака животните. Работата е многу лесна и едноставна, обајснува Роберт.

Тој има и околу 200 крави, како и 50-на овци.

Во сабота, кога фармата ќе биде и официјално претставена, во Велестово ќе се одржи и работилница за начините на одгледување и карактеристиките на домашното магаре./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс.

„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.

Што ќе се случи со окупираните територии?

Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.

Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања.

Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата.

Безбедносни гаранции за Украина

Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки.

Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.

Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер