Домашните градежници бараат да имаат исти услови со странските

Домашните градежни компании бараат од новата Влада да создаде бизнис амбиент во градежништвото во кој ќе се креира развојна компонента и главен критериум на јавните тендери да биде економски најоправданата понуда, а не најевтината.

Воедно бараат во тендерите да се барат реални критериуми кои можат да ги исполнат домашните компании и да имаат ист третман со стратешките инвеститори за да покажат за што се способни.

Од капиталните инвестиции во земјава, како што посочуваат, дури 96 проценти ги реализираат странски градежни компании, а само 4 отсто домашни. Доколку само 1 отсто од домашните градежни компании се со над 250 вработени учеството на градежништвото во БДП ќе биде над 10 проценти, а капиталните инвестиции би биле со двојна реализација. Според нив, критериумот најниска цена е главниот причинител за бавното и неквалитетно реализирање на капиталните инвестиции.

-Наместо државата да се погрижи за креирање подобри услови за градежништвото, градежните фирми се оставени сами на себе, сами да си ги креираат капацитетите и сами да ги подигнуваат потенцијалите. Зачудува фактот дека не сме конкурентни во земјава, затоа што за ист обем, за иста работа, под ист инвеститор во другите држави можеме да бидеме лидери и членови на конзорциум или самостојно да настапуваме, додека при условите во оваа држава тоа не ни е дозволено. Многу се високи условите затоа што не се води сметка за капацитетот на домашните компании, не се води сметка за ресурсите коишто се поседуваат, а сепак важно е во економијата да се ангажираат домашните компании за да го креираат растот на економијата. Домашните компании треба да бидат оние кои ги реализираат проектите се со цел да можеме и надвор да добиваме тендери, рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на денешната прес-конференција по работниот состанок со претседателот на Комората.

Посочи дека во соседството има примери во кои се менувале многубројни услови што биле поставувани од кредиторите во име на домашната економија, во име на домашната оператива.

-Државата мора да гарантира еднакви услови за работа и да води грижа за домашните градежни компании. Во Законот за градба предлагаме итни измени со цел техничко-административни пречки и бариери кои ги имаме при реализација на проектите да бидат тргнати. По однос на Законот за работни односи бараме бариерите недела неработен ден и многубројните празници кои се празнуваат да бидат сведени на минимум со цел да можеме да ја подигнеме продуктивноста на трудот и да имаме континуитетот при работењето. Бараме, исто така, интервенција и во Законот за јавни набавки за да биде препознаено градежништвото со сите свои специфики. Дури одиме и со чекор плус – бараме наш член од Комората да биде член на Комисијата за жалби по јавни набавки во областа на градежништвото кој ќе учествува во разгледувањето на жалбите. Бараме да се изработат и подзаконски акти во овој закон со кој би се дефинирале критериумите по кои би се спроведувале јавните набавки во градежништвото. И што е најбитно, бараме начин како да се договориме со институциите како да креираме еднакви услови за сите, да не постојат два различни аршини, туку да работиме сите под исти услови, а привилегијата на предност да ја имаат домашните компании, рече Серафимовски.

Сето тоа, додаде, денес ќе биде институционално проследено до Комората и ќе биде проследено до институциите. Се надевам, додаде, дека на состанокот на 16 јули дел од овие мерки ќе бидат прифатени.

-Се надеваме на сите оние чекори кои ќе ги преземе новата Влада, а ќе бидат во насока на инвестиции во градежништвото, дека ќе бидат препознаени македонските компании, домашните компании, ќе им биде обрнато внимание и условите кои ќе се креираат ќе се креираат не само за да се изградат капацитетите, туку да се изгради и целото градежништво, посочи Серафимовски и додаде дека се надева оти државата ќе најде модус како на домашните компании да им даде привилегии за 250-те милиони евра што Владата планира да ги префрли на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти.

Токму како што кажа и целта на денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески е да ги формулираат барањата до новата Влада. Во неформални разговори, како што рече, Азески посочил дека се известени надлежните институции.

Азески, пак, во видео обраќање рече дека актуелните бројки во градежништвото се црвена линија од која не може да се оди подолу.

-Стопанската комора има свои решенија. Процесите се процесуирани и само ќе инсистираме на нивна имплементација, рече Азески.

Во Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора има над 120 активни членки кои остваруваат годишен промет од над 4,5 милијарди денари и вработуваат над 7.000 луѓе. Во 2013 година, кога имало капитални инвестиции од 16,6 милијарди денари, домашните градежни компании со 7,1 процент во креирањето на БДП. Лани учествувале со само 5,5 проценти во БДП иако имало капитални инвестиции од 43,5 милијарди денари. Од домашните градежни компании дури 89,4 отсто се со од еден до девет вработени, а само 0,14 отсто од нив се големи компании со над 250 вработени.

Портпаролот на Зеленски демантира дека имало договор за интервју со новинарот Такер Карлсон

Портпаролот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска негираше дека е договорено интервју со Зеленски од американскиот новинар Такер Карлсон.

Американскиот новинар, кој го привлече вниманието на светската јавност кога во февруари го интервјуираше рускиот претседател Владимир Путин во Москва, претходно најави интервју со украинскиот претседател.

„Господин Такер Карлсон треба повнимателно да ги провери своите извори од ФСБ. Претседателот на Украина има сосема поинаков распоред, а Такер Карлсон не е во него“, изјави портпаролот на претседателот на Украина, Серхи Никифоров, а пренесува Укринформ.

Карлсон на социјалните мрежи објави дека „очигледно“ добил интервју со Зеленски.

„Изгледа дека добивме интервју со Зеленски. Се обидуваме две години, а особено интензивно по интервјуто со Путин во февруари. Поентата е да им ги дадеме на Американците многу потребните информации за конфликтот што целосно ја преобликува нивната земја и позиција во светот. Се надеваме дека (интервјуто) доаѓа наскоро“, напиша Карлсон на X.

Карлсон е првиот западен новинар кој го интервјуирал рускиот претседател од почетокот на руската воена операција во Украина во февруари 2022 година.

За време на двочасовното интервју објавено ноќта на 9 февруари, кое имаше повеќе од 170 милиони прегледи на социјалната мрежа X и повеќе од 10 милиони на YouTube, Путин, меѓу другото, рече дека Русија нема да го нападне НАТО, особено Полска, Латвија и другите балтички земји.

Ѓоковиќ по победата на Вимблдон: Нема да барам какви било изговори

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во 3. коло на Вимблдон откако го совлада Џејкоб Финли со 3:1 во сетови.

Новак по натпреварот му честиташе на противникот за одличната игра.

- Пред сѐ, големи честитки до Џејк за ваквиот натпревар. Играше извонреден тенис и заслужи аплауз. До пред два дена имав шанса да го видам како игра. Секогаш има елемент на изненадување, а тој немаше што да загуби. Играше на Вимблдон, тој е британски тенисер кој израснал на вакви терени. Многу ветровит ден, беше тешко. Ме натера да работам. Веројатно бев малку среќен во четвртиот сет. Сè на сè, овој меч потенцијално требаше да заврши во петтиот сет како што игравме двајцата - рече тој.

- Но, многу сум среќен што тоа не се случи.

Потоа, Новак беше замолен да коментира:

- Не знам, не се чувствував толку добро, особено во третиот сет. Но, имате тешки денови кога не се чувствувате најдобро. Многу зависи и од противникот. Денес Џејкоб одигра добро и ме натера да работам напорно за победа.

Потоа, Новак беше замолен да ја коментира повредата и како се чувствува.

- Не знам, не се чувствував толку добро, особено во третиот сет. Но, имате тешки денови кога не се чувствувате најдобро. Многу зависи од противникот. Денес Џејкоб одигра добро и ме натера да работам напорно за победа.

- Јас се чуствувам добро. Нема да барам изговори за денешната игра. Што се однесува до мене, мислам дека некои работи почнав да ги правам подобро. Се движам подобро, се надевам дека од ден на ден и натпревар по натпревар ќе бидам подобар. Ќе видиме утре што ќе се случи.

Австриските власти му ја исполнија желбата на монструмот Фрицл- го префрлија во нова келија

Најпознатиот криминалец во Австрија долго чекаше да биде префрлен во затворска ќелија која ќе му го овозможи најважното нешто што го посакуваше дотогаш – туш.

Јозеф Фрицл, озлогласениот силувач кој ѝ направи седум деца на својата ќерка Елизабет, бил прилично несреќен во претходната ќелија бидејќи немало неколку работи.

„Туширањето му беше особено важно“, изјави неговата адвокатка Астрид Вагнер.

Фрицл, кој ја држел својата ќерка затворена во подрумот 24 години, пред десет дена се преселил во нова ќелија, каде што можел да се освежи во туш кабина.

„Оттогаш му оди многу подобро, навистина оживеа“, вели адвокатката.

Адвокатката истакна дека ова „можеби е подобро од ослободување“ иако таа ќе продолжи да се бори нејзиниот клиент да излезе од затворот што го одлежува и да го помине остатокот од животот како слободен човек.

Таа истакна дека Јозеф моментално е многу задоволен од тушот и другите удобности и дека добро се согласува со затворениците.

„Добро се сложува со другите, главно помлади затвореници, а исто така повторно одгледува пиперки и домати“, додал Вагнер, пишува ОЕ24.

Да потсетиме дека Фрицл ја чувал Елизабета како сексуална робинка во куќата уште од нејзината 18-та година. Неговите грозоморни злосторства биле откриени кога едно дете, родено како последица на инцест, било однесено во болница бидејќи животот му бил во опасност. Инаку, тој боледува од деменција, а форензичарот Аделхајде Кастнер кон крајот на 2023 година заклучи дека Фрицл повеќе не е опасен.

Австриецот ја силувал својата ќерка илјада пати во текот на 24 години и станал татко на нејзините седум деца.

Монструозниот, невиден случај во Австрија беше откриен во 2008 година.

притисни ентер