Доделени наградите на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ - Канал 5

Доделени наградите на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Со доделување на наградите на најдобрите театарски остварувања на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“, синоќа во Прилеп заврши 59 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. 

Доделени наградите на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Најдобра театарска претстава во целина, според фестивалското жири, е претставата „12“ на МНТ од Скопје. Оваа претстава ја понесе и специјалната награда за колективна актерска игра.

-Театарот е местото каде невидливото станува видливо, според Питер Брук. Верувам дека секој спектакл е едно патување и упатување кон непознатото во човечкото суштествување. Во претставата „12“ во актерската работа има внатрешна вистина на преживувањето, психолошка праведност и актерство што плени. За мене „12“ е исклучително актерско достигнување на секој актер од екипата, изјави претседателката на фестивалското жири Лилија Абаџиева.

За директорот на МНТ од Скопје, Никола Кимовски, наградата доаѓа кога театарот одбележува 80 години постоење.

-Бидејќи оваа година МНТ одбележува 80 години постоење, оваа награда е од големо значење како за актерскиот, така и за техничкиот и целокупниот колектив на Македонскиот народен театар. Освоивме три награди. Притоа ја добивме значајната награда на Фестивалот „Петре“ , исто за „12“, а мора да ја споменам и поледната награда што ја добивме на Стеријино позорје“, прва по последната награда од 1986 година, па така, оваа награда е од особено значење, зашто театарот во овој момент, освен актерите, го сочинува и целиот колектив, изјави Кимовски.

Уметничкиот директор на Фестивалот Ана Стојаноска посочи дека Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ со своето 59. издание оди во нашата колективна меморија и како што рече, го затвораме со чувство на мир и исполнетост на сите зададени цели и визии, за, како може, покрај сите предизвици, да се смееме и да се осмелиме на сето тоа во и околу нас.

-Ова е фестивал на сите театри во Македонија и заслужува да биде третиран како таков. Ова, во Прилеп, е местото што ги спојува сите идеи, креативни процеси, конструктивни дијалози, ова е платформата на заедничкото театарско живеење. За жал, сѐ уште не сме дојдени до реализација на таа идеја - сите да работиме за уште поуспешен фестивал, рече Стојаноска при затворањето на Фестивалот.

Актерот Оливер Митковски е посебно горд што ја доби наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ во претставата „12“.

-Особено ми е драго што сега ја добивам фестивалската награда. Последниве години фестивалот се искачува на повисоко ниво. Станува сериозна институција, рече Митковски.

Марија Минчева Андонов со возбуда ја доби наградата за најдобра главна женска улога во претставата „Сите прекрасни нешта“ на штипскиот театар

-Му благодарам на Фестивалот за наградата кој е срцето на македонскиот театар. Поттик е да работиме сите на себе., рече Минчева Андонов.

За доботникот на наградата за најдобра главна машка улога Мартин Мирчевски во претставата на битолскиот театар „Црно семе“ сето било едно големо патување, авантура.

-Сето побуди големи емоции кај самата екипа, а тоа се рефлектираше, се надевам, а така беше според аплаузот, и кај публиката. Среќен сум шрто сум дел од таа екипа на битолскиот театар со кој направивме добра претстава, изјави Мирчевски.

Сашко Костов, добитникот на наградата за најдобра музика „Филип Стефановски“ за музиката во претставата на велешкиот театар „Рацин“ рече дека е премногу радосен за награда по 14 години работа во театарот. Претставата е емотивна, инспирацијата за музиката доаѓа до актерскиот изрз и, набрзо, нумерите од претставата ќе се најдат на носач на звук.

-Инспирацијата доаѓа на сцената. Од изразот на актерите. Ја работиме музиката од претставата „Рацин“. Набрзо ќе излезе првиот сингл, а до крајот на годинава и целосната музика од претставата „Рацин“ на велешкоот театар, рече Костов.

Публиката во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ со бурен аплауз ги награди добитниците на годинашните награди за најдобрите театарски остварувања.

Во чест на наградените, театар Комедија од Скопје ја изведе претставата „Вистината“ во режија на на Владимир Јурц со што е спуштена завесата на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржуваше во Прилеп од 6 до 13 јуни.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Литванија ќе го задржи руското и белоруското жито

Литванија ќе ги задржи пратките со жито што Русија и Белорусија ги извезуваат преку пристаништето Клаипеда, сè додека не се утврди нивното потекло, изјави за Ројтерс претставник на литванското Министерство за земјоделство.

Литванија ќе го задржи руското и белоруското жито

Тој додаде дека оваа регулатива би можела да доведе до одложување на извозот во траење од неколку месеци. Уште од септември, Литванија врши проверки на пратките со жито од Русија и Белорусија, поради сомневања дека дел од житото всушност потекнува од украински територии кои се под руска окупација.

Почнувајќи од следната недела, пченицата, 'ржта, семките од сончоглед и пченката што пристигнуваат во балтичкото пристаниште Клаипеда од Русија и Белорусија – а се наменети за други земји – нема да поминат царинска процедура сè додека не заврши проверката на нивното потекло, изјави за Ројтерс неименуван литвански функционер.

„Процесот на проверка може да трае два месеци или подолго“, истакна функционерот, додавајќи дека секоја пратка за која ќе се утврди дека има лажно пријавено потекло, ќе биде или вратена или уништена. Бидејќи Литванија не располага со лабораторија способна за вршење на вакви анализи, процесот трае подолго, бидејќи тестирањето мора да се изврши во странство.

ЕУ воведува санкции за увоз на руско жито

Извозниците ќе ги сносат сите трошоци поврзани со складирањето, тестирањето, враќањето или уништувањето на житото, додаде литванскиот функционер. Иако ЕУ воведе санкции за увоз на руско жито, неговиот транзит кон други дестинации останува дозволен. Официјална Москва не даде коментар за правниот статус на житото што потекнува од региони кои меѓународната заедница ги признава како украинска територија.

Од средината на август, испораките на руска и украинска пченица од пристаништата на Азовското и Црното Море се речиси целосно запрени, по нападите врз бродови и терминали. Во такви околности, Русија почна да ги менува своите извозни рути, при што е забележан значителен пораст на пратките со жито преку Каспиското Море.

Руските трговци ја пренасочија пченицата наменета за извоз главно кон балтичките пристаништа, преку кои во септември поминале 1,2 милиони тони – што претставува над 60 отсто од вкупниот руски извоз на жито по морски пат. Според Ројтерс, компаниите пренамениле терминали што претходно се користеле за утовар на ѓубрива и јаглен, прилагодувајќи ги за транспорт на жито.

Русија се свртува кон арктичката поморска рута

Во меѓувреме, балтичките земји се обидуваат да го запрат транзитот на руско и белоруско жито преку нивните пристаништа. Во октомври, Естонија, Латвија и Литванија предложија забрана на ниво на целата ЕУ, при што Естонија веќе воведе свои ограничувања.

Од своја страна, Русија – за првпат – се сврте кон арктичката поморска рута за испорака на пченица на меѓународните пазари. Кон крајот на октомври, комерцијалното пристаниште во Мурманск и компанијата за трговија со жито „Деметра Холдинг“ објавија дека е во тек утовар на 3.400 тони жито од „клучни земјоделски региони“.

Мурманск се наоѓа во заливот Кола во Баренцовото Море, неговото пристаниште останува без мраз, иако лежи 200 километри северно од Арктичкиот круг. Тоа е едно од најважните пристаништа во северна Русија, служи како матично пристаниште за рибарска флота и мразокршачи, а се наоѓа на западниот крај на Северната морска рута.

Кој увезува најмногу руско жито?

Податоците од консултантската фирма „ПроЗерно“ покажуваат дека, во периодот од почетокот на новата земјоделска сезона во јули до октомври, Иран бил најголемиот увозник на руско жито, со вкупно 1,716 милиони тони – кои главно се состојат од јачмен и пченка.

Египет увезол 1,35 милиони тони, а по него следува Азербејџан со 545.000 тони, според „ПроЗерно“. Според истите податоци, и Нигерија се наоѓа меѓу првите пет увозници, со 420.900 тони.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МФ: Собранието го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026

Обезбедуваме стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.

МФ: Собранието го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026

Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Со Дополнетиот Ребаланс на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за околу 5,3 милијарди денари на проекциите за 2026 година. Истовремено на исто ниво е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа нивото на дефицитот во Буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.

Дополнетиот предлог ребаланс пред пратениците го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која истакна дека приоритет на Владата е да ја зачува економската стабилност и да одговори на предизвиците поради продолжените глобални геополитички случувања. Оттука измените и дополнувањата на Буџетот се во насока на обезбедување стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.

„Државната каса до крајот на годината е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат. Тоа е суштината на одговорното управување со јавните финансии – да се реагира навреме кога околностите го бараат тоа, да се заштитат граѓаните и економијата и, пред сè, да се гарантира дека државата ги исполнува своите обврски“, рече министерката.

На расходната страна надолната проекција се должи на намалување на расходите за стоки и услуги и субвенциите, а во насока на дисциплинирано трошење и обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и здравствени услуги.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоц, и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Исто така дополнителни 600 милиони денари за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.

Капиталните расходи се проектирни на 40,1 милијарда денари со кои се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура. Исто така продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Муцунски ја отвори македонската Амбасада во Вилнус: Ново поглавје во односите со Литванија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во работна посета на Република Литванија.

Министерот Муцунски ја отвори македонската Амбасада во Вилнус: Ново поглавје во односите со Литванија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во работна посета на Република Литванија, во чии рамки оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи Кештудис Будрис и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Македонија во Вилнус.

На средбата со министерот Будрис во фокусот беа натамошното унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративната агенда, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамките на евроатлантското сојузништво.

Посебно внимание беше посветено на европската интеграција, надминувањето на пречките и динамизирањето на пристапниот процес. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на државата, полноправно членство во Европската Унија.

Тој ја реафирмираше посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и конструктивниот пристап кон изнаоѓање заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано на европските вредности и принципи.

Централен настан во рамките на посетата беше официјалното отворање на македонската Амбасада во Вилнус, со што се отвора ново поглавје во односите меѓу двете држави и се создаваат дополнителни можности за продлабочување на политичката, економската и институционалната соработка.

„Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме“, истакна Муцунски.

Воедно, тој изрази посебна благодарност за солидарноста покажана по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти беа примени на лекување во Вилнус и Каунас.

„Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа“, истакна Муцунски.

Министерот посочи дека новото дипломатско присуство ќе отвори дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување.

„Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација“, рече Муцунски.

На крајот, тој ја нагласи и пошироката улога на новата Амбасада во натамошното поврзување на двете држави.

„Оваа Амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна Муцунски, соопштуваат од МНРиНТ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер