До нова година поврат на персоналниот данок во земјоделството - Канал 5

До нова година поврат на персоналниот данок во земјоделството

Од следната недела УЈП ќе почне да исплаќа пари како поврат на персоналниот данок за земјоделците.

До нова година поврат на персоналниот данок во земјоделството

На сметките на околу 17 илјади земјоделци ќе легнат околу 80 милиони денари за персонален данок, пари што им ги задржувале откупните центри во текот на 2018 година.

Сите оние кои земјоделството им е основна дејност а оствариле приходи по овој основ не поголем од милион денари ќе си ги добијат парите од персонален данок најдоцна до нова година. До лани земјоделците беа ослободувани од плаќање персонален данок но од оваа година наместо ослободување се врши поврат на задржаните 2% при откуп на сите земјоделски производи.

Услов за УЈП да изврши исплата на персоналниот данок е земјоделецот да нема други приходи.

Земјоделците кои имаат приходи во текот на годината над милион денари задолжително ќе мора да се регистрираат како индивидуални земјоделци, трговец поединец или како правно лице.

Ако приходите надминуваат два милиони денари тогаш ќе мора да се регистрира и како ДДВ обврзник а и министерството смета дека потребно е и прагот од милион денари за пререгистрација треба во иднина да се помести на 2 милиони денари.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски: Конечно после 30 години од последниот упис, ќе имаме нова генерација на идни полициски службеници со Средно полициско училиште

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија, каде што официјално започна наставата за 310 ученици од првата генерација на обновеното Средно полициско училиште „7 Мај“.

Тошковски: Конечно после 30 години од последниот упис, ќе имаме нова генерација на идни полициски службеници со Средно полициско училиште

Со почетокот на новата учебна година, по три децении од последниот упис, Македонија повторно добива генерација ученици кои своето средно образование ќе го завршат со стекната професија полициски службеник.

Во рамки на посетата, министерот Тошковски свечено им ги врачи договорите за школување на првите десет кандидати и им посака успешен почеток на образовниот процес, нагласувајќи дека денешниот ден претставува значаен момент за Министерството за внатрешни работи и за иднината на македонската полиција.

„Први септември 2026 година. Конечно после 30 години од последниот упис во рамките на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација на идни полициски службеници, коишто ќе имаат своја професија ‘полициски службеник’ во Македонија со завршено Средно полициско училиште за две години отсега. Нека им е честито на сите дечиња коишто се запишаа во рамките на Средното полициско училиште“, истакна министерот Тошковски.

Тој потенцираше дека во следните две години учениците ќе поминат низ образовен процес во кој, покрај нивната лична посветеност и труд, значајна улога ќе имаат професорите, менторите и едукаторите кои ќе бидат вклучени во нивното образование и професионално оспособување.

„Сигурен сум дека за две години отсега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите и од страна на менторите и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште“, рече Тошковски.

Министерот упати благодарност до сите кои во изминатиот период беа вклучени во процесот за повторно воспоставување на Средното полициско училиште.

„Огромна благодарност уште еднаш до сите оние коишто макотрпно работеа во изминативе две години денеска да го дочекаме овој ден после 30 години во Македонија, повторно да имаме државно Средно полициско училиште“, порача Тошковски.

Повторното воспоставување на Средното полициско училиште „7 Мај“ е дел од процесот на јакнење на кадровските и образовните капацитети на Министерството за внатрешни работи, со цел создавање нови генерации професионални, обучени и одговорни полициски службеници подготвени да одговорат на современите безбедносни предизвици и да им служат на граѓаните и државата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ќерката на Брижит Макрон во врска со 20 години помлад студент – љубовната приказна потсетува на бракот на нејзината мајка

Ќерката на Брижит Макрон повторно е во центарот на вниманието. 

Ќерката на Брижит Макрон во врска со 20 години помлад студент – љубовната приказна потсетува на бракот на нејзината мајка

Тифани Озиер (42), ќерката на првата дама на Франција, Брижит Макрон, наводно започнала љубовна врска со 22-годишниот студент Антоан Лекомт, што предизвика големо внимание поради сличноста со љубовната приказна на нејзината мајка и францускиот претседател Емануел Макрон.

Тифани на својот профил на Инстаграм објавила видео од заедничко патување во Амстердам, на кое таа и младиот студент по бизнис изгледаат многу блиски и заљубени.

Двајцата се запознале во текот на летото во познатиот француски приморски град Ле Туке. Лекомт таму работел како инструктор по кајтсурфинг и ја подучувал Тифани да вози е-фоил, односно електрична даска за сурфање.

Близок пријател на Тифани за францускиот магазин „Gala“ изјавил дека меѓу нив веднаш се почувствувала хемија.

„Беше веднаш очигледно дека постои хемија меѓу нив. Имаат многу заеднички нешта – љубов кон Ле Туке и возбудувањата, но и кон патувањата и претприемништвото“, изјавил тој.

Според изворите, Брижит Макрон е воодушевена од изборот на својата ќерка.

„Реагираше како што би реагирала секоја мајка. Единствено што ѝ е важно е среќата на нејзината ќерка, па многу е среќна што ја гледа како цвета“, навел изворот, додавајќи дека Брижит со задоволство би сакала да го запознае Антоан.

Поранешни љубови и развод

Новата романса на Тифани доаѓа откако во мај 2026 година ја прекинала врската со Сирил Хануна, контроверзниот француски телевизиски водител.

Претходно, во јануари 2025 година, таа ја завршила долгогодишната врска со гастроентерологот и хепатолог Антоан Шото, со кого била од 2010 година. Иако не ги откриле причините за разделбата, останале во добри односи.

Тифани и Антоан Шото низ годините живееле во Париз и во Ле Туке – токму местото каде што таа го запознала својот нов партнер.

Според написите, Тифани веќе го запознала Антоан Лекомт со своите деца, 12-годишната Елиз и 10-годишниот Орел.

Љубовна приказна што потсетува на Брижит и Емануел Макрон

Врската меѓу Тифани и Антоан привлече дополнително внимание поради големата разлика во годините – 20 години.

Слична разлика постои и меѓу нејзината мајка Брижит (73) и францускиот претседател Емануел Макрон (48), кои се 25 години разлика.

Емануел Макрон исто така бил ученик кога ја запознал Брижит, која тогаш работела како наставничка во приватно училиште во Амиен. Во тој период, Брижит имала 39 години, била мајка на три деца и била во брак со банкарот Андре-Луј Озиер.

Фото: Инстаграм/tiphaineauziere

Извор: Блиц Жена

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Свечен прием по повод Денот на Агенцијата за национална безбедност

Во Националната опера и балет свечено беше одбележан Денот на Агенцијата за национална безбедност.

Свечен прием по повод Денот на Агенцијата за национална безбедност

Во присуство на Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, Претседателот на Собранието, м-р Африм Гаши, највисоки претставници на државниот врв и дипломатскиот кор во земјата, претставници на државните институции, партнерски служби и медиумите, во Националната опера и балет свечено беше одбележан Денот на Агенцијата за национална безбедност.

Свеченоста беше посветена на институционалниот развој на Агенцијата, нејзината улога во современиот систем на национална безбедност, но пред сè на професионалците кои секојдневно, далеку од очите на јавноста, ја извршуваат една од најодговорните задачи во државата, заштитата на националните интереси, уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.

„Националната безбедност не е само институционална обврска. Таа е одговорност кон државата, кон граѓаните и кон генерациите што доаѓаат. Нашата сила се луѓето, професионалците кои својата работа ја извршуваат посветено, дисциплинирано и со висок степен на интегритет, свесни дека голем дел од нивниот придонес никогаш нема да биде јавно видлив. Токму во тоа се состои големината на нивната служба кон државата“, истакна Директорот на Агенцијата за национална безбедност, м-р Бојан Христовски.

Посебен белег на свечениот настан даде премиерното прикажување на документарниот филм посветен на историјата и развојот на безбедносната служба од нејзините почетоци, преку клучните историски и институционални периоди, до современата Агенција за национална безбедност. Преку архивски материјали, сведоштва и пораки од домашни и меѓународни соработници и партнери, документарниот филм ја прикажа континуираната одговорност на безбедносната служба во заштитата на државата, но и нејзината трансформација во согласност со современите безбедносни предизвици и стандарди.

Во своето обраќање, Директорот ги најави и следните значајни чекори во развојот на Агенцијата, меѓу кои формирањето на Центар за обука на АНБ, како системски механизам за континуирана едукација, професионално усовршување и создавање нови генерации високообучени безбедносни кадри.

„Безбедносните предизвици денес се менуваат со динамика каква што досега не сме познавале. Затоа силна служба не се гради само со технологија и ресурси, туку пред сè со знаење, аналитички капацитет и луѓе кои постојано се развиваат. Центарот за обука треба да биде инвестиција токму во најважниот ресурс – човекот, знаењето и идниот капацитет на македонскиот безбедносен систем“, – додаде Директорот на АНБ, м-р Бојан Христовски.

Во рамки на свеченоста беше претставено и првото издание на публикацијата “Безбедносна проценка за 2027 година”, како стратешки документ на Агенцијата посветен на безбедносните предизвици со кои се соочува државата. Документот претставува систематизиран аналитички осврт на современото безбедносно опкружување, ризиците и тенденциите кои можат да имаат влијание врз националната безбедност, како и основа за натамошно јакнење на стратешката и аналитичката функција на институцијата. Со неговото објавување, Агенцијата воспоставува нова практика на стратешко согледување на безбедносното опкружување и создавање институционално знаење кое ќе придонесе кон навремено препознавање и разбирање на современите закани.

Одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност испрати јасна порака за континуитет, професионалност и развој, дека заштитата на државата бара силни институции, современи капацитети, стратешка визија и луѓе кои својата професионална должност ја ставаат во служба на националниот интерес.

Силна Агенција значи силен безбедносен систем. А силен безбедносен систем е еден од темелите на стабилна и сигурна држава.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер