Доделување на наградите „Ability awards 2024“ денеска во Скопје

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во хотелот „Хилтон“ во Скопје, денеска „Ability awards 2024“ ќе удостои 20 поединци и компании, коишто го поттикнуваат и унапредуваат квалитетот на животот на лицата со попреченост. 

Настанот, со црвен тепих, почнува од 18:30 часот. Целта е истакнување на достигнувањата и на инспиративните приказни на 10 лица и 10 компании коишто се вистински шампиони за еднаквост и инклузија, соопшти организаторскиот тим на свеченоста.

Оваа година, преку отворен повик, за наградите „Ability awards 2024“ беа номинирани 40 инспиративни лица со попреченост, кои преку своите постигнувања ја претставуваат моќта на решителноста и креативноста. Тие се номинирани во 10 категории:

01. Култура и уметност;

02. Спортски достигнувања;

03. Работник во бизнис-сектор;

04. Работник со ИТ-вештини;

05. Лидерство;

06. Работник во јавна институција;

07. Награда за исклучително влијание на општествената свест;

08. Бизнис-иноватор;

09. Борец за човекови права;

10. Инклузивен иноватор.

Компаниите, пак, ќе добијат одличја во следниве категории:

01. Најдобро инклузивно работно место

02. Иновации во пристапноста

03. Влијание на заедницата

04. Медиум без предрасуди

05. Лидерство за различности

06. Инклузивна маркетинг-кампања

07. Застапување и политика

08. Инклузивна и асистивна технологија

09. Претприемничка иницијатива

10. Корпоративна социјална одговорност

На гала-вечерта ќе присуствуваат највисоки претставници од политичкиот и корпоративниот свет. Меѓу гостите, се очекува да биде и претседателката на државата, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова.

Медиумски покровители на настанот се МРТ и МИА.

Трамп повторно ја обвини Кина дека управува со Панамскиот канал

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговото денешно инаугуративно обраќање рече дека „Панама ги прекршила договорите за кои е потребна неутралност во управувањето со каналот“.

Тој рече дека Панамскиот канал е „глупав подарок што никогаш не требаше да и се даде“ на Панама.

- Американските бродови се сериозно преполнети и не се третираат праведно на кој било начин, облик или форма, а тоа ја вклучува и американската морнарица, рече Трамп.

- И пред сè, Кина управува со Панамскиот канал и ние не и го дадовме на Кина. Го дадовме на Панама. И ние го враќаме назад, истакна тој.

Трамп претходно овој месец одби да ја исклучи можноста од воена сила да го заземе каналот. Тој ја даде оваа забелешка за време на прес-конференција на која, исто така, изјави дека „со Панамскиот канал управуваат кинески војници“. /МИА

Гутереш: На првиот ден од прекинот на огнот 630 камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа

Повеќе од 630 камиони со хуманитарна помош влегоа во Појасот Газа на првиот ден од почетокот на прекинот на огнот, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Гутереш на седницата на Советот за безбедност рече дека камиони со помош се испратени на север од енклавата, каде според ОН, постои закана од глад, пренесуваат британските медиуми.

Камионите влегоа во Појасот Газа на првиот ден од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, кој стапи на сила на 19 јануари./МИА

Неисправна пумпа го исклучи нуклеарниот реактор Тиханге, крај Лиеж

 Реакторот во нуклеарната централа Тиханге, во близина на Лиеж, се исклучи денеска, рано утринава, поради неисправна пумпа, јави агенцијата Белга.

Нема опасност за луѓето и околината и снабдувањето е безбедно, соопшти операторот Енџи, додавајќи дека се обидуваат да утврдат зошто откажала пумпата.

Белгија има вкупно седум реактори во две нуклеарни централи, од кои две веќе престанаа да работат.

Овој реактор со неисправна пумпа во гратчето Хују, во близина на Лиеж, треба да биде затворен во октомври, а до 2035 година сите останати.

Белгија постојано има проблеми со реакторите, вклучително и оштетени бетонски делови.

Електраната „Тиханге“ се наоѓа на околу 60 километри од германскиот град Ахен, чии власти заедно со владата во Берлин во неколку наврати ги повикуваат белгиските соседи да ги затворат сите нуклеарни централи./МИА

притисни ентер