Доаѓа арктичка зима на 2025/2026: Поларниот вртлог се распаѓа – еве што не чека после жешкото лето! - Канал 5

Доаѓа арктичка зима на 2025/2026: Поларниот вртлог се распаѓа – еве што не чека после жешкото лето!

Според најновите атмосферски податоци, силните источни ветрови што се спуштаат преку тропската стратосфера би можеле да донесат значајни промени во текот на зимата 2025/2026 во САД, Канада и Европа.

Доаѓа арктичка зима на 2025/2026: Поларниот вртлог се распаѓа – еве што не чека после жешкото лето!

Овој образец на ветрови е познат како квази-биенална осцилација (QBO) и ја менува насоката на ветерот секои една до две години. Тој може да има големо влијание врз сезонските временски обрасци, наведува Severe Weather во својата прогноза.

Можеби ќе ве интересира: По жестокото невреме пристигнува тропски бран! Детална прогноза за Македонија: Температурите ќе надминат 30 степени, eве кога започнуваат горештините

Зимите кои во минатото имале сличен атмосферски образец биле карактеризирани со ослабен поларен вртлог (polar vortex), што доведувало до постудени и поснежни услови во делови од САД, Канада и Европа. Најновите прогнози сега сугерираат дека и зимата 2025/2026 може да биде под слично влијание.

Што е поларен вртлог?

„QBO“ е редовна промена на ветровите високо над тропската стратосфера, при што насоката на ветерот се менува од источна кон западна. Силните стратосферски ветрови кружат околу екваторот. Отприлика на секои 17 месеци, тие целосно ја менуваат насоката.

Постојат неколку причини зошто и како QBO може да влијае врз нашата зима. Најважниот аспект е поларниот вртлог – токму затоа „QBO“ се следи внимателно за време на зимата.

За време на источната фаза на „QBO“, профилот на ветровите во стратосферата е поповолен за ширење на планетарните (Росбиеви) бранови од тропосферата кон стратосферата. Тие бранови го вознемируваат и ослабуваат поларниот вртлог, правејќи го подложен на колапс, што може значајно да го наруши времето во пониските слоеви на атмосферата.

Можеби ќе ве интересира: Се формира еден феномен над Европа! Детална прогноза за август: Топлотниот бран допрва ќе се активира

Поларниот вртлог најдобро се визуелизира како огромна зимска циркулација во северната и јужната хемисфера. Се дели на горен (стратосферски) и долен (тропосферски) дел. Горниот дел делува како огромна циклонска област и е најсилен кога има ладно јадро и низок притисок. Неговата сила е клучна во зима бидејќи има силно влијание врз дневните временски прилики.

Јануари 2026 најважен за Европа

За Европа, најинтересниот месец според зимските прогнози е јануари 2026. Според прогнозите за отстапување на притисокот, се гледа широк образец на блокада со висок притисок над северот. Бидејќи антициклонот ротира во насока на стрелките на часовникот, тоа значи дека ладниот воздух од север и североисток би се спуштал кон континентот.

Тоа се гледа и на прогнозите за температурата – нормални до пониски температури над голем дел од северна, централна и западна Европа. Прогнозите честопати ги потценуваат ладните аномалии на долгорочен план, па е веројатно дека овој образец ќе донесе пошироко студено време на означените подрачја.

Блокадата на висок притисок над северна Европа и над поларните области се јасни знаци на слаба или нарушена циркулација, односно ослабен поларен вртлог. Ваквиот вртлог е подложен на целосен колапс кога има зголемен притисок и температура во стратосферата – сценарио што е можно оваа зима. Тоа може да донесе или продолжи студени периоди и снежни врнежи во текот на неколку недели.

Колапс на поларниот вртлог – изненадно стратосферско загревање (SSW)

Колапсот на поларниот вртлог се нарекува изненадно стратосферско загревање (SSW). Тоа е нагло зголемување на температурата и притисокот во стратосферата што предизвикува распаѓање на циркулацијата. Еден таков настан се случи во март оваа година.

Набљудувајќи ги снежните врнежи по „SSW“, „Severe Weather“ истакнува дека се бележат надпросечни врнежи од снег во источниот дел на САД, Средниот Запад и Европа.

„Слаб поларен вртлог може значајно да влијае врз зимското време во САД, Канада и Европа. Во сезона со негативен „QBO“ се зголемува веројатноста за колапс на поларниот вртлог. Имајќи ги предвид знаците за ослабен вртлог оваа зима, веројатноста за студени денови и обилен снег е поголема во САД, Канада и делови од Европа“, пренесува Данас.хр.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Kостадиновски: Авторитетот на уставните судови произлегува од „квалитетот на нивните одлуки и од довербата што ја уживаат кај граѓаните

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, д-р Дарко Костадиновски, со воведно обраќање ја отвори Четвртата годишна конференција на Форумот на балканските уставни судови, која се одржува во Охрид од 12 до 14 ноември 2026 година.

Kостадиновски: Авторитетот на уставните судови произлегува од „квалитетот на нивните одлуки и од довербата што ја уживаат кај граѓаните

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, д-р Дарко Костадиновски, со воведно обраќање ја отвори Четвртата годишна конференција на Форумот на балканските уставни судови, која се одржува во Охрид од 12 до 14 ноември 2026 година, на тема „Современи предизвици за владеење на правото: Улогата на уставните судови“.

Во обраќањето, претседателот Костадиновски ги сподели своите согледувања за тоа како уставните судови можат да одговорат на демократската ерозија и на притисоците врз нивната независност. Тој нагласи дека институционалните гаранции за независност добиваат вистинска содржина кога судијата има знаење, интегритет и храброст да одлучува според сопственото правно убедување.

Како втор столб на уставното судство ја издвои довербата на граѓаните, која се гради преку отвореност и аргументирани, разбирливи одлуки. Во тој контекст се осврна на практиката на Судот да ја информира јавноста за најзначајните одлуки по секоја седница и на можноста граѓаните да ги следат седниците во живо.

„Целта не беше да ги направиме одлуките популарни. Целта беше тие да станат поразбирливи“, истакна претседателот Костадиновски.

Во освртот на вештачката интелигенција, тој посочи дека технолошкиот развој отвора можности за поефикасна заштита на Уставот и на човековите права. Истовремено, го постави прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени совеста, етиката, моралниот интегритет и независното правно убедување на судијата.

Во продолжение го објавуваме целосното обраќање на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски

Во името на Уставниот суд на Република Македонија и во мое лично име, ви посакувам срдечно добредојде во Охрид, на Четвртата годишна конференција во рамките на Форумот на Балканските уставни судови.

Во Македонија нема посоодветно место за ваков собир на кој ќе споделуваме знаења и искуства, ќе учиме едни од други. Охрид е град во кој се вкрсутвале цивилизациите, Охрид е град во кој со векови знаењето се пренесувало од генерација на генерација, и токму во Охрид денес ќе разговараме за предизвиците на правната држава и владеењето на правото, но ќе разговараме и за бенефитите и ризиците кои ни ги носи вештачката интелегенција и технологиите што знаењето го пренесуваат за миг.

Не знам која е поправилна квалификација - предизвици или пак криза на правната држава и владеењето на правото? Но она што го знам е дека без разлика која од нив да ја употребиме, резултатот е безмалку ист – тоа значи предизвик или пак криза на демократијата! Современите демократии поставуваат нови и многу покомплексни предизвици. Сведоци сме на ослабена улога на парламентите, сѐ посилни извршни власти, појава на демократски ерозии и авторитарни тенденции, кои иако формално се одвиваат во рамките на демократските институции, суштински ги поткопуваат демократските вредности. Истовремено, уставните судови се соочуваат и со еден сосема поинаков предизвик – да ја бранат својата независност и да се бранат од обвинувањата за прекумерен судски активизам. Овие предизвици се дополнително изразени во државите во транзиција, каде што демократските институции сѐ уште се консолидираат, политичката култура е недоволно развиена, а политичките влијанија врз институциите претставуваат секојдневен предизвик.

Во такви околности улогата на уставното судство добива дополнително на својата важност и одговорност, и клучното прашање е како уставното судство да одговори на овие предизвици. Ми треба многу време да кажам се што мислам, но го немам, и оттука јас ќе се задржам на она што мислам дека е најсуштествено, најфундаментално.

Почитувани,

Прво, и најважно е да ја браниме независноста на судството, бидејќи таа е суштинска гаранција за владеењето на правото. Во уставното судство таа има посебна тежина, бидејќи Судот одлучува за границите на државната власт и за заштитата на темелните уставни вредности.

Второ, подеднакво важно е зголемувањето на довербата во уставното судство. Тоа станува една од најважните задачи на секој уставен суд! Довербата е најважниот капитал за секој уставен суд. За разлика од политичките институции, уставните судови не располагаат ниту со политичка моќ, ниту со механизми на принуда. Нивниот авторитет произлегува исклучиво од квалитетот на нивните одлуки и од довербата што ја уживаат кај граѓаните.

Во однос на независноста, нема да ги користам старите и добро познати флоскули, во смисла, знаеме кој се начините и можностите со кои политиката кога сака влијае на уставните судови, дали е со избор на подобни судии, неизбор и некомплтирање на составите на Судовите, измени на институционалната, нормативната рамка во која се состои статусната независност, јавни прозивки, разни начини на влијанија, итн. Она на што јас сакам да се задржам покрај институционалните гаранции кои се нужни, се личните својства кај оние што ја остваруваат судиската функција. Формално обезбедената независност и самостојност добива вистинска содржина кога судијата има знаење, интегритет и храброст да одлучува според сопственото правно убедување, ослободен од политички влијанија, лични преференци и интереси, или очекувања за јавна наклонетост. Токму тука се среќаваат институционалната положба на Судот и личната одговорност на уставниот судија.

Јас, по кој знае кој пат, ќе го цитирам мојот драг и голем пријател Кадир Озкаја, претседател на Уставниот суд на Република Туркије: „Вагата на правдата се наоѓа во рацете на судиите. Тоа е најчувствителната вага на светот и за нејзино правилно држење не е доволно само познавањето на правото, туку се потребни совест, морален интегритет, чесност и скромност“.

Во овие негови зборови е содржана една длабока вистина. Правното знаење мора да биде придружено со будна совест и морална цврстина. Од судијата се очекуваат почитување на правото, чесност, скромност и смиреност.

Надменоста и избувливоста ја нарушуваат способноста за правично одмерување. Искреноста и личниот интегритет треба да го направат пример за другите. Совеста, како внатрешна способност да се разликува исправното од погрешното, во ова гледиште е насочена кон вистината и не го оправдува неправилното постапување. Таа е поврзана со независноста и непристрасноста. Разумот, стручноста, етичноста и совеста заедно ја создаваат способноста за правично судење.

Затоа, сметам дека само судии со вакви карактеристики, можат да одговорат на современите предизвици на владеењето на правото.

Вториот столб е довербата, а таа е комплексно прашање кое не зависи само од Уставните судови, туку од многу други фактори и актери. Сепак независноста и довербата се фундаментално поврзани и условени. Довербата е невозможна без транспарентноста и отвореноста, без силни и аргументирани образложенија на одлуките.

Во однос на транспарентноста, нашиот Суд веќе имаше воспоставени стандарди. Но, во однос на отвореноста сметав дека може да се направи значителен исчекор. Затоа, уште во првите два месеци од мојот мандат донесов одлука по секоја седница, лично јас и/или судијата - известител, да ја информираме јавноста за најзначајните одлуки на Судот. Понатаму, јас и уште неколку судии сме често присутни во медиумите. Не со цел судиите да станат celebrities, туку како одговор на реакциите, критиките и манипулациите што неизбежно ги предизвикува еден поодлучен и бескомпромисен Уставен суд. Целта не беше да ги направиме одлуките популарни. Целта беше тие да станат поразбирливи. Да им објасниме на нашите граѓани што конкретната одлука значи за нивните права и слободи, но, истовремено и граѓаните и државните органи да разберат дека Судот одлучува исклучиво врз основа на правни аргументи, а не под влијание на политички, етнички, верски или какви било други преференции. И конечно, охрабрени од резултатите направивме уште еден чекор кој е вистинска реткост во уставното судство глобално. Седниците на Уставниот суд граѓаните можат да ги следат во живо преку нашата веб страна.

Почитувани колеги, драги гости

Речиси и да нема меѓународна конференција за современите предизвици на уставното судство на која не се разговара и за вештачката интелигенција. И тоа не е случајно. Технолошкиот развој го менува пристапот до знаењето, начинот на работа на институциите и очекувањата на граѓаните. Пред уставните судови се отвора прашањето како тие можности да се употребат за поефикасна заштита на Уставот и на човековите права.

Но исто така пред Уставните судови се отвора и прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени својствата кои треба да ги поседуваат уставните судии? Може ли вештачката интелегенција да ги замени, или да ја преземе улогата на особини својствени за човечки суштества, совеста, етиката, разумот, моралниот интегритет и независното правно убедување? Веројатно денес ќе можеме да слушнеме повеќе за ова дилема.

Драги гости,

Форумот на Балканските уставни судови ја потврдува вредноста на непосредниот дијалог. Нашите уставни системи имаат свои особености, но прашањата со кои се соочуваме често ги надминуваат националните граници. Заштитата на независноста, авторитетот на уставносудските одлуки и довербата на граѓаните се заедничка грижа. Регионалната соработка ни овозможува сопственото искуство да го преиспитаме низ искуството на другите и навреме да ги препознаеме предизвиците што се присутни и оние кои доаѓаат.

Ви посакувам плодна работа и пријатен престој во Охрид.

Ви благодарам на вниманието.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во Кина ќе се одлучува за крајот на војната Украина - Русија?!

Во Абу Даби завршија преговорите меѓу Русија, Украина и САД – прва ваква дипломатска средба по речиси девет месеци.

Во Кина ќе се одлучува за крајот на војната Украина - Русија?!

Како што се очекуваше, не беше постигнат конечен мировен договор, ниту пак беше запрена војната.

Сепак, започнати се одредени клучни процеси што би можеле целосно да ја прекројат безбедносната карта на Европа, како и самата динамика на војната во Украина.

Вториот ден, разговорите зад затворени врати траеја околу два часа. Како што потврди главниот американски преговарач, Џаред Кушнер, најголемите спорови се воделе околу исклучително чувствителни територијални прашања.

Уште пред почетокот на средбата, Русите – со помош на пратениците на Трамп – промовираа предлог за промена на административните граници, со цел, барем на хартија, да ја остварат својата зацртана цел: заземање на целиот регион Донбас.

Киев категорично ги отфрли ваквите идеи, повторувајќи дека немаат намера да ја повлечат војската зад границите на Доњецката област, која Украина сè уште делумно ја контролира.

Бидејќи не успеаја да постигнат договор за територијата, единствениот конкретен резултат од оваа средба остана големата размена на затвореници.

Според изјавите на руските и украинските претставници, тоа ќе биде најголемата размена од почетокот на војната.

Зеленски и неговото политичко раководство сега се наоѓаат во крајно незавидна ситуација. Официјален Киев строго инсистира на одреден редослед на потези: прво бараат целосен прекин на огнот, потоа јасни безбедносни гаранции, па дури потоа преговори за поширок воено-безбедносен договор.

Истовремено, украинските генерали не се откажуваат од барањето војската да остане оперативна и силна. Бидејќи стана сосема јасно дека западните сојузници сè уште не се подготвени да ја примат Украина во НАТО, Киев излегува со ново барање.

Тие бараат долгорочна финансиска поддршка во траење од најмалку десет години, за да можат да одржуваат војска од неверојатни 800 до 900 илјади војници. Во Киев сметаат дека само толку моќна воена сила би можела ефикасно да ги одврати Русите од нова инвазија.

И самото украинско општество почна да ги менува позициите кога станува збор за војната и мирот.

До неодамна, секое спомнување на компромис со Москва автоматски се прогласуваше за чиста капитулација. Денес, сепак, Украинците сè поотворено предупредуваат во јавноста за опасноста од целосен економски колапс.

Се разбира, порадикалната опозиција и дел од здруженијата продолжуваат остро да ја напаѓаат владата штом некој само ќе ги спомне преговорите со Русите. Поделбата се чувствува и во самата војска.

Од друга страна, Русите пристигнаа во Абу Даби со амбициозен план кој оди многу подалеку од самото решавање на војната во Украина. Москва се стреми кон изградба на целосно нова безбедносна архитектура.

Со цел да ги принуди Киев и Западот на отстапки, Русија намерно ја уништува украинската енергетска мрежа среде зима, ставајќи ги Украинците во уште понеповолна преговарачка позиција.

Особено е интересно како Москва грчевито инсистираше Европа да биде исклучена од преговорите. Имено, Русите сакаат САД да останат единствениот легитимен канал преку кој ќе преговараат за поделбата на сферите на влијание. Европските дипломати во Абу Даби буквално седеа на „резервната клупа“ и учествуваа исклучиво на споредни состаноци.

Понатамошните потези ќе зависат од Москва, при што Европа – веројатно со одредени отстапки што ќе мора да се побараат од Вашингтон – сепак ќе остане само обичен набљудувач.

Во пракса, тоа значи дека Вашингтон и Москва ќе ја кројат картата на Европа и ќе одлучуваат каде ќе биде стационирана војската, додека на европските лидери ќе им остане само да стават потпис. Русите одлично ја согледуваат ранливоста на европската заедница, па затоа намерно ја заобиколуваат Западна Европа и сакаат да ги наметнат своите услови преку директен договор со САД.

Сериозноста на руската позиција – како и степенот до кој светската карта навистина се прекројува – најдобро се илустрира со фактот дека Пекинг официјално потврди оти се водат разговори за историска средба меѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг.

Се очекува овој трилатерален самит да се одржи на маргините на состанокот на лидерите на АПЕК во Шенжен, Кина, на 18 и 19 ноември.

Русите веќе навестија дека, за време на престојот во Кина, Путин и Трамп имаат намера да разговараат за мировен договор за Украина – маса на која не е поканет апсолутно никој од Европа или од Киев.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Разоткриена мрежа за шверц на кокаин во Европа

Во Швајцарија се уапсени 41 лице како дел од меѓународна операција насочена против мрежа осомничена за шверц на кокаин и перење пари, соопшти Европол.

Разоткриена мрежа за шверц на кокаин во Европа

Истражителите ја поврзуваат оваа мрежа со запленувањето на над 750 килограми кокаин во Антверпен.

Меѓународна истрага, поддржана од Европол и Евроџаст, разоткри криминална мрежа осомничена за шверц на големи количества кокаин од Еквадор и други земји од Латинска Америка во Европа – практика што постои најмалку од 2019 година – при што истовремено се вршело и перење на средствата стекнати од трговијата со дрога.

Истрагата беше предводена од швајцарското Федерално обвинителство и Федералната полиција. Операцијата се спроведе на 10 и 11 ноември на територијата на Швајцарија, Чешка, Германија, Холандија и Шпанија. Во Швајцарија беа извршени претреси на 55 локации, а за пет од 41 уапсено лице беше побаран притвор. Европол исто така соопшти дека петмина осомничени се приведени во Германија.

Во Белгија откриени 750 килограми кокаин

Истражителите ја поврзуваат мрежата со неколку заплени на кокаин, вклучително и една од август оваа година, кога во белгискиот град Антверпен беа откриени повеќе од 750 килограми од оваа дрога, скриени во кутии испратени од Латинска Америка. Според Европол, увозот бил овозможен преку фиктивни компании регистрирани во Швајцарија и Холандија, додека се претпоставува дека заработката од шверцот се перела преку компании во Чешка, Германија и Швајцарија.

Во земјите што учествуваа во оваа операција, досега се запленети повеќе од 2,3 милиони швајцарски франци, криптовалути во вредност од 50.000 франци и 15 парчиња огнено оружје. Во Германија се запленети околу 1,3 милиони евра во готовина, додека во Чешка се одземени околу еден милион евра и 850.000 чешки круни.

Европол ја поддржува истрагата уште од 2022 година, преку олеснување на размената на информации, анализа на податоци и координација на активностите. Евроџаст поддржа заеднички истражен тим кој ги обедини надлежните органи од пет земји за да ги координираат истрагите и да разменат докази.

Фото: ВИ

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер